1 АПРИЛ (ПЕТОК), 18:00 ч. 

2 АПРИЛ (САБОТА), 21:00 ч. 

6 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.

7 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч. 

13 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.

18 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

27 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.

 

НАЈУБАВОТО МОМЧЕ НА СВЕТОТ

(Världens vackraste pojke / The Most Beautiful Boy in the World)

Документарен филм, Шведска / Германија / Франција

2021, 93 мин., колор, ДЦП

Режија: Кристина Линдстром, Кристијан Петри (Kristina Lindström, Kristian Petri)

Сценарио: Кристина Линдстром, Кристијан Петри (Kristina Lindström, Kristian Petri)

Во 1971 година, на светската премиера на филмот СМРТ ВО ВЕНЕЦИЈА (Death in Venice), италијанскиот режисер Лукино Висконти (Luchino Visconti) го претставува младиот шведски актер Бјорн Андресен (Björn Andrésen), тогаш 15-годишен, кој го игра волшебно убавото момче Таџио (Tadzio) , во кое е вљубен стариот композитор Густав фон Ашенбах (Gustav von Aschenbach) во интерпретација на Дирк Богард (Dirk Bogarde). Оттогаш трае и сенката на несаканата слава на Андресен, со која се занимава документарецот на Линдстром и Петри.

Во 1970 година Висконти бара актер што ќе го игра Таџио, лик на млад Полјак од аристократско семејство, и го наоѓа во Бјорн Андресен, кој иако млад веќе имал филмско искуство во голем шведски филмски хит ШВЕДСКА ЉУБОВНА ПРИКАЗНА. По успехот на СМРТ ВО ВЕНЕЦИЈА публицитетот што го добил Андресен најмногу бил фокусиран на тоа дали младиот актер во приватниот живот е хомосексуалец, бидејќи Висконти бил еден од најпознатите геј-режисери во филмскиот свет!

Во екипата на СМРТ ВО ВЕНЕЦИЈА, според кажувањата на Андресен, имало доста хомосексуалци (меѓу нив и Дирк Богард), но актерот не бил во никаква емотивна врска со нив, и не му се допаднало ниту кога Висконти го однел на вечера во геј-бар каде што се чувствувал како „месо изнесено на послужавник“, бидејќи сите присутни се ѕвереле во него. Извесно време по успехот на филмот Андресен минал година дена во Париз, а неговиот престој бил финансиски спонзориран од богат геј бизнисмен.

Андресен одбивал улоги во хомоеротски филмови и се занимавал со музика (бил школуван на музичка школа во Стокхолм). Снимил неколку поп-хитови кои биле посебно популарни во Јапонија (како и филмот), а јапонските автори на манга стрипови и аниме филмови го користеле неговото лице во нивните анимации. Документарецот на Линдстром и Петри доби огромно внимание на минатогодишниот фестивал на независен филм Санденс и забележа десетина номинации за награди на останатите филмски фестивали во светот.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

1 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.

8 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

КВАДРАТОТ

(The Square)

Игран филм, Шведска / Германија / Франција / Данска

2017, 161 мин., колор, ДЦП

Режија: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Сценарио: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Улоги: Клас Банг, Елизабет Мос, Доминик Вест (Claes Bang, Elisabeth Moss, Dominic West)

КВАДРАТОТ (или ПЛОШТАДОТ, како што гласи алтернативниот превод на овој филм) е необична сатирична комедија за светот на уметноста и нејзините куратори, која ги потенцира лицемерието и општествените тензии. Остлунд ја раскажува приказната на музејскиот куратор Кристијан, чиј живот излегува од контрола во моментот кога ќе му биде украден мобилниот телефон на улица. Додека бесуспешно се обидува да го најде крадецот, ПР агенцијата на музејот започнува контроверзна медиумска кампања за неговата најнова изложба насловена „Квадрат“, која ќе предизвика бурни реакции во јавноста и дополнително ќе му ја отежни ситуацијата. Апстрактната уметничка инсталација која треба да претставува социјална утопија станува парадигма за кукавичлукот на денешниот свет.

Остлунд во филмот третира прашања за моралот, мажественоста и нетолерантноста во граѓанското општество.

Меѓу триесеттината меѓународни награди филмот на Остлунд се закити и со „Златна палма“ во Кан 2017 година (прва „Златна палма“ во историјата на шведската кинематографија воопшто!), шест европски филмски награди (и за најдобар филм), а беше номиниран и за најдобар странски филм на 90-то доделување на „Оскарите“ во 2018.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

2 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 ч.

5 АПРИЛ (ВТОРНИК), 17:00 ч.

6 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.

13 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч. 

23 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.

 

МЕМОРИЈА

(Memoria)

Игран филм, Колумбија / Тајланд / Франција / Германија

2021, 136 мин., колор, ДЦП

Режија: Апичатпонг Верасетакул (Apichatpong Weerasethakul)

Сценарио: Апичатпонг Верасетакул (Apichatpong Weerasethakul)

Улоги: Тилда Свинтон, Елкин Дијаз, Жан Балибар (Tilda Swinton, Elkin Díaz, Jeanne Balibar)

Џесика е Шкотланѓанка која живее во Колумбија, се занимава со градинарство и продава цвеќиња. Заминува за Богота да ги посети својата сестра Карен и нејзиниот сопруг Хуан. Карен е во болница со мистериозна респираторна болест. Една ноќ Џесика се буди од силен тресок или јак звук. Не сака да се помири додека не го најде изворот на звукот…

Главната улога во оваа драма-мистерија ја толкува „оскаровката“ Тилда Свинтон. Тајландскиот автор Верасетакул негува посебна филмска естетика и е своевиден миленик на канскиот фестивал:во 2010 ја освои „Златната палма“ во Кан со филмот ЧИЧКО БУНМИ КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПОТСЕТИ НА НЕГОВИТЕ МИНАТИ ЖИВОТИ (Loong Boonmee raleuk chat / Uncle Boonmee Who Can Recall His Past Lives), а во 2021 за МЕМОРИЈА ја доби награда на жирито. МЕМОРИЈА беше победник и на фестивалот во Чикаго 2021, а забележа уште десетина други номинации за фестивалски награди.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

4 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

5 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

11 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

12 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

19 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

СО СРЕЌА ДУПЕЊЕ ИЛИ УЛАВО ПОРНО

(Babardeală cu bucluc sau porno balamuc / Bad Luck Banging or Loony Porn)

Игран филм, Романија / Чешка / Хрватска / Швајцарија / В. Британија

2021, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Раду Јуде (Radu Jude)

Сценарио: Раду Јуде (Radu Jude)

Улоги: Катја Паскариу, Клаудија Јеремиа, Олимпија Малаи (Katia Pascariu, Claudia Ieremia, Olimpia Mălai)

Средношколската професорка по историја Еми снима домашно видео за време на сексуалниот однос со нејзиниот маж. Откако тоа видео ќе заврши на интернет, започнуваат нејзините маки: родителите бараат да биде отстранета од училиштето, но Еми им се спротивставува…

БАКСУЗЕН СЕКС ИЛИ ЛУДА ПОРНОГРАФИЈА има неконвенционална филмска форма во која режисерот Јуде со безмилосен хумор се пресметува со лицемерието и предрасудите за улогата на црквата, војската, училиштата и историјата во патријархалните општества на Балканот и Источна Европа. Шокантната сексуална сцена на почетокот на филмот е снимана со професионални порно актери.

Филмот на Јуде ја освои „Златната мечка“ на 71. Берлинале во 2021 година и забележа уште десеттина други фестивалски признанија и номинации.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

4 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

11 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

18 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

 

НЕ Е ЛОШО ДА СЕ БИДЕ ЧОВЕК

(Nije loše biti čovek / It’s not bad to be human)

Игран филм, Србија / Хрватска

2021, 104 мин., колор, ДЦП

Режија: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Војин Ќетковиќ, Бранка Катиќ, Христина Поповиќ, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ (Vojin Ćetković, Branka Katić, Hristina Popović, Gordan Kičić, Nenad Jezdić)

Приказната на филмот ги следи случките од животот на професорот по клавир Милан (Ќетковиќ), кој останал без работа откако бил намален бројот на учениците во музичкото училиште каде што бил ангажиран. На пат кон дома, тој поминува низ паркот и среќава едно куче со кое создава посебен вид на пријателство.

Пред 5 години неговиот кум, популарниот поп-пејач Ранко Бели (Кичиќ), исчезнал под неразјаснети околности, па сега Милан решава да ја разреши мистеријата и да дознае што точно се случило со Ранко. Немајќи поддршка од семејството и околината, Милан се дружи со песот скитник. Приказната паралелно ги следи судбините на уште дваесетина ликови и начините на кои се преплетуваат нивните животи…

Легедарниот драмски писател Ковачевиќ, авторот на драмите „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Радован Трети“, е сценарист на филмовите КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ (1980, во режија на Слободан Шијан), СОБИРЕН ЦЕНТАР (1989, Горан Марковиќ),ПОДЗЕМЈЕ (1995, Емир Кустурица), СВЕТИ ЃОРЃИ ЈА УБИВА ЛАМЈАТА (2009, Срѓан Драгоевиќ), а е сценарист и режисер на БАЛКАНСКИ ШПИОН (1984) и ПРОФЕСИОНАЛЕЦ (2003). Неговите филмови се многукратно наградувани, а НЕ Е ЛОШО ДА СЕ БИДЕ ЧОВЕК е негов прв филм по 18-годишна пауза.

Музиката во филмот е на композиторот Момчило Бајагиќ-Бајага, а актерско деби во филмот има популарната поп-пејачка Лена Ковачевиќ, ќерка на режисерот Душан Ковачевиќ.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА

 

5 АПРИЛ (ВТОРНИК), 12:00 ч.

 

ЕКО-СКОП

Краток игран филм, Македонија

2021, 15 мин., колор, ХДД

Режија: Коле Манев

Сценарио: Коле Манев

Улога: Александар Шехтански

 

Македонска премиера на краткиот игран филм на режисерот и сликар Коле Манев кој нé воведува во светот на собирачот на картонски отпад. Секојдневието, дневниот ритам на овој собирач,  авторот на филмот го доживува како мултиуметничко дело, како колаж од слики раздвижени од звуците на окарината на Драган Даутовски.

 

 

7 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

12 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

14 АПРИЛ  (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

21 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

 

АЈДЕ, АЈДЕ

(C’mon C’mon)

Игран филм, САД

2021, 109 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Мајк Милс (Mike Mills)

Сценарио: Мајк Милс (Mike Mills)

Улоги: Жоакин Феникс, Габи Хофман, Вуди Норман, Скот Мекнери (Joaquin Phoenix, Gaby Hoffmann, Woody Norman, Scott McNairy)

 

Џони (Феникс) е емоционално незрел радио-новинар кој патува низ Америка и интервјуира деца на разни теми, од случувањата во светот до нивната визија за иднината. Кога сестра му Вив (Хофман) ќе го замоли да го причува нејзинот син, енергичното момче Џеси (Норман), неколку дена, Џони ќе го поведе со него на патување низ земјата за да му го покаже поинаквиот живот од тој што го знае во Лос Анѓелес…

Критиката ја потенцира слоевитоста на сторијата која ја покажува важноста на комуникацијата меѓу луѓето и детската надеж како нешто најбитно за иднината. Режисерот инсистира на реалниот живот и автентичноста, па оттаму и стилската одлука филмот да биде во црно-бела фотографија. Филмот на Милс освои десетина награди на филмските фестивали во Северна Америка и беше номиниран за британската филмска награда БАФТА.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

100 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТА НОСФЕРАТУ

8 АПРИЛ (ПЕТОК), 18:00 ч.

 

НОСФЕРАТУ, СИМФОНИЈА НА СТРАВОТ

(Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray)

Игран филм, Германија

1922, 81 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau)

Сценарио: Хенрик Гален (Henrik Galeen)

Улоги: Макс Шрек, Александер Гранах, Густав фон Вангенхајм, Грета Шредер (Max Schreck, Alexander Granach, Gustav von Wangenheim, Greta Schröder)

Во германскиот град Визбург 1838 година, агентот за недвижности Нок (Гранах) го испраќа својот соработник Хутер (фон Вангенхајм) во Трансилванија, во замокот на грофот Орлок (Шрек), кој сака да купи куќа наспроти домот на Хутер. Хутер ја остава сопругата Елен кај својот богат пријател и поаѓа на пат, а кога пристига во Трансилванија, тамошните жители не сакаат да му помогнат да го превезат до замокот на грофот ниту да се приближат до зданието кое го сметаат за проклето.

Кога некако ќе дојде до грофот, на Хутер му е необично што тој се однесува чудно и што состаноците ги одржува само ноќе. Хутер не знае дека грофот е вампир кој наскоро ќе го затвори во замокот, и ќе замине во Визбург, носејќи со себе неколку мртовечки ковчези, полни со проклетата земја во која бил закопан. Хутер бега од замокот и веднаш тргнува назад кон Визбург, каде што ќе почнат да се случуваат тегобни и мрачни случки…

НОСФЕРАТУ е слободна адаптација на романот ДРАКУЛА на Брем Стокер (Bram Stoker) од 1897 година, со изменети имиња на ликовите. НОСФЕРАТУ е првиот голем филмски успех на Мурнау, кој има свое место во историјата на филмот заради сугестивната мрачна атмосфера комбинирана со мелодраматичната морбидност, што било исчекор за стандардите на германскиот експресионизам.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

9 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.

 

МИРНО ЛЕТО

(A Quiet Summer )

Игран филм, Македонија

1961, 99 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Димитрие Османли (Dimitrie Osmanli)

Сценарио: Фрида Филиповиќ (Frida Filipović)

Улоги: Љупка Арсова Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски, Стојка Цекова (Ljupka Arsova Dzundeva, Slobodan Perović, Meri Boshkova, Ilija Milchin, Darko Damevski, Aco Jovanovski, Petre Prlichko, Ilija Dzuvalekovski, Stojka Cekova)

Младиот научен работник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира, костимограф во театар, живеат во изнајмена соба како потстанари, постојано изложени на вознемирувања и љубопитност на соседите. Во вакви околности, на Заре му се доделени клучевите на Етнографскиот музеј во Охрид, заради негово средување, што за семејството Мисевски значи бегство во оаза на мир и тишина, за време на трите летни месеци, колку што треба да престојуваат во Охрид. Сакајќи својата радост да ја споделат со пријателите, Заре и Мира, секој за себе, раскажуваат за добиената „премија“.

Лето е, Заре и Мира се веќе во Охрид, во музејската зграда. Заре работи на својот проект, а Мира слика и се труди да не му пречи во работата.

Но, проблемите почнуваат кога еден ден, на гости им доаѓа колешката на Мира, Дара Љубина, разочарана од неславниот крај на последната љубовна врска. Револтот на Заре сè уште не е стивнат, а во нивниот привремен дом доаѓа Нестор Гиевски, некогашен факултетски професор на Заре, кој патувајќи кон Атина, наминал кај нив на одмор. На новонастанатата ситуација Заре и Мира бргу се привикнуваат, но не за долго. Братот на Мира, со своето друштво, исто така доаѓа на гости кај сестрата и зетот. Инвазијата на музејот продолжува. Во дворот на музејот стигнуваат стрикото и стрината на Заре и семејството Поп-Коцеви, кои имајќи проблеми со сместувањето, на покана на стрико Тале, дошле во музејот. Ситуацијата во куќата веќе не може да се контролира, владее општ метеж. Мира, изнервирана и лута, ќе побара мир во блискиот хотел…

 

Со секоја купена влезница добивате 50 % попуст на булеј изданието со дигитално реставрираниот филм!

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

 

9 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.

14 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 17:00 ч.

16 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.

20 АПРИЛ (СРЕДА), 17:00 ч.

21 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 17:00 ч.

29 АПРИЛ (ПЕТОК), 17:00 ч. 

 

БЕСКОНЕЧНА ПОЕЗИЈА

(Poesía sin fin / Endless Poetry)

Игран филм, Чиле / В. Британија / Франција / Јапонија

2016, 128мин., колор, ДЦП

Режија: Алехандро Ходоровски (Alejandro Jodorowsky)

Сценарио: Алехандро Ходоровски (Alejandro Jodorowsky)

Улоги: Алехандро Ходоровски, Бронтис Ходоровски, Адан Ходоровски, Леонардо Тауб, Памела Флорес, Џеремија Херсковиц (Alejandro Jodorowsky, Brontis Jodorowsky, Adan Jodorowski, Leandro Taub, Pamela Flores, Jeremias Herskovits)

Икона на контракултурата, филмаџија, следбеник на психомагијата и тарот-фетишист, Алехандро Ходоровски најде прекрасен нов наплив на енергија со  полуавтобиографска филмска трилогија, луда како опиумски сон. БЕСКОНЕЧНА ПОЕЗИЈА е втор дел од замислениот триптих, во кој Ходоровски е наратор и се среќава со младиот Алехандро (Џеремија Херсковиц).
Алехандро бега од домашната баналност и конзервативниот живот во боемска уметничка комуна во 1940-тите години во Сантјаго и одлучува да стане поет спротивно на желбите на неговото конзервативно семејство. Мајката на Алехандро на оперски начин ги пее сите реплики од дијалогот, додека во текстилната продавница на неговиот бесчуствителен татко – инаку Евреин емигрант од Европа – работат нацистички офицер на штули и џуџе преправено во Адолф Хитлер. Алехандро се запознава со поетесата Стела Дијаз и за младиот писател тоа е љубов на прв поглед. Бизарната врска што следува е само една од нишките што го води младиот херој низ полусветот на Сантјаго и кон уметничко себеостварување.
Младиот Алехандро и неговиот круг пријатели сакаат дречливи ешарпи и храбри уметнички гестови. Останатите во чилеанското општество се маскирани и меѓусебно заменливи. Визуелната слика е силна, но пораката не е најсуптилна.

Филмската критика отсекогаш го сакала Хородовски (Чиле, 1929 г.), а овој филм го воспева како негов најдобар и „најгледлив“ филм, весело надреален, безбожен и анархистички по дух, освежувачки напад на сетилата и тестаментарно дело на авторот.

БЕСКОНЕЧНА ПРИКАЗНА учествуваше на десетина филмски фестивали, меѓу кои и Интернационалниот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ во Битола 2016, каде што славниот Кристофер Долј (Christopher Doyle) беше меѓу натпреварувачите за „Златна камера 300“.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

15 АПРИЛ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ЖЕНА ВО ВОЈНА

(Kona fer í stríð / Woman at War)

Игран филм, Исланд / Франција / Украина

2018, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Бенедикт Ерлингсон (Benedikt Erlingsson)

Сценарио: Бенедикт Ерлингсон, Олафур Егилсон (Benedikt Erlingsson, Ólafur Egilsson)

Улоги: Халдора Геирхардсдотир, Јохан Сигурдарсон, Хуан Камило Роман Естрада, Јорундур Рагнарсон (Halldóra Geirharðsdóttir, Jóhann Sigurðarson, Juan Camillo Roman Estrada, Jörundur Ragnarsson)

 

Хала е активистка на тајната еко-герила која се бори против корпорацијата за производство на енергија во Исланд. Таа е подготвена да ризикува сè за да ги заштити недопрената природа и планини на Исланд кои ги сака неизмерно.

Во знак на протест против загадувањето на природата Хала врши саботажи на електричните водови: со циркулар ги сече носечките столбови на електричната мрежа, а со лук и стрела предизвикува кратки споеви на каблите. Никој не се сомнева дека овие саботажи ги прави плашливата Хала, па полицијата започнува да го следи туристот со сомнителен изглед, верувајќи дека тој ги создава проблемите.

Но, едно сираче ќе влезе во нејзиниот живот. Еден ден Хала добива писмо од владините институции во кое ја известуваат дека конечно ѝ е одобрено посвојување на сираче од Украина. Хала долго чекала на овој момент и животот ќе ѝ се промени од корен: дали мајчинскиот инстикт ќе биде посилен од нејзините радикални еколошки убедувања?

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ

 

15 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

ГАЛАНТНИТЕ ИНДИЈЦИ

(Indes Galantes / Gallant Indies)

Документарен филм, Франција

2020, 108 мин., колор, блуреј

Режија: Филип Безија (Philippe Béziat)

Учесници: Клемон Кожиторе, Бинту Дембеле, Леонардо Гарсија Аларкон (Clément Cogitore, Bintou Dembélé, Leonardo García Alarcón)

 

Музичкиот документарец ја прикажува поставката на познатата балетска опера ГАЛАНТНИТЕ ИНДИЈЦИ (Les Indes galantes) на композиторот Жан-Филип Рамо (Jean-Philippe Rameau) на сцената на легендарната „Опера Бастиља“ (Opéra Bastille) во Париз.

30 танчери од алтернативните жанрови, во сценската поставка на Клемон Кожиторе и кореографијата на Бинту Дембеле, го репризираат и ремиксираат барокното ремек-дело на Жан-Филип Рамо, нудејќи динамичен поглед на оваа значајна опера.

Создавајќи дијалог помеѓу урбаниот танц и лирската песна, тие заедно повторно го измислуваат барокното ремек-дело на Рамо, ГАЛАНТНИТЕ ИНДИЈЦИ. Од проби до јавни настапи, тоа е човечка авантура и средба со политички прашања што ги следиме: дали новата генерација уметници може да ја преземе Бастилја денес?

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

 

16 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.

26 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

АМЕРИКАНСКИОТ ПРИЈАТЕЛ

(Der amerikanische Freund / The American Friend)

Игран филм, Западна Германија / Франција

1977, 128 мин., колор, блуреј

Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders)

Сценарио: Вим Вендерс, Патриша Хајсмит (Wim Wenders,Patricia Highsmith)

Улоги: Бруно Ганц, Денис Хопер, Лиза Кројцер (Bruno Ganz, Dennis Hopper, Lisa Kreuzer)

Џонатан Цимерман (Ганц) е мајстор-изработувач за рамки за слики од Хамбург. Лекарскиот преглед открива дека е болен од леукемија и дека му преостанува малку време до крајот на животот. Том Рипли (Хопер) е трговец со уметнички слики од САД: ја искористува ситуацијата на Цимерман и го вплеткува во криминал, ангажирајќи го за убиство на еден мафијаш. Цимерман ја прифаќа понудата бидејќи со ветените пари за стореното убиство финансиски би го обезбедил семејството…

АМЕРИКАНСКИОТ ПРИЈАТЕЛ е екранизација на романот „Играта на Рипли“ („Ripley’s Game”) на Хајсмит (кој подоцна доживеа уште неколку екранизации со познати актерски ѕвезди). Вендерс за камео улогите на криминалците ги ангажирал познатите режисери од американскиот независен „нов бран“ на авторскиот филм, Жерар Блен, Николас Реј и Семјуел Фулер (Gérard Blain, Nicholas Ray, Samuel Fuller).

АМЕРИКАНСКИОТ ПРИЈАТЕЛ е еден од првите филмови на Вендерс (р. 1945, Дизелдорф, Германија) во американскиот дел од неговата филмографија. По успехот со СТРАВОТ НА ГОЛМАНОТ ОД ПЕНАЛ (Die Angst des tormannes beim Elfmeter; 1971) добива покана од Френсис Форд Копола да работи во САД, каде што ги снима и МОЛЊА НАД ВОДАТА (Lightning over Water; 1980) – портрет на неговиот филмски идол Николас Реј – и првиот негов глобален успех, ПАРИЗ, ТЕКСАС (Paris, Texas; 1984).

По враќањето во Германија го снима својот најуспешен филм, култниот НЕБО НАД БЕРЛИН (Der Himmel über Berlin; 1987), овенчан и со „Златна палма“ во Кан меѓу десетиците награди. Останатото е дел од една богата авторска биографија со близу 80 режисерски остварувања, а секако дел и од европската и светската кинематографија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

19 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

 

КВО ВАДИС, АИДА?

(Quo Vadis, Aida?)

Игран филм, Босна и Херцеговина  / Австрија / Романија / Холандија / Германија

2020, 101 мин., колор, ДЦП

Режија: Јасмила Жбаниќ (Jasmila Zbanić)

Сценарио: Јасмила Жбаниќ, Хасан Нухановиќ (Jasmila Zbanić, Hasan Nuhanović)

Улоги: Јасна Ѓуричиќ, Борис Исаковиќ, Изудин Бајровиќ, Изудин Бајровиќ, Јохан Хелденберг, Рајмонд Тири (Jasna Djuričić, Boris Isaković, Izudin Bajrović, Johan Heldenbergh, Raymond Thiry)

Филмот на Жбаниќ, кој може да гласи и КАДЕ ОДИШ, АИДА?, се случува во Босна и Херцеговина зафатена од последната војна. Аида е жена од бошњачка националност (Ѓуричиќ), преведувачка на Обединетите нации во Сребреница, која во јули 1995 година, по падот на градот во рацете на силите предводени од генералот Ратко Младиќ (Борис Исаковиќ), се обидува да го спаси своето семејство.

Операцијата на Војската на Република Српска (ВРС) во тој период резултираше со масакри на повеќе од 7.000 мажи и момчиња, Бошњаци од Сребреница. Жбаниќ користи ликови низ кои се прикажани вистински луѓе, како Ратко Младиќ или командантите на ООН, Томас Кареманс и Роберт Франкен, но, исто така, создава и други кои ја носат судбината на илјадниците Бошњаци кои страдаа во Сребреница.

Аида талка низ базата на холандските мировници на ООН во Поточари, крај Сребреница, која на Бошњаците, кои се обидуваа да избегаат од ВРС, им беше собирно место, одејќи од еден холандски офицер до друг, барајќи помош за сопственото семејство и за другите преплашени цивили. Нејзиното движење завршува кога српската војска ги зема нејзиниот сопруг и двајцата синови, а холандските војници не ѝ дозволуваат да им се придружи…

КВО ВАДИС, АИДА? освои номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм, две номинации за БАФТА (за најдобра режија и странски филм), и победи на 30-тина филмски фестивали во светот.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ГЕТЕ ИНСТИТУТ

 

20 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.

 

ВНАТРЕШНА СИГУРНОСТ

(Die innere Sicherheit / The State I Am In)

Игран филм, Германија

2000, 106 мин., колор, блуреј

Режија: Кристијан Пецолд (Christian Petzold)

Сценарио: Харун Фароцки, Кристијан Пецолд (Harun Farocki, Christian Petzold)

Улоги: Јулија Хумер, Барбара Ауер, Ричи Милер, Билге Бингул (Julia Hummer, Barbara Auer, Richy Müller, Bilge Bingul)

 

Петнаесетгодишната Жана живее во Португалија со нејзините родители Ханс и Клара, кои се поранешни членови на левичарска терористичка група, и се барани од полицијата веќе петнаесет години. Кога нивниот вистински идентитет е откриен, тие бегаат од земјата за да побараат засолниште назад во нивната родна Германија. Додека Ханс и Клара се расправаат со нивните проблеми во врската и бараат безбедно засолниште со помош од поранешните другари, Жана почнува да претставува закана за нивната непосредна безбедност со нејзините бунтовнички постапки: кражба во продавница, љубовна врска со момче кое го запознала на плажа во Португалија, итн…

Филмот на Пецолд освои десетина награди на фестивалите во Германија, меѓу кои и на филмската критика, а режисерот беше прогласен за најдобар автор на фестивалот во Валенсија, Шпанија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

23 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.

26 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

28 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

 

СИНОТ НА САУЛ

(Saul fia / Son of Saul)

Игран филм, Унгарија

2015, 107 мин., колор, ДЦП

Режија: Ласло Немеш (László Nemes)

Сценарио: Ласло Немеш, Клара Ројер (László Nemes, Clara Royer)

Улоги: Геза Рориг, Левент Молнар, Урс Рек, Тод Шармон (Géza Röhrig, Levente Molnár, Urs Rechn, Todd Charmont)

Концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, есента 1944 година. Саул (или Шаул) Ауслендер (Рориг) е Евреин, член на посебната група затвореници (Sonderkommando) чија задача е да ги спроведат затворениците во гасните комори, а потоа да ги спалат нивните тела. Откако е погубена една група затвореници, Саул меѓу нив забележува едно момче за кое мисли дека е неговиот син и посакува да го закопа според еврејските обичаи. За таа цел, лекарот-Евреин го крие телото на момчето и подоцна му го предава на Саул, а тој упорно се обидува да пронајде рабин кој би го извршил обредот.

Во меѓувреме, затворениците организираат бунт против нацистите, но Саул не сака да учествува во тоа, зашто е преокупиран со закопот. Откако пристигнува нова група затвореници, тој најпосле наоѓа рабин кого го спасува од стрелањето. Припадниците на специјалната група затвореници дознаваат дека утредента треба да бидат стрелани и го почнуваат бунтот при што некои од нив, меѓу кои се Саул и рабинот, успеваат да побегнат во шумата. Додека се обидува да ја преплива реката, Саул не може да го издржи товарот што го носи и водата го носи телото на мртвото момче. Потоа, бегалците одмораат во една шумска колиба, а Саул забележува едно дете. Тогаш пристигнува нацистичката потера…

СИНОТ НА САУЛ освои шеесеттина награди, меѓу кои и „Оскар“ за најдобар странски филм, 4 награди на Канскиот филмски фестивал („Големата награда“ на жирито и ФИПРЕСЦИ), БАФТА (за најдобар филм од неаглиско говорно подрачје)… Кинематограферот Матијас Ердељи (Mátyás Erdély) ја освои „Златната камера 300“ за најдобра камера на Интернационалниот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ во Битола 2015.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

27 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.

ПО СТАПКИТЕ… НА ПРОФ. Д-Р SCI. ТОМЕ МАНЧЕВ

Настанот „По стапките… на проф. д-р sci. Томе Манчев“ претставува своевиден омаж на ликот, делото и значењето на неодамна починатиот, исклучителен македонски композитор Томе Манчев. Негово мото беше да се создаде високо квалитетно и уметничко дело со моќна експресија, високо ниво на психоенергија, совршено композициско-техничко обликување, но и дело што ќе успее да го „предаде“, поточно, да го потпише како граѓанин на Република Македонија. Всушност, дејноста преку која овој композитор ќе остане особено запаметен е неговата педагогија на сите степени на образование – од средно образование до докторски студии. Омажот е  симболично навраќање конципирано преку делата на неговите студенти по композиција. Составен е од композициски начела на сега веќе реномирани творци, поранешни студенти по композиција, дела создадени под менторство на проф. д-р. sci Томе Манчев.

 

  

28 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

 

ЛУДИОТ ПЈЕРО

(Pierrot le fou)

Игран филм, Франција / Италија

1965, 110 мин., колор, блуреј

Режија: Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard)

Сценарио: Ремо Форлани, Жан-Лик Годар (Rémo Forlani, Jean-Luc Godard)

Улоги: Жан-Пјер Белмондо, Ана Карина, Грациела Галвани, Жан-Пјер Лео (Jean-Paul Belmondo, Anna Karina, Graziella Galvani, Jean-Pierre Léaud,)

Фердинанд Грифон (Белмондо) е несреќно оженет и штотуку отпуштен новинар од една телевизиска станица. Тој е оженет со богата Италијанка (Галвани), која му закажува средба со нејзиниот богат татко кој треба да му најде нова работа.

Фердинанд оди на една забава, но му е здодевно и си заминува, а притоа ја среќава Маријана Реноар (Карина), неговата поранешна девојка, која постојано го нарекува Пјеро (класично име за „тажен кловн“). Решава да замине со неа, оставајќи ги зад себе сопругата, децата и буржоаскиот стил на живот на 14 јули, францускиот национален празник. Но, во нејзиниот стан наоѓаат труп на мртов маж: Пјеро сфаќа дека Маријана е следена од припадниците на ОАС, тајната десничарска организација која се бори против независноста на Алжир од француската колонијална власт.

Пјеро и Маријана бегаат со украден погребен автомобил, патуваат низ Франција, притоа уништуваат автомобили, крадат и водат неконвенционален живот. Кога пристигнуваат на француската ривиера, Фердинанд паѓа во рацете на криминалците кои ја бараат Маријана поради парите што ги украла од нив. По низа перипетии, Пјеро решава да стави крај на нештата…

ЛУДИОТ ПЈЕРО е еден од најпознатите филмови во раниот опус на легендарниот Годар, перјаницата на францускиот „нов бран“, и не случајно филмот доби награда на „Каје ди синема“ (Cahiers du Cinéma), филмското списание што го „породи“ овој правец. Годар за ЛУДИОТ ПЈЕРО вели дека е „филм поврзан со насилството и осаменоста кои се толку блиску до посакуваната среќа, но во голема мерка ова е филм за Франција“.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ПЈЕР ПАОЛО ПАЗОЛИНИ

 

29 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

МЕДЕЈА

(Medea)

Игран филм, Италија / Франција / З. Германија

1969, 118 мин., колор, блуреј

Режија: Пјер Паоло Пазолини (Pier Paolo Pasolini)

Сценарио: Пјер Паоло Пазолини (Pier Paolo Pasolini)

Улоги: Марија Калас, Масимо Џироти, Лоран Терзиеф, Џузепе Џентиле, Маргарет Клементи (Maria Callas, Massimo Girotti, Laurent Terzieff, Giuseppe Gentile, Margareth Clémenti)

Работен според класичната трагедија „Медеја“ на Еврипид, со можеби најславната оперска дива на сите времиња, Марија Калас, во главната улога, филмот на Пазолини ги преплетува античките митови и драмата.

Од кентаурот Хирон, под чија заштита пораснал, младиот Јасон ќе ја дознае вистината за своето потекло, за својот татко и за престолот кој тој го изгубил, а кој сега му припаѓа на кралот Пелеј. Ја дознава и приказната за Златното руно, симболот на мирот и долгото владеење, и кое – според кентаурот – го наговестува доаѓањето на новото доба на место на старото, хаотично, исполнето со магиски обредни ритуали и принесување жртви на боговите.

Кралот Пелеј насетува дека е во опасност да го изгуби престолот од младиот Јасон, па затоа го испрќа момчето во потрага токму по Златното руно (кое се наоѓа во Колхида, земјата на варварите), со намера да ги провери неговите способности и лојалност кон него како владетел. Во Колхида Јасон ќе успее да ја освои Медеја, моќна маѓесница, и таа ќе му помогне да го украде Златното руно. Вљубена во Јасон таа ќе побегне со него и неговите Аргонаути, надевајќи се дека ќе живее со својот љубен во новото кралство чиј престол Јасон ќе го освои со помош на руното. Но, нивната приказна допрва ќе се искомплицира, љубовта ќе биде ставена пред многу предизвици, а кутрата Медеја, користејќи итрини, магии и измами, повеќе ќе си наштети себе си и на своите најмили, отколку што ќе успее да ги оствари своите цели.. Всушност, на крај, таа ќе има само една цел – одмазда!

МЕДЕЈА е оценувана како многу успешна адаптација на античката драма, снимана на локации во Турција, Тоскана (Италија) и Алепо (Сирија), и во неа Марија Калас ја остварува својата единствена филмска улога. Италијанскиот режисер Пјер Паоло Пазолини (1922, Болоња –  1975, Рим) не се држи стриктно до драмата и митовите, создавајќи негова суптилна визуелна верзија на врвот на неговата авторска креативност, по која (о)стана запаметен во италијанската и европската кинематографија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари