1 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

3 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.

4 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА

(Les Olympiades, Paris 13e / Paris, 13th District)

Игран филм, Франција

2021, 105 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Жак Одијар (Jacques Audiard)

Сценарио: Жак Одијар, Никола Ливеки, Леа Мајсиус (Jacques Audiard, Nicolas Livecchi, Lea Mysius)

Улоги: Луси Жанг, Макита Самба, Ноеми Мерлан, Џени Бет, Камиј Леон-Фусјан (Lucie Zhang, Makita Samba, Noemie Merlant, Jehnny Beth, Camille Léon-Fucien)

Францускиот режисер Жак Одијар ја внесува својата типична визуелна флуентност во оваа забавна колекција на испреплетени приказни за ликовите што се спојуваат во познатиот  париски 13-ти арондисман. ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА е филм за сексапилноста која како лепило го врзува филмот и го обезбедува сврзувачкото ткиво помеѓу неговите различни сцени и неговата група ликови.

Филмот живее во немирниот копнеж пред сексот, непријатниот остаток по сексот, итноста за време на сексот и во него луѓето имаат многу секс. Емили ја запознава Камиј, на која ѝ се допаѓа Нора. Трите девојки се дружат со Амбер: тие се другари, љубовници, а понекогаш и едното и другото.
„Лезолимпиад“ (Les Olympiades) е името на високите станбени блокови во 13-тиот арондисман (кварт) на Париз, каде што главно се случува дејствието, а филмот е снимен во несентиментално црно-бело што никогаш не го прави градот да изгледа убаво. Тој е адаптиран од некои приказни во колекцијата „Убивање и умирање“ од 2015 година на американскиот стрип-уметник Адријан Томин.
Според критичарите, овој филм не кажува нешто премногу длабоко за некој од неговите ликови, но режисерот постигнува нешто многу забележливо и забавно во нивното антологизирање. На Канскиот филмски фестивал ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА ја освои наградата за најдобар композитор, Ерван Кастекс-Роне (Erwan Castex a.k.a. Rone, продуцент на електронска музика), а филмот ја доби и националната француска филмска награда „Цезар“ за најдобра оригинална музика. Филмот беше прикажуван на повеќе филмски фестивали, меѓу кои и оние во Чикаго, Хамбург и Севилја.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

1 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

3 АВГУСТ (СРЕДА), 18:00 ч.

10 АВГУСТ (СРЕДА), 18:00 ч.

17 АВГУСТ (СРЕДА), 18:00 ч.

24 АВГУСТ (СРЕДА), 18:00 ч.

 

 

КАДИФЕНА КРАЛИЦА

(La panthère des neiges / Velvet Queen)

Документарен филм, Франција

2021, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Мари Амиге, Венсан Миние (Marie Amiguet, Vincent Munier)

Сценарио: Силван Тесон, Венсан Миние (Sylvain Tesson, Vincent Munier)

Учествуваат: Силван Тесон, Венсан Миние (Sylvain Tesson, Vincent Munier)

 

Документарецот на Мари Амиге и Венсан Миние, чиј превод од француски јазик гласи СНЕЖНИОТ ПАНТЕР, е снимен во срцето на висорамнината Тибет.

Фотографот Венсан Миние го води писателот Силван Тесон во неговата потрага по снежниот пантер. Миние го упатува Тесон во тајните на уметноста на набљудувањето, читањето траги на почвата и трпението кое е потребно кога се набљудуваат дивите животни. Со преминувањето преку планинските врвови населени со невидлива присутност, двајцата истражувачи го ткајат нивниот диј

 

алог за местото на човекот меѓу живите суштества и ја слават убавината на светот во кој живееме…

Филмот на Амиге и Миние ги освои наградите „Цезар“ и „Лимиер“ за најдобар француски документарец, наградите на независниот фестивал во Санта Фе во Њу Мексико, и фестивалот на документарни филмови во Солун, а беше номиниран за „Златната палма“ во Кан 2021 во категоријата „Golden Eye“…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

4 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

11 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

18 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

 

СÈ ПОМИНА ДОБРО

(Tout s’est bien passé / Everything Went Fine)

Игран филм, Франција / Белгија

2021, 113 мин., колор, ДЦП

Режија: Франсоа Озон (François Ozon)

Сценарио: Франсоа Озон, Филип Пјацо (François Ozon, Philippe Piazzo)

Улоги: Софи Марсо, Андре Дисолие, Жералдин Пелас, Шарлот Ремплинг, Хана Шигула, Ерик Караваца (Sophie Marceau, André Dussollier, Géraldine Pailhas, Charlotte Rampling, Hanna Schygulla, Eric Caravaca)

 

Снимен според романот на Емануел Бернхајм (Emmanuèle Bernheim), филмот на Озон ја раскажува приказната за односите меѓу таткото и ќерката. Кога Андре (85) ќе доживее мозочен удар, останува полупарализиран. Го негува неговата ќерка Емануела. Андре бара од Емануела да му помогне да стави крај на својот живот. Но, како Емануела може да го исполни барањето на сопствениот татко?

Уште една суптилна драма со добро познатиот ракопис на Франсоа Озон, овој пат на секогаш контроверзната тема за евтаназија – убиство од милосрдие. Како и во неговите претходни филмови (до сега има повеќе од 20 долгометражни играни наслови), Озон секогаш ангажира одбрани актери за да ја раскаже приказната, па и во најновиот наслов има ѕвездена екипа од постарата и средната генерација. Со СÈ ПОМИНА ДОБРО, меѓу останатите успеси, беше номиниран за „Златната палма“ во Кан 2021 година.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

5 АВГУСТ (ПЕТОК), 18:00 ч.

 

ВСЕЛЕНСКО МОМЧЕ

(SpaceBoy)

Игран филм, Белгија

2021, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Оливие Перу (Olivier Pairoux)

Сценарио: Еузебио Лареа, Оливие Перу (Еusebio Larrea, Olivier Pairoux)

Улоги: Базил Грунбергер, Албан Масон, Јаник Рение (Basile Grunberger, Albane Masson, Yannick Renier)

 

Џим е талентирано 11-годишно момче со љубов кон вселената и науката. Доселувајќи се во нов град со татко му, Џим треба да учествува на натпревар за млади научници со неговата нова соученичка Ема, која е чувствително и срамежливо девојче. И покрај нејзината неподготвеност, Џим ја убедува да го имитира проектот „Екселсиор“ на Китингер (првиот човек кој стигна до границата на вселената во 1960 година) и тајно да направи вистински воздушен балон.

Џим овој талент го наследува од татка си Греам, кој е астрофизичар и кој треба да оди на вселенска мисија. Бидејќи мајката на Џим е почината, овој проект му е многу важен. Но, кога открива дека Греам се откажал без да му каже, неговиот свет се распаѓа. Натпреварот се претвора во опсесија и Џим сака да докаже дека нема да се откаже како неговиот татко. Џим ја турка Ема до нејзините граници и ја вовлекува во авантура која ќе ги зближи.

Филмот е добитник на низа награди на фестивали за филмови за млади.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

5 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.

12 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

ТРКАЛО НА СРЕЌАТА И ФАНТАЗИЈАТА

( Gûzen to sôzô / Wheel of Fortune and Fantasy)

Игран филм, Јапонија

2021, 121 мин., колор, ДЦП

Режија: Рјусуке Хамагучи (Ryûsuke Hamaguchi)

Сценарио: Рјусуке Хамагучи (Ryûsuke Hamaguchi)

Улоги: Котоне Фурукава, Ајуму Накаџима, Хјунри (Kotone Furukawa, Ayumu Nakajima, Hyunri)

 

Филмот на Хамагучи раскажува три приказни за три женски ликови и ги следи односите меѓу нивните избори и каењето: неочекуван љубовен триаголник, неуспешна замка за заведување и средба која произлегува од едно недоразбирање. Приказните не се меѓусебно поврзани освен во тематската рамка која ги прати случајностите и каењето, како и во умешноста на режисерот да ги спои низ призмата на социјалното однесување. Обичните луѓе доживуваат необични искуства и надреални случки…

Критичарите ја истакнуваат мајсторската постапка на режисерот да испреде приказна за поврзаноста на случајностите и можностите на супериорен начин. ТРКАЛО НА СРЕЌАТА И ФАНТАЗИЈАТА ја доби Големата награда на жирито на Берлинале 2021, победи на фестивалите во Чикаго, Хаифа, Токио… Филмот ја доби и наградата на националната асоцијација на филмските критичари на САД и беше номиниран за десетина награди на филмските фестивали, меѓу кои и за најдобра фотографија на Јукико Иока (Yukiko Iioka) на Интернационалниот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ во Битола.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

13 АВГУСТ (САБОТА), 20:00 ч.

20 АВГУСТ (САБОТА), 20:00 ч.

 

ТИТАН

(Titane)

Игран филм, Франција / Белгија

2021, 108 мин., колор, ДЦП

Режија: Жулија Дукурно (Julia Ducournau)

Сценарио: Жулија Дукурно (Julia Ducournau)

Улоги: Агат Русел, Венсан Линдон, Гаранс Марилије, Лаис Саламе, Доминик Фрот (Agathe Rousselle, Vincent Lindon, Garance Marillier, Laïs Salameh, Dominique Frot)

 

По низа необјаснети злосторства, таткото повторно се среќава со својот син, кој 10 години се води како исчезнат по една сообраќајна несреќа. Приказната се фокусира на Алексија (извонредната актерка Агат Русел), која е тоа исчезнато дете, а сега вистинска „амазонка“, дива и страствена танчерка која е во центарот на делириумскиот хорор. Таа има вградена титаниумската плоча во черепот во детството по споменатата автомобилска несреќа.

Покрај Алексија, и нејзиниот татко Венсан (Линдон) се обидува да си го скроти телото, па во филмот паралелно се прикажуваат нивните телесни трансформации. ТИТАН е филмска бајка за возрасни исполнета со гнев, љубов и осаменост, физичка борба и ги користи необичните физички метафори за да се опише емоционалната состојба на главните ликови, воден според дефиницијата за металот титаниум: многу отпорен на топлина и корозија, со легури со висока цврстина на истегнување.

ТИТАН ја освои „Златната палма“ во Кан 2021, а Дукурно (авторка на исто така контроверзниот филм „Raw“), ги доби најдобри критики за овој филм, поделувајќи ја јавноста со оваа контроверзна филмска сторија. Филмот забележа над 110 номинации на филмските фестивали, освои 28 награди, а со него свечено беше затворено минатогодишното 42 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Кинематограферот на ТИТАН Рубен Импенс (Ruben Impens) ја освои „Бронзената камера 300“ заради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

8 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

15 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

 

ФАБИЈАН

(Fabian oder Der Gang vor die Hunde / Fabian: Going to the Dogs)

Игран филм, Германија

2021, 176 мин., колор, ДЦП

Режија: Доминик Граф (Dominik Graf)

Сценарио: Доминик Граф, Ерих Кастнер, Константин Леб (Dominik Graf, Erich Kastner, Constantin Lieb)

Улоги: Том Шилинг, Албрехт Шух, Саскиа Розендал (Tom Schilling, Albrecht Schuch, Saskia Rosendahl)

 

Приказната на филмот се случува во Берлин на почетокот на 30-тите години од минатиот век. Докторот по германистика Јакоб Фабијан преку ден пишува рекламни текстови, најмногу за цигарите како производ, а ноќе скита по улиците и баровите. Ја среќава актерката Корнелија Батенберг и се вљубува во неа: но, како што таа напредува во кариерата, така плановите на Фабијан полека се распаѓаат…

Милјето на приказната е сместено меѓу жителите на Берлин и неговото подземје, каде што борделите се уметнички атељеа, а на улиците се нацистите со нивните гласни и навредливи пароли. Актерката Корнелија мечтае да создаде „психолошко кино“ во градот во кој животот навидум блика, а општеството ферментира и кородира. Фабијан во тие услови останува трезен и дистанциран од настаните, ја сака Корнелија и чека пристојноста да се врати во нивните животи.

ФАБИЈАН (чиј алтернативен поднаслов е ЗА ПРОПАСТА НА СВЕТОТ) освои петнаесетина номинации и шест награди на германските филмски фестивали. Режисерот Граф и кинематограферот Хано Ленц (Hanno Lentz) победија на доделувањето на филмските награди на Баварија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

8 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

15 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

30 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

ЕМА

(Ema)

Игран филм, Чиле

2019, 102 мин., колор, ДЦП

Режија: Пабло Лараин (Pablo Larrain)

Сценарио: Гилермо Калдерон, Пабло Лараин, Алехандро Морено (Guillermo Calderón, Pablo Larraín, Alejandro Moreno)

Улоги: Маријана Ди Хироламо, Гаел Гарсија Бернал, Сантјаго Кабрера, Кристијан Суарез (Mariana Di Girólamo, Gael García Bernal, Santiago Cabrera, Cristián Suárez)

 

Дејствието на филмот се случува во пристаништето на градот Валпараисо, Чиле. Ема е танчерка со луда енергија, и заедно со нејзиниот маж, кореографот Гастон, ќе го усвојат момчето Поло.

Се покажува дека Пол има проблем, сличен на пироманството на Ема. По еден инцидент со пожар, Ема и Гастон носат незамислива одлука – го враќаат Поло во сиропиталиштето. Изборот не само што ќе ги претвори во духови што шетаат, туку ќе ги направи негативци во нивната заедница: Ема е негативец во училиштето во кое предава, каде што Поло бил ученик, а Гастон е сега само еден од членовите на танцовата група.

Одлуката за враќањето на Поло е на Ема. Таа решава и да го раскине својот брак, што ја втурнува во спирала на луди потези: започнува повеќекратни сексуални афери, а нејзините танцови рутини, поставени на регетон музиката (reggaeton – урбана латино музика), добиваат на интензитет и преку нив таа чувствува како да изразува и страст и болка истовремено – нешто што никогаш претходно не умеела да го ослободи…

Филмските критичари ја истакнуваат неверојатната енергија , добрата музика и фантастичната кореографија во ЕМА, како и ролјата на Маријана Ди Хироламо, за која велат дека е една од најдобрите креации во светскиот филм во 2019. Филмот на Лараин, еден од водечките режисери на денешнината, забележа десетина номинации на светските фестивали, а освојуваше награди на филмските фестивало во Венеција (UNIMED Award), Љубљана, Луксембург, Мајами…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

9 АВГУСТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

16 АВГУСТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

23 АВГУСТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

30 АВГУСТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

 

ПЛАНИНА НА СМРТТА

(Feng bao / Cloudy Mountain)

Игран филм, Кина

2022, 114 мин., колор, ДЦП

Режија: Ли Џун (Li Jun)

Сценарио: Ша Сонг, Ли Џун (Sha Song, Li Jun)

Улоги: Јилонг Жу, Жи-жонг Хуанг, Шу Чен (Yilong Zhu, Zhi-zhong Huang, Shu Chen)

 

Татко и син се обидуваат да го сочуваат родниот град и новоизградениот тунел од природна катастрофа…

Приказната на филмот е фокусирана на скромноста и личната заложба на главните јунаци, бидејќи дејството не се занимава со спасување на целиот свет, туку на својот град, својот микроуниверзум во кој непријателот не е некој странец со супермоќи туку природна катастрофа.

Публицитетот на филмот беше насочен кон напорниот тренинг што го имале актерите Ји Лонг Жу и Жи-жонг Уанг пред снимањето на филмот. Тие еден месец вежбале на ѕидот за искачување со професионални инструктори, со цел колку што е можно поуверливо да ги одиграат своите улоги во спречувањето на катастрофата. Филмот веќе заработи шеесетина милиони долари од прикажувањето во киносалите ширум светот.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

9 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

11 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

16 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

ЈАЛДА, НОЌ ЗА ПРОШКА

(Yalda, a Night for Forgiveness)

Игран филм, Франција / Белгија / Германија / Иран

2019, 89 мин., колор, ДЦП

Режија: Масуд Бакши (Massoud Bakhchi)

Сценарио: Масуд Бакши (Massoud Bakhchi)

Улоги: Садаф Асгари, Бехназ Џафари, Бабак Карими (Sadaf Asgari, Behnaz Jafari, Babak Karimi)

 

Дали телевизиските реални шоуа можат да бидат замена за правдата? Во Иран може, ако даде Господ!

Маријам е 22-годишна девојка осудена на смртна казна заради убиството на својот 65-годишен сопруг Насер. Казната е конечна, а единствената работа која може да ѝ помогне на Маријам е Мона, ќерката на убиениот Насер од претходниот брак: Маријам мора да учествува во реално шоу заедно со Мона, и ако успее да освои доволен број гласови од гледачите, казната ќе ѝ биде простена.

Реалното шоу се снима за време на празникот Јалда (зимска краткодневица), ноќ предвидена за прошка, кој е многу важен и почитуван во иранската култура. Филмот е снимен според вистински приказни во кои ТВ-студиото служи како судница во кое публиката ја дели правдата. Во овој случај, Маријам е таа што мора да ја освои публиката за милост и прошка на казната…

ЈАЛДА, НОЌ ЗА ПРОШКА ја освои Големата награда на жирито на Фестивалот на независен филм во Санденс, САД, во 2020 година, освојуваше награди и на фестивалите во Анталија, Барселона-Сант Жорди, Софија, а забележа уште десетина номинации за награди на други фестивали.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

10 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.

17 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.

24 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.

 

СВЕТОТ ПОСЛЕ НАС

( Le monde après nous / The World After Us)

Игран филм, Франција

2021, 85 мин., колор, ДЦП

Режија: Лода Бен Салах (Loda Ben Salah)

Сценарио: Лода Бен Салах, Клеменс Диар, Луис Грол (Loda Ben Salah, Clémence Diard, Louise Groult)

Улоги: Орелијен Габриели, Луиз Шевијот, Садија Бентајеб (Aurélien Gabrielli, Louise Chevillotte, Saadia Bentaïeb)

 

Скапо е да си сиромашен, а посебно е скапо да бидеш сиромашен во Париз. Лабиди е еден од тие сиромашни луѓе во Париз, и затоа живее тешко: беспарицата го тера да го дели станот со цимер. Во станот може да се смести само еден кревет, туш кабина и чајна кујна, па мора да го делат креветот: една ноќ Лабиди спие в кревет, а цимерот на под, па следната ноќ се менуваат.

Лабиди е многу интелигентен и образуван човек, има родители кои многу го сакаат, но не е веќе толку млад за да позајмува пари од нив. Одеднаш, од никаде, Лабиди ќе има среќа да ја освои наградата во натпреварот за пишување кратки раскази, што подразбира дека добива агент и состанок со издавачката куќа која му нарачува роман кој треба да го напише за шест месеци. Истовремено се вљубува во студентка која сè уште е издржувана од родителите и решава да започне заеднички живот со неа. СВЕТОТ ПОСЛЕ НАС е приказна за шесте месеци во животот на Лабиди, омеѓени со рокот од издавачката куќа и романсата со студентката…

Филмот на Лода Бен Салах ја доби наградата на публиката на Фестивалот Шанзелизе во Париз, и освои уште десетина номинации за награди на европските филмски фестивали.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

12 АВГУСТ (ПЕТОК), 18:00 ч.

19 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.

25 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

 

ГОЛЕМА СЛОБОДА

(Große Freiheit / Great Freedom)

Игран филм, Австрија / Германија

2021, 116 мин., колор, ДЦП

Режија: Себастијан Мајзе (Sebastian Meise)

Сценарио: Томас Рајдер, Себастијан Мајзе (Thomas Reider, Sebastian Meise)

Улоги: Антон фон Луцке, Франц Роговски, Георг Фридрих, Томас Прен (Anton von Lucke, Franz Rogowski, Georg Friedrich, Thomas Prenn)

 

Во Германија по Втората светска војна Ханс често пати завршува во затвор заради злогласниот член 175 од законот, кој машката хомосексуалност ја третира како кривично дело. Откако го преживеал нацистичкиот концентрационен логор за време на војната, во 1945 година Ханс е повторно осуден на затворска казна. Зад решетките го запознава осудениот убиец Виктор. Ханс излегува од затвор, но повторно е санкциониран заради својата хомосексуалност, и повторно се среќава со Виктор. Почетната нетрпеливост меѓу двајцата мажи прераснува во нешто како љубов…

Споменатиот параграф 175 бил дел од германскиот закон уште од 1872 година, во Германското Царство, бил активен за време на Вајмарската Република, нацистичка Германија и Сојузна Република Германија, а конечно е укинат во 1994 година, пет години по падот на Берлинскиот ѕид. Хомосексуалците биле осудувани на петгодишни казни затвор.

Режисерот Мајзе вели дека ликовите во филмот се измислени, но нивните приказни се базираат на приказните на луѓето кои ги запознал за време на истражувањата што ги направил во Берлин и Виена.

Филмот на Мајзе, кој може да се преведе и како „Многу слобода“ или „Конечна слобода“, освои дваесетина фестивалски награди и 38 номинации. Меѓу останатите, ја доби наградата на жирито во програмата „Извесен поглед“ на Канскиот фестивал 2021, наградата „Срцето на Сараево“ на Сараевскиот филмски фестивал, беше австриски кандидат за „Оскар“ и ја доби наградата на публиката на наградата „Лукс“ што ја доделува Европскиот парламент.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

13 АВГУСТ (САБОТА), 18:00 ч.

22 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

29 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч. 

 

ПОТ

(Sweat)

Игран филм, Полска / Шведска

2020, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn)

Сценарио: Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn)

Улоги: Магдалена Колешник, Јулијан Швижевски, Александра Конечна (Magdalena Kolesnik, Julian Swiezewski, Aleksandra Konieczna)

 

ПОТ е филм за инфлуенсерите на социјалните мрежи виден низ призмамата на сторијата за фитнес инструкторката Силвија Зајец. Таа е згодна, популарна и обожувана, опкружена со верни соработници и следбеници кои ѝ се восхитуваат, завидуваат, се поистоветуваат и сакаат да бидат како неа… Силвија, пак, има само една неостварена желба – вистинска емоционална интимност со некого.

Оценет како психолошки профил на светот на инфлуенсер(к)ите во ерата на Инстаграм, ПОТ е филм кој заради низа околности – пандемијата со корона вирусот меѓу другото – го слика токму времето кое сè повеќе го минуваме online, соочени со прашањето дали квалитетот на реалниот живот може да биде заменет со бројот на „лајковите“ (допаѓањата) на социјалните мрежи? Затоа, не случајно, ПОТ ја имаше премиерата на online изданието на филмскиот фестивал во Кан во 2020 година.

Филмот на Магнус фон Хорн – шведски режисер кој студирал на прочуената филмска школа во Лоѓ и продолжил да работи во Полска – беше апсолутен победник на националниот филмски фестивал во Полска, освои две награди на фестивалот во Чикаго и уште десетина други признанија, забележувајќи дваесетина номинации за награди.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

18 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

23 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

29 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

 

НОЌ НА КРАЛЕВИТЕ

(La nuit des rois / Night of the Kings)

Игран филм, Франција / Брег на слоновата коска / Канада / Сенегал

2020, 93 мин, колор, ДЦП

Режија: Филип Лакот (Philippe Lacôte)

Сценарио: Филип Лакот, Делфин Жаке (Philippe Lacôte, Delphine Jaquet)

Улоги: Бакари Коне, Стив Тјенчу, Жан Сирил Дигбе (Bakary Koné, Steve Tientcheu, Jean Cyrille Digbeu)

 

Во ноќта на полната (крвавата) месечина во затворот под отворено небо, сред џунглата на Брегот на слоновата коска, во кој владејат неговите затвореници, тукушто пристигнатиот млад затвореник Роман е избран од страна на водачите да им раскаже приказна на останатите. Предупреден е дека ова не е игра, но Роман не знае дека тоа е сигурен пат кон смртта.

За да преживее, Роман започнува да ја раскажува приказната за соучесникот во криминалот во сиромашна населба во градот Абиџан и за начинот на кој е убиен. Крајот на приказната би значел и крај за животот на Роман, па затворот таа ноќ станува полигон на борбата за моќ, бидејќи стариот шеф заради болест мора да ја предаде власта…

Филмот  на Лакот е снимен во споменатата џунгла под отворено небо и беше национален кандидат за „Оскар“ на Брегот на слоновата коска. Забележа дваесетина номинации за награди на филмските фестивали, а освои награди во Чикаго, Палм Спрингс, Минхен, како и наградите на Асоцијацијата на африканско-американските филмски критичари (African-American Film Critics Association), и низа други награди на филмски фестивали низ Африка.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

22 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

25 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

 

МАЈКА

(Mater / Matriarch)

Игран филм, Хрватска / Србија / Франција / Босна и Херцеговина

2019, 95 мин., колор, ДЦП

Режија: Јуре Павловиќ (Jure Pavlović)

Сценарио: Јуре Павловиќ (Jure Pavlović)

 

Улоги: Дарија Лоренци-Флац, Нева Рошиќ, Вера Зима, Анка Вучковиќ, Маријо Јурковиќ (Daria Lorenci-Flatz, Neva Rošić, Vera Zima, Anka Vučković, Marijo Jurković)

 

Средовечната Јасна е сопруга и мајка на две деца. На веста дека мајка ѝ Анка е на смртната постела, таа по долгогошен престој со семејството во Германија се враќа во родниот крај во долината на Неретва.

Првичната идеја на Јасна е да ја смести мајка си во болница и планира што поскоро да се врати кај своето семејство во Германија, со кое комуницира преку социјалите мрежи и новите технологии. Но, ќе остане крај мајка ѝ многу подолго од планираното: повторната средба на мајката и ќерката ги исфрла ја виделина целата историја на нивната меѓусебна трпеливост. Јасна е трауматизирана заради некогашното злоставување од страна на мајка си, а приказната сугерира дека жртви биле и нејзиниот брат Владо, кој е значајно отсутен, а можеби и покојниот татко. Паралено на приказната за односите со мајка ѝ, Јасна повторно се среќава со некогашните пријатели и школски колеги… Павловиќ приказната делумно ја базирал на автобиографски детали.

МАЈКА е дебитантско остварување на Јуре Павловиќ – автор претходно награден со Европска филмска награда за најдобар краток филм (ПИКНИК / Piknik; 2015) – кој ги освои наградите „Златни арени“ за најдобра женска улога (Лоренци), камера и звук на 67. Пулски фестивал. МАЈКА ја доби и наградата на филмските критичари на ФЕСТ 2020.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ФИЛМОВИ НА 35 ММ

19 АВГУСТ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ЅВЕЗДЕН ЧОВЕК

(Starman)

Игран филм, САД

1984, 115 мин., клор, 35 мм

Режија: Џон Карпентер (John Carpenter)

Сценарио: Брус Еванс, Рејнолд Гидеон  (Bruce A. Evans, Raynold Gideon)

Улоги: Џеф Бриџис, Карен Ален, Чарлс Мартин Смит, Ричард Џекел, Роберт Фален (Jeff Bridges, Karen Allen,  Charles Martin Smith, Richard Jaeckel, Robert Phalen )

 

Во близината на земјината атмосфера вселенското летало „Војаџер II“ емитува порака за добредојде на сите вонземјани. Еден од облиците на вонземскиот живот сериозно ќе ја сфати пораката и ќе се упати кон Земјата, но американската противвоздушна одбрана ќе го сруши леталото со кое доаѓа над државата Висконсин.

Вонземјанинот ќе се спаси и во облик на енергетска топка ќе стигне во домот на младата вдовица Џени Хајден, која во тој момент спие, скршена од тагата по умрениот сопруг. Вонземјанинот ќе ги проучи фотографиите на нејзиниот сопруг Скот. Наскоро пред разбудената и вознемирена Џени ќе се појави новороденче кое многу бргу ќе го поприми ликот и големината на одраснат маж – Скот. По неверувањето што ѝ се случува, Џени сепак ќе се согласи да му помогне на вонземјанинот, кој себе си се нарекува Стармен (Starman – Ѕвезден човек), да стигне до Аризона, каде што треба да слета неговотото матично летало…

Филмската критика го сместува „кралот на хоророт“ Џон Карпентер во перјаниците на „Новиот Холивуд“, подеднакво почитуван од љубителите на жанровските и авторските филмови. ЅВЕЗДЕН ЧОВЕК беше номиниран за „Оскар“ во категориите најдобра машка улога (Џеф Бриџис), како и за „Златен глобус“ – и за машка улога и за музиката во филмот, потпишана од Џек Ниче / Jack Nitzsche.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ФИЛМОВИ НА 35 ММ

20 АВГУСТ (САБОТА), 18:00 ч.

 

ДЕЦА

(Kids)

Игран филм, САД

1995, 91 мин., колор, 35 мм

Режија: Лери Кларк (Larry Clark)

Сценарио: Лери Кларк, Хармони Корин (Larry Clark, Harmony Korine)

Улоги: Лео Фицпатрик, Клои Севињи, Џастин Пирс, Росарио Досон (Leo Fitzpatrick, Chloë Sevigny, Justin Pierce, Rosario Dawson)

 

ДЕЦА ја раскажуваат приказната за неколку тинејџери-скејтери во Њујорк, кои слободно експериментираат со дрога и секс, и филмот е сиров (и суров) портрет на младите од САД кон крајот на минатиот век.

Приказната на филмот е сместена во еден ден и ги следи тинејџерите од Менхетен, Њујорк. Тели (Фицпатрик) има необично хоби – дефлорирање на младите ќерки на богаташите, но не знае дека има СИДА. Една од неговите жртви е Џени (Севињи), чиј прв сексуален однос бил со Тели. Џени очајнички се обидува да го пронајде Тели, кој, пак, се пијанчи и дрогира со својот другар Каспер (Пирс), попатно малтретирајќи ги минувачите.

Кларк ја добил идејата за филмот фотографирајќи ги скејтерите во парковите на Менхетен. Случајно го запознал 19-годишното момче Хармони Корин кое било избркано од училиште, а повремено се занимавало со пишување. Протагонистите во филмот се главно натуршчици од њујоршките улици, а Кларк снимил филм што поставува многу прашања на кои гледачите сами треба да си одговорат.

Ова е дебитантски филм на фотографот Лери Кларк, кој се занимавал со социјалната патологија на американската младина. ДЕЦА беше номиниран за „Златна палма“ и „Златна камера“ на Канскиот фестивал во 1995 година, а младиот актер Џастин Пирс ја освои наградата „Film Independent Spirit Awards“ во 1996 година.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ФЕСТИВАЛ НА НЕМ И КЛАСИЧЕН ФИЛМ

31 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.

 

НОСФЕРАТУ, СИМФОНИЈА НА СТРАВОТ

(Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray)

Игран филм, Германија

1922, 81 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau)

Сценарио: Хенрик Гален (Henrik Galeen)

Улоги: Макс Шрек, Александер Гранах, Густав фон Вангенхајм, Грета Шредер (Max Schreck, Alexander Granach, Gustav von Wangenheim, Greta Schröder)

 

Во германскиот град Визбург 1838 година, агентот за недвижности Нок (Гранах) го испраќа својот соработник Хутер (фон Вангенхајм) во Трансилванија, во замокот на грофот Орлок (Шрек), кој сака да купи куќа наспроти домот на Хутер. Хутер ја остава сопругата Елен кај својот богат пријател и поаѓа на пат, а кога пристига во Трансилванија, тамошните жители не сакаат да му помогнат да го превезат до замокот на грофот ниту да се приближат до зданието кое го сметаат за проклето.

Кога некако ќе дојде до грофот, на Хутер му е необично што тој се однесува чудно и што состаноците ги одржува само ноќе. Хутер не знае дека грофот е вампир кој наскоро ќе го затвори во замокот, и ќе замине во Визбург, носејќи со себе неколку мртовечки ковчези, полни со проклетата земја во која бил закопан. Хутер бега од замокот и веднаш тргнува назад кон Визбург, каде што ќе почнат да се случуваат тегобни и мрачни случки…

НОСФЕРАТУ е слободна адаптација на романот ДРАКУЛА на Брем Стокер (Bram Stoker) од 1897 година, со изменети имиња на ликовите. НОСФЕРАТУ е првиот голем филмски успех на Мурнау, кој има свое место во историјата на филмот заради сугестивната мрачна атмосфера комбинирана со мелодраматичната морбидност, што било исчекор за стандардите на германскиот експресионизам.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари