Во петок, на 11 јуни, со почеток во 20.00 часот во летното кино на Кинотеката ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија: МИРНО ЛЕТО на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година.

Петочната проекција на МИРНО ЛЕТО истовремено ќе биде пренесувана во живо („live streaming“), и ќе може да се следи на каналот „YouTube“, преку линкови објавени на кинотечната страница „Фејсбук“ и веб-страницата на Кинотека (www.kinoteka.mk).

На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија.

А пред и после филмот, за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век – кога МИРНО ЛЕТО ги полнеше кино-салите, инспирираше патувања до Охрид, женска мода, престој во (тогаш) новоотворениот луксузен хотел „Палас“, и воопшто, беше репер за едно безгрижно, весело живеење во кругот на семејството и блиските пријатели – ќе се погрижи реномираниот џез-вокалист Џон Илија Апелгрин (John Ilija Apelgren) со својот бенд со свој краток перформанс. Инаку, Апелгрин e внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од водечките улоги во оваа комедија, па оттаму ја користиме оваа прилика – да ги поканиме и наследниците и на другите учесници во снимањето на филмот – да дојдат, и пред проекцијата да споделат дел од своите семејни спомени со присутните. Тие спомени се скапоцени сведоштва за историјата, за филмот, за нашето културно и општествено живеење.

Дигитално реставрираниот МИРНО ЛЕТО ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, „дигитална премиера“.

Влезот на проекцијата во петок, на 11 јуни ќе биде бесплатен, но со претходно резервирани билети, а протоколите за заштита од „ковид-19“ остануваат на сила.

Оваа година навршуваат точно 6 децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Дара и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.

Во април 1991 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „МИРНО ЛЕТО – осмиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 2001 година беа објавени вкако посебено печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија. Во 2011 г. е одбележана и 50-годишнината од МИРНО ЛЕТО.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films), во кој учествува и Кинотеката, со двата класика ФРОСИНА и МИРНО ЛЕТО. Филмовите беа неодамна дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска, што е една од основните активности на нашата институција, единствена во земјава чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки – Association des cinémathèques européennes) – и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија – е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.

Сезоната на филмски класици се одржува втора година по ред, а овој пат, во овој циклус на проекции со свои реставрирани историски и културно значајни филмови за европската и светска кинематографија, учествуваат 22 филмски архива од цела Европа, односно од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија.