50 години постоење. 50-годишен јубилеј. Пред 5 децении е формирана македонската кинотека. Честитки за сето она што досега го направила оваа значајна културна установа. Една од основните дејности на филмскава институција е да го прикаже сето она што го има, и ново и старо; ова второто во нови контексти и изданија. Тоа ќе биде карактеристика на програмата на најкусиот месев во годината – февруари. Календарски, ќе трае 29 дена. Ете можност да се види сето она што кинотеката го подготвила за февруарските денови.

Ќе се стартува со премиерна проекција. Со филм кој има наслов СЛОБОДА. Тоа е краткометражен филм во омнибус формат, чијшто автор е филмскиот критичар Златко Ѓелески. Веднаш потоа враќање децении наназад. Ќе бидат проектирани неколку архивски филмски записи од 1912 до 1952. Тоа се дел од новопримените кино-материјали што кинотеката ги прибра во текот на изминатата година.

Кинотека се решила, враќајќи се децении наназад, да потсети на филмовите создадени во 40-тите, 50-тите, 60-тите, 80-тите, 90-тите и 2000-тите. Режисерите се од различни земји – Италија, Франција, Германија, Шведска, САД. Ставени се во различни контексти, во нови програми. Всушност, станува збор за циклуси на Великаните на фестивалот на филмската камера БРАЌА МАНАКИ и пократок цилкус филмови на францускиот режисер на т.н. француски нов бран Луј Мал.

Во исклучително богатата кинотечна понуда се и неколку филмови на чехословачкиот режисер, оскаровецот Јан Кадар.

Она што е многу интересно, многу потребно за да се знае и запамети, се петте документарни македонски филмови со етнолошка содржина. Во нив е забележана традицијата, обработени се народни и религиозни обичаи од средината на 20-тиот век. Во четири од нив Вера Кличкова, пионерот на етнолошкиот филм кај нас, е сценарист, режисер или консултант.

Филмофилите ќе бидат почестени да го видат сигурно еден од најозборуваните лански филмови – НАПОЛЕОН на Ридли Скот. Во различните оценки за филмот доминираат, што е сосема разбирливо, Англичаните и Французите. Едните го фалат, другите го кудат. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.

Уште една филмска творба којашто предизвика интерес и претежно позитивни рецензии –  УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА на Мартин Скорсезе– ќе биде проектирана во кино салата на Кинотека месецов.

Во финалето на месецов, ќе погледнеме два филма со музичка содржина. Познатиот ТОМИ, рок операта на Кен Расел, ќе биде прикажана на оригинална 35 милиметарска лента. Новитетот е музичкиот документарец за екс ју панк легендите Панкрти. Специјален гостин на кинотеката тие денови ќе биде фронтменот на групата, Перо Ловшин.

Февруари е можеби календарски пократок месец , но затоа ќе биде исполнет со исклучително богата кино-програма.

Програмата е реализирано во соработка со: Југословенска Кинотека , Француски институт во Скопје, и Чешкиот Филмски Архив

 

 

ПРОГРАМА ФЕВРУАРИ 2024

 

1 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч

НОВОПРИМЕНИ МАТЕРИЈАЛИ ВО 2023
БАЛКАНСКА ВОЈНА
ОД ЛИСТЕРВЕЛД ДО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО – УВИД ВО НАРОДНИОТ ЖИВОТ ВО ЈУЖНА СРБИЈА
ПУЛСОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА
КРАЛСТВОТО ЈУГОСЛАВИЈА

Љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат дел од новопримените филмски материјали што Кинотеката ги прибра во годината што изминa. Повеќето од филмовите се црно-бели, без тон, и се настанати во период од четириесетина години, од 1912 до 1952 година. Оние што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.
Првиот, деветминутен нем филм е насловен БАЛКАНСКА ВОЈНА. Во него се прикажани снимки што одлично ја илустрираат атмосферата на војната: ранети црногорски војници, транспорт на гранати, битката кај Куманово, албански затвореници, полска болница.
Вториот, осумнаесетминутен црно-бел филм е со наслов ОД ЛИСТЕРВЕЛД ДО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО – УВИД ВО НАРОДНИОТ ЖИВОТ ВО ЈУЖНА СРБИЈА. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија, Хавзи-пашините конаци во с. Бардовци, градот Скопје, манастирот Св. Архангел Михаил во Варош крај Прилеп, манастирот Св. Наум Охридски на Охридското Езеро, снимки од езерото кај населбата Варош во Охрид.
Третиот филм е петнаесетминутен црно-бел филм во холандска продукција и наслов ПУЛСОТ НА ЈУГОСЛАВИЈА. Овде се прикажани „старото империјално Скопје“, како што гласи написот, Калето со касарната, зградата на театарот, Камениот Мост, Старата чаршија, црквата Св. Спас, манастирот Св. Архангел Михаил во Варош крај Прилеп, манастирот Св. Јоаким Осоговски крај Крива Паланка и археолошки ископини одделени со натпис: „Римски остатоци во Стоби“.
Четвртиот четириесетминутен филм, КРАЛСТВОТО ЈУГОСЛАВИЈА, е во колор. Во него се прикажани снимки од италијанска територија, патот од Трст кон Загреб, влегувањето во Југославија, посетата на француската делегација на Македонија, Скопје со Старата чаршија, Куршумли ан, центарот на Скопје. Следува посета на Велес, прилепската чаршија, посетата на Битола и Охрид. Репортажата завршува со централна прослава на скопскиот плоштад.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

2 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК) 18:00ч
3 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 18:00ч

СЛОБОДА
(Freedom)
Краток игран филм, Македонија
2023, 35 мин., колор, 35 мм
Режија: Златко Ѓелески (Zlatko Geleski)
Сценарио: Златко Ѓелески (Zlatko Geleski)
Улоги: Михајло Петревски, Ристе Ѓорѓиевски, Станко Стевановиќ, Тамара Ристоска, Весна Гаврилоска, Ивица Димитријевиќ, Игор Бошкоски, Дарко Мече Костески, Андреј Дукоски, Тале Никодиновски, Ренато Јеремоски, Марија Петреска (Mihajlo Petrevski, Riste Gjorgjievski, Stanko Stevanovic, Tamara Ristoska, Vesna Gavrilovska, Ivica Dimitrijevic, Igor Boshkoski, Darko Meche Kosteski, Andrej Dukoski, Tale Nikodinovski, Renato Jeremoski, Marija Petreska)

„Слобода“ е краткометражен омнибус, односно спој на три приказни кои се одвиваат една зимска вечер во истоименото кафуле. Таму се пресретнуваат тројца пријатели кои неуспешно се обидуваат да се договорат помеѓу себе, додека на шанкот се наоѓаат две долгогодишни пријателки кои, пак, истата вечер одлучуваат да споделат тајни што ги криеле една од друга, а на оддалечена маса од нив се одвива зделка за продажба на артефакт од Крушевската република.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

 

 

2 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК) 20:00ч
3 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 20:00ч

ЗАСЕГА, БЕЗ ДОБАР НАСЛОВ
(Za sada bez dobrog naslova)
Игран филм, Србија
1988, 122 мин., колор, ДЦП
Режија: Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović)
Сценарио: Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović)
Улоги: Мето Јовановски, Соња Јачевска, Чедомир Оробабиќ (Meto Jovanovski, Mira Furlan, Sonja Jačeveska, Čedomir Orobabić)

Во мало гратче на Косово, брутално е прекината љубовта меѓу Албанката Надира и Србинот Милољуб. Познат режисер од Белград заминува со видео камера да ги сними учесниците на настанот, работата на истражните органи, семејствата на љубовниците… На терен наидува на религиозни, традиционални и ментални разлики кои тешко се надминуваат. За сето ова сака да сними документарен филм, а има и идеја за игран филм.
Еден од најистакнатите автори на таканаречената прашка школа на југословенската кинематографија, Срѓан Карановиќ, го сними својот последен југословенски филм, ЗАСЕГА, БЕЗ ДОБАР НАСЛОВ (Za sada bez dobrog naslova) среде разгорувањето на националните конфликти во Косово.
Филмот e жанровски флуиден – мешавина на драма, трагедија и црна комедија. Во него се испреплетуваат на неколку слоеви: официјална телевизиска репортажа, лични документарни видеа на режисерот, изведени сцени. Тоа дава еден силен метатекстуален печат типичен за постомодернизмот.
Проекцијата е во чест на неодамна починатиот Мето Јовановски, кој ја има една од главните улоги во филмот. Тој го глуми ликот на Режисерот што е една од највпечатливите улоги на големиот бард на македонското глумиште која го лансираше како еден од најекпсресивните филмски актери од регионот.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

5 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00ч
6 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК) 18:00ч

СЕНТ ОМЕР
(Saint Omer)
Игран филм, Франција
2023, 122 мин., колор, ДЦП
Режија: Алис Диоп (Alice Diop)
Сценарио: Алис Диоп, Амрита Давид, Мари Н’Диајe (Alice Diop, Amrita David, Marie N’Diaye)
Улоги: Каиже Кагаме, Гуслаги Маланда, Валери Древил (Kayije Kagame, Guslagie Malanda, Valérie Dréville)

Младиот писател Рама присуствува на судењето на една млада жена обвинета за убиство на нејзината петнаесетмесечна ќерка која била оставена на на плажа на северот на Франција и била одвлечена од осеката. Но, за време на судењето, сведочењето на обвинетите и сведоците ќе ги разниша верувањата на Рама и ќе го доведе во прашање неговиот сопствен суд.
СЕНТ ОМЕР е првиот игран филм на Алис Диоп (Alice Diop), етаблираната режисерка на документарни филмови. Филмот е добитник на големата награда на жирито Сребрен лав, на 79-тото издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција. Диоп во овој филм го носи документарниот однос кон темата. Филмот е отворено истражување на преку кое режисерката конструира морално и емотивно слоевита судска драма. Преплетувајќи сложени теми за врската мајка-ќерка, отуѓувањето на имигрантите и постколонијалната траума во продорен портрет на две мистериозно поврзани жени, Диоп се откажува од прашањата за вината и невиноста со цел да ја истражи човечката душа.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

6 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК) 20:00ч
12 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00ч
15 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 18:00ч
16 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК) 18:00ч
19 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00ч
20 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК) 18:00ч

СЕНКАТА НА КАРАВАЏО
(L’Ombra di Caravaggio)
Игран филм, Италија, Франција
2022, 120 мин., колор, ДЦП
Режија: Микеле Пласидо (Michele Placido)
Сценарио: Сандро Петралја, Микеле Пласидо, Фидел Сињориле (Sandro Petraglia, Michele Placido, Fidel Signorile)
Улоги: Рикардо Скамарцио, Изабел Ипер, Луј Гарел, Микаела Рамацоти, Марио Молинари, Виникио Марчиони, Лолита Чама, Мони Овадиа (Riccardo Scamarcio, Isabelle Huppert, Louis Garrel, Micaela Ramazzotti, Mario Molinari, Vinicio Marchioni, Lolita Chammah, Moni Ovadia)

Италија во 1610 година. Караваџо е еден од најбрилијантните сликари на своето време, но и бунтовник против одлуките на црквата. Откако е информиран дека во своите дела Караваџо прикажува проститутки, крадци и скитници, папата Павле V ѝ наредува на тајната служба на Ватикан да го истражи уметникот. Папата треба одлучи дали да го помилува сликарот затоа што Караваџо го побарал тоа откако бил осуден на смрт за убиство на својот љубовен ривал. Истражувачот, познат како Сенка, започнува истрага што ќе го наведе да ги открие пороците и доблестите на уметникот чиј живот го држи во свои раце.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

HyperFocal: 0

7 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч

ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ПЕРСОНА
(Persona)
Игран филм, Шведска
1966, 84 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Кинематографер: Свен Никвист (Sven Nykvist)
Улоги: Биби Андерсон, Лив Улман (Bibi Anderson, Liv Ullman)

Познатата театарска актерка Елизабет Воглер, по преживеаниот мозочен удар, запаѓа во состојба на шок и замреност. Целосна тишина. Нејзиниот личен доктор ја советува да земе подолг одмор од професијата и да се посвети на рехабилитација. Во придружба на медицинската сестра Ана, Елизабет заминува во сопствената мала викендичка на брегот на Балтичкото море. Во текот на следните неколку недели, Ана и Елизабет развиваат посебен, по многу нешта и специфичен, взаемен емотивен однос.
Брилијантно одглумен од Лив Улман и Биби Андерсон, мајсторски снимен од редовниот соработник Свен Никвист, ПЕРСОНА е еден од најдобрите филмови на Ингмар Бергман, а дефинитивно еден од најбитните филмски ракописи на 20-тиот век. Кино модернизам на највисоко ниво, комбинација на психолошка драма, егзистенцијализам и карактеристичен скандинавски сензибилитет. Анализиран и толкуван од многу филмски теоретичари, ПЕРСОНА е своевидна целулоидна реплика на Јунговата теорија за личноста, истовремено поставувајќи повеќе прашања поврзани со природата на филмската креација. Многумина сметаат дека токму овој филм е ремек-делото на Бергман, magnum opus во рамките на експерименталното кино. ПЕРСОНА е истовремено интимен и комплексен филм кој инспирирал различни филмски дејци, од Роберт Алтман до Дејвид Линч.
Sven Vilhem Nykvist е веројатно една од најмаркантните фигури на седмата уметност. Филмски снимател препознаен по неговата минималистичка, прецизна структура на кадрите, и по играта со светлината и просторот. Работел на најпознатите филмови на неговиот пријател и колега Ингмар Бергман, за што има добиено два Оскари. Никвист е прв меѓународен добитник на наградата Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Редовно соработувал и со величини како Андреј Тарковски, Роман Полански, Вуди Ален, Луј Мал, Филип Кофман, Боб Рафелсон, Фолкер Шлендорф. Се потпишал и како автор на неколку документарни остварувања.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

8 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч

ЗАЗИ ВО МЕТРО
(Zazie dans le Métro)
Игран филм, Франција, Италија
1960, 89 мин., колор, ДЦП
Режија: Луј Мал (Louis Malle)
Сценарио: Луј Мал, Жан Пол Рапену (Louis Malle, Jean-Paul Rappeneau )
Улоги: Кетрин Демонже, Филип Ноаре (Catherine Demongeot. Philippe Noiret)

Комедијата ЗАЗИ ВО МЕТРО е анархичното филмското деби на великанот на филмот и еден од највидните претставници на францускиот нов бран, Луј Мал. Филмот е заснован на култниот роман на францускиот писател Ремон Кено (Raymond Queneau) во кој се опишани лудите авантури на 12-годишното девојче по име Зази за еден викенд во „градот на светлината“.
Зази е принудена да отпатува во Париз за викенд каде нејзината мајка треба да се сретне со својот љубовник. Таа е оставена на грижа на нејзиниот ексцентричен вујко. И со него и сама, Зази има неверојатен викенд. Се запознава со најразлични необични и чудни карактери и влегува во низа несреќи кои кулминираат во тепачка за храна во кафуле.
Зад оваа едноставна премиса лежи едно лудило и субверзивност – ЗАЗИ ВО МЕТРО е дадаистичка слепстик комедија пар екселанс. Сите неверојатни случувања во филмот се претставени со леснотија преку (за тоа време) револуционерен стил: монтажни трикови, визуелни гегови и ефекти од секаков вид. Луј Мал уште во својот прв филм ја најавува својата неверојатно плодна и разновидна филмска кариера.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

9 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК) 20:00ч

МИЛО ВО МАЈ
(Milou en Mai)
Игран филм, Франција, Италија
1990, 107 мин., колор, ДЦП
Режија: Луј Мал (Louis Malle)
Сценарио: Жан Клод Кариер, Луј Мал (Jean-Claude Carrière, Louis Malle)
Улоги: Мишел Пиколи, Миу-Миу, Мишел Душасо, Доминик Бланк, Хариер Валтер, Бруно Карет, Паулет Дубо (Michel Piccoli, Miou-Miou, Michel Duchaussoy, Dominique Blanc, Harriet Walter, Bruno Carette, Paulette Dubost)

Семејниот матријарх мадам Виезак умира токму кога немирите и штрајковите ја зафаќаат земјата. Нејзините најблиски (синовите Милу и Жорж со нивните семејства) се собираат на нивниот имот во едно село во јужна Франција за нејзиниот погреб. Додека ги слушаат вестите за револуционерниот бунт во Париз како нивен саундтрак, членовите на семејството се расправаат за имотот и ги оживуваат долготрајните расправии. Но, немирите се закануваат да се прелеат во нивната заедница и тие не можат да ја закопаат мајка си.
Во МИЛО ВО МАЈ големиот филмски мајстор Луј Мал се осврнува на револуционерната 1968 година и париските студентски бунтови. Филмот го прикажува влијанието на револуционерниот дух врз француското село преку комбинирање елементи на социјален коментар и фарса.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

10 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 20:00ч
20 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК) 20:00ч

ЖИВЕЕМЕ
(We the Living)
Игран филм, Италија
1942, 172 мин., колор, ДЦП
Режија: Гофредо Алесандрини (Goffredo Alessandrini)
Сценарио: Корадо Алваро, Орио Вергани, Антон Џулио Мајано, Гофредо Алесандрини, Оресте Бјанколи (Corrado Alvaro, Orio Vergani, Anton Giulio Majano, Goffredo Alessandrini, Oreste Biancoli)
Улоги: Алида Вали, Розано Брази, Фоско Џакети (Alida Valli, Rossano Brazzi, Fosco Giachetti)

Филмот „Живееме“ е заснован на истоимениот роман од 1936 година на познатaтa американскa филозофкa и писателкa со руско потекло, Ајн Ранд. Станува збор за романтична воена драма, сместена во болшевичка Русија, по Октомвриската револуција. Кира Аргунова, храбра млада девојка од богато семејство која сака да стане инженер, отворено ги искажува своите антикомунистички ставови и им пркоси на новите власти. Таа го запознава младиот бегалец Лео Коваленски, кој се крие од тајната полиција. Двајцата се вљубуваат и заедно тргнуваат во жестока борба да преживеат под бездушниот, угнетувачки систем. Кога еден агент на советската тајна полиција, исто така, се вљубува во Кира, животите на сите тројца се испреплетуваат и се движат кон катастрофа.
Романот на Ајн Ранд е базиран на нејзините лични искуства во турбулентните години по Руската револуција. Номинално антикомунистичкиот, но де факто антиавторитарен филм, ЖИВЕЕМЕ е снимен во Италија за време на Втората светска војна. Меѓутоа, филмот е забранет од фашистичката влада на Мусолини и повлечен од кино репертоарите. Филмот беше изгубен и заборавен со децении, а потоа пронајден и обновен со учество на Ранд.
Ова не е само приказна за политиката туку и приказ за тоа што диктатурата – од кој било вид – им прави на луѓето.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

10 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 18:00ч
17 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 18:00ч

СМРДУШКОВЦИ – ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО СМРДВИЛ
(The Ogglies – Welcome to Smelliville)
Анимиран филм, Германија, Белгија
2021, 85 мин., колор, ДЦП
Режија: Тоби Генкел, Јенс Мулер (Toby Genkel, Jens Møller)
Сценарио: Тоби Генкел, Џон Чемберс, Ерхард Дитл (Toby Genkel, John Chambers, Erhard Dietl)
Улоги (гласови): Бен Јанг, Лили Хелд, Сузан Такенберг (Ben Young, Lily Held, Susan Tackenberg)

Смрдушковците бараат нов дом и се населуваат во Смрдвил, едно прекрасно и весело селце. За жал, во Смрдвил има еден гаден проблем: локалната депонија ја згадува целата околина. Нешто мора да се стори! Макс, синот на градоначалникот, е млад талент кој тајно мечтае да го реши смрдливиот проблем со една луда машина, која ја изработува заедно со професорот Пенливски и неговата внука Лота. Кога Макс се сретнува со Смрдливците на депонијата, веднаш станува јасно дека тие се решението за проблемот, затоа што јадат ѓубре! А за Смрдливците, депонијата значи дека конечно нашле вистински дом. Сè би било во ред ако не беа плановите на сопругата на градоначалникот и бескрупулозниот градежен изведувач Чекановски кои сакаат на депонијата да градат велнес центар! Смрдливчињата сега треба да го спасат својот нов дом заедно со пријателите Макс и Лота.

Возрасна категорија: 8 години

Влезница: 150 денари

 

 

12 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00ч
13 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК) 20:00ч
15 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
16 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК) 20:00ч
17 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 20:00ч

НАПОЛЕОН
(Napoleon)
Игран филм, САД, Велика Британија
2023, 157 мин., колор, ДЦП
Режија: Ридли Скот (Ridley Scott)
Сценарио: Дејвид Скарпа (David Scarpa)
Улоги: Жоакин Феникс, Ванеса Кирби, Тахар Рахим, Лудвин Сањиер (Joaquin Phoenix, Vanessa Kirby, Tahar Rahim, Ludivine Sagnier)

Дејствието на филмот започнува во 1793 година, среде виорот на француската револуција. Младиот воен командир Наполеон Бонапарта го набљудува погубувањето на Марија Антоанета. Владеењето на теророт завршува по убиството на Максимилијан Робеспјер, а тогашните лидери на Франција се обидуваат да воведат некаков ред во хаосот. Во 1795 година, Наполеон, користејќи артилерија, успева да го задуши востанието на приврзаниците на монархијата. По таа битка, кариерата на Бонапарта е во постојан подем. На една од многуте дворски забави, тој ја запознава Жозефина, љубовта на неговиот живот.
Филмот во детали ја раскажува нивната љубовна приказна, а се задржува на најпознатите битки во кариерата на Наполеон кој се прогласува за император на Франција. По неуспехот на неговите трупи во Русија, започнува вртоглавиот пад на Бонапарта.
Автор на сценариото е редовниот соработник на Ридли Скот, Дејвид Скарпа. Кинематографер е Дариуш Волски, познат по соработката со браќата Скот и со Тим Бартон. Жоакин Феникс и Ванеса Кирби се одлични во главните улоги како Наполеон и Жозефина. Филмот е во продукција на Епл Студио и на продуцентската куќа Скот Фри Продакшн. Досега има инкасирано вртоглави 216 милиони долари, а е номиниран во различни категории на повеќе фестивали и манифестации. Критиките за најновата продукција на Скот се поделени, но не смее да се изостави фактот дека, и покрај одредени пропусти, станува збор за прецизно сработен биопик. Дело кое функционира на неколку нивоа – како биографска сторија, историска рекреација, но и омаж кон еден од омилените филмови на Ридли Скот – Бари Линдон од 1975, по сценарио и режија на Стенли Кјубрик.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 200 денари

 

 

14 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч

ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ПАРИЗ, ТЕКСАС
(Paris, Texas)
Игран филм, Германија, Франција / САД / Велика Британија
1984, 147 мин., колор, ДЦП
Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders)
Сценарио: Л.М. Кит Карсон (L. M. Kit Carson), Сем Шепард (Sam Shepard)
Кинематографер: Роби Милер (Robby Müller)
Улоги: Хери Дин Стентон (Harry Dean Stanton), Настасја Кински (Nastassja Kinski), Дин Стоквел (Dean Stockwell), Аурор Клемен (Aurore Clément), Хантер Карсон (Hunter Carson)

Тревис (игран од Хари Дин Стентон) скита низ величествените пустински пејзажи на американскиот југозапад. Тој не се сеќава кој е и не знае за своето минато. Него го наоѓа неговиот брат Волт кој му помага да си го врати сеќавањето на животот што го имал пред да исчезне четири години претходно. Тревис има син (кој последните четири години живее со Волт), а сопругата на Тревис (која ја глуми Настасја Кински) е исчезната. Откако повторно се поврзува со син му, Тревис се обидува да го спои своето семејство и патува во Хјустон во потрага по својата отуѓена сопруга.
ПАРИЗ, ТЕКСАС е трогателна студија на карактери напишана од реномираниот американски драматург Сем Шепард. Ова е најпознатиот „road“ филм на Вендерс. Станува збор за едноставна и спора приказна – медитативно аудио визуелно патување низ американските дистописки пејзажи, преку кое Вендерс и Шепард успеваат да направат деконструкција на митовите за мажественоста и за американскиот сон.
Неверојатната глума на главниот актерски пар Хари Дин Стентон (чие лице самото е пејзаж) и Настасја Кински, фотографијата на Роби Милер и музиката на Реј Кудер го ставаат филмот меѓу најдобрите филмови на Вендерс и задолжителна филмска лектира за сите филмски сладокусци.
Кинематографер на ова прекрасно филмско остварување е можеби најпознатиот холандски и германски снимател, покојниот Роби Милер, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната Камера 300 за животен опус во 2016 година на ИФФК „Браќа Манаки“. Во текот на неговата долга и плодна кариера, бил редовен соработник на филмовите на Вендерс и Џим Џармуш, а соработувал и со Анджеј Вајда, Барбет Шредер, Ларс фон Трир, како и со режисерите од Новиот Холивуд – Питер Богданович и Вилијам Фридкин.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари

 

 

19 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00ч

УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА
(Killers of the Flower Moon)
Игран филм, САД,
2023, 186 мин., колор, ДЦП
Режија: Мартин Скорсезе (Martin Scorsese)
Сценарио: Ерик Рот, Мартин Скорсезе (Eric Roth, Martin Scorsese)
Улоги: Леонардо Ди Каприо, Роберт Де Ниро, Лили Гледстон (Leonardo DiCaprio, Robert De Niro, Lily Gladstone)

УБИЈЦИ НА ЦВЕТНАТА МЕСЕЧИНА е последното филмско остварување на еден од најголемите живи режисери, Мартин Скорсезе (Martin Scorsese). Тоа е 3 и пол часовен епски вестерн кој е адаптација на истоимената non-fiction книга од 2017 година на Дејвид Гран (David Grann). Приказната е сместена во 20-тите години од минатиот век во Оклахома, и се фокусира на вистински настан – низа мистериозни убиства на членовите на племето Осиџ откако била откриена нафта во нивниот резерват, што покренува голема истрага од ФБИ со директорот Едгар Хувер на чело.
Овој епски филм е еден од поангажираните филмови на Скорсезе. Тој тука прави вивисекција на односот на Америка кон домородното население и дава критика на шовинизмот и алчноста за пари во американското општество. Филмот е отрезнувачка критика која никого нема да остави рамнодушен.
Скорзезе сè уште го владее занаетот. Филмот трае повеќе од три часа, но ритамот на приказната и балансирањето со емоциите, сликите и звуците се беспрекорни. Кога на тоа ќе ја додадеме импресивната актерска екипа составена од неговите проверени соработници Леонардо ди Каприо и Роберт де Ниро, како и инзвонредната Лили Гладстон, тогаш добиваме уште еден филмски триумф на големиот мајстор.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

21 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч

ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ
(The Big Lebowski)
Игран филм, САД
1998, 117 мин., колор, 35мм
Режија: Џоел Коен, Итан Коен (Joel Coen, Ethan Coen)
Сценарио: Џоел Коен, Итан Коен (Joel Coen, Ethan Coen)
Кинематографер: Роџер Дикинс (Roger Deakins)
Улоги: Џеф Бриџис, Џон Гудман, Џулиан Мур, Стив Бушеми, Дејвид Хадлстон, Џон Тортуро (Jeff Bridges, John Goodman, Julianne Moore, Steve Buscemi, David Huddleston, John Turturro)

Џеф „The Dude“ Лебовски (игран од Џеф Бриџис) е опуштен, мрзелив и страстен играч на куглање од Лос Анѓелес. Тој е жртва на напад, во кој му го уништуваат неговиот скапоцен тепих. Дознава дека нападот е поради погрешен идентитет, го помешале со милионерот кој се вика исто како него – Џеф Лебовски. Ќе замине да побара замена за својот уништен тепих и ги ангажира своите пријатели од кугланата да му помогнат.
ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ е американски филм од 1998 година, напишан, продуциран и режиран од најпознатите браќа на современиот американски филм, Џоел и Итан Коен. Филмот е крими-комедија лабаво инспирирана од делата на Рејмонд Чендлер, со сложен заплет кој на крајот не е толку важен, колку што остава простор да се развијат широка лепеза на исклучителни и неверојатни (offbeat) карактери.
ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ не поминува толку добро кај критиката во времето кога се појавува. Но, со тек на време, станува култен филм, до таа мера што во 2005 г. се основа движење/религија Дјудеизaм(Dudeism) која е посветена на ширење на филозофијата и начинот на живот на главниот лик во филмот. ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ денеска е еден од најпрепознатливите филмови на браќата Коен, каде се присутни сите елементи од нивниот стил: ексцентрични ликови, генијални комични секвенци и духовити идиосинкратични дијалози.
Кинематографер на овој филм е Роџер Дикинс, добитник на наградата Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2018 година и еден од најголемите живи мајстори на филмската камера. 16 пати е номиниран за Оскар за најдобра кинематографска работа, а добитник е на две статуетки Оскар. Петкратен добитник е на ASC наградата на Американското здружение на кинематограферите, како и на наградата на ASC за животен опус. Петкратен добитник е и на наградата БАФТА за најдобра кинематографска работа, како и двократен добитник на наградата Independent Spirit Award за најдобра кинематографска работа. Редовно соработува со канадскиот режисер Денис Вилнев и со британскиот режисер Сем Мендез, а соработувал и со Мартин Скорсезе и Френк Дарабонт (БЕГСТВО ОД ШОШЕНК).

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

24 ФЕВРУАРИ (СABOTA) 18:00ч

ТИТИНА
(Titina)
Анимиран филм, Норвешка
2023, 91 мин., колор, ДЦП
Режија: Кајса Наес (Kajsa Næss)
Сценарио: Кајса Наес, Пер Шрајнер (Kajsa Næss, Per Schreiner)
Улоги: Јан Гунар Ројзе, Каре Конради, Ане Марти Јакобсен (Jan Gunnar Røise, Kåre Conradi, Anne Marit Jacobsen)

Титина е забавна и возбудлива приказна за речиси заборавеното патување и откритие: освојувањето на Северниот пол во 1926 година со воздушна експедиција. Италијанскиот аеронаутички инженер Умберто Нобиле ужива во друштво на своето сакано куче Титина, кое го има спасено од улиците на Рим.
Еден ден, познатиот норвешки истражувач Роалд Амундсен го контактира со намера да го освојат Северниот пол со цепелин. Нобиле се стреми да ја искористи шансата и да влезе во историјата. Тој ја носи Титина со себе и неверојатното трио тргнува во потрага по последното неоткриено место на Земјата. Нивната потрага е успешна, но потоа двајцата мажи почнуваат да се борат за славата…
Низ очите на четириногата Титина се открива вистинската приказна за триумфот и поразот.

Влезница: 150 денари

 

 

13 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК) 18:00ч
22 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 18:00ч
23 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК) 18:00ч

СВЕТИОТ ПАЈАК
(Holly Spider)
Игран филм, Германија, Данска, Франција, Шведска
2022, 117 мин., колор, ДЦП
Режија: Али Абаси (Ali Abbasi)
Сценарио: Али Абаси, Афшин Камран Бахрами (Ali Abbasi, Afshin Kamran Bahrami)
Улоги: Зар Амир Ебрахими, Мехди Баџестани, Араш Аштјани, Нима Акбарпур, Сара Фазилат, Сима Сејед, Алис Рахими, М. Али Назариан (Zar Amir Ebrahimi, Mehdi Bajestani, Arash Ashtiani, Nima Akbarpour, Sara Fazilat, Sima Seyed, Alice Rahimi, M. Ali Nazarian)

Новинарката Рахими оди во иранскиот свет град Машхад за да ја истражи смртта на проститутките кои се убиени од серискиот убиец кој верува дека неговата мисија е да го исчисти светот од грешниците. Дури и кога се приближува до откривање на неговите злосторства, правдата за Рахими станува сè потешка кога многумина го прифаќаат убиецот како херој.
Филмот е заснован на вистинската приказна за „убиецот пајак“ Саид Ханаи, кој има убиено 16 жени меѓу 2000 и 2001 година. Овој возбудлив криминален трилер дава критика на општеството во кое грубата правда често е секојдневие.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

22 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
23 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК) 20:00ч

ПЕРО ЛОВШИН – ТИ МОЖЕШ
(Pero Lovšin – Ti lahko)
Документарен филм, Словенија
2018, 80 мин., колор, ДЦП
Режија: Јани Север (Jani Sever)
Сценарио: Стојан Пелко, Јани Север(Stojan Pelko, Jani Sever)
Улоги: Петер Ловшин, Биг Фут Мама, Присмојени професори блуза (Peter Lovsin, Big Foot Mama, Prismojeni Profesorji Bluesa)

Долгометражниот музички-документарен филм ја раскажува приказната на Перо Ловшин, еден од првите панк рокери во Источна Европа. Гостин на проекциите ќе биде токму Перо Ловшин. Тој, како фронтмен на Панкрти, со текстовите и активизмот одбележал цел еден период од историјата на Словенија. Во режија на Јани Север, филмот го опфаќа периодот на анархизмот и бунтовноста на 1970-тите години, независноста на Словенија, демонстрациите во центарот на Љубљана, сè до учеството на UEFA Euro 2000 во Амстердам. Филмот е прикажан на неколку фестивали во регионот, како Мотовун и Порторож Фест.
Панкрти, формирани во 1977, во мала населба во околината на Љубљана, се најверојатно првиот панк рок бенд во тогашниот источен блок, зад железната завеса. На самиот почеток свиреле преработки од етаблирани панк и рок групи како Sex Pistols, The Clash, New York Dolls. Биле дел од сега веќе легендарната компилација Novi Punk Val. Во 1980 го објавуваат нивниот прв долгосвиречки проект, винил албумот „Dolgcajt“. Препознаени по ангажираните социјално-политички текстови и коментари, Панкрти стануваат култен бенд на територијата на некогашна Југославија. Нивниот втор ЛП „Državni ljubimci“ доживеа одличен одѕив меѓу критиката и публиката и беше прогласен за југословенски албум на годината.
Во 1996, настапуваат како предгрупа на нивните идоли Секс Пистолс, во рамките на настапите низ Словенија. Застапени се и во фалениот рок документарец во продукција на Рајко Грлиќ – СРЕЌНО ДЕТЕ (Sretno dijete).

Настанот е во организација на Словенечки центар. – Скопје, и Кинотека, а по повод Прешернов Ден.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

24 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 20:00ч

ПРОДАВНИЦА НА ГЛАВНАТА УЛИЦА
(Obchod na korze)
Игран филм, Чехословачка
1965, 128 мин., Црно бел, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Ладислав Гросман, Јан Кадар, Елмар Клос (Ladislav Grosman, Ján Kadár, Elmar Klos)
Улоги: Ида Каминска, Јозеф Кронер, Хана Сливкова, Мартин Холи, Франтишек Зварик, Мартин Грегор (Ida Kamińska, Jozef Kroner, Hana Slivková, Martin Hollý, František Zvarík, Martin Gregor)

ПРОДАВНИЦА НА ГЛАВНАТА УЛИЦА од 1965 година е најуспешниот од осумте филма од плодната соработка меѓу Јан Кадар и Елмар Кос, за кој ја имаат добиено наградата Оскар за најдобар странски филм во 1965-тата година. Филмот ја третира контроверзната тема на аријанизацијта за времето на Втората светска војна во фашистичка Словачка кога нацистите ги национализираат сите бизниси во сопственост на Евреи. Главен лик е столарот Тоно, кој за да му угоди на своето амбициозно семејство, ја презема работата на „ариевски контролор“ на продавница за копчиња управувана од постара еврејска вдовица.
ПРОДАВНИЦА НА ГЛАВНАТА УЛИЦА e длабоко истражување на човечката психа во услови на тешки историски времиња со приказна која вешто балансира меѓу хуморот и трагедијата, каде мрачниот хумор ја истакнува апсурдноста на ситуацијата.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

26 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00ч

СМРТТА СЕ ВИКА ЕНГЕЛЧЕН
(Smrt sa volá Engelchen)
Игран филм, Чехословачка
1963, 129 мин., Црно бел, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Милош Фибер (Miloš Faber)
Улоги: Јан Качер (Jan Kačer)

Оваа соработка на Јан Кадар и Елмар Кос е адаптација на истоимениот, автобиографски роман од 1959 година на словачкиот писател Ладислав Муначко. Филмот претставува психолошка драма во која се прикажани активностите на словачките партизани за време на Втората светска војна, без идеaлизирање, на еден десакралистичен начин со поставување на сложени морални прашања.
Павел е чешки партизански борец во последните денови од војната. Само што се прогласува мир, Павел е застрелан во ‘рбетот и е испратен во болницата за итни случаи. Тој е парализиран и додека заздравува, деновите ги поминува лежејќи на грб. Во полусвесна состојба, се присетува на случувањата од неговиот живот за време на војната – искуството како борец на отпорот, неговите другари, борбите со Германците во словачките планини и неговата љубов, Марта. Исто така се сеќава и на германскиот офицер Енгелчен, кој е одговорен за смртта на многу пријатели на Павел и за масакрот на две планински села.
Павел чувствува вина бидејќи единицата предводена Енгелхен го извршила масакрот поради тоа што тие села ги потпомагале партизаните. Тој се одржува во живот поради можноста да заздрави и да се одмазди на нацистичкиот офицер – без разлика колку време е потребно.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

27 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00ч

ОБВИНЕТ
(Obžalovaný)
Игран филм, Чехословачка
1964, 90 мин., Црно бел, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Владимир Валента, Јан Кадар, Елмар Клос (Vladimír Valenta, Ján Kadár, Elmar Klos)
Улоги: Владо Милер, Јиржи Менцел (Vlado Müller, Jiří Menzel)

За разлика од повеќето филмови на Кадар и Клос кои се случуваат во минатото, во овој филм тие се интересираат за нивното современие – животот во комунистичка Чехословачка во 60-тите години од минатиот век. Филмот е адаптација на романот на Ленка Хашкова. Тоа е судска драма која скоро целосно се одвива во судница, а нарацијата во голема мера се состои од изјави на сведоци.
Главен лик е „обвинетиот“ Кудрна, работлив и чесен директор на хидроцентрала. Тој, под притисок на претпоставените, ги вложува сите напори што поскоро да ја пушти во употреба новата хидроцентрала. Но, неговите подредени ја користат ситуацијата на градилиштето како можност да украдат имот, што резултира со бесење на еден од вработените.
Двајцата режисери ја трансформираат социјалистичко-конструктивистичката димензија на оригиналниот роман на Ленка Хашкова во вознемирувачко сведоштво за реалноста на социјализмот. Тоа е приказна за вината, за казната, за личната одговорност. Судењето на невиниот Кудрна ја открива злоупотребата на правото и предупредувачката врска меѓу владејачката партија и судството на повеќе нивоа со алузија на политичките судења од 1950-тите години. Ова е и една од главните причини што филмот бил забранет за прикажување. Би напоменале дека една од главните улоги во филмот ја има познатиот словачки режисер Јиржи Менцел кој го игра бранителот на Кудрна.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

26 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 18:00ч
27 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 18:00ч

ХУРИЈА
(Houria)
Игран филм, Германија, Данска, Франција, Шведска
2023, 104 мин., колор, ДЦП
Режија: Моуна Медур (Mounia Meddour)
Сценарио: Моуна Медур (Mounia Meddour)
Улоги: Лина Коудри, Рашида Бракни, Салим Кисари, Марван Фарес, Амира Хилда Дуауда (Lyna Khoudri, Rachida Brakni, Salim Kissari, Marwan Fares, Amira Hilda Douaouda)

Хурија е надарена танчарка која сонува да се приклучи на Алжирскиот национален балет. За да врзе крај со крај, таа дење работи како чистачка, а ноќе се обложува во тајни тепачки. Откако е нападната, ќе се разбуди во болница.
Прогнозата е мрачна: не може да зборува и сигурно никогаш повеќе нема да танцува. Одбивајќи да го напушти својот сон, Хурија ги насочува срцето и душата на нејзиното физичко закрепнување. Во центарот за рехабилитација се среќава со други жени кои доживеале слични трагедии. Хурија решава да им помогне да ги совладаат ранетите тела и да се исправат – така што ќе ги научи како да танцуваат.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

28 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 18:00ч

ЖЕЛБАТА НАРЕЧЕНА АНАДА
(Adrift/Touha zvaná Anada)
Игран филм, Чехословачка, САД
1971, 100 мин., колор, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Имре Ѓонѓоши, Јан Кадар, Елмар Клос (Imre Gyöngyössy Ján Kadár Elmar Klos)
Улоги: Раде Марковиќ, Милена Дравиќ, Паула Причет (Rade Markovic, Milena Dravic, Paula Pritchett)

ЖЕЛБАТА НАРЕЧЕНА АНАДА е последниот заеднички филм на Јан Кадар и Елмар Клос. Филмот е во чешко-американска копродукција и го навестува емигрирањето на Јан Кадар, кој после овој филм ја напушта Чехословачка и емигрира во САД.
Филмот е бајковита романса, инспирирана од новелата на унгарскиот писател Имре Ѓонѓеши сместена во 1920-тите години на словачко-унгарската граница. Филмот се одвива во живописен, но во исто време и интимен амбиент – брегот на Дунав. Еден ден, водите на Дунав ќе донрсат на брегот една онесвестена девојка која ја пронаоѓа сиромашниот рибар Јанош. Тој, заедно со неговата сопруга Зузка, се грижи за неа. Меѓутоа, Јанош се вљубува во мистериозната убавица.
Мистериозната мрежа на причинско-последични врски е реализирана како поетска нарација за еден љубовен триаголник, но и како приказна за љубовта, копнежот и лојалноста. Главните улоги во филмот ги играат великаните на југословенското глумиште Раде Марковиќ (Јанош) и Милена Дравиќ (Зузка).

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

28 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч
ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ВЛЕЗИ ВО ПРАЗНИНАТА
(Enter the void)
Игран филм, САД
2009, 143 мин., колор, 35мм
Режија: Гаспар Ное (Gaspar Noé)
Сценарио: Гаспар Ное, Лусил Хаџихалиловиќ (Gaspar Noé, Lucile Hadzihalilovic)
Кинематографер: Беноа Деби (Benoît Debie)
Улоги: Натаниел Браун, Паз де ла Хуерта, Сирил Рој, Ед Спир (Nathaniel Brown, Paz de la Huerta, Cyril Roy, Ed Spear)

Младиот Оскар е Американец кој живее во Токио. Под неонските светла на велеградот, тој се занимава со ситен криминал и криумчарење на дрога. При една рација, Оскар е смртоносно погоден од полицијата. Во тој момент започнува неговaта посмртна одисеја. Неговиот дух патува во минатото, сегашноста и иднината. Присуствува на битни настани на неговите блиски, а потоа запаѓа во континуирано временски-просторно циклично повторување.
ВЛЕЗИ ВО ПРАЗНИНАТА е психоделичен приказ на животот по смртта. Најкомплексниот филм на Гаспар Ное, францускиот кино провокатор, со тек на времето стана култно остварување. Сè почесто овој интригантен кино-ракопис зазема место во листите за најдобри филмови досега во 21 век. Филмот првично е промовиран на Канскиот филмски фестивал, а по завршната пост-продукција во 2010, се најде на репертоарот на светските арт-хаус кино сали и кинотеки. Музиката во филмот игра значајна улога, и е комбинација од електронски пејзажи и психоделични звуци. Како главно влијание, Ное ги потенцира филмовите на Кенет Ангер, особено Inauguration of the Pleasure Dome, 2001 – Одисеја во Вселената на Кјубрик, и веќе подзаборавениот Snake Eyes на Брајан Де Палма.
Кинематографер на ова остварување е белгиецот Беноа Деби, добитник на наградата Златна Камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Редовен соработник на Ное, Деби соработува и со контроверзниот американски филмаџија Хармони Корин, со Вим Вендерс, Жак Одиар, како и со Дарио Арџенто.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

29 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч

ЗА ХРАБРИОТ КОВАЧ
(O statečném kováři)
Игран филм, Чехословачка
1983, 78 мин., колор, ХД?
Режија: Петр Шведа (Petr Švéda)
Сценарио: Бохумил Стајнер, Јарсолав Петрик, Божена Немцова (Bohumil Steiner , Jaroslav Petřík, Bozena Němcová)
Улоги: Павел Криж, Јиржи Нот, Јан Кјонер помладиот, Владо Милер, Вилиам Полони, Петр Чепек, (Pavel Kříž , Jiří Knot , Ján Kroner Jr. , Vlado Müller , Viliam Polónyi , Petr Čepek)

ЗА ХРАБРИОТ КОВАЧ (O statečném kováři) е чешки филм од 1983 во режија на Петр Шведа. Тоа е романтична бајка, инспирирана од романот Бестрашниот Микец на Божена Немцова. Во него се раскажува за храбриот млад ковач со добро срце, Микеш, исто како и неговиот татко, сака да го види светот и да стекне искуство за животот. Тој тргнува на пат. Попат се спријателува со помошникот на мелничарот Матеј и мајсторот Ондра. Кога дознаваат за три прекрасни принцези кои мистериозно исчезнале, Микеш успева да ги убеди своите мрзливи придружници да тргнат во потрага по изгубените кралски ќерки. По долго патување полно исполнето со разни препреки, тие успеваат да откријат дека принцезите биле киднапирани од злобниот Црн Крал. Кога Микеш успева да ја надмудри грозоморната баба и да ги добие нејзините услуги во замена за нејзината искубана брада, тие успеваат да ослободат две од трите принцези. Сепак, борбата за спас на третата, најубава принцеза ќе биде многу потешка.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

 

 

 

29 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 18:00ч

ТОМИ
(Tommy)
Игран филм, Велика Британија
1975, 108 мин., колор, 35мм
Режија: Кен Расел (Ken Russell)
Сценарио: Кен Расел(Ken Russell)
Улоги: Ен-Маргрет, Оливер Рид, Роџер Долтри, Елтон Џон, Ерик Клептон (Ann-Margret, Oliver Reed, Roger Daltrey, Elton John, Eric Clapton)

Малиот Томи, откако ќе посведочи на трауматски настан поврзан со неговите родители, станува психосоматски глув и слеп. Неколку години подоцна,Томи, веќе на адолесцентска возраст, открива дека поседува исклучителен талент – ги руши сите рекорди на игрите со флипер машини. Тој станува шампион на видео игрите, се стекнува со богатство и слава.
Со тек на време, славата на Томи преминува во идолатрија. Обожуван е од група следбеници како идол-месија на новото време.
Креиран по истоимената рок опера на легендарните рокери The Who, екстравагантниот филм е можеби најпознатиот кино ракопис на Кен Расел, и онака познат по своевидните егзибиции и претерувања. Оригинален и бескомпромисен, филмот е дел од естетиката на седумдесеттите години. Критичарот на The New York Times, Винсент Канби, го опишува делото како препродуциран и изнасилен филм, но со поента и причина… последен збор во уметноста на поп-арт движењето. За нејзината одлично одиграна улога во продукцијата, актерката Ен-Маргрет била номинирана за престижната статуетка Оскар, а филмот бил прикажан на Канскиот филмски фестивал во 1975. Режисерот Кен Расел во интервјуата го опишувал како најкомерцијалниот филм во неговата кариера. Неизбежна лектира за љубителите на психоделичниот, прогресивен жанр.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

Програмата е реализирано во соработка со: Југословенска Кинотека , Француски институт во Скопје, и Чешкиот Филмски Архив