Минатото е толку болно што сегашноста не може да го поднесе. Иднината – таа никому не му е јасна, но без здрава сегашност воопшто нема ни да ја биде. Но, ако немаше болно минато, што ќе правеше сега Стефан Командарев – во сегашноста?

Дефинитивно, тој не е режисерите кои би можел да ги замислам како разговараат со насмевка за нивните забавни филмови или раскажуваат за комичните ситуации за време на снимањето. Неговите филмови јасно покажуваат дека Командарев се возбудува за други нешта. Секој треба да биде заинтересиран за нив, затоа што се важни работи. Под „тие работи“ мислам точно на минатото и сегашноста. За иднината би рекол дека приказните на Командарев нема драстично да се променат и ќе останат фокусирани. Во спротивно, тој ќе мора сериозно да експериментира во жанрот или Бугарија ќе треба да претрпи огромен развој, па да се исцрпат сите декадентни теми и да се појави нов бугарски бран на „среќни филмови“. За жал, не се очекува тоа да се случи наскоро.

Стефан Командарев

СВЕТОТ Е ГОЛЕМ И СПАСЕНИЕТО ДЕМНЕ ОТСЕКАДЕ, СУДОТ и НАСОКИ се три различни филмови посеани на иста почва. Несомнен е обидот да се зголеми искреноста во раскажувањето – што е толку модерно за бугарскиот филм (и не само за него) – концентрирајќи се на малите и обесправените луѓе. Тие луѓе, како што е вообичаено, сакаат да работат и мислата дека ќе останат без егзистенција го руши микроуниверзумот на нивните семејства – приказната за животот, на еден или друг начин. Негативците, од друга страна, исто така се мали луѓе. Но, не во иста смисла како претходните, туку во смисла на мали души – злобни луѓе. Сепак, тоа е привидно. Зад тие лица се крие нешто поголемо и позлобно, прераснувајќи ги рамките на ликовите. Како што знаеме, ѓаволот поприма разни форми за да си ја манифестира гнилата суштина, неговите зла.

Комунизмот е расипана почва на која што беше пробано да се засее живот – не успеа. Тоа што за комунозмот се говори во минато време не значи дека е надминат. Неговите манифестации се присутни. Стефан Командарев во повеќе наврати дека колку и да сакаме да заборавиме на минатото, тоа постои и е дел од нас. Тоа се огледа и во СВЕТОТ Е ГОЛЕМ И СПАСЕНИЕТО ДЕМНЕ ОТСЕКАДЕ, филм кој се заснова на оваа идеја. Без познавање на минатото не може да се оди напред – не и со затворени очи.

Колку што секој од овие три филма на Командарев го содржи прашањето на комунизмот, тоа е прикажано на различен начин. На пример, во СВЕТОТ Е ГОЛЕМ И СПАСЕНИЕТО ДЕМНЕ ОТСЕКАДЕ ретроспективната линија на сижето е основа на филмот. Со сигурност би рекол дека таа линија го осмислува и го завршува како приказна. Кога филмот излезе во 2008, бугарската кинематографија немаше големи успеси. Ситуацијата во неа беше некако дезориентирана и архаична. Годишно се снимаа малку филмови. Премалку. Темите од кумунистичкиот период веќе беа третирани на еден или друг начин. Се разбира, проблемот беше и во тоа што немаше кој да ги гледа овие дела. Гледачите не беа воспитувани да гледаат бугарски филмови, и како последица, по неколку неуспешни обиди да го сторат тоа, освен обесхрабрени, станаа и очајни. Но, ете, се појави СВЕТОТ Е ГОЛЕМ И СПАСЕНИЕТО ДЕМНЕ ОТСЕКАДЕ, и ситуацијата некако започна да се менува. Кога филмот влезе во трката за Оскарите, публиката беше сериозно заинтригирана и нестрплива да го види. Филмот влезе во потесната селекција од 9 филма кои претендираа за номинација во категоријата филмови од неаглиско говорно подрачје. Овој феномен за тогашната бугарска кинематографија може да се спореди со четвртото место на Бугарија на Светското првенство во фудбал во САД 1994. Не победивме на тоа првенство, но целиот свет нè виде.

Ако денес Бугарија произведува повеќе филмови годишно, затоа што има сериозна помош низ копродукциите, дефинитивно е редно да се спомене дека СВЕТОТ Е ГОЛЕМ И СПАСЕНИЕТО ДЕМНЕ ОТСЕКАДЕ, повеќе или помалку, го отвори патот со неговиот меѓународен успех. Зошто, ако сакаме да бидеме искрени, колку и да се престижни филмските фестивали, сепак сите очи се вперени кон наградите на Американската филмска академија.

Филмот стигна до таму заради неговата чесност. Колку и да се демонстрирани злоупотребите на човекот и неговото достоинство од страна на комунистичкиот режим на сериозен начин, оваа приказна, на крајот на краиштата, е раскажана на суптилен начин. Се движи природно низ различните емоции. Колку и да звучи чудно, СВЕТОТ Е ГОЛЕМ… е најпозитивен. На прв поглед, заплетот е тежок и болен. Во осумдесеттите години на минатиот век Васко, Јана и нивниот син Сашко се принудени да ја напуштат Бугарија, заплашени од властите. Родителите на Васко остануваат во Бугарија и локалната народна милиција продолжува да ги малтретира. Ова е ретроспективната линија на филмот, преку која периодично се враќаме назад, за да разбереме целата историја на семејството. Другата линија е од сегашноста – несреќата во која умираат Васко и Јана, а Сашко го губи помнењето. Тој е веќе возрасен, но не се сеќава дури ни на сопственото минато. Тука се вмешува дедо му, бај Дан, кој пристигнува во Германија за да му помогне на внукот.

И тука започнува патешествието, кое е двојно: и кон Бугарија и кон спомените, користејќи ги сите метафори за животот како игра на шаховска табла. Како што веќе забележавме – без минато, нема иднина. На почетокот, Сашко се повлекува и сака да биде оставен на мира, но колку што повеќе се навраќа на спомените, толку животот му станува појасен и посреќен. Ликот на Сашко потсетува на Бугарија и недостигот на желбата да се говори за вистините од минатото. Ликот, пак, на дедото Дан потсетува на самиот филм СВЕТОТ Е ГОЛЕМ…, интервенира за да се потсетиме на заборавеното.

Во наредните филмови на Командарев се намалува буквалното или физичкото присуство на приказната за комунистичкиот систем на екранот. СУДОТ од 2014 нè носи во село на Родопите и во куќата на Мито и син му Васко. Таткото е самохран родител. Мајката на Васко починала од рак пред неколку години, што е причина за неговото пасивно-агресивно однесување кон таткото, кого го обвинува за смртта на мајка си. Односот меѓу таткото и синот е главната движечка сила на приказната. Во овој филм повторно го гледаме малиот човек што се обидува да го нахрани семејството, но се вмешуваат надворешни и злобни сили, создавајќи забуна, и носат само проблеми. Тие се претставени преку ликот на Капетанот, поранешен офицер на граничната полиција, одговорен за ликвидациите на многу луѓе кои за време на комунистичкиот режим се обидувале илегално да ја преминат границата меѓу Бугарија и Грција кај местото наречено Судот. За лицето на Капетанот повторно се крие тој расипан дух на комунизмот, кој ги прогонува локалните жители и во сегашноста.

Во класичната бугарска реалност, поранешните комунисти се збогатиле од различните криминални шеми во кои биле вклучени. Во овој филм рестроспективите за „тоа време“ се малку, но на сметка на сегашноста во СВЕТОТ Е ГОЛЕМ…, во СУДОТ е задолжителен лик, директно вклучен во собитијата на режимот. Нишката на диктатурата  одново не е прекината и влијае врз животот на другите. За разлика од претходниот филм, СУДОТ не носи позитивизам на било кој начин, туку повеќе предизвикува мисла на безнадежност и вознемиреност. Заради таа причина, апсурдно е да се помислува и за потенцијално среќен крај. Крајот е логичен. И покрај добрината, Мито се соочува со судот и треба да плати за своите грешки од минатото, дури и да не биле направени намерно, туку под присила од страна. Посилниот го толчи послабиот, а потоа послабиот ја плаќа цената.

Одејќи по линијата на редуцирањето на ретроспективите, доаѓаме и до НАСОКИ. Дејствието на филмот се случува во рамките на едно деноноќие. Главните ликови се неколку таксисти. Како и во реалниот живот, од каде што се позајмени сите филмови на Командарев, тука ликовите на таксистите ја носат колоритноста на стереотипите. Но, дејствието се развива околу обидот за самоубиство на еден нивен колега. Неговата приказна е раскажана на почетокот на филмот, а потоа паралелно е присутна како извештај на радиостаниците во разни такси-возила.

НАСОКИ преку вознемиреноста и безизлезноста во приказната се доближува до СУДОТ и реално е единствениот од трите филма што нема завршеток. Финалето на НАСОКИ е повеќе како размислување со отворен крај од кој гледачите треба да бидат испровоцирани да размислат – зошто бугарската реалност толку збунува? Кому сме му згрешиле за да живееме толку осамен и беден живот? Наставник во очај сака да скокне од мост, таксист е во егзистенцијален безизлез и е принуден да убие банкар-рекетар, друг таксист го персонифицира целиот простотилак со евтините трикови во тарифите за возење со кои ги краде муштериите, трет таксист е очаен возрасен човек… Беда, беда, тага, тага.

НАСОКИ е филм за тоталната деморализација на луѓето. Во филмот умира пораката од СВЕТОТ Е ГОЛЕМ…, која вели дека само од човекот зависи како ќе го фрли зарот на неговата судбина и со каква сила. Сè зависи од него и тој може сам да решава за својата судбина. Да, но – не! Десет години по СВЕТОТ Е ГОЛЕМ… спасението не демне од никаде. Кој е виновен? Таков е животот?

НАСОКИ е првиот филм во трилогијата која ја создава Стефан Командарев, но гледајќи низ мојата призма на СВЕТОТ Е ГОЛЕМ… и СУДОТ, би рекол дека всушност е трет во серијалот за духот на комунизмот. Реалноста и недостатокот на насоки не дојдоа сами по себе. Тука е присутен еден моќен систем за обезличување, проследен со долга транзиција, преплавен од очај и низа политички грешки, што доведоа до тотално уништување и деморализација на малите, беспомошни луѓе. Во НАСОКИ не мора да го гледате комунизмот за да го почуствувате. Тој е присутен во воздухот и сите го дишеме.

Гледајќи ја хронологијата и приказните на трите филма – 2008, 2014, 2017 – предвидувам дека Стефан Командарев наскоро нема да направи филм што не опфаќа егзистенцијална тема. Едноставно нема да има можност за тоа. Поминаа 10 години, а ситуацијата во Бугарија не само што не се смени, туку, напротив, може да се каже дека се влошува. Филмот колку и да е уметност што не се занимава со политиката, политичката приказна не може да остане рамнодушна кон снимањето вакви филмови.

Можеби не е во прв план, можеби е скриена, но тука е.

 

Текстот на Пламен Михајлов е напишан специјално за kinoteka.mk

Превод од бугарски јазик: Стојан Синадинов

 

Leave a comment