Од 9 до 16 септември во Кинотеката на РС Македонија, во рамки на „Скопје филм фестивал класик“, ќе се одржи НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ, со десет дигитално реставрирани класични наслови на српската кинематографија од периодот од почетокот на шеесеттите до средината на осумдесеттите години на минатиот век.

НЕДЕЛАТА НА СРПСКИОТ ФИЛМ е организирана во соработка помеѓу нашата Кинотеката и Скопје филм фестивал и Југословенската Кинотека, а со поддршка на Амбасадата на Република Србија и Српскиот културен центар „Спона“ во Македонија.

Гости на НЕДЕЛАТА НА СРПСКИОТ ФИЛМ во Кинотеката ќе бидат Југослав Пантелиќ, директор на Југословенската кинотека од Белград и уметнички директор на ФЕСТ, Маријан Вујовиќ, управник на Музејот на Југословенската кинотека и Александар Ердељановиќ, управник на Архивот на Југословенската кинотека и селектор Фестивалот на нитратен филм, кој ќе ја отвори манифестацијата на 9 септември (четврток) во 20:00 ч.

Филм на отворањето е КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?  (Ko to tamo peva? / Who is Singing There?, 1980) на режисерот Слободан Шијан (Slobodan Šijan). Следната вечер ќе биде прикажан уште еден филм на Слободан Шијан, МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family, 1982), како и БАЛКАНСКИ ШПИОН (Balkanski špijun / Balkan Spy, 1984) на Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević).

На НЕДЕЛАТА НА СРПСКИОТ ФИЛМ ќе ги видиме и ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 (Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68, 1984) на Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević); ПЛАСТИЧЕН ИСУС (Plastični Isus / Plastic Jesus, 1971) на Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović); НАЦИОНАЛНА КЛАСА (Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 Ccm, 1979) на Горан Марковиќ (Goran Marković); КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ (Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone, 1967) на Живоин Павловиќ (Živojin Pavlović); ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО П.Т.Т. (Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator, 1967) на Душан Макавеев (Dušan Makavejev); ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА (Petrijin venac / Petria’s Wreath, 1980) на Срѓан Карановиќ ( Srđan Karanović); и ЉУБОВ И МОДА (Ljubav i moda / Love and fashion, 1960) на Љубомир Радичевиќ (Ljubomir Radičević).

Антологиските филмови од НЕДЕЛАТА НА СРПСКИОТ ФИЛМ се дел од едицијата „VIP Кинотека“ на Југословенска кинотека од Белград, во соработка со бренд на мобилен оператор.

 

9 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?

(Ko to tamo peva? / Who is Singing There?)

Игран филм, Србија

1980, 86 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Бора Тодоровиќ, Драган Николиќ (Pavle Vuisić,Aleksandar Berček, Danilo Bata Stojković, Bora Todorović, Dragan Nikolić)

 

Српска комедија која има култен статус меѓу филмофилите од поранешна Југославија, прогласен за најдобар филм на 20-от век во некогашната заедничка кинематографија. Во едно село во Србија група патници се качуваат во стариот автобус на фирмата „Крстиќ“ кој вози кон Белград. Таткото Крстиќ (Вуисиќ) е кондуктер, а синот Мишко (Берчек) е возач.

Составот на патници е повеќе од шаренолик: пејач на шлагери без слух кој оди на аудиција (Николиќ), господинот Брко, прототип на поклоник на нацистичка Германија (Стојковиќ), воен ветеран од Солунскиот фронт (Миливоје Миќа Томиќ), туберколозен патник (Боро Стјепановиќ), штотуку венчан пар кој оди на меден месец (Неда Арнериќ и Славко Штимац), ловец-аматер (Ташко Начиќ), двајца Роми музичари (Миодраг и Ненад Костиќ)… По пат наидуваат на безброј пречки кои предизвикуваат урнебесни случки кои го одолговлекуваат патувањето, реализирани низ легендарни дијалошки сцени и во манир на расна комедија на ситуации. Иако патниците постојано се расправаат меѓу себе, ќе се обединат кога ромските музичари ќе треба лажно да бидат обвинети за кражба. Сето тоа низ креациите на веројатно најдобрата актерска постава некогаш собрана во ексјугословенската кинематографија, која може да се споредува со онаа во вториот игран филм на тандемот Шијан-Ковачевиќ, МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ.

КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? е алегорија на малограѓанштината и распадот на Кралството Југославија во априлската војна 1941 година (се случува ден пред нападот на нацистичка Германија), но e и универзална слика на распад на една епоха кој постојано се повторува на просторот на поранешна Југославија. Во духот на филмот, за време на неговото снимање почина Јосип Броз-Тито, па екипата неколку денови останала без камерата која била одземена заради „повисоки државни интереси“, односно документирање на грандиозниот погреб на некогашниот претседател.

Филмот освои дузина награди на фестивалите низ поранешна Југославија и низ светот (награда на публиката во Кан, Гран при во Монтреал, Панама, Саламанка и Ротердам). КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? е веројатно филм кој изнедрил најмногу култни реплики кои се цитираат и ден денес, одржувајќи го статусот на „филм на векот“ и низ оригиналната музика на Воислав Костиќ и плакатот на загрепскиот дизајнер Мирко Илиќ (кој подоцна стекна и светска слава).

 

Возрасна категорија: 12 години

 

 

10 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 19:00 ч.

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ

(Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family)

Игран филм, Србија

1982, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Богдан Диклиќ, Данило Бата Стојковиќ, Павле Вуисиќ, Мија Алексиќ, Јелисавета Сека Сабљиќ, Бора Тодоровиќ, Зоран Радмиловиќ (Bogdan Diklić, Danilo Bata Stojković, Pavle Vuisić, Mija Aleksić, Jelisaveta Seka Sabljić, Bora Todorović, Zoran Radmilović)

 

Дејството на филмот се одвива во 1935 година во провинциски град во Србија, една година по смртта на кралот Александар Караѓорѓевиќ во атентатот во Марсеј (филмот ги користи документарните снимки од тој настан). Пет генерации на семејството Топаловиќ се занимаваат со погребни услуги во нивното претпријатие. Кај Топаловиќи нема ниту една жена: која како ќе се породела со машки наследник, венеела и умирала.

Топаловиќи постојано се караат околу наследството што го оставил штотуку починатиот Пантелие Топаловиќ. Најмладиот член на семејството, Мирко (Диклиќ), не сака веќе да биде погребник, туку сака со неговиот дел од наследството да си замине што подалеку. Со него би ја повел и Кристина (Саблиќ), ќерката на „деловниот партнер“ на семејството Топаловиќ, Били Питон (Радмиловиќ), чија банда ги ископува сандаците од гробиштата и им ги продава на Топаловиќи. Фирмата на семејството Топаловиќ, практично, за неколку децении има направено само два-три сандаци и постојано „ги врти“ низ бизнисот со Били Питон.

Кристина, пак, е пијанист-почетник, свири на кино-проекциите што ги организира Ѓенка „Ѓаволот“ (Тодоровиќ), пријател и иден кум на Мирко. И Кристина сонува за бегство од провинцијата и гламурозна кариера во светот, но не со Мирко, туку со слаткоречивиот Ѓенка. Сестраниот Ѓенка, кој меѓу другото е и филмски снимател, ги наговорува Мирко и Кристина да глумат во неговиот „либерален“ филм со многу еротика, но филмот ќе остане неснимен бидејќи Мирко ќе ги затекне како ги „вежбаат“ сцените во природа.

Во меѓувреме се заоструваат должничко-доверителските односи меѓу Топаловиќи и Били Питон, па и двете страни се подготвуваат за вистинска војна. Разбеснет заради неверството на Кристина, Мирко од слабак станува жесток насилник и лидер на семејството Топаловиќ: кај нив воопшто не се знае кој е чиј син, татко, дедо…

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ е снимен според истоимената драма на Ковачевиќ, која како и филмот имаше култен статус на белградската театарска сцена „Атеље 212“. Поднасловот на драмата гласи „Десен профил на Белград“: без разлика што драмата, за разлика од филмот, се случува во 70-те години, и двете дела ја навестуваат идологијата на фашизмот. Филмот на Шијан, како и првенецот КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?, има одлична актерска екипа со антологиски креации и реплики. Шијан и во двата филма многу умешно користи и натуршчици. За својот втор филм, режисерот ја доби наградата на жирито во Монтреал, Ковачевиќ награда за сценарио на фестивалот во Марсеј, а Јелисавета Сека Саблиќ „Златната арена“ во Пула за најдобра главна женска улога. Музиката е на Зоран Симјановиќ, а кинематографер на двата филма на Шијан-Ковачевиќ е Божидар Николиќ (меѓу останатите признанија и награда за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

 

10 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 21:00 ч.

БАЛКАНСКИ ШПИОН

(Balkanski špijun / Balkan Spy)

Игран филм, Србија

1984, 95 мин., колор, ДЦП

Режија: Душан Ковачевиќ, Божидар Николиќ (Dušan Kovačević, Božidar Nikolić)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Данило Бата Стојковиќ, Мира Бањац, Бора Тодоровиќ, Соња Савиќ, Звонимир Звонко Лепетиќ (Danilo Bata Stojković, Mira Banjac, Bora Todorović, Sonja Savić, Zvonimir Zvonko Lepetić)

 

Илија Чворовиќ (Стојковиќ) е средовечен маж кој во младоста минал две години на Голи Оток (1948-1950) како приврзаник на сталинизмот. Еден ден е повикан во полициска станица на рутински разговор: инспекторот се интересира за неговиот потстанар, Петар Јаковљевиќ (Тодоровиќ), кројач кој по две децении поминати во Париз се вратил во татковината за да отвори бизнис.

Илија си оди дома, но сомнежот дека неговиот потстанар можеби е странски шпион не му дава мир. Неговата параноја предизвикана од политичкиот грев во младоста – засилена од помислата дека безбедносните служби (УДБА) можеби повторно го тестираат колку е лојален граѓанин – ќе биде истурена врз сопругата Даница (Бањац) која, пак, се грижи за нивната ќерка Соња (Савиќ), дипломиран стоматолог која веќе неколку години не може да се вработи.

Илија постојано го следи Петар, ги документира неговите средби со разни луѓе, и го известува инспекторот, кој пак не го сфаќа сериозно. Илија смета дека државата „зарибала“ и решава со помош на неговиот брат Ѓуро (Лепетиќ), исто затвореник во младоста заради сталинистички уверувања, да ја разбијат „странската терористичка организација“ предводена од неговиот потстанар.

Соња сфаќа дека паранојата на татко ѝстанува патолошка, па ја напушта куќата. Илија и Ѓуро решаваат да ги заробат луѓето со кои се среќава Петар и од нив да изнудат призанија за нивните терористички намери. Петар наминува во куќата за да си го земе куферот бидејќи патува во странство, но Илија и Ѓуро го „апсат“ и го мачат да признае. Всушност, испитувањето на Петар за Илија е прилика да си ги каже неговите идеолошки уверувања, па во наплив на возбуда доживува инфаркт. Петар се обидува да избега, но Илија и така болен не се откажува од неговиот политички плен…

По успехот со КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? и МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ тандемот Шијан-Ковачевиќ се раздвои, но беше создаден нов авторски тандем: Ковачевиќ е корежисер со Божидар Николиќ, кинематограферот на овој и претходните два наслови. На фестивалот во Пула 1984 БАЛКАНСКИ ШПИОН ја освои „Златната арена“ за најдобар филм, а Бата Стојковиќ за најдобра машка улога.

Од интернационалните успеси треба да се издвојат наградите за Стојковиќ на фестивалот во Фаро („Островот на Ингмар Бергман“) и за сценаристот Ковачевиќ на фестивалот во Монтреал.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

11 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 19:00 ч.

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68

(Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68)

Игран филом, Србија

1984, 91 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević)

Сценарио: Гордан Михиќ (Gordan Mihić)

Улоги: Славко Штимац, Данило Бата Стојковиќ, Милосав Мија Алексиќ, Мира Бањац, Ивана Михиќ, Сања Вејновиќ, Неда Арнериќ, Драгана Варагиќ (Slavko Štimac, Danilo Bata Stojković, Milosav Mija Aleksić, Mira Banjac, Ivana Mihić, Sanja Vejnović, Neda Arnerić, Dragana Varagić)

 

Во летото 1968 година матурантот Петар (Штимац), наспроти очекувањата на неговиот татко Веселин (Стојковиќ), судија во градот, паѓа на матурскиот испит. Него повеќе го интересираат жените, постојано се вљубува, но никако да се случи „вистинската“ љубов. Аптекарката, библиотекарката, пекарката, ќерките на претседателот на судот, професорката по социологија… списокот е долг, но не и трпението на татко му, кој го затвора дома сè додека не го положи испитот.

На страната на Петар е неговиот дедо, пензиониран геометар и чешки студент, вљубеник во животот и жените, за разлика од конзервативниот татко загрижен за угледот и позицијата во општеството. Во малото место пристигнува женски оркестар од тогашна Чехословачка. Петар со помош на комарџиските врски на дедо му го полага матурскиот испит, а една симпатична девојка од чешкиот оркестар го плени неговото срце….

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 е една од најпопуларните и најцитирани комедии во ексјугословенската кинематографија, полна со духовити реплики на еден од најплодните сценаристи Михиќ. Некои од нив се антологиски: „Туѓ леб јаде, а мојот свет ќе го менува“, „Меси сине, меси, нема да ти штети“… се дел од нив.

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 е дел од т.н. „Чешка школа“ во југословенската кинематографија (Паскаљевиќ е дипломец на легендарната ФАМУ од Прага) и освои награди на фестивалите во бастоја и Орлеан, а учествуваше и во Монтреал, Монпеље, Бергамо, Вањадолид…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

11 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 21:00 ч.

ПЛАСТИЧЕН ИСУС

(Plastični Isus / Plastic Jesus)

Игран филм, Србија

1971, 74 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović)

Сценарио: Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović)

Улоги: Томислав Готовац, Вукица Ѓилас, Светлана Глигоријевиќ (Tomislav Gotovac, Vukica Đilas, Svetlana Gligorijević)

 

ПЛАСТИЧЕН ИСУС е еден од најконтроверзните југословенски филмови, снимен како дипломски труд на авторот Стојановиќ. Пред премиера бил забранет и ставен во бункер. Ова е единствениот филм во југословенската кинематографија чиј режисер бил обвинет за „непријателска пропаганда“ и во 1973 година бил осуден на затворска казна во траење од три години, а неговите професори, филмските режисери Александар Петровиќ и Живоин Павловиќ биле избркани од белградската филмска академија.

Том (го игра Готовац) е млад уметник од Загреб без средства за живот и се обидува да се занимава со филм во Белград. Успева некако да преживува, а притоа има врски со повеќе жени. Том не верува во ништо, не почитува режим, сила, водач и идеологија и затоа постојано е во конфликт со власта, а едно време живее како бездомник, поради што е приведен од милицијата. Откако го напушта една згодна Американка, Том започнува врска со жена чиј маж работи во странство. Кога и таа ќе го исфрли од станот, Том се сели кај сестра та на мажот, но таа љубовна врска ќе му создаде најголеми неволји…

Паралелно со главното дејство, во филмот се монтирани и бројни архивски снимки поврзани со студентските демонстрации 1968 во Југославија, четниците, усташите, Хитлер и Тито со кои се прави споредба меѓу различните режими. Во филмот е снимена реалната венчавка на режисерот Љубиша Ристиќ, тогаш близок пријател на авторот, на која присуствувале бројни претставници од Комунистичката партија, ЈНА и државната безбедност. Според толкувањата на некои историчари на филмот, токму таа сцена била причината за забранувањето на филмот и затворската казна за Стојановиќ.

Во ПЛАСТИЧЕН ИСУС за првпат во југословенскиот филмсе тематизираат хомосексуалноста и промискуитетот: загрепскиот концептуелен уметник Готовац за првпат се појавува голво кадар и се бакнува со други мажи. ПЛАСТИЧЕН ИСУС спаѓа во т.н. „црн бран“ на југословенскиот филм и кога по две децении од неговото снимање е прикажан повторно е забранет, а Стојановиќ по втор пат осуден на затворска казна.

ПЛАСТИЧЕН ИСУС во 1991 година ја доби наградата на ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Монтреал.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

13 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

НАЦИОНАЛНА КЛАСА

(Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 Ccm)

Игран филм, Србија

1979, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Марковиќ (Goran Marković)

Сценарио: Горан Марковиќ (Goran Marković)

Улоги: Драган Николиќ, Богдан Диклиќ, Горица Поповиќ, Раде Марковиќ, Оливера Марковиќ (Dragan Nikolić, Bogdan Diklić, Gorica Popović, Rade Marković, Olivera Marković)

 

Бранимир Митровиќ (Николиќ) е автомобилски тркач од Белград, кој со својата „Застава 750“ (популарното фиќо) се натпреварува во „националната класа“ во која учествуваат автомобили со запремнина на моторот до 785 кубни центиметри. Го носи прекарот Флојд според неговиот идол  во „Формула 1“ и избегнува секаква одговорност во животот, иако има 27 години.

Флојд е во долга врска со девојката Шилја (Поповиќ). Но, Флојд има други грижи: како да го освои последниот шампионат во категоријата на „фиќовците“ и како повторно да го избегне одењето во Југословенската народна армија. Пред последната трка во сезоната, тој се наоѓа на второто место и мора да победи за да биде шампион.

За да ја избегне воената обврска, Флојд се обидува да се запише на глума на Академијата, при што запознава една убава девојка. Истовремено, еден негов пријател го запознава со младото момче Миле (Диклиќ) кој има болни бубрези: познајниците го викаат „рент-а-бубрег“ бидејќи тој дава урина на медицинскиот преглед наместо регрутите кои сакаат да го одбегнат служењето на воениот рок. Меѓутоа, урината покажува дека Миле во меѓувреме оздравел, така што Флојд мора да се јави во касарната. Истовремено, по објавувањето на Шилја дека е бремена и настојувањата на нејзините родители и родителите на Флојд набрзина да се организира свадба, сега Флојд сака што порано да замине во војска за да ја избегне. Не му успева, и свадбата е закажана ден по финалната трка…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

14 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 19:00 ч.

КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ

(Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone)

Игран филм,  Србија

1967, 79 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Живоин Павловиќ (Živojin Pavlović)

Сценарио: Гордан Михиќ, Љубиша Козомара (Ljubiša Kozomara, Gordan Mihić)

Улоги: Драган Николиќ, Слободан Алигрудиќ, Миодраг Андриќ, Северин Бијелиќ, Неда Спасојевиќ, Ружица Сокиќ (Dragan Nikolić, Slobodan Aligrudić, Miodrag Andrić, Severin Bijelić, Neda Spasojević, Ružica Sokić)

 

Јанко Бугарски, познат како Џими Барка (Николиќ), заедно со својата девојка Лилица (Спасоевиќ), мора да ја напушти привремената работа као сезонски работник. Неговата мајка е сиромашна перачка и не може да му помогне, а тој не може да најде работа во фабриките.

Џими ќе ги ограби работниците на едно градилиште и, бегајќи, останува без Лилица. Ја среќава кафанската пејачка Душка (Сокиќ), станува нејзин љубовник и самиот учи да пее. Иако пее лошо, тој патува по малите места, пеејќи на панаѓурите и на приредбите во воените касарни. Во едно место ја среќава младата заботехничарка Бојана и со неа оди во Белград на натпреварот на младите пејачи. Таму, наместо аплаузи и афирмација, него го дочекуваат со свирежи и со навреди.

Џими бега и на еден брод повторно ја среќава Лилица, која живее од ситни кражби и од симулирање дека е бремена. Тие одат кај Милутин (Алигрудиќ), управникот на поранешното градилиште и го уценуваат со приказната дека Лилица го носи неговото дете. Но, Милутин открива дека е измамен и јанапаѓа Лилица, но Џими го спречува, а потоа го исмева пред работниците. Понижен и изнервиран, директорот ја зема својата пушка со намера да го убие Џими…

КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ се смета за еден од најзначајните филмови на југословенскиот „црн бран“. На Пулскиот филмски фестивал филмот ја освоил „Златната арена“, а Павловиќ ја добил наградата за најдобар режисер во Пула и на фестивалот во Карлови Вари.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

14 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:30 ч.

ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ

(Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator)

Игран филм, Србија

1967, 70 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Душан Макавеев (Dušan Makavejev)

Сценарио: Душан Макавеев, Бранко Вучиќевиќ (Dušan Makavejev, Branko Vučićević)

Улоги: Ева Рас, Слободан Алигрудиќ, Миодраг Андриќ, Ружица Сокиќ (Eva Ras, Slobodan Aligrudić, Ružica Sokić; Miodrag Andrić)

 

Младата службеничка во ПТТ ќе започне љубовна врска со сериозно момче. Но, за време на неговото отсуство, таа ќе се впушти во сексуална врска со нејзин колега од работа. Девојката ќе остане бремена и по враќањето на нејзиното момче од службен пат ќе дојде до судир меѓу нив…

ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ е уште еден филм од „црниот бран“, снимен 1967 година, која се смета за најплодна и најлиберална година во ексјугословенската кинематографија. Макавеев во овој филм продолжува со користењето метафори и асоцијации за тогашната политичка ситуација во земјата, па станува еден од авторите од „црниот бран“ што стигнуваат на „црната листа“ на политички неподобни филмаџии.

Во филмот учествува и првиот српски сексолог и научник со светско реноме, д-р Александар Костиќ, кој се игра себеси и говори за сексуалноста на човекот. Д-р Костиќ е татко на познатиот и успешен композитор на филмска музика Воислав Воки Костиќ.

Филмот на Макавеев не поминал без неволји ниту во светот: дистрибутерот во Велика Британија барал да се исечат некои сцени, а британските гледачи ја виделе интегралната верзија на овој филм во видео изданието објавено 1996 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

15 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА

(Petrijin venac / Petria’s Wreath)

Игран филм, Србија

1980, 99 мин., колор, ДЦП

Режија: Срѓан Карановиќ ( Srđan Karanović)

Сценарио: Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ ( Srđan Karanović, Rajko Grlić)

Улоги: Мирјана Карановиќ, Драган Максимовиќ, Павле Вуисиќ, Марко Николиќ, Оливера Марковиќ (Mirjana Karanović,Dragan Maksimović,Pavle Vujisić,Marko Nikolić, Olivera Marković)

 

Во малото рударско гратче во Србија ја следиме животната приказна на старицата Петрија, од периодот пред Втората светска војна, воениот и повоениот период. Петрија е неписмена и скромна селанка, а нејзиниот живот трагичен и полн со самотија, тага и разочарувања. Петрија раскажува за нејзините тројца мажи кои ги сакала. Но, дали и тие ја сакале неа?

Во улогата на Петрија блеска тогаш дебитантката Мирјана Карановиќ, 23-годишна студентка по глума на белградската Академија за време на реализација на филмот. Истото презиме со режисерот е чиста случајност. Режисерот Карановиќ, како и во неколку претходни и подоцнежни филмови, како косценарист го има својот колега и пријател од прашката академија ФМУ, Рајко Грлиќ.

Филмот е снимен според истоимениот роман на Драгослав Михајловиќ (Dragoslav Mihajlović), автор на неколку исклучителни дела од жанрот на документарната проза: доследен на веристичкиот стил во овој филм, Карановиќ во екранизацијата ја користи натуршчикот Даринка Живковиќ во ликот на старата Петрија како наратор.На филмскиот фестивал во Пула ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА се закити со наградата за најдобар филм, а Мирјана Карановиќ беше најдобра актерка. Можеби вреди да се спомене како куриозитет кажувањето на Карановиќ дека по добиената „Златна арена“ главно добивала пораки со сочуства наместо честитки од колегите: тврделе дека најголемата награда за студентка по глума е проклетство и дека веќе нема да добива понуди да снима филмови. Делумно биле во право бидејќи следната улога ја добила дури по пет години, во ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ (1985) на Емир Кустурица.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари

 

 

16 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЉУБОВ И МОДА

(Ljubav i moda / Love and fashion)

Игран филм, Србија

1960, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Љубомир Радичевиќ (Ljubomir Radičević)

Сценарио: Ненад Јовичиќ, Љубомир Радичевиќ (Nenad Jovičić, Ljubomir Radičević)

Улоги: Беба Лончар, Душан Булаиќ, Мија Алексиќ, Миодраг Петровиќ-Чкаља, Северин Бијелиќ, Милош Жутиќ (Beba Lončar, Dušan Bulajić, Mija Aleksić, Miodrag Petrović Čkalja, Severin Bijelić, Miloš Žutić)

 

Група студенти сакаат да заработат пари за одржување на аеро-митинг, па организираат модна ревија за претпријатието „Југошик“. Иако се служат со ситни измами, нивната цел е благородна: ревијата е успешно реализирана и никој нема да претрпи штета. Во центарот на приказната се студентката Соња (Лончар) и модниот креатор Бора (Булаиќ) кои се постојано во кавга, но на крајот ќе ги решат меѓусебните несогласувања…

Убавата Беба (Десанка) Лончар е еден од примерите на „девојка од соседството“ (слично како Неда Арнериќ) која ја користи шансата како тинејџерка да направи актерска кариера во југословенскиот филм, подоцна и интернационална кариера. Музиката од филмот станала мега популарна во 1960-те и ја исполнуваат тогашните ѕвезди во подем Иво Робиќ, Габи Новак (Ivo Robić, Gabi Novak), а епизодна улога има и кантавторот Арсен Дедиќ (Arsen Dedić)…

Евергрин песната „Девојко мала“ ја изведува актерот Властимир Ѓуза Стоиљковиќ (Vlastimir Đuza Stojiljković), а во 1980-те ја препеја групата „Идоли“. Каверот на „Идоли“ има грешка во текстот. Членовите на бендот ја снимале песната во загрепски „Југотон“, но не го знаеле точно текстот, а термините за снимање ги притискале; Срѓан Шапер се познавал со актерот Ѓуза, и му телефонирал да го замоли да им го изрецирира текстот; било рано наутро, Ѓуза се уште бил сонлив, па два стиха не се идентични како оригиналот…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 50 денари