На 91 годишна возраст денес во родниот Рим почина актерката Моника Вити (Monica Vitti), иконата на италијанската кинематографија од втората половина на минатиот век.

Родена како Марија Лујза Чечарели (Luisa Ceciarelli), Моника Вити станува глобално позната на почетокот на 60те како актерка во филмовите на Микеланџело Антониони (Michelangelo Antonioni): АВАНТУРА (L’avventura, 1960), НОЌТА (La notte, 1961), ЗАТЕМНУВАЊЕТО ( L’eclisse, 1961), и ЦРВЕНАТА ПЛАНЕТА (Il deserto rosso / Red Desert, 1964).

Сцена од ЗАТЕМНУВАЊЕТО со Ален Делон

Во декадата од 1957 до 1967 година Моника Вити била муза и животна придружничка на Антониони, а во неговите филмови партнери и биле, меѓу другите, Марчело Мастројани и Ален Делон.

Сцена од НОЌТА со Марчело Мастројани

Подоцна е во децениски долга врска и брак со италијанскиот фотограф и режисер Роберто Русо (Roberto Russo), а го менува менува и жанрот, снимајќи главно комедии.

Во четири децении долгата кариера Моника Вити сними шеесетина долгометражни играни филмови и освои десетици награди на европските филмски фестивали. Еден од последните нејзини наслови е СКРИЕНИОТ СКАНДАЛ (Scandalo segreto / Secret Scandal) од 1990, во кој е режисер и главна актерка, а партнер во филмот и е Русо.

Во една прилика Моника Вити посочила дека целото нејзино семејство емигрирало во САД. Ја прашувале како може да остане и да живее во Италија, а нејзиниот одговор гласел дека само дома можела да се оствари како актерка. На почетокот на новиот милениум и е дијагностицирана Алцхајмерова болест и живееше повлечена од јавноста.