На локации во Грција почна снимањето на филмот ЗАД СТОГОВИТЕ СЕНО, во режија на младата и наградувана авторка Асимина Проедроу (Asimina Proedrou) од Грција. Филмот е копродукција помеѓу Грција, С. Македонија и Германија. Филмскиот проект на Проедру е поддржан од Грчкиот Филмски Центар, Агенцијата за филм на С. Македонија, а финансиска поддршка доби и од Еуримаж (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела).

Дејствието на филмот се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата.

„Оваа соработка е од суштинска важност, поради испреплетувањето на ресурсите помеѓу двете земји во доменот на филмската продукција. За прв пат имаме проект кој се снима во двете земји. Се надевам дека оваа соработка помеѓу соседите ќе се продлабочи и развива и во иднина вклучувајќи ги сите останати сегменти од културното творење” – вели Бојан Лазаревски, директор на Агенцијата за филм.

Снимањето на филмот почна во Грција на 13 јануари 2021, а според моменталниот оперативен план треба да продолжи во Р. С. Македонија во периодот помеѓу 22 и 28 февруари 2021, на локации во Дојран и Гевгелија.

Македонскиот копродуцент на овој комплексен филмски проект е Владимир Анастасов („Сектор Филм“),кој веќе започна со работа на подготовките, поточно во моментов се дефинираат точните локации и кастингот.

Главен продуцент на филмот е продуцентската куќа Argonauts Production, една од водечките филмски компании во Грција, а копродуцент покрај „Сектор Филм“ е и Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR од Германија.

 

 

Leave a comment