На 10ти август (вторник) со почеток во 20:00 часот во летното кино на Кинотеката премиерно ќе биде прикажан вториот краток филм за старо Скопје, “Раѓањето на градот”, чиј автор е Катерина Габунија, а носител на проектот НУФЦ „Вардар Филм – Скопје“.

Проектот е поддржан од Град Скопје, а реализиран во соработка со Кинотеката на Македонија.

Проектот “Тајните архиви на Скопје – Раѓањето на градот” е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, монтажата и изборот на музика е на Мартин Никлески, дигитализацијата и дигиталната обработка на Александар Трајковски и дизајнер на звук Сашко Потер Мицевски. Филмот ќе биде прикажан  во склоп на Фестивалот на нем и класичен филм кој за прв пат ќе биде организиран во соработка со Кинотеката на Македонија и здружението „Кино Балкан“.

„Раѓањето на Скопје” претставува колаж од дигитализирани 8 милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје. Нивните приказни, креираат емотивна, забавна но и носталгична филмска сторија за Скопје и скопјани раскажана низ најважните периоди од животот на еден човек. Младоста полна елан и љубов, периодот на созревање и градење дом и семејство и раѓањето  на нов живот се клучни елементи на овој видео колаж.

Процесот на реализација на овој проект започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8мм и супер 8мм ленти. Се продолжи со дигитализација и дигитална обработка на истите, а потоа се премина кон монтажа на слика и звук.

Проектот “Тајните архиви на Скопје” доби поддршка за реализација и на трет дел. За таа цел, се обраќаме до граѓаните на Скопје, кои во своите домови сè уште чуваат 8мм и супер 8мм филмски ленти да ги донесат своите ленти во просториите на НУФЦ Вардар Филм или да и се обратат директно на авторката на проектот, Катерина Габунија (katerinagabunija@gmail.com /070 341 463).

Граѓаните кои со своите ленти ќе учествуваат во проектот, ќе добијат свои дигитализирани копии и секако ќе бидат дел од еден интересен филмски колаж. На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8мм и супер 8мм) од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.