Вечерва во Кинотеката се одржа авторска вечер на црногорскиот продуцент, режисер, снимател и сценарист Момир Матовиќ. Беа прикажани кратките документарни филмови МЕТРИ НА ЖИВОТ, ЖИЦА НА ЖИВОТОТ, РАЃАЊЕТО НА ЕДНА НАЦИЈА и ТАМ 4500, кои се дел од богатиот опус на авторот Матовиќ.

Ангелов, Матовиќ и Орландиќ (од лево на десно)

Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов ги поздрави гледачите, портретирајќи го Момир Матовиќ не само како продуцент, режисер, снимател и сценарист, туку и како голем познавач на историјата на филмот.

Мирољуб Орландиќ, директор на Истражувачкиот центар „Монтенегрин“ од Скопје и повереник на Матица Црногорска во Република Северна Македонија, како коорганизатор на оваа авторска вечер потсети на богатата соработка на центарот и Кинотеката изминатава деценија и проектите кои беа реализирани. Авторската вечер на Матовиќ е 18-ти настан реализиран во таа плодна културна размена.

Момир Матовиќ им заблагодари на гледачите за присуството.

Ако храмот на книгата е библиотеката, на сликите музејот, тогаш вистинскиот храм на филмот е Кинотеката, посочи Матовиќ.

Тој го истакна задоволството што за прв пат гостува во Македонија и дел од неговиот филмски опус се прикажува во кинотечниот филмски храм на Македонија.

Момир Матовиќ (1951 г., Титоград), еден од најистакнатите црногорски филмски документаристи и автор на кратки играни филмови, е дипломец на отсекот за филмска камера на Факултетот за драмски уметности во Белград, Србија. Добитник е на бројни признанија и награди на филмските фестивали во светот и досега имал авторски ретроспективи во Торино, Анкона (Италија), Борнхолм (Данска), Берлин, хамбург, Визбаден (Германија), Берген (Норвешка), во Кинотеките на Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина…

Минатата година во март во Кинотеката беше отворена изложбата „Црногорски филмски плакат“: повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција токму на филмскиот режисер Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери.