Вчера во Скопје на 75-годишна возраст по кратко боледување почина актерката Сабина Арјула-Тозија.

Ајрула-Тозија е родена во Скопје на 17 април 1946 година. Кариерата ја започна во Драмскиот театар во Скопје, во 1967 година, по завршувањето на средното образование во Економското училиште „Моша Пијаде“. Драмскиот остана матичен театар за Ајрула – Тозија, иако таа подоцна играше и во други театри низ Македонија, како и во независни театарски продукции.

Ајрула Тозија глумеше и во повеќе македонски играни филмови снимени од крајот на шеесетите години, до неодамна. Меѓу првите филмови во кои глумеше македонската актерка е ВРЕМЕ БЕЗ ВОЈНА на Бранко Гапо од 1969 година, а во нејзината филмографија се запишани и ЈАД (1975), ОЛОВНАТА БРИГАДА (1980) и ЈАЗОЛ (1995) на Кирил Ценевски, ЦРВЕНИОТ КОЊ  (1981) и ТЕТОВИРАЊЕ (1991) на Столе Попов, потоа ЖЕД (1971) и АНГЕЛИ НА ОТПАД (1995) на Димитрие Османли, како и СЕНКИ на Милчо Манчевски, ЈУЖНА ПАТЕКА (1982), МЕДЕНА НОЌ (2015), ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА (1977) и многу други.

Во последнивете години Ајрула Тозија беше ангажирана во турската филмска индустрија. По улогата на Афифе Хатун во популарната турска серија „Сулејман Величествениот“, таа да играше и други улоги на тамошната сцена: меѓу последните беше ТВ серијата „Ескија“ каде го играше ликот на Хајрије Чакирбејли.

Остави силен печат на македонската театарска сцена преку улогите во претставите „Болва во уво“ од Жорж Фејдо, „Хамлет“ од Шекспир,  „Дамите од Аламо“ од Пол Зиндел, „Орестија“ од Еврипид и многу други.

Повозрасната публика ја памети во улогата на Фатиме во „Солунски патрдии“, театарска претстава и телевизиска серија на Миле Попоски во режија на Коле Ангеловски, снимена во 1985 година. Помладата, пак, ја запозна актерската игра на Ајрула Тозија преку телевизиската серија „Зоки Поки“ снимена по истоимената книга на писателката Оливера Николова. Во оваа серија, која почна со снимање во 2019 година, Ајрула Тозија преку ликот на баба Оле успеа да им се приближи и на младите генерации гледачи. Забележителни улоги оствари и во тв-сериите „Салон Хармони“, „Фамилијата Марковски“, „Трето доба“ и повеќе телевизиски драми.

Во 1996 ја доби наградата „Климент Охридски“ за повеќегодишна творечка работа, а во 2015 нaгрaдaта зa живoтнo делo на фестивалот „Вoјдaн Чернoдрински”.

Сабина е мајка на филмскиот режисер Вардан Тозија и сопруга на режисерот, поранешен директор на МРТВ и амбасадор Љупчо Тозија, кој почина во 2018.