Кога на 4 март 1922 година филмот НОСФЕРАТУ, СИМФОНИЈА НА СТРАВОТ (Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray) на Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau) бил за прв пат прикажан в кино, не веруваме дека авторот, актерите и гледачите сведочеле на феномен кој, еве, трае цел еден век. НОСФЕРАТУ од 4 март годинава повторно се прикажува во кино-салите ширум светот, а ќе биде и на кинотечниот репертоар на Кинотеката во април.

Како ги засакавме вампирите и хоророт како жанр воопшто?

Мурнау (1888, Билефелд, Германија – 1931, Санта Барбара, Калифорнија, САД), чие вистинско семејно презиме е Плумпе (Plumpe), го снимил НОСФЕРАТУ според романот ДРАКУЛА (“Dracula”) на ирскиот писател Брем Стокер (Bram Stoker; 1947, Даблин, Ирска – 1912, Лондон, Англија) од 1897 година. Сценарист е Хенрик Гален Henrik Galeen), актери во филмот се Макс Шрек, Александер Гранах, Густав фон Вангенхајм, Грета Шредер (Max Schreck, Alexander Granach, Gustav von Wangenheim, Greta Schröder), а снимател е Фриц Арно Вагнер (Fritz Arno Wagner).

НОСФЕРАТУ е црно-бел нем филм со траење од 81 минута. Во германскиот град Визбург 1838 година, агентот за недвижности Нок (Гранах) го испраќа својот соработник Хутер (фон Вангенхајм) во Трансилванија, во замокот на грофот Орлок (Шрек), кој сака да купи куќа наспроти домот на Хутер. Хутер ја остава сопругата Елен кај својот богат пријател и поаѓа на пат, а кога пристига во Трансилванија, тамошните жители не сакаат да му помогнат да го превезат до замокот на грофот, ниту да се приближат до зданието кое го сметаат за проклето.

Кога некако ќе дојде до грофот, на Хутер му е необично што тој се однесува необично и состаноците ги одржува само ноќе. Хутер не знае дека грофот е вампир кој наскоро ќе го затвори во замокот, и ќе замине во Визбург, носејќи со себе неколку мртовечки ковчези, полни со проклетата земја во која бил закопан. Хутер бега од замокот и веднаш тргнува назад кон Визбург, каде што ќе почнат да се случуваат тегобни и мрачни случки…

Сценаристот на класичниот фантастичен хорор Хенрик Гален е австриски актер, сценарист и филмски режисер, сметан за една од клучните автори на германскиот експресионизам од ерата на немиот филм. Бидејќи Мурнау не успеал да обезбеди авторски права за екранизација, НОСФЕРАТУ е слободна адаптација на романот на Брем Стокер, со изменети имиња на ликовите. НОСФЕРАТУ е првиот голем филмски успех на Мурнау, кој има свое место во историјата на филмот заради сугестивната мрачна атмосфера комбинирана со мелодраматичната морбидност, што било исчекор за стандардите на германскиот експресионизам.

Кога филмот се појавил во јавноста, наследниците на Брем Стокер ги тужеле германските продуценти за неовластена употребата на романот, барајќи од судот во Велика Британија да се уништат негативот и копиите од филмот. Пресудата тогаш не можела да биде спроведена во Германија, па продуцентите одлучиле да го продадат целиот снимен материјал: затоа и не постои целосната изворна верзија на филмот.

Мурнау важи за еден од најзначајните режисери на немиот филм. Заинтересиран за уметноста веќе во младоста, Мурнау студирал филологија, музика и ликовна уметност во Берлин и Хајделберг, бил активен во студентскиот театар, па бил забележан од познатиот режисер Макс Рајнхарт (Max Reinhardt), кој го ангажирал во неговиот театар како актер и асистент-режисер. По Првата светска војна, во која бил пилот, Мурнау во Берлин се посветува на филмот: во период од 5 години снима 14 филмови, главно комерцијални, но повеќето од нив се изгубени. Зачуваните филмови – ЗАМИНУВАЊЕ ВО НОЌТА (Der gang in die Nacht, 1920) и ДВОРЕЦОТ ВОГЕЛОД (Schloss Vogelöd, 1921) – веќе ја покажуваат склоноста на Мурнау кон хорор жанрот.

Иако стекнува углед со НОСФЕРАТУ, наредните филмови не му носат многу успеси на Мурнау, сè до ПОСЛЕДНИОТ ЧОВЕК (Der letzte Mann, 1924), кој му го потврдува меѓународното реноме, па со следните два филма се обидува да се пробие во САД. По успехот на екранизациите на ТАРТИФ (Herr Tartüff, 1926) на Молиер и ФАУСТ (Faust, 1926) на Гете, Мурнау потпишува договор со студиото „Фокс“ во САД и добива голем буџет за неговиот прв американски филм ЗОРА (Sunrise, 1927). Иако филмот на првото доделување на „Оскарот“ добива две статуетки и одлични критики, немал голем комерцијален успех. Следуваат поуспешните наслови како циркуската мелодрама ЧЕТИРИ ЃАВОЛИ (Four Devils, 1929) и социјалната драма ГРАДСКИ ДЕВОЈКИ (City Girl, 1930), кој започнал да се снима како нем, а бил довршен како звучен филм. Мурнау во 1928 започнал да го снима ТАБУ (Tabu) во независна продукција, со поддршка на студиото „Парамаунт“, но го завршил дури во 1931. Загинал во сообраќајна несреќа една седмица пред премиерата на филмот.

Мотивот на вампирите е еден од пожилавите во филмот. Вернер Херцог (Werner Herzog) во 1979 ја снима неговата верзија на НОСФЕРАТУ (Nosferatu: Phantom der Nacht / Nosferatu the Vampyre), со ѕвездена актерка поделба – Клаус Кински, Изабел Аџани, Бруно Ганц (Klaus Kinski, Isabelle Adjani, Bruno Ganz).

Кон крајот на минатиот век два филма ги „измерија“ силите кај публиката. Се работи за ДРАКУЛА (Bram Stoker’s Dracula; 1992) на Френсиз Форд Копола (Francis Ford Coppola), со Гери Олдман како Дракула, Винона Рајдер, Ентони Хопкинс, Кијану Ривс, Моника Белучи како невестата на Дракула (Gary Oldman, Winona Ryder, Anthony Hopkins, Keanu Reeves, Tom Waits, Monica Bellucci)… Филмот имаше буџет од 4о милиони долари, а светската заработувачка достигна 215 милиони долари; освои три „Оскари“.

Две години подоцна Кенет Брана (Kenneth Branagh) со сличен буџет го сними ФРАНКЕНШТАЈН (Mary Shelley’s Frankenstein; 1994), во кој ја токуваше улогата на научникот Виктор Франкенштајн, а чудовиштето беше Роберт ДеНиро (Robert De Niro). Филмот имаше двојно помала заработувачка од ДРАКУЛА.

Хорор жанрот е еден од највиталните во светскиот филм, а еден од неговите главни втемелувачи е токму Мурнау.