Со филмот ТРЧАЈ, ЖЕНО, ТРЧАЈ од Зои Ли Хопкинс, со Дакота Реј Хеберт, Асивак Костачин, Џејли Вулф, Лорне Кардинал, Бредон Кларк и Гери Фарм во главните улоги, вечерва во Кинотеката за прв пат и во Македонија беше одбележан националниот Ден на канадскиот филм.

Деветото издание на Денот на канадскиот филм, организирано од REEL CANADA, по две години „онлајн“ презентации,  ќе опфати физички проекции на 600 локации во Канада и во повеќе од 35 земји низ светот, вклучувајќи ја и Македонија.

Директорот на Кинотека, Владимир Ангелов направи споредба со подигнувањето крстови и обележја со двоглави орли од десетици метри кај нас, и постоењето на национален ден на филмот во Канада.

Тој посочи дека „лесно“ го избрал овој филм меѓу понудените три наслови, меѓу останатато и бидејќи е реализиран од режисерка, и дека би било добро и Македонија да воспостави национален ден на филмот, а потоа го најави обраќањето на Н.Е. Дејвид Морган, заменик шеф и советник на мисијата на Амбасадата на Канада.

Н.Е. Дејвид Морган посочи дека Генералниот гувернер на Канада, нејзината екселенција Мари Симон, е почесен покровител на годинешното издание на Денот на канадскиот филм, кој се одржува на 20 април или околу тој датум. Нејзиното официјално видео-обраќање се прикажува пред секоја проекција годинава.

Фокусот за 2022 е „Славење на домородните гласови“, презентиран во соработка со „imagine NATIVE film“ и „Медиа Артс Фестивал“, се фокусира на филмови од режисери од индијанско потекло/корени – од разни нации ширум Канада.

Канада е многу горда на своите домородни корени и Михаве-јазикот што се користи во филмот,кој е само еден од повеќе од стотина домородни јазици кои се користат низ цела Канада, истакна Н.Е. Морган.

ТРЧАЈ, ЖЕНО, ТРЧАЈ е магичен „анти-ром ком“ за Бек (Хеберт), ожалостена самохрана мајка која ја изгубила страста за животот и нејзиниот Мохаве-јазик по смртта на нејзината мајка. Бек завршува во болница каде се буди од шеќерна кома и го сретнува духот на легендарниот „Маратонец на шест нации“. Наместо да смогне сили и да преземе контрола над сопствениот живот, Бек бега од проблемите и се отуѓува од семејството. Сама и напуштена Бек мора да ги придобие. Конечно го послушува нејзиниот духовен водач, кој ја поттикнува, исмева и на крајот ја инспирира да стане тркач. Бек учи да трча, но уште поважно учи да биде благодарна за животот. Со секоја трка ѝ оддава почит на земјата и нејзиното семејство, што повторно ѝ ја буди желбата да го научи нејзиниот Мохаве јазик.

На крајот од неговото обраќање Н.Е. Морган изрази најдлабока благодарност до посветениот тим на Кинотеката на чело со Владимир Ангелов, како и до членовите на Почесниот конзулат на Канада во Скопје на чело со госпоѓата Анета Антова Пешева за нивната драгоцена поддршка за овој уникатен културен настан.