НЕДЕЛА НА БОСАНСКОХЕРЦЕГОВСКИ ФИЛМ

16 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20.00 ч.

НИЧИЈА ЗЕМЈА

(Ničija zemlja/No Man’s Land)

Игран филм, Босна и Херцеговина

2001 г., 98 мин., колор, 35 мм

Режија: Данис Тановиќ (Danis Tanović)

Сценарио: Данис Тановиќ (Danis Tanović)

Улоги: Бранко Ѓуриќ, Рене Биторајац, Филип Шоваговиќ, Кетрин Картлиџ (Branko Đurić, Rene Bitorajac, Filip Šovagović, Katrin Cartlidge)

 

Десјтвието се случува во 1993 година, во екот на најкрвавите судири во Босна и Херцеговина. Босанските војници Цера (Шоваговиќ) и Чики (Ѓуриќ) се наоѓаат во еден ров на линијата на судирот меѓу Србите и Бошњаците. Ровот е погоден од граната: Цера лежи онесвестен, а Чики се крие во земуницата. Српската војска испраќа патрола да ја извиди состојбата во ровот на ничијата територија.  Постариот војник (Мустафа Надаревиќ) и неискусниот Нино (Биторајац) мислат дека Цера е мртов, па под него подметнуваат отскочна мина, со монструозна намера да убијат што повеќе босански војници кога ќе дојдат по мртвите тела.

Чики стапува во акција, го убива постариот војник, а го држи Нино како заложник. Пушката е час во рацете на едниот, па во рацете на другиот, а „дебатата“ за тоа кој прв ја почнал војната трае. Во меѓувреме се алармирани странските мировници,„сините шлемови“: филмот ја покажува апсурдната страна на војната, полна со црн хумор, како и бесполезноста на странските мировни сили. Сторијата не може без странските новинарски екипи, кои се надвиснуваат над ровот како мршојадци…

НИЧИЈА ЗЕМЈА е добитник на Оскар за најдобар филм од неанглиското говорно подрачје за 2001 година, а меѓу останатите ги доби и наградите Златен глобус и Цезар.

 

17 НОЕМВРИ (САБОТА), 20.00 ч.

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ

(Sjećaš li se Dolly Bell)

Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)

1981 г., 110 мин., колор, 35 мм

Режија: Емир Кустурица (Emir Kusturica)

Сценарио: Емир Кустурица, Абдулах Сидран (Emir Kusturica, Abdulah Sidran)

Улоги: Славко Штимац, Слободан Алигрудиќ, Лилјана Благоевиќ, Павле Вуисиќ, Мира Бањац (Slavko Štimac, Slobodan Aligrudić, Liljana Blagojević, Pavle Vuisić, Mira Banjac)

 

Дино (Штимац) е тинејџер во Сараево во шеесеттите години од минатиот век, кога се судираат старото и новото време, а граѓаните живеат со уверување дека е напредокот на општеството е можен, макар и по принципот на самоубедување. Оттаму и култната реплика што ја изговара главниот јунак Дино: „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам!“.

Дино е доброчудно и срамежливо момче кое ги слуша секојдневните совети на неговиот добар, но болежлив татко (Алигрудиќ) за технолошкиот напредок на светот. Водачот на локалните мангупи од маалото го убедува да ја сокрие проститутката со „уметничко име“ Доли Бел (Благоевиќ) на неговиот таван, па по некое време ќе дојде по неа. Дино полека но сигурно се вљубува во убавата проститутка, но никако не смее да ги покаже чувствата пред другарите – млади сурови мажјаци…

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е првата соработка на сценаристот Сидран и Кустурица, ученикот на славната „Прашка школа“. Филмот го доби Сребрениот лав на Венецискиот фестивал како најдобро дебитантско дело и се смета за меѓник на новиот босански филм. Овој тандем три години подоцна ќе го направи ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ (Otac na službenom putu), што ја освои Златната палма во Кан. СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е необична, но многу успешна мешавина на италијанскиот неореализам и „прашката школа“.

 

18 НОЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20.00 ч.

ГЛУВ БАРУТ

(Gluvi barut)

Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)

1990 г., 116 мин., колор, 35 мм

Режија: Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić)

Сценарио: Бахрудин Бато Ченгиќ (Bahrudin Bato Čengić)

Улоги: Мустафа Надаревиќ, Бранислав Лечиќ, Фабијан Шоваговиќ, Светозар Цветковиќ, Мира Фурлан (Mustafa Nadarević, Branislav Lečić, Fabijan Šovagović, Svetozar Cvetković, Mira Furlan)

 

Работен според романот на Бранко Чопиќ, ГЛУВ БАРУТ е приказна за идеолошкиот судир меѓу партизаните и четниците во Босна и Херцеговина за време на Втората светска војна. Во едно српско село во Босна луѓето се под пресија на две идеологии: претставник на партизаните е политичкиот комесар Шпанац (Надаревиќ), а на четниците е офицерот на кралската војска во Југославија, Радекиќ (Лечиќ).

Шпанац е фанатичен приврзаник на комунистичката идеологија што сака да го смени светот, без разлика на бројот на жртвите, додека, пак, Радекиќ е човек од тие краишта кој добро ја познава ситуацијата на теренот, и се обидува да сочува што повеќе човечки глави, дури и по цена на сопствените идеали. Шпанац во Радекиќ гледа главен двигател на отпорот што селаните го пружаат на прокламиранити левичарски идеали.

ГЛУВИ БАРУТ е еден од ретките филмови кои се занимава со т.н. „леви скршнувања“ – сурова партизанска чистка на идеолошки неподобните – во ексјугословенската кинематографија. Овој филм е и последен во филмографијата на Ченгиќ, еден од најзначајните автори во босанскохерцеговската и југословенската кинематографија од крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години на минатиот век, со филмовите МАЛИ ВОЈНИЦИ (Mali vojnici, 1967 г.) и УЛОГАТА НА МОЕТО СЕМЕЈСТВО ВО СВЕТСКАТА РЕВОЛУЦИЈА (Uloga moje porodice u svjetskoj revoluciji, 1971 г.), работени според романите на значајните книжевници Мирко Ковач (Mirko Kovač) и Бора Ќосиќ (Bora Ćosić).

 

19 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20.00 ч.

БИТКАТА НА НЕРЕТВА

(Bitka na Neretvi)

Игран филм, Босна и Херцеговина(СФРЈ)

1969 г., 95 мин., колор, 35 мм

Режија: Вељко Булаиќ (Veljko Bulajić)

Сценарио: Вељко Булаиќ, Ратко Ѓуровиќ,  (Veljko Bulajić, Ratko Đurović)

Улоги: Јул Бринер, Харди Кригер, Франко Неро, Силва Кошчина, Орсон Велс, Милена Дравиќ, Сејгер Бондарчук, Љубиша Самарџиќ, Вилимир Бата Живоиновиќ, Павле Вуисиќ, Коле Ангеловски (Yul Brynner, Hardy Krüger, Franco Nero, Sylva Koscina, Orson Welles, Milena Dravić, Sergey Bondarchuk, Ljubisa Samardžić, Velimir Bata Zivojinović, Pavle Vuisić)

 

Битката на Неретва или „Битката за ранетите“ е назив за четвртата непријателска офанзива на Народно ослободителната војна во Југославија. Тоа е назив за непријателските операции Вајс 1 и Вајс 2, во кои силите на нацистичка Германија во содејство со Италијанците, усташите, домобраните и четниците, се обиделе да го уништат на ослободителното движење предводено од партизаните во сливот на реката Неретва, а потоа во источна Херцеговина во периодот од 20 јануари до 1 април 1943 година. Филмот ја следи битката на партизаните кои сакаат да го пробијат обрачот на непријателските војски и претставува „фреска“ од десеттина незаборавни филмски ликови и нивните судбини во текот на офанзивата.

БИТКАТА НА НЕРЕТВА е веројатно најскапата филмска продукција во некогашна Југославија: сниман е цели 17 месеци, со учество на тогашните најголеми филмски ѕвезди во светот. Славниот шпански сликар Пабло Пикасо го направил постерот за филмот за неговата интернационална дистрибуција, што е само втор постер во неговата кариера. Но, БИТКАТА НА НЕРЕТВА е и еден од култните филмови на т.н. партизански жанр во југословенската кинематографија: репликите од филмот одамна се дел од ексјугословенската митологија…

 

20 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20.00 ч.

ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ

(Žena s krajolikom)

Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)

1976 г. (1989 г.), 66 мин., колор, 35 мм

Режија: Ивица Матиќ (Ivica Matić)

Сценарио: Ивица Матиќ (Ivica Matić)

Улоги: Столе Аранѓеловиќ, Божидарка Фрајт (Stole Aranđelović, Božidarka Frajt)

 

Изворно снимен како телевизиски филм, ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е првиот и единствен долгометражен игран филм на култниот сараевски автор, кој во филмографијата има забележано триесеттина краки филмови. Матиќ починал непосредно по снимањето на ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ, кој во 1976 г. ја добил главната награда на фестивалот на Југословенската радиотелевизија во Порторож. Цели 13 години подоцна филмската верзија на неговото дело, со додадените снимени материјали (самиот автор го замислил ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ како долгометражен игран филм) е прикажана на Филмскиот фестивал во Пула, каде што постхумно ја добива највисоката награда, Златната арена за режија, а потоа и наградата ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Монте Карло. Опусот на Матиќ се смета за еден од темелите на т.н. сараевска филмска школа, подоцна реафирмирана со светските успеси на Кустурица, Адемир Кеновиќ…

ЖЕНА СО ПЕЈЗАЖ е филмски есеј за судирот на уметникот и општеството. Приказната е инспирирана од наивното сликарство, и со посебно чувство за фотографијата и атмосферата (кинематографер е Карпо Аќимовиќ-Година, а и самиот Матиќ дипломирал филмска камера на загрепската филмска академија), го следи шумарот (Аранѓеловиќ) со необична пасија – сликањето женски актови. Шумарот-сликар наивец добива служба во зафрлено босанско село и таму наговара многу мештанки да му позираат голи. Тоа ќе ги разбесни нивните мажи и конзервативната средина, која смета дека шумарот не го соблекува жените само заради сликањето.

 

Leave a comment