Во чест на креативниот мајстор на фотографијата и кинематографер Благој Дрнков, на 26.12.2022год. во Музеј на Република Северна Македонија се отвори изложба под наслов „Повеќе од зборови – Благој Дрнков во енолошката музејска архива“. Изложбата ја отвори в. д. директорот на Музејот Илија Цурев. Јован Шурбановски-етнолог, кустос советник во Музејот и истакнатиот фотограф Роберт Јанкулоски зборуваа за значењето на Благој Дрнков во светот на фотографијата, неговиот начин на работа и богатството на фотографии и снимки што ги оставил.

„Изложбата е обид да се потсетиме и да ги потенцираме високите дострели во документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство. Фотографиите на овој доајен на етнолошката фото документација се врежани во колективната визуелна културна меморија, оставајќи ни многу повеќе од зборови“ кажа Шурбановски.

„Работата на фотографот и снимател Благоја Дрнков дава значаен придонес кон унапредувањето на музеологијата и етнологијата. Тој оставил ненадминлива колекција на фотографии, документирајќи ги сите аспекти на традиционалната материјална и духовна култура, како и народното творештво и применетата уметност во Македонија. Она што го издвојува е неговиот посебен однос кон етнолошката документарна фотографија, која не е само гола регистрација на факти, туку претставува визуелен запис исполнет со експресија, љубопитност и енергија“, велат организаторите и додаваат дека: „На изложбата се презентирани 34 фотографии, коишто се значајни чувари на меморијата како сведоштво за иднината. Изложбата претставува обид да се потсетиме и да ги потенцираме високите дострели во документирањето и презентирањето на нашето уметничко и културно наследство. Фотографиите на овој доајен на етнолошката фото-документација се врежани во колективната визуелна културна меморија, оставајќи ни многу повеќе од зборови“.

Дрнков, преку своите фотографии ги овековечува народните обичаи, народните носии, свадбите , земјоделските работи и други нешта карактеристични за македонското поднебје. Фотографиите на оваа изложба се фотографирани во период од 1937год. до 1957 год. во неколку македонски градови и села: Скопје, Прилеп, Дебар, Штип, Усје, Ново Село, Градовци, Булачани, Миравци, Давидово, Галичник и други. Некои од насловите на фотографиите се: Колење брав, Коледари, Оро на галичка свадба, Продавање на грнчарски производи, Казанџија, Кашкавалџија, Зурлаџии и тапанџии, Русалии, Велигден и други.

Благој Дрнков е роден на 7.03.1914 година во Скопје (Маџар маало), потекнува од семејство на занаетчии. На девет години првпат се сретнува со фотографски апарат, на семејна прослава. На дванаесет години на поклон го добива првиот 35 мм кино проектор, детски со монтирана филмска лентa, од тогаш почнува љубовта кон филмот и фотографијата. Во училиште ја прави својата прва фотографија заедно со професорот по физика Михајло Живковиќ. Младиот Благој „не излегува“ од кабинетот на својот професор, постојано развива филмови, a сe снабдува со фотографски материјал од дуќанот „Фототрговина“. Во 1928 година го купува својот прв фотографски апарат „Цајсикон 9-12“. Полека но сигурно неговата детска љубов кон фотографирањето станува страст и професија. Иако завршил Трговско училиште, се вработил во книжарница и како книговодител во занaетчиска задруга, желбата да фотографира била посилна. Секое попладне одел да работи во фотографскиот дуќан „Фотоаматер“, како што вели самиот Дрнков, тоа е најубавиот период во неговиот живот. Тој ужива опкружен со камери, фотоапарати, фотографски материјали. Во 1935 год. го снима својот прв филм, „Борба на два петли“ снимен во дворот на неговата семејна куќа (за жал овој филм не е сочуван). Единствен зачуван филмски запис од овој период е снимката од „Католичка процесија“(1935) на 9,5 мм филмска лента. Во 1940 год. го откупува фотографскиот дуќан „Фотоаматер“. Потоа се редат филмовите: „Бомбардирана Битола“(1939), „Едриличарски митинг“ (1939), „Фудбалски натпревар Левски-Македонија“(1942), „Воен коњички натпревар“ (1942), „Првиот комбајн во Скопје“ (1942). Семејните снимки: „Свадбата на Ферчо Стојанов и Вера Глигорова“ (1938), „Слободанка Дрнкова во паркот и зоолошката градина“ (1942), „Светле бебе“ (1942), „Зајачиња“ и „Тројцата мускетари“ (1943), „Светле и Рената“ (1944). Филмови од периодот по ослободувањето од 1945 година: „Првомајска парада во Скопје 1945“, „Второто заседание на АСНОМ“, „Пречекот на Димитар Влахов во Куманово и Скопје“, „48 Дивизија“, „Свечено пуштање во употреба на железничкиот мост во Скопје“. За среќа сите овие филмови се наоѓаат во архивот на Кинотека на Северна Македонија.

Од 1947 ангажиран е за филмскиот журнал „Звезда филм“ од Белград, каде заедно со  Трајче Попов реализирале 19 прилози. Автор е на македонските документарни репортажи „Жито на народот“ и „Во избори за нови победи“, „Идните чувари на народното здравје“ и „Предоктомвриските фестивали“. Во период од 1953 до 1957, Дрнков работи во Етнолошкиот музеј како фотограф. Заедно со Вера Кличкова, првиот директор на Етнолошкиот музеј, ги снимаат филмовите: „Кој е крив“, „Ѓурѓовденски обичаи во скопско“ и „Русалиски обичаи во гевгелиско“. Следуваат документарните филмови: „Радосно детство“, „Маврово се гради“, „Препородени полиња“. „ Изморениот патник“ и „Последни патувања“(1961) е последниот филм што Дрнков го работи за Вардар филм.  Во шеесетите години на минатиот век работи како режисер во Телевизија Скопје на докуметарни филмови и телевизиски серии. Покрај 60-те репортажи што ги има снимено во ТВ Скопје, ги снима и сериите „Прсти“ за занаетите што изумираат, а пред да замине во пензија „Свилената буба“.

Неколку години по војната бил директор на Филмската дирекција на Македонија и прв филмски дописник за „Филмске новости“ од Македонија. Единствен македонски автор е чие творештво е запишано во „Интернационалната енциклопедија на фотографии“ објавена во Швајцарија, во која се застапени најпознатите светски фотографи. Во склоп на 29 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ одликуван е со „Медал на заслуги за Македонија“. Автор е на повеќе од 40 000 фотографии, црно бели и во боја и преку 6000 дијапозитиви. По пензионирањето Дрнков, повеќе не се занимава со филм туку целосно и се посветува на својата прва љубов, фотографијата.

Тој бил неуморен истражувач на македонската традиција, уметност и култура, современик и наследник на Милтон Манаки. Преку своите филмови и фотографии во наследство ни ги остави сите поголеми случувања, занаети, обичаи, предели и објекти во Македонија. Неговите дела уште долго ќе предизвикуваат љубопитност и воодушевување кај стручната, научната јавност, но и кај пошироката публика.

Фотографии: Лидија Христова

Текст: Лидија Кировска