Понекогаш, мртвите, говорат погласно од живите.
Така го започна и го водеше Милчо Манчевски својот филм „Сенки“, филмот во кој – иако затскриено, токму оваа Дама, која замина пред два дена – таму – кај погласните, претставена во ликот на д-р Вера Перкова, речиси Министерка, а не Министерка, речиси докторка – а всушност мултимилионер – речиси мајка – а, немајка, речиси сопруга – а всушност – Деспот и Кралица, речиси Баба – а небаба, полна евра и полна Коски од некои егејци, од незнаен гроб, ќе ја фрли најголемата клетва кон синот си со својте пари и Коски невратени, па тој – иако прекрасен доктор – ќе го понесе на себе гревот мајчин, ќе доживее страшна сообраќајна несреќа пред Влада в Скопје, одејќи си кон дома, и ќе започне потоа да говори со Мртвите и со Волците.
Таа, ќе остане да биде и Министерка – Неминистерка, и Мајка – Немајка, и Деспот, и Кралица.
Ќе му става евра в плико, кои тој ќе ги фрла в тоалет додека мастурбира, ќе знае дека неговата сопруга се ебе со телохранителот пред нивната грандиозна Вила в Охрид, ќе знае, дека нејзиниот внук го гледа сето тоа, ќе го тера сопругот да седи со изгасено светло дур таа ја симнува шминката и се чешла, оти – таа е Милионер, не – сопругот, не – синот.
Сите Коски и пари се кај неа.
И сите клетви се по неа, ама, неа, не ја фаќаат.
Сѐ, по Лазар оди, по синот.
А клетва, со пари не се откупува. Дури не го вратиш, она што не е твое.
Коските, и спокојот на мртвите.
***
Пред два дена, кога таа замина во Погласните, речиси никој не ја спомна оваа нејзина улога.
Улога, во која преку сценариото Милчино, беше прикажано сето наше општество и племе македонско, дамнешно и денешно.
Тој Јокастов комплекс, мајката опседната со синот (ти ќе бидеш каков што јас сакам да бидеш – по секоја цена, оти многу те љубам/ама, ако треба, и ќе те убијам – оти во мене се парите и моќта), јас можам, и имам сѐ, и плаќам сѐ!
Сѐ дур не дојде мигот кога Лазар ќе ѝ врзе една шамарница на Министерката – Неминистерка, Мајката – Немајка, ќе ги издрка и измоча нејзините евра, и ќе ги зеде Коските в свои раце, да ги врати – онаму кадешто припаѓаат, за да се намири со Мртвите и со Волците.
Сабина Ајрула Тозија – преку овој лик, ја одигра сета денешна Македонија, денешна и мината.
И тоа е запишано веќе во нејзината италијанска биографија, но, не и во нашата, која – речиси и да не постои.
Завчера, читајќи ве сите (без никого да навредам), и слушајќи ги сите ступидни Вести, на кои дури и не можеа да прочитаат правилно – каде, и што таа одиграла в театар ил на филм, велејќи дека таа играла во Сулејман Величенствениот (ѓомити тоа е нејно врвно достигнување/срамота за неинформираноста нивна), и велејќи дека таа ја одиграла Хекуба во „ОрестА“ на ЕврипидА, срам ми беше и да проговорам.
Јас, имав среќа, да ја запознаам лично, токму на тие проби в Стоби.
Така било пишано, да се сретнеме, иако се минати можеби 15 години, ако не и повеќе. Не можев да најдам фотографии ниту плакат од претставата.
Режисер беше Стојан Стојановски, ако не се лажам, и тоа беше неверојатно екстремно сложена претстава.
Она по што јас вечно ќе ја помнам – е дека – таа носеше толку мир во себе и со себе, неверојатно трпение и екстремна професионалност, што, за време на пробите, тој успеваше 80 пати да ја врати на истата сцена и текст, и таа – да му ги одигра сите барани варијанти на текстот, за на КРАЈ, после два дена, тој да се сложи – дека – НЕЈЗИНАТА – прва варијанта – е онаа која му се допаѓа.
По тоа ќе ја помнам. И по нејзината константна насмевка и спокоен збор.
Оти, приватно, на земја, говореше како Славеј. Тивко и милно.
На Сцена, можеше сите да ги убие, ако сака, и Небото да ја чуе!
Во нејзина чест, утрово, пред нејзиниот погреб на кој не ќе присуствувам, ќе запалам Бела Свеќа на мојот Џам на Јурија.
На Први петли.
И цвеќе ќе ѝ насадам, в нејзина чест.
Адам. Оти, Таа, не беше Ева.
И никој, не ја разбра.
Оди во мир, прекрасна ТИ.
Пост на Dimitri Sole Ljubin