Филмската училница ја одржа петтата сесија. Креативната едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта и бруцоши, трае 10 сесии кои се одржуваат секоја сабота во Кинотеката.

Филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева во интерактивна дискусија со учесниците ги анализираше нивните филмски етиди и се развиваа индивидуалните идеи на младите филмофили, кои се ориентирани кон различни сегменти од филмското творештво, како сценарио, режија, критика…

Петар Волнаровски, виш филмолог и раководител на одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност, одржа воведно предавање за природата, структурата, функцијата и развојот на наративната мултимедија – од орална до дигитална ера.

Учесниците на работилницата ги гледаа и дискутираа за македонските кратки документарни филмови, АФИОН (1962) на Димитрие Османли (кој го презентира начинот на одгледување на афионот, растение од кое со понатамошна обработка се добиваат опиумот и многубројни лекови) и ПТИЦИ И РИБИ (1961) на Трајче Попов (документарен приказ на прастариот и единствениот во светот начин на риболов со птици на Дојранското Езеро).

Проекцијата на овие филмови, како и на филмовите од архиватата на Кинотеката во изминатите сесии, се повеќе од илустрација за отвореноста на Кинотеката и нејзиното аудио-визуелно богатство за учесниците во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА. Тие имаат уникатна можност да се запознаат и со историјата на филмското архивирање и технолошките нијанси во дигиталната реставрација на кинематографските дела, технологијата и проекцијата на 35 мм филмска лента, бројни филмолошки материјали од македонски филмови…

Учесниците на возраст од 15 до 19 години добиваат и примероци од вредните проекти на Кинотеката за дигитална реставрација на авторските опуси од македонската кинематографија, како ДВД изданијата на филмовите на браќата Милтон и Јанаки Манаки, Кирил Ценевски, Бранко Гапо и Столе Попов, како и „Прирачникот за филмаџии“, издание на Друштвото на филмските работници на Македонија.

Проектот за интерактивната филмска училница, каде младите филмофили се запознаваат со аудио-визуелното богатство, историјата на филмот, со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и имаат можност за креирање авторски филмски етиди, се одвива под мотото „Гледај филмови, учи и создавај!“.

Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија и во неговата реализација проектот учествуваат и Владимир Ангелов, Александар Трајковски, Александра Младеновиќ, Дамјана Ивановска, Бојан Станишиќ, Лидија Христовa, Миле Миленковски, Александар Василевски, Тихомир Кашмицовски, Игор Старделов, Стојан Синадинов…

Leave a comment