На 8 ЈУЛИ (петок), со почеток во 22:15 ч., на програмата на годинешниот фестивал CINEDAYS, во Кинотеката премиерно ќе биде прикажан дебитантскиот долгометражен игран филм REBIRTH: VOICE OF SILENCE на младиот македонски филмски автор Илија Павлов.

„Едно прашање, два одговори: Сами сме во универзумот или не? И, двата одговори се подеднакво застрашувачки…

Филмот REBIRTH, индиректно и метафорички поставува прашања за човекот како најинтелегентно битие на Земјата, за неговото постоењето, неговите навики, апсолутната љубов и енергија, психоделијата, смртта и што по неа, без да даде целосни одговори.

Павел, централниот лик е еден од неколкуте избраници на засега недопрената и непознатата интелегенција која нè контролира сите нас, без ние да сме свесни за тоа. Токму таа интелегенција е главната причина за осаменоста, изгубеноста и безнадежноста на Павел.

Љубљана, градот на мракот, е главниот причинител за чуството на безизлезност кое го обзема Павел, будејќи му сеќавања за неговата единствена и загубена љубов, Касија. Бегството не е решение, Павел не е свесен за тоа. Експериментирајќи со психоделични супстанци наидува на најмоќната од сите, ајахуаската. Тоа е почеток на неговиот крај…“ –, се вели во експликацијата на овој ентузијастички проект на Павлов.

Илија Павлов (1998) е македонски уметник и писател, и комплетен автор на своите филмови (сценарио, режија, монтажа и камера). На 18 години го снимил својот прв краток филм ПОИНАКОВ СВЕТ (Different world) и со тој филм бил примен на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Словенија. Набргу потоа ја основа својата продуцентска куќа „Персона филм“ преку која ги продуцира сите свои досегашни филмови: документарните БОРЕЦ (Fighter, 2016) и 1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ (1963: Good Night Skopje, 2020), краткиот игран филм ИЗЛЕЗ (Exit, 2016), како и повеќе од 50 експериментални кратки филмови во траење од 1 до 5 минути. 

REBIRTH: VOICE OF SILENCE

Игран филм, Македонија

2022, 82 мин., колор, ХД

Режија: Илија Павлов (Ilija Pavlov)

Сценарио: Илија Павлов (Ilija Pavlov)

Улоги: Илија Павлов, Душица Настова (Ilija Pavlov, Dushica Nastova)

Чувството да сакаш некого, без способноста тоа да го искажеш создава немоќ, но во исто време ја отсликува апсолутната љубов. Сосема неочекувано, Павел слуша глас од далечина, тоа е милозвучниот глас на Касија по кој копнеел цели 3 години. Тие започнуваат интимна и континуирана комуникација за сè она што се случило и за сè она што треба да се случи, навлегувајќи длабоко во своите премолчени чувства и емоции.

Љубљана станува градот на светлината за Павел, и сите места што претходно ги доживувал како мрачни, побудувајќи му само спомени и носталгија, добиваат моментално присуство и значење како никогаш. Присуството на Касија му е првото повторно раѓање.

Постојано се поставува прашањето: Дали Касија навистина постои или е само креација во умот на Павел? Појавувањето на Касија не носи никакви одговори, со тоа таа ја открива својата мрачна страна и мистериозноста на оние кои нè имаат креирано и нè оставиле да талкаме во потрага по надеж, создавајќи „место“ каде надежта последна умира.

Павел е во постојана потрага по тоа магично „место“ каде сите желби стануваат реалност, „местото“ навистина постои и е прекрасно, но патот до таму е речиси невозможен, само неколкумина го имаат поминато. Павел не е свесен во што се впушта и нема одговор на прашањето: Колку пати треба да „умреме“ за да се родиме повторно? Shanti, shanti, shanti…

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: Бесплатен влез