Филмот МАНК на Дејвид Финчер доби 10 номинации за 93-те Оскари оваа година, а за првпат во историјата на оваа награда – две жени, Клои Жао и Емералд Фенел, се номинирани за најдобра режија. До сега во оваа категорија биле номинирани само 5 жени.

МАНК (продукција на „Нетфликс“), покрај најдобар филм, освои номинации и за најдобар режисер (Дејвид Финчер), најдобар актер (Гери Олдман) и најдобра актерка во споредна улога (Аманда Зифрид). Филмот на Финчер е биографска драма за сценаристот Херман Манкиевич во периодот кога тој го пишувал сценариото за ГРАЃАНИНОТ КЕЈН на Орсон Велс.

Жао е прва режисерка со азиско потекло која ја добива номинацијата, но и жена со најмногу номинации во една година – таа исто така е номинирана и за адаптирано сценарио, монтажа и продукција за филмот ЗЕМЈА НА НОМАДИ.

За најдобар филм ќе се борат 8 наслови – ЗЕМЈА НА НОМАДИ, МАНК, ИСУС И ЦРНИОТ МЕСИЈА, МИНАРИ, НАДЕЖНА МЛАДА ЖЕНА, ЗВУК НА МЕТАЛОТ, ТАТКО и СУДЕЊЕТО НА ЧИКАШКИТЕ СЕДУММИНА.

За најдобра режија се номинирани Клои Жао за ЗЕМЈА НА НОМАДИ, Емералд Фенел за НАДЕЖНА МЛАДА ЖЕНА, Дејвид Финчер за МАНК, Ли Ајзак Чанг за МИНАРИ и Томас Винтерберг за УШТЕ ЕДНА ТУРА.

Чедвик Боузман посмртно е номиниран за Оскар за најдобар актер за својата последна филмска улога во МА РЕЈНИ: МАЈКА НА БЛУЗОТ, а во оваа категорија се и Ентони Хопкинс за ТАТКО, Риз Ахмед за ЗВУК НА МЕТАЛОТ, Гери Олдман за МАНК и Стивен Јеун за МИНАРИ.

Актерки номинирани за Оскар се Андра Деј за САД ПРОТИВ БИЛИ ХОЛИДЕЈ, Вајола Дејвис за МА РЕЈНИ: МАЈКА НА БЛУЗОТ, Френсис Мекдорманд за ЗЕМЈА НА НОМАДИ, Ванеса Кирби за ДЕЛОВИ ОД ЖЕНА и Кери Малиган за НАДЕЖНА МЛАДА ЖЕНА.

За најдобар интернационален филм номинирани се КВО ВАДИС, АИДА? на режисерката Јасмила Жбаниќ (Босна и Херцеговина), УШТЕ ЕДНА ТУРА на Томас Винтерберг (Данска), ПОДОБРИ ДЕНОВИ (Хонг Конг), КОЛЕКТИВ (Романија) и ЧОВЕКОТ ШТО СИ ЈА ПРОДАДЕ КОЖАТА (Тунис). КОЛЕКТИВ е документарен филм што го повторува успехот на МЕДЕНА ЗЕМЈА на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов со номинација во оваа категорија.

Американската филмска академија ќе ги додели наградите на церемонија што ќе се одржи на 25 април, без физичко присуство на публика…

Leave a comment