Фестивалска промоција на монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“ на Кинотеката на Македонија
Во Малата сала на Домот на културата во Битола беше промовирана монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“, издание на Кинотеката на Македонија по повод 40 години од основањето на фестивалот „Браќа Манаки“.
Ова е прво поголемо издание кое одбележува јубилеј на овој фестивал, кој е еден од ретките во светот што е тематски определен – фокусиран на филмската фотографија и работата на директорите на фотографија, кинематограферите.
Фестивалот „Браќа Манаки“ од манифестација насловена „Манакиеви средби“ (1979-1991) прерасна во фестивал на југословенска камера, за по осамостојувањето на Македонија да добие меѓународен карактер, и денес е официјално познат како Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Монографијата го следи развојот и подемот на фестивалот.
Монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“ е дел од институционалната меморија за фестивалот „Браќа Манаки“ и е финансиски поддржано од Агенцијата за филм. Монографијата излезе од печат кон крајот на 2019 година, но, за жал, пандемијата со Ковид-19 ги расипа плановите за нејзина промоција. Сепак, иако одложена, таа се случи токму таму каде што е местото, на ИФФК „Браќа Манаки“.
За монограгфијата на промоцијата говореа Владимир Ангелов, директор на Кинотеката, Игор Старделов, филмолог-советник во Кинотеката, и Стефан Хаџи Андоновски, долгогодишниот хроничар на филмските збиднувања во Битола и добриот дух на аматерскиот и непрофесионален филм од кино-клубот „Камера 300“.
Автори на објавените текстови се Ангелов, Старделов, Хаџи Андоновски, Гена Теодосиевска, поранешна директорка и уметничка директорка на фестивалот, Благоја Куноски-Доре, долгогодишен селектор и уметнички директор на фестивалот, Пол Рене Ростад, претседателот на Меѓународната федерација на кинематографери (IMAGO), Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана, Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографери (BSC), Душко Димитровски, филмски критичар од Виена (чест гостин на Битола), Џевдет Тузлиќ, филмски критичар и уредник на Програмата за култура на босанскохерцеговската национална телевизија БХТ1…
Ангелов говореше монографијата од почетната идеја до нејзина реализација во печатено издание, соработката со авторите на прилозите и развојните фази на фестивалот. Старделов се присети на првото интернационално издание во 1993 година организирано од Кинотеката на Македонија, кога фестивалот го добива сегашниот формат и име ИФФК „Браќа Манаки“. Хаџи Андоновски евоцираше спомени за првите изданија од крајот на 70-те и почетокот на 80-те, кога фестивалот имал форма на манифестација на кинематограферите од поранешна Југославија, како и за Битола, градот на Манакиевци но и филмски град на УНЕСКО.
Монографијата изобилува со фотографии од фестивалските церемонии, настани, тркалезни маси, мастеркласови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. Содржините се двојазични – на македонски и на англиски јазик.
Присутните новинари на промоцијата, кои долги години го следат фестивалот, веќе пронајдоа дел од нивните објавени прилози објавувани во медиумите изминативе децении. Тоа само ја потврдува основната интенција на создавањето на оваа монографија како колективна меморија на настаните на „Браќа Манаки“, како и желбата за нејзина надоградба во годините што следат, и за фестивалот и за неговите гледачи, организатори, известувачи, гости…
Кинотеката на Македонија го објави и дигиталното издание на монографијата „40 години ИФФК Браќа Манаки“, кое можете да го најдете на следниов ЛИНК.