Во октомври 2009 година Кинотеката го започна првото претставување на шпанската кинематографија во форма на НЕДЕЛА НА ШПАНСКИ ФИЛМ.

Изминативе 12 години соработката меѓу Амбасадата на Шпанија во Скопје и Кинотеката на Македонија резултираше со прикажување на десетици филмови и претставување на најрепрезентативните автори на шпанската кинематографија, од класиците Луис Буњуел, Хуан Антонио Бардем, Луис Гарсија Берланга или Карлос Саура, до бројните современи автори од крајот на дваесеттиот век, па до ден денес.

Во изборот на седумте филмови на НЕДЕЛАТА НА ШПАНСКИ ФИЛМ на годинешното издание на СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК доминираат семејните теми прекршени низ призмата на социјалните и општествено-политичките прилики, или портрети на „малите“ луѓе врамени во големата историска слика.

Првиот наслов од НЕДЕЛАТА НА ШПАНСКИ ФИЛМ, документарниот филм ОМЕГА (Omega) на Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес (Gervasio Iglesias, José Sánchez-Montes), е сместен во неизбежната носталгијата која ја спојува поезијата на Леонард Коен и Федерико Гарсија Лорка со гласот на легендата на Енрике Моренте – музичарот кој му даде нова димензија на фламенкото – а сето тоа испреплетено со панк-рок музиката на шпанскиот бенд Лагартија Ник.

Филмот ДУХОТ НА ПЧЕЛНАТА КОШНИЦА (El espíritu de la colmena / The Spirit of the Beehive) на Виктор Ерис (Víctor Erice) во хрониките на шпанската кинематографија е закитен со епитетот „врвно остварување“. Критичарите ја истакнуваат експресивната фотографија на Луис Квадрадо (Luis Cuadrado), композиција на кадарот и автентичните локации, актерските креации и суптилната алегорија на диктаторскиот режим на Франциско Франко, што на филмот му ја донела наградата за најдобро остварување на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан.

И ДЕВЕТ ПИСМА ЗА БЕРТА (Nueve cartas a Berta / Nine Letters to Bertha), дебитантски филм на Базилио Мартин Патино (Basilio Martín Patino), спаѓа меѓу најзначајните наслови на новата шпанска кинематографија. Филмот победи на фестивалот во Сан Себастијан во 1966 и ја освои наградата на шпанските филмски критичари во 1967. ДЕВЕТ ПИСМА ЗА БЕРТА се занимава со тоа проклето „наследство“, прикажувајќи го поинаквиот хоризонт од Шпанија која е под диктатурата на Франко.

Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga), клучната фигура на современата шпанска кинематографија, на оваа НЕДЕЛА НА ШПАНСКИ ФИЛМ застапен со два наслова, НАЦИОНАЛНО НАСЛЕДСТВО (Patrimonio Nacional / National Heritage) и РАКЕТАТА ОД КАЛАБУЧ (Calabuch / The Rocket From Calabuch). И двата наслови на Берланга се суптилна вивисекција на четириесетгодишната диктатура на Франциско Франко, па делата на некогашниот директор на Шпанската национална филмотека (од крајот на седумдесеттите до почетокот на осумдесеттите години на 20. век) се вистински бисери на шпанската кинематографија.

НЕДЕЛАТА НА ШПАНСКИ ФИЛМ во Кинотеката ги содржи и социјалната драма НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ (Los Santos Inocentes / The Holy Innocents) на Марио Камус (Mario Camus), и филмското „женско писмо“ насловено МАТАХАРИС (Mataharis) на Исиар Бојаин (Icíar Bollaín). Бојаин е позната и популарна актерка во шпанската кинематографија, практично „дете“ на Виктор Ерис – дебитирала како 16-годишна актерка во неговиот втор значаен филм, ЈУГОТ (El sur) – и последнава декада е една од водечките авторки. МАТАХАРИС освои десеттина национални награди на шпанските филмски фестивалите, продолжувајќи ја низата на успесите на нејзините претходни авторски филмови.

НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ е значаен наслов од почетокот на кариерата на Марио Камус, кој започнал како косценарист во филмовите на легендарниот Карлос Саура, а подоцна ниже успеси: со ПЧЕЛАРНИК (La colmena, 1982) ја освојува „Златната мечка“ на Берлиналето 1983, а со НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ специјалната награда на жирито во Кан 1984. НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ на актерите Алфредо Ланда и Франциско Рабал им ја донесе наградата „Златната палма“ во Кан за најдобар актер таа година.

Каталогот на НЕДЕЛАТА НА ШПАНСКИ ФИЛМ можете да го симнете ОВДЕ: 2021 Programa preview v3 (1)

Влезот на проекциите е бесплатен.

Почитувањето на здравствените мерки е задолжително.

 

10 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

11 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

ОМЕГА

(Omega)

Документарен филм, Шпанија

2016, 80 мин., колор, блуреј

Режија: Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес (Gervasio Iglesias, José Sánchez-Montes)

Сценарио: Хервасио Иглесиас, Жозе Санчез-Монтес (Gervasio Iglesias, José Sánchez-Montes)

Учествуваат: Антонио Ариас, Леонард Коен, Лаура Гарсија Лорка, Алберто Манзано, Енрике Моренте (Antonio Arias, Leonard Cohen, Laura García Lorca, Alberto Manzano, Enrique Morente)

 

11 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

12 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ДУХОТ НА ПЧЕЛИНАТА КОШНИЦА

(El espíritu de la colmena / The Spirit of the Beehive)

Игран филм, Шпанија

1973, 98 мин., колор, блуреј

Режија: Виктор Ерис (Víctor Erice)

Сценарио: Анхел Фернандез Сантос, Виктор Ерис (Ángel Fernández Santos, Víctor Erice)

Улоги: Фернандо Фернан Гомез, Тереза Химпера, Ана Торент (Fernando Fernán Gómez, Teresa Gimpera, Ana Torrent)

 

12 НОЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

13 НОЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

ДЕВЕТ ПИСМА ЗА БЕРТА

(Nueve cartas a Berta / Nine Letters to Bertha)

Игран филм, Шпанија

1966, 90 мин., црно-бел, ДВД

Режија: Базилио Мартин Патино (Basilio Martín Patino)

Сценарио: Базилио Мартин Патино (Basilio Martín Patino)

Улоги: Емилио Гутиерез Каба, Мари Карилјо, Елза Баеза (Emilio Gutiérrez Caba, Mary Carrillo, Elsa Baeza)

 

13 НОЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

15 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

НАЦИОНАЛНО НАСЛЕДСТВО

(Patrimonio Nacional / National Heritage)

Игран филм, Шпанија

1981, 112 мин., колор, ДВД

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Луис Гарсија Берланга, Рафаел Аскона (Luis García Berlanga, Rafael Azcona)

Улоги: Луис Сигес, Луис Ескобар, Мари Санпере, Агустин Гонзалес, Хозе Луис Лопез Васкез (Luis Ciges, Luis Escobar, Mary Santpere, Agustín González, José Luis López Vázquez)

 

15 НОЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

16 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

 

РАКЕТАТА ОД КАЛАБУЧ

(Calabuch / The Rocket From Calabuch)

Игран филм , Шпанија / Италија

1956, 93 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)

Сценарио: Леонардо Мартин, Флорентино Сорија, Енио Флајано, Луис Гарсија Берланга (Leonardo Martín, Florentino Soria, Ennio Flaiano, Luis García Berlanga)

Улоги: Едмунд Гвен, Валентина Кортезе, Хуан Калво, Франко Фабрици, Феликс Фернандез (Edmund Gwenn, Valentina Cortese, Juan Calvo, Franco Fabrizi, Félix Fernández)

 

16 НОЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

17 НОЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

МАТАХАРИС

(Mataharis)

Игран филм, Шпанија

2007, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Исијар Бојаин(Icíar Bollaín)

Сценарио: Исијар Бојаин, Татјана Родригез (Icíar Bollaín, Tatiana Rodríguez)

Улоги: Наџва Нимри, Мариа Васкез, Нуриа Гонзалес, Диего Мартин (Najwa Nimri, María Vázquez, Nuria González, Diego Martín)

 

17 НОЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

18 НОЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

НЕВИНИТЕ СВЕТЦИ

(Los Santos Inocentes / The Holy Innocents)

Игран филм, Шпанија

1984, 107 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Марио Камус(Mario Camus)

Сценарио: Антонио Ларета, Маноло Матје, Марио Камус(Antonio Larreta, Manolo Matji,Mario Camus)

Улоги: Алфредо Ланда, Тереле Павез, Франциско Рабал, Белен Балјестерос, Хуан Санчез, Сузана Санчез (Alfredo Landa, Terele Pávez, Francisco Rabal, Belén Ballesteros, Juan Sanchez, Susana Sánchez)