Во фокусот на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА одржана на 18 декември (сабота) 2021 година беа кратките филмови со кои авторите-дебитанти ја навестуваат нивната визуелна нарација, која ќе ја обележи нивната подоцнешна успешна кариера.

Во првиот дел од седмата сесија учесниците во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА беа прикажани ТРАМВАЈ на Кшиштоф Кешловски, ВИНСЕНТ на Тим Бартон, ДВАЈЦА МАЖИ И ГАРДЕРОБА на Роман Полански, ЛЕБ И СОКАК на Абас Кјаростами, РАБОТИ ШТО ГИ САКАМ, РАБОТИ ШТО ГИ МРАЗАМ на Жан-Пјер Жене, АНА на Алехандро Гонзалес Инариту, НОКТУРНО на Ларс фон Трир, како и три кратки филмови од најновото издание „Македонски кратки играни филмови“ на Кинотеката: ЧОВЕКОТ СО ЧУДНА НАВИКА ДА МЕ УДИРА СО ЧАДОР ПО ГЛАВА на Вардан Тозија, БАРДО на Марија Апчевска и ВИДИ ЈА ТИ НЕА на Горан Столевски.

Кратката филмска играна форма, иако неформално, е задолжителна фаза на почетокот на секоја авторска приказна, без разлика колку таа е лична. На некој начин, кратките филмови се сметаат како „дипломски“ работи кои ја навестуваат визуелната култура на нивните автори.

Со проекцијата на кратките филмови од почетоците на неколку режисери со различна визуелна нарација, кои ги знаеме по нивните долгометражни дела и најчесто размислуваме и дискутираме за тие остварувања, сакавме да отвориме еден нов дискурс на перцепција – како започнале филмски да се изразуваат, кои биле нивните први идеи и како биле реализирани, дали таа филмска нарација постои и како се развива и дали и како се препознава во наредните нивни долгометражни филмови. А, во вториот дел имавме проекции на кратки филмови на македонски режисери од поновата генерација,со идеја  да ги покажеме нивните почетоци, и во очекување на нивните нови филмски дела, на младите учесници на филмската училница  да им отвориме нова тема за размислување и да предложиме уште еден аспект на гледање на филмови, вели Марија Џиџева.

ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА е проект организиран во десет сесии, кои се одржуваат секоја сабота,. Во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА партиципираат ученици од скопските средни училишта.

Учесниците под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева се запознаваат со основите на филмската историја и на филмскиот јазик. Учесниците гледаат филмови од кинотечниот архив, анализираат филмски дела, а низ сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат. На сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА гостуваат предавачи-специјалисти за различни области на филмската уметност и теоријата и историјата на филмот.

Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура. Во реализацијата на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учествуваат Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски, Арсим Лесковица, Кире Велков…