Агенцијата за филм на Македонија соопшти дека фаворитот на македонското филмско жири, филмот ПРЕМИНОТ (The crossing) на режисерката Јохане Хелгеланд (Johanne Helgeland) од Норвешка е избран за Најдобар филм за млада публика на настанот „Награда од младата публика на Европската филмска академија“ за 2021 година (EFA Young Audience Award, 2021).
Сторијата на филмот ПРЕМИНОТ (Норвешка, 2020, 96 мин., колор) говори за децата во виорот на Втората светска војна. Во декември 1942 година, Сара и Даниел, од еврејско потекло, се кријат од депортација во подрумот на Ото и Герда. Но, тие ќе бидат откриени, а нивните родители уапсени. Децата бегаат и треба да стигнат до територијата на неутралната Шведска…
Сценаристи на филмот се Маја Лунде и Еспен Торкилдсен (Maja Lunde, Espen Torkildsen), а во главните улоги настапуваат Ана Софи Скархолт, Бо Линдквист-Елингсен, Самсон Штајне и Бјанка Гиларди-Хелстен (Anna Sofie Skarholt, Bo Lindquist-Ellingsen, Samson Steine, Bianca Ghilardi-Hellsten).
Изминатата недела, во рамките на целокупниот настан, организиран од страна на Европската Филмска Академија, EFA Productions & MDM – Македонија по седми пат учествуваше со младо жири од 60-тина основци на возраст од 12 до 14 години. Учество имаа уште 37 земји, со вкупно 3600 членови на младото жири.
Основците имаа за задача да ги гледаат трите номинирани филмови во оваа категорија „онлајн“, да гласаат за својот фаворит, а во рамките на работната програма имаа можност и директно да се запознаат со режисерите и актерите, но и да разговараат и споделат искуства и импресии со своите врсници, членови на жири комисиите ширум Европа.
„Агенцијата за филм е национален партнер на Наградата од младата публика на Европската филмска академија (European Film Academy Young Audience Award) веќе седум години. На овој начин имаме можност да учествуваме и да го дадеме својот глас за најдобрите европски филмови за млада публика, а со тоа придонесуваме кон филмската едукација кај младите, кои имаат можност да се запознаат од прва рака со квалитетна, европска, кинематографија“ – изјави Бојан Лазаревски, директорот на Агенцијата за филм.

 

Leave a comment