На 25 август во 15 часот на кинотечната програма премиерно ќе биде прикажан филмот ЖОЛТ ОЛЕАНДЕР. Станува збор за филм во бугарска продукција, со оригинален наслов „Yellow Oleander“ (Жълт олеандър) а јазикот во филмот е италијански, англиски и бугарски.

Освртите веќе ја прогласуваат комедијата ЖОЛТ ОЛЕАНДЕР за еден од најатрактивните бугарски филмови на сезоната.

ЖОЛТ ОЛЕАНДЕР

(Yellow Oleander / Жълт олеандър)

2022, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Лечезар Аврамов (Lachezar Avramov)

Сценарио: Димитар Стојанович (Dimiter Stoyanovich)

Улоги: Китодар Тодоров, Мариан Валев, Стефани Ивајло, Леонид Јовчев, Лука Габо, Костадинка Аратлакова (Kitodar Todorov, Marian Valev, Stefani Ivaylo, Leonid Yovchev, Luca Gabo, Kostadinka Aratlakova)

 

Професорот Бранимир Китов (Тодоров) е познат бугарски психијатар со статус на ѕвезда и успешна политичка кариера. Во својот последен потфат тој се обидува да ја преземе позицијата лидер на Европската либерално-конзервативна партија во Европскиот парламент. Негова партнерка во животот е Јоана (Ивајло), ќерка на познат бугарски дипломат, кого заедно со сопругата го убиле криминалци. Јоана уште како девојче имала проблеми со дрогата, но и психички проблеми, па затоа професорот Китов и помага, давајќи и специјални таблети кои и го поправаат расположението.

Проблемите во животот на професорот се случуваат кога тој решава да го покани дома Канелони (Габо), италијански експремиер и лидер на Европската либерално-конзервативна партија. Во отсуство на професорот, Канелони и нуди на Јоана кокаин, а утрото таа го наоѓа во бесознание. Покрај тоа, во куќата упаѓа и поранешниот љубовник на Јоана, Марио (Валев), кој решил да ја уценува професорот со разголени фотографии и аматерски порно-клип на Јоана, снимени од него. Откако професорот Китов ќе дојде дома и ќе види во каква ситуација се нашол, тој решава да се обиде да ги претстави околностите што се случиле на начин што нема да му наштетат на неговата кариера. Дополнителна пречка пред него е домаќинот на вилата Илија (Јовчев), кој е лудо вљубен во Јоана…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари