По кратко боледување вчера во Охрид почина Димитар Николов – Таки, филмски продуцент, дистрибутер и менаџер.

Николов е роден на 10 февруари 1958 година во Скопје. Заврши гимназија во „Цветан Димов“, а дипломираше на Историја на Филозофскиот факултет во Скопје.

За време на студиите беше новинар во неделникот „Студентски збор“, потоа и менаџер на култните рок бендови „Мизар“ и „Бастион“. Беше политички активен и подржувач на движењето „Солидарност“ од Полска на почетокот на 80-тите.

Во 1987 година емигрира во Холандија, до 2000 година живее и работи во Амстердам, по што се враќа во Македонија и продуцира неколку филмски проекти меѓу кои и филмовите „Тајната книга“ (2006), сценарио на Јордан Плевнеш и режија на Владо Цветановски, „Ах љубов моја“ (2007), „Жената на мојот живот“ (2015)… Дел е од продукцијата на уште неколку балкански и европски филмски остварувања.

Неговата биографија бележи и други проекти и достигнувања. Димитар Николов-Таки беше менаџер на дистрибутерската компанија „КТ-филм и медиа“, доцент на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Европа Прима“,  а во 2017 година беше директор на интернационалниот фестивал на филмската камера „Манаки“.

 

 

Leave a comment