1 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 ч.
8 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 ч.
15 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 ч.
БАШ СУПЕР!
(Helt super / Just super)
Анимиран филм, Норвешка
2022, 76 мин., колор, ДЦП
Режија: Расмус А. Сивертсен (Rasmus A. Sivertsen)
Сценарио: Камила Крогсвен (Kamilla Krogsveen)
Улоги: Хеника Хус, Тобијас Сантелман, Кари Симонсен (Hennika Huuse, Tobias Santelmann, Kari Simonsen)
Единаесетгодишното девојче Хедвиг, вљубеничка во компјутерските игри, ќе открие дека животот комплетно ќе ѝ се смени кога ќе мора да направи радикален потег: да го замени татко ѝ како суперхерој на градот, и тоа многу порано отколку што очекувала.
Предизвиците пред неа се многу поголеми отколку што можела да претпостави. По серијата несмасни потези, татко ѝ одлучува дека роднината Адријан, а не Хедвиг, ќе биде новиот суперхерој. Хедвиг мора веднаш да реагира. Решава да го намали костимот за суперхерој на татко ѝ, и против неговата волја, да се обиде да ја спроведе мисијата на нејзиниот живот.
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 150 денари
1 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.
ТРЕЈНСПОТИНГ
(Trainspotting)
Игран филм, В. Британија
1996, 93 мин., колор, 35 мм
Режија: Дени Бојл (Danny Boyle)
Сценарио: Џон Хоџ (John Hodge)
Улоги: Јуан Мегрегор, Јуан Бремнер, Џони Ли Милер, Кевин Меккид, Роберт Карлајл, Кели Мекдоналд (Ewan McGregor, Ewen Bremner, Jonny Lee Miller, Kevin McKidd, Robert Carlyle, Kelly Macdonald)
Снимен според култниот роман на Ирвин Велш (Irvine Welsh), ТРЕЈНСПОТИНГ (термин што се преведува како препознавање или броење возови) постигна не помал култен статус меѓу филмофилите, кој освои номинација за „Оскар“ за сценарио и награда BAFTA. Сторијата на филмот се одвива во деведесеттите години од минатиот век во сиромашниот кварт на Единбург и ја прати судбината на зависниците од хероин и бедата во градот.
Марк Рентон (Мекгрегор) е хероински зависник чиј живот е исполнет со потрага по дрога, секс, рокенрол и фудбал. Марк со неговите пријатели со живописни прекари – Сик Бој, Спад, Бегби – меѓу кои е и Томи, единствениот „стрејт“ дечко што не пробал дрога, но е љубопитен за тоа чувство, бесцелно глуварат низ градот, одат на раскалашните забави, се дрогираат, а една од најнеобичните забави им е да ги набљудуваат возовите. Хероинот за овие млади губитници е само изговор да го избегнат соочувањето со реалниот живот и да го „обојат“ баналното секојдневие. Парите за дрогата ги заработуваат со ситен криминал.
Марк, свесен за бесценолста на таквиот живот, се обидува да го смени, заминувајќи во Лондон и барајќи работа. Меѓутоа, плановите за новиот живот ќе се најдат на најголемото искушение: една голема пратка на дрога би можела да му донесе нему и на неговите пријатели многу пари…
Црнохуморната егзистенцијална драма ги етаблираше Бојл како режисер на еден од најуспешните и највлијателните британски филмови од крајот на 20-тиот век, но и авторот на романот Ирвин Велш како култен писател, кој има епизодна улога во филмот како дилерот на дрога Мајки Форестер. Нивната соработка продолжи во низа филмски остварувања, но ТРЕЈНСПОТИНГ останува генерациски феномен на поп-културата, препознаен и славен од публиката многу подалеку од границите на Велика Британија.
Критичарите и публиката одлично го прифатија филмот, кој го зазеде десеттото место на листата на најдобри филмови на сите времиња по избор на Британскиот филмски институт, а во 2004 е прогласен за најдобар шкотски филм на сите времиња. Сиквелот на ТРЕЈНСПОТИНГ, насловен Т2, имаше премиера во 2017 година, но не постигна ни приближно толкав успех како претходникот.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
IN MEMORIAM: ТАНАСИЕ УЗУНОВИЌ
3 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
ЈАД
(Anguish)
Игран филм, Македонија
1975, 119 мин., колор, ДСП
Режија: Кирил Ценевски (Kiril Cenevski)
Сценарио: Кирил Ценевски (Kiril Cenevski)
Улоги: Дарко Дамевски, Фабијан Шоваговиќ, Марга Потоцка, Нада Гешовска, Олег Видов, Сабина Ајрула-Тозија, Танасие Узуновиќ (Darko Damevski, Fabijan Šovagović, Marga Potocka, Nada Gešovska, Oleg Vidov, Sabina Ajrula-Tozija, Tanasije Uzunović)
Крај на XI век. Охрид, Византија. Силен духовен отпор на словенското население кон византиската власт и христијанската догма, искажан преку ересот на богомилското движење и автентичната самобитност на народот. Прогони, анатеми, убиства, чуми, несреќи… вител во кој ја следиме судбината на семејството на Аврам, како вековен симбол на човековото опстојување на балканските крстопати.
Во селото на Аврам владее епидемија на големи сипаници. Сите болни ги фрлаат во вар. Аврам сè уште нема наследник, а тоа неизмерно го посакува. Ноќе, кога селаните изведуваат во шумата ритуали за изгонување на болестите и кажуваат молитви упатени кон природата, Аврам ја забележува младата и убава Далија со која посакува да има син. Правото на старешина тоа му го дозволува.
Во исто време и жената на Аврам упатува паганска молитва кон Сонцето за да ја оплоди нејзината утроба. Се раѓаат два сина. Едниот, Вардан, и неговата мајка Далија се сместени во манастир, а другиот, Гаврил, ја има сета таткова љубов. Момчињата израснуваат и се запознаваат на еден црковен празник, кога Аврам со семејството и селаните доаѓаат во манастирот…
Кинотеката го прикажува ЈАД на Кирил Ценевски во кој забележителна улога оствари неодамна починатиот српски актер Танасие Узуновиќ (1942-2023) на почетокот на неговата кариера. Узуновиќ ќе остане запаметен и по улогите во филмовите од ексјугословенска продукција: МОМИНСКИОТ МОСТ, ЧОВЕКОТ ШТО ТРЕБА ДА БИДЕ УБИЕН, ЛАГЕР НИШ, АТОСКИТЕ ГРАДИНИ, СОБИРЕН ЦЕНТАР…
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари
3 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
10 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
11 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
13 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
СЀ ВО ИСТО ВРЕМЕ
(Everything Everywhere All at Once)
Игран филм, САД
2022, 140 мин., колор, ДЦП
Режија: Дан Кван, Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert)
Сценарио: Дан Кван, Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert)
Улоги: Мишел Јео, Џејми Ли Кертис, Стефани Хсу, Ке Хуј Кван, Џејмс Хонг (Michelle Yeoh, Jamie Lee Curtis, Stephanie Hsu, Ke Huy Quan, James Hong)
Повозрасната емигрантка од Кина, Евелин (Јео), е затекната во луда авантура во која само таа може да го спаси светот преку истражување на други универзуми и други животи кои можела да ги живее.
Оваа чудна појава е позната под името мултиверзум. Таму некаде постојат наши верзии кои ги владејат боречките вештини како кунг-фу, знаат да пејат оперски арии или вешто да готват, или, пак, кои имаат виршли наместо прсти на рацете.
Евелин заедно со својот сопруг Вејмонд (Ке Хуј Кван) водат перална како семеен бизнис, но се под опасност од даночна ревизија и сериозни долгови. Во меѓувреме, строгиот татко на Евелин, Гонг Гонг (Џејмс Хонг), ќе допатува од Кина, а нејзината ќерка, Џој (Стефани Хсу), се обидува да ја придобие Евелин, бидејќи таа тешко ја прифаќа нејзината девојка Беки (Тали Медел).
Целата приказна за едно навидум просечно семејство доживува пресврт во моментот кога свеста и телото на Вејмонд ќе бидат преземени од Алфа Вејмонд, односно верзијата од Вејмонд во алфа-универзумот. Соочувањето со Непознатото станува лајтмотив на приказната и набргу Евелин дознава дека таа е, всушност, најлошата од сите нејзини милиони верзии во мултиверзумот, но има неискористен потенцијал што може да биде насочен кон совладување на големото зло кое се одѕива на името Јобу Тупаки…
На 95-то доделување на „Оскарите“ во март годинава СЀ ВО ИСТО ВРЕМЕ беше апсолутен победник. Филмот беше номиниран за најголем број златни статуетки, дури 11, а победи во седум категории – најдобар филм, најдобра режија, најдобра актерка во главна улога, најдобар актер во споредна улога, најдобра актерка во споредна улога, најдобро оригинално сценарио и најдобра монтажа.
Актерката Мишел Јео влезе во историјата како првата актерка со потекло од Азија која ја освоила „Оскар“, а Џејми Ли Кертис ја освои нејзината прва златна статуетка во нејзината долгогодишна кариера во Холивуд како најдобра актерка во споредна улога. Ке Хуј Куан беше прогласен за најдобар актер во споредна улога и стана првиот актер со потекло од Виетнам кој освои Оскар. Даниел Кван и Даниел Шајнерт е само трето режисерко дуо кое има освоено Оскар за најдобра режија во историјата на наградите.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
4 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
10 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
12 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.
МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА
(R.M.N.)
Игран филм, Романија / Белгија / Франција / Шведска
2022, 125 мин., колор, ДЦП
Режија: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu)
Сценарио: Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu)
Улоги: Марин Григоре, Јудит Стате, Макрина Барладеану (Marin Grigore, Judith State, Macrina Barladeanu)
Неколку дана пред Божиќ Матијас ја напушта работата во Германија и се враќа во мултиетничкото трансилванско село. Сака да биде повеќе вклучен во растењето на својот син и да му помогне на детето да се ослободи од неговите нејасни стравови.
Матијас е преокупиран и со својот стар татко, како и желбата да ја види својата поранешна љубовница, Сила. Кога во малата фабрика, која ја води Сила, ќе се вработат неколку нови работници, мирот во заедницата полека се нарушува. Уплашеноста ги обзема жителите, а фрустрацијата и страстите ја нарушуваат дотогашната состојба на привидното разбирање и смиреноста.
Мунџиу со неговиот најнов филм победи на фестивалот во Палиќ, Србија, и беше во конкуренција на уште неколку фестивали, меѓу кои и Кан и Чикаго. Тој со неговиот прв успех во 2007 година, ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ, ТРИ НЕДЕЛИ И 2 ДЕНА (4 luni, 3 saptamâni si 2 zile) освои педесетина награди и беше предводник на романскиот нов филмски бран што направи фасцинантен пробив во светската кинематографија.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
4 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
МАЛЕР
(Mahler)
Игран филм, В. Британија
1974, 115 мин., колор, 35 мм
Режија: Кен Расел (Ken Russell)
Сценарио: Кен Расел (Ken Russell)
Улоги: Роберт Пауел, Џорџина Хејл, Ли Монтаг (Robert Powell, Georgina Hale, Lee Montague)
Биографски филм за славниот композитор Густав Малер, раскажан во низа ретроспективни сцени додека тој и неговата сопруга Алма разговараат за нивниот неуспешен брак за време на патување со воз.
Сторијата низ флешбек секвенци го прикажува турбулентното детство на Малер, обременето со самоубиството на неговиот брат, искуството со антисемитизмот, неговото конвертитство од јудаизам во католицизам, брачните проблеми, смртта на неговата млада ќерка… Расел ја истражува музиката на Малер и низ неговите односи со Козима фон Билов (Cosima von Bülow), ќерката на композиторот Франц Лист (Franz Liszt ), а потоа вдовицата на Рихард Вагнер (Richard Wagner).
Во улогата на Густав Малер настапува актерот Роберт Пауел познат по неговата иконична креација на Исус Христос во ИСУС ОД НАЗАРЕТ (Jesus of Nazareth, 1977) на Франко Зефирели (Franco Zeffirelli), како и од мјузиклот ТОМИ (Tommy) на Расел, реализиран во 1975, една година по нивната заедничка соработка во МАЛЕР.
МАЛЕР е само еден наслов од творештвото на Расел од периодот кога режисерот бил посветен на слободното толкување на биографиите на славните класични композитори и уметници како Петар Илич Чајковски, Франц Лист – во толкување на Роџер Далтри (Roger Daltrey), пејачот на групата „The Who“, кој ја игра и насловната улога во рок-операта ТОМИ – потоа холивудската икона Рудолф Валентино (во интерпретација на славниот балетан Рудолф Нуреев)…
Џорџина Хејл за улогата на Алма Малер ја доби наградата БАФТА за најдобра млада актерка, Расел ја освои наградата за технички достигнувања на Канскиот фестивал, каде што беше номиниран и за „Златна палма“. Расел ги доби и наградите за најдобар режисер на фестивалот на островот Фаро и за најдобар сценарист на британската Асоцијација на филмски сценаристи.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
5 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.
13 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
КОСА
(Hair)
Игран филм, САД / Западна Германија
1979, 121 мин., колор, ДЦП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Мајкл Велер (Michael Weller)
Улоги: Џон Севиџ, Трит Вилијамс, Беверли Д’Анџело, Ени Голден, Дорси Рајт, Дон Дакјус (John Savage, Treat Williams, Beverly D’Angelo, Annie Golden, Dorsey Wright, Don Dacus)
Во средината на 1960-тите години младиот Клод Буковски заминува од родната Оклахома во Њујорк, со намера да се пријави во американската армија и да војува во Виетнам. Пред да стигне до регрутниот центар Клод во Централ Парк запознава група хипици, млади момци и девојки чиј животен стил му е потполно туѓ.
Водач на хипиците е енергичниот и харизматичен Џорџ Бергер, и Клод бргу ќе се спријатели со него. Во хипи дружината е и убавата Шејла Френклин, девојка од повисокиот граѓански слој која ја напуштила малограѓанската удобност, и веднаш ќе го привлече Клод. Кога хипиците ќе дознаат дека во домот на родителите на Шејла се организира забава за поимотни луѓе како нејзините родители, решаваат да упаднат таму и да направат скандал со нивниот изглед и однесување.
Иако Клод потпаѓа сè повеќе под влијанието на хипиците, тој е американски провинцијалец со силни „патриотски“ чувства, па решава да продолжи во Невада, каде што е прерасподелен на воена обука по регрутацијата. Бергер и неговата хипи дружина решаваат да го изненадат Клод и го посетуваат во Невада. Бергер има луда замисла: да ја истриже долго пуштаната коса, да ја облече униформата од офицерот кого девојките претходно ќе го заведат, опијанат и онеспособат на едно деноноќие, во кое Клод ќе може да побегне од касарната со неговиот идентитет и да ужива со Шејла. Но, нештата добиваат трагичен тек кога ќе биде огласена ненадејна воена тревога…
КОСА е една од најуспешните екранизации на бродвејските мјузикли и веројатно најпознатиот филм за хипи културата доминантна во САД и Западот во 1960-тите и 1970-тите години. Музиката на Галт МекДермот (Galt MacDermot) и текстовите на Џером Регни и Џејмс Радо (Gerome Ragni, James Rado) од мјузиклот премиерно изведен во 1968 (а следната година веќе и со поставка на сцената на белградскиот театар „Алеље 212“, која со неколку сцени гостувала и на една новогодишна забава за Ј.Б. Тито) изнедрија евергрин сонгови – „Let the Sunshine In“ и останатите – на чии иконични тактови и стихови сè уште реагираат нозете и грлата на филмофилите на возраст од 50+ години. Заслуга за тоа имаат дури три кинематографери Мирослав Ондричек, Ричард Кратина и Џин Телвин (Miroslav Ondrícek, Richard C. Kratina, Jean Talvin) и кореографката Твајла Тарп (Twyla Tharp) со нејзината танчерска група.
КОСА ја доби наградата „Давид ди Донатело“, забележа номинации за „Златен глобус“ и други награди. Но, побитно е што Форман во овој филм ги спои навидум непремостливите разлики на поетиката на „чешката школа“ и бројвејскиот мјузикл, односно псевдодокументаристичкиот стил и музичката мелодрама, правејќи филмски хит за сите времиња. КОСА на Форман ги промовираше тошганите почетници Вилијамс, Севиџ и Д’Анџело во нови холивудски ѕвезди. Три години по КОСА, Форман повторно ќе соработува со Мајкл Велер во РЕГТАЈМ (Ragtime) според романот на Е. Л. Доктороу (E. L. Doctorow).
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
7 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.
ЦРН ПЕТАР
(Černý Petr / Black Peter)
Игран филм, Чехословачка
1964, 85 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Милош Форман, Јарослав Папушек (Miloš Forman, Jaroslav Papousek)
Улоги: Ладислав Јаким, Павла Мартинкова, Јан Вострчил, Владимир Пухолт, Павел Седлачек (Ladislav Jakim, Pavla Martinkova, Jan Vostrcil, Vladimír Pucholt, Pavel Sedlacek)
Петар е младо момче кое се бори со монотонијата на неговото работно место со скратено работно време во супермаркет, додека сака да излезе и да ужива во летото. Во текот на неколку дена искуствата на Петар со работата, љубовта и семејството се обединуваат додека тој се среќава и комуницира со повеќе ликови.
Петар сè уште лута во потрагата по смислата на животот, тотално спротивна личност од неговиот авторитетен татко, диригент во локалниот оркестар, кој е олицетворение на класичен примерен граѓанин. Петар постојано ги слуша советите од татко му, сметајќи ги за „попувања“, но можеби тие некој ден ќе му бидат од суштинска корист?
Петар работи на касата во супермаркетот, но негова задача е и да внимава на муштериите кои се склони да украдат нешто и во тој случај веднаш да го извести шефот. Петар уште во текот на првиот работен ден ќе го примети необичното однесување на еден постар муштерија, па ќе почне да го следи…
Филмот кој е снимен во манир на документарец – кинематографер е Јан Немечек (Jan Nemecek), уште еден мајстор во плејадата на фантастичните чешки сниматели – спаѓа во пионерските наслови на познатата „чешка школа“ од шеесеттите години на минатиот век. Форман во ЦРН ПЕТАР ангажира натуршчици како италијанските неореалисти, што ќе биде заштитен знак и во неговите подоцнешни наслови. Критичарите го забележуваат влијанието на францускиот „нов бран“, но откако тој ќе биде измешан со специфичниот хумор во чешки стил, го добиваме познатиот резултат – новиот чешки бран, кој следната деценија ќе има огромно влијание во европската кинематографија. ЦРН ПЕТАР ја освои главната награда на фестивалот во Локарно.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
8 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.
ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА
(Lásky jedné plavovlásky / A Blonde in Love)
Игран филм, Чехословачка
1965, 88 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Милош Форман, Јарослав Папушек, Иван Пасер, Вацлав Сашек (Miloš Forman, Jaroslav Papousek, Ivan Passer, Václav Sasek)
Улоги: Хана Брејхова, Владимир Пухолт, Владимир Меншик, Иван Кил, Јиржи Хруби (Hana Brejchová, Vladimír Pucholt, Vladimír Mensik, Ivan Kheil, Jirí Hrubý)
Филмот прикажува портрет на сонувачи од мали градови и како нивните идеализирани гледишта на реалниот свет може да бидат урнати од нечувствителната рака на животот.
Андула е млада романтична девојка од мал индустриски град, работи во фабрика, свири на гитара и сонува за некој подобар живот. Во нејзината фабрика, и воопшто во гратчето, жените се во многу поголем број. Андула има кратки љубовни авантури со оженет ловец и со момче од соседството. Кусокот од мажи се решава и со организирано носење воени резервисти на локалната забава, на која Андула ќе се запознае со Милда, убав и атрактивен музичар од Прага.
Откако ќе мине една ноќ со него, Андула решава да го смени нејзиниот дотогашен живот, заминувајќи во големиот град за повторно да се сретне со музичарот и да започне ново поглавје. Но, нејзините очекувања се во голем расчекор со реалноста, очигледни веќе во текот на првата средба со родителите на Милда.
ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА беше дел од официјалната конкуренција на Венецискиот фестивал и номинирана за „Оскар“ и „Златен глобус“ како најдобар странски филм. Форман, случајно или не, сеедно, во овој филм ги собира колегите кои подоцна се препознаени како „крем“ на чешкиот нов бран – режисерот и сценарист Иван Пасер, кинематограферот Мирослав Ондричек (Miroslav Ondríček) – кои подоцна ќе го следат и во американскиот период од неговото творештво.
Со проверениот чешки хумор и документаристички манир во режијата, ангажирајќи актери на почетокот од нивните кариери и натуршчици, ВЉУБЕНАТА РУСОКОСА е првиот поголем интернационален успех на Форман.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
12 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.
ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ
(Horí, má panenko / The Firemen’s Ball)
Игран филм, Чехословачка / Италија
1967, 73 мин., колор, ДЦП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Милош Форман, Јарослав Папушек, Иван Пасер, Вацлав Сашек (Miloš Forman, Jaroslav Papousek, Ivan Passer, Václav Sasek)
Улоги: Јан Штекл, Јан Вострчил, Јозеф Себанек, Јозеф Валноха, Јозеф Колб (Jan Stöckl, Jan Vostrcil, Josef Sebanek, Josef Valnoha, Josef Kolb)
Приказната на филмот се одвива еден сосем обичен ден во мало гратче каде што членовите на локалното доброволно противпожарно друштво организираат забава во чест на нивниот командир кој заминува во пензија. На забавата на досегашниот командир ќе му биде врачена наградата „Златно секирче“, а има и лотарија/томбола и избор на убавици, но се случуваат и ситни инциденти, кои ќе прераснат во вистинска катастрофа. Тортата и другите награди од томболата ќе бидат украдени, транспарентот со испишаната парола ќе се запали, еден од присутните ќе падне од скалите, а некои од девојките кои треба да учествуваат во изборот на убавицата нема ни да дојдат. Згора на тоа, во соседството ќе избие пожар, а токму пожарникарите ќе бидат неподготвени да го изгаснат.
И во овој негов последен филм во чехоловачка продукција пред заминувањето за САД, Форман ангажира натуршчици кои ги бира од локалните жители. Форман и косценаристите Пасер и Папушек инспирацијата за филмот ја добиле присуствувајќи на слична таква забава во некое провинциско гратче во Чехословачка, па во нивните сеќавања споменуваат дека сценариото „само се напишало“. Филмот во медиумите на Западот бил протолкуван како алегориска критика на тогашниот комунистички режим во Чехословачка. Кога започнал со киноприкажување, пристигнале и обвиненијата на противпожарните друштва од Чехословачка, кои сметале дека филмот не е само комедија, туку грубо шегачење на нивна сметка.
Копродуцент на филмот е прочуениот италијански продуцент Карло Понти, но по недоразбирањата со Форман, Понти сакал да ја прекине продукцијата. За среќа, така не мислел францускиот продуцент Клод Бери, кој го спасил филмот откупувајќи ги правата за светската копродукција, што бил вистински потег: филмот на Форман освоил номинација за „Оскар“ како најдобар странски филм, продолжувајќи ја успешната низа на чешкиот нов бран. И во ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ (или БАЛОТ НА ПОЖАРНИКАРИТЕ), Форман соработува со кинематограферот Мирослав Ондричек (Miroslav Ondríček).
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
14 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.
19 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.
24 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
29 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.
И СВИЊИТЕ ОДАТ ВО РАЈОТ
(Nosila je rubac crleni / Even pigs go to heaven)
Игран филм, Хрватска / Македонија
2022, 86 мин., колор, ДЦП
Режија: Горан Дукиќ (Goran Dukić)
Сценарио: Сандра Антолиќ (Sandra Antolić)
Улоги: Наташа Дорчиќ, Теса Литван, прасицата Беба, Пјер Меничанин, Љубо Зечевиќ, Атанас Атанасовски, Љупчо Тодоровски-Упа (Nataša Dorčić, Tesa Litvan, prasica Beba, Ljubo Zečević, Atanas Atanasovski, Ljupčo Todorovski-Upa)
Семоќниот и сезнаен наратор Исус Христос (33 години), заедно со подеднакво сезнајната тетка Анка (55) и љубопитната прасица Беба (2) се главните ликови на оваа рурална комедија со пеење и пукање, сместена во питомото Хрватско Загорје за време на воените 1990-ти.
Филмот се фокусира на љубовната драма на Беба и Роки, крмак за расплод од полусрпско потекло, љубовната драма на невестата Анчица и велечесниот отец Вјеран, кој не е младоженец на свадбата, и дефектот на фризерската хауба што ги пореметува подготовките на тетка Анка за
„проштењето“, еден вид локален аџилак со цел простување на гревовите.
Мајката Божја, како deus ex machina, ја води приказната кон рајски епилог – кочина полна со прасиња и срца полни со проштевање.
Филмот е добитник на наградата на публиката на Пулскиот филмски фестивал, а актерот Љубо Зечевиќ ја освои „Златната арена“ за најдобра споредна машка улога.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари
15 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.
АМАДЕУС
(Amadeus)
Игран филм, САД / Франција / Италија
1984, 160 мин., колор, ДЦП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Питер Шефер (Peter Shaffer)
Улоги: Ф. Мари Ејбрахам, Том Хулс, Елизабет Бериџ, Рој Дотрис, Сајмон Калоу, Кристин Еберсол (F. Murray Abraham, Tom Hulce, Elizabeth Berridge, Roy Dotrice, Simon Callow, Christine Ebersole)
Сторијата на драматичарот Шефер за двата карактера кај Форман е моделирана како апсолутен контраст меѓу двајцата композитори кои останале запаметени како генијот со дар од Бога, Волфганг Амадеус Моцарт, и просечниот дворски уметник, медиокритетот Антонио Салиери.
Филмот започнува во 1823 година со приказната за Салиери, некогашен службен композитор на виенскиот царски двор, кој се обидел да се самоубие и е сместен во психијатриска болница. Кај него доаѓа младиот свештеник Фоглер, и Салиери се исповеда за неговата одговорност за прераната смрт на младиот гениј Моцарт. Чувството на вина кај Салиери била толку голема што решил да се самоубие, а ние ја следиме големата приказна за еден од најголемите композитори во историјата на музиката.
Салиери уживал во привилегиите како дворски композитор кај царот Јозеф Втори и бил популарен кај елитистичката публика, сè до моментот кога го запознал Моцарт, младиот гениј со лудо однесување: арогантен, често пати пијан, вулгарен… Салиери како побожен човек со Фаустовски синдром – сметал дека ако животот му го посвети на Господ ќе биде награден со успех и слава, и покрај тоа што компонирал просечна музика – постојано се чуди како може некој како Моцарт да го има тој божји талент за музика. Тука почнува комплицираниот ривалски однос меѓу Салиери и Моцарт: егоизмот на првиот на секој начин, со сите средства, ќе се обиде да го сопре успехот на младиот гениј…
АМАДЕУС уште една ја потврди супериорноста на Форман (и) во жанрот на биографската музичката драма. Филмот имаше 11 номинации за „Оскар“, освои 8, меѓу кои и за најдобра режија и најдобра машка улога (Ејбрахам). АМАДЕУС се закити и со по четири награди „Златен глобус“ и БАФТА, доминирајќи како филм на годината, а можеби и на деценијата.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
19 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.
26 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.
НАРОДОТ ПРОТИВ ЛАРИ ФЛИНТ
(The People vs. Larry Flint)
Игран филм, САД
1996, 130 мин., колор, 35 мм
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Скот Александер, Лари Карашевски (Scott Alexander, Larry Karaszewski)
Улоги: Вуди Харелсон, Кортни Лав, Едвард Нортон, Брет Харелсон, Дона Хановер, Џејмс Корнвел (Woody Harrelson, Courtney Love, Edward Norton, Brett Harrelson, Donna Hanover, James Cromwell)
Филмот на Форман повторно раскажува приказна за судирот на поединецот – овој пат идеалистички, но контроверзен лик – со општеството, неговите судења и страдања. Се работи за вистинскиот лик Лари Флинт, озогласениот издавач на магазинот „Хастлер“, или хардкор варијанта на Хју Хефнер и неговиот „Плејбој“. Всушност, „Хастлер“ и настанал како идејата дека слободата со „Плејбој“ е освоена, но не е доволна за сите, што и да се подразбира под поимот слобода.
Лари и неговиот брат Џими на почетокот на 1970-тите години во Синсинати водат скромен стриптиз бар со назив „Хастлер“ (млад, енергичен човек, „пастув“ во сексуално значење). Идејата дека со издавањето на билтен во кој би имало слики од разголените девојки кои работат во клубот би го зголемил неговиот профит, прераснува во издавање на класично списание со тврда еротика. Првите броеви немаат солиден тираж, но кога во 1972 година на страниците ќе се најдат разголените фотографии на некогашната прва дама Џеки Кенеди Оназис, не само што продажбата ќе биде огромна туку и публицитетот ќе експлодира. Тоа е иницијална каписла за идното клубско и медиумско царство на Флинт, кој се жени со Алтеа, танчерка од неговите клубови. „Хастлер“ ја тестира толеранцијата на американското општество, но ќе привлече многу непријатели, посебно меѓу радикалната христијанска десница, што ќе резултира со негово апсење и судски процес…
На Берлинале 1997 година оваа успешна биографска драма на Форман ја освои „Златната мечка“, потоа беше номинирана за „Оскар“ во категориите најдобра режија и главна машка улога, а филмот ја доби и наградата на Европската филмска академија. Од петте номинации за „Златен Глобус“ НАРОДОТ ПРОТИВ ЛАРИ ФЛИНТ ги освои наградите за најдобар режисер и сценарист.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
ЗЛАТНА РАМКА НА ДРУШТВОТО НА ФИЛМСКИТЕ РАБОТНИЦИ НА МАКЕДОНИЈА
20 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 21 АПРИЛ (ПЕТОК), 22 АПРИЛ (САБОТА)
24 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
29 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.
ЧУДЕСНАТА СУДБИНА НА АМЕЛИ ПУЛЕН
(Le Fabuleux destin de Amélie Poulain / Amélie)
Игран филм, Франција / Германија
2001, 122 мин., колор/црно-бел, 35 мм
Режија: Жан-Пјер Жене (Jean-Pierre Jeunet)
Сценарио: Жан-Пјер Жене, Гијом Лоран (Jean-Pierre Jeunet, Guillaume Lauran)
Улоги: Одри Тоту, Матје Касовиц, Руфус, Лорела Кравота, Серж Мерлан, Жамел Дебуз (Audrey Tautou, Mathieu Kassovitz, Rufus, Lorella Cravotta, Serge Merlin, Jamel Debbouze)
Младата девојка од Париз Амели Пулен живее во својот свет. Имала необично детство со сенката на родителите која сè уште ја следи: мајката Амандин загинала во бизарна несреќа, таткото, докторот Рафаел, погрешно констатирал дека Амели боледува од срцева слабост…
Одраснувајќи, Амели развила бујна фантазија, и на 20-годишна возраст работи како келнерка во кафулето „Две мелници“ („Café des 2 Moulins“) на Монмартр, чиј сопственик е поранешен циркузант. Во кафулето се собираат разни ексцентрични ликови, но Амели и натаму живее во нејзиниот свет исполнет со ситни чудни преокупации како фрлање камчиња во реката Сена или, пак, во погодување на бројот на луѓето во Париз кои во тој момент доживуваат оргазам.
Еден ден во нејзиниот стан ќе пронајде кутија полна со спомени, кое ја чувало некое дете пред неколку децении. Амели ќе го пронајде сопственикот, сега средовечен маж, и ќе му ја врати кутијата. Охрабрена од тој мал успех, Амели ќе посака да прави нови добри дела: да го спои љубоморниот Жозеф со нејзината хипохондрична колешка Жоржет; да ја смири вратарката Валас во нејзината зграда со нејзиниот сопруг, кој ја напуштил… Но, животот на Амели дополнително ќе се закомплицира кога ќе се вљуби во Нино (Касовиц), необичното момче кое работи во продавница за порно филмови и сексуални помагала.
АМЕЛИ во 2002 година беше номиниран за пет „Оскари“ и за две награди БАФТА и „Златен глобус“. Филмот на Жене – авторот на ДЕЛИКАТЕСНА ПРОДАВНИЦА и АЛИЕН: ВОСКРЕСЕНИЕ – ја промовираше Одри Тоту во нова европска актерска ѕвезда. Тоту подоцна ги играше главните женски ролји во КОДОТ НА ДА ВИНЧИ и КОКО ПРЕД ШАНЕЛ.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
25 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО
(One Flew Over the Cuckoo’s Nest)
Игран филм, САД
1975, 133 мин., колор, ДЦП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Лоренс Хобен, Бо Голдман (Lawrence Hauben, Bo Goldman )
Улоги: Џек Николсон, Луис Флечер, Вил Сампсон, Вилијам Редфилд, Бред Дјуриф, Сидни Ласик (Jack Nicholson, Louise Fletcher, Will Sampson, William Redfield, Brad Dourif, Sydney Lassick)
Снимен според истоимениот култен роман на Кен Киси (Ken Kesey), еден од битните автори во ерата на контракултурата и бит-прозата, ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО алегорична црнохуморна сторија за човекот и слободата. Рендал Мекмарфи, наречен Мек, е осуден со релативно блага казна поради секс со малолетничка. Но, не сака да ја издржува казната со принудна работа, па почнува да глуми дека е психички неурамнотежен, и е префрлен во психијатриска установа, каде што мисли дека ќе биде на продолжен лефтерен годишен одмор.
Одделението каде што е сместен е раководено од бесчуствителната Милдред Речед, и Мек веднаш се судира со нејзините авторитарни практики. Поголемиот дел од пациентите на нејзиното одделение се таму по доброволен избор, но Речед ги држи во апсолутна покорност. Бунтовниот Мек започнува да ја провоцира сестрата Речед од здодевност, а потоа ги охрабрува и другите пациенти да се спротивстават на методите на Речед. Пациентите меѓу кои се и суицидалниот Били Бибит, молчаливиот горостас Индијанецот Бромден, темпераментниот Мартини… во Мек гледаат олицетворение на нивната длабоко прикриена храброст да му се спротивстават некому. Нивниот судир со психијатриското одделение веќе прераснува во судир на единката со системот.
Како и во други случаи, и ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО „случајно“ станал наградуван култен филм во форматот во кој го познаваме. Претходно романот е драматизиран во театарска претстава, во која главната улога ја толкувал Кирк Даглас, кој ги откупил правата за филмска адаптација со намера да ја повтори улогата и на големото платно. Продукцијата му ја препуштил на синот, актерот Мајкл Даглас, кој правилно сметал дека Кирк веќе бил стар за таа улога на филм, па им ја нудел на Џејмс Кан, Марлон Брандо и Џин Хекман, но на крајот сепак бил избран Џек Николсон, кој влегол во проектот како еден од копродуцентите (ангажман без фиксен хонорар, со процент од заработката). Улогата на Речед првично ја одбиле Ен Бенкрофт, Елен Брстин, Џејн Фонда и Анџела Лендбери, а Флечер со прифаќањето ја остварила ролјата на нејзината кариера.
ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО имал девет номинации, а ги освоил „Оскарите“ во главните категории – најдобар филм, режија, главна машка и женска улога, адаптирано сценарио. Филмот ги повторил овие награди и на доделувањето на „Златен Глобус“ плус награда за Дјуриф за најдобра машка споредна улога, како и на доделувањето на БАФТА.
Проекцијата е организирана во соработка со Чешката амбасада во Скопје.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
25 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:30 ч.
КОНКУРС
(Konkurs / Audition)
Документарно-игран филм, Чехословачка
1964, 47 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Милош Форман, Иван Пасер (Miloš Forman, Ivan Passer)
Овој филм на Форман е музички псевдодокументарец составен од две тематски целини. Во првиот дел, насловен „Кога не би постоела музиката“, ги следиме пробите на дувачкиот оркестар во едно провинциско гратче. Лидерот на оркестарот се обидува да воведе ред меѓу аматерските музичари со строги наредби, но дел од нив имаат други проблеми, освен со нотите и ритамот. Срамежливиот тромбонист (Владимир Пухолт) и трубачот (Вацлав Блументал) сакаат да ги напуштат пробите на оркестарот кој се подготвува за музичкиот натпревар заради мото-трките кои се одржуваат истовремено. Кога ќе ја донесат конечната одлука да си заминат, ќе бидат прогласени за „предавници“.
Во втората сторија ја следиме аудицијата за театарот „Семафор“ на која се пријавени стотици млади девојки. Меѓу нив се издвојуваат неколку со музичкиот талент, посебно младата педикирка, која за да побегне од работните обврски тој ден ја лаже шефицата дека е повикана на судење. Главната конкурентка ѝ е Вера, одлична пејачка со огромна трема, па нема да може да испее ниту една нота…
Форман ѝ ја доверил улогата на Вера на пејачката Вера Кресадлова, во која се вљубил додека траеле подготовките за филмот. По прикажувањето на филмот Вера добила ангажман во тогаш најпопуларниот театар „Семафор“, се прославила и како пејачка, а нивната врска била крунисана со брак во кој имаат близнаци (по неколку години сепак Форман ќе се разведе).
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
27 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
28 АПРИЛ (ПЕТОК), 18:00 ч.
ЗЛОСТОРСТВОТО Е МОЕ
(Mon crime / The Crime Is Mine)
Игран филм, Франција
2023, 102 мин., колор, ДЦП
Режија: Франсоа Озон (François Ozon)
Сценарио: Жорж Бер, Франсоа Озон, Филип Пјацо (Georges Berr, François Ozon, Philippe Piazzo)
Улоги: Надја Терескиевич, Изабел Ипер, Фабрис Лукини, Дани Бон, Жан-Кристоф Буве, Ребека Мардер, Мишел Фо, Радостина Рољано, Феликс Лефевр (Nadia Tereszkiewicz, Isabelle Huppert, Fabrice Luchini, Dany Boon, Jean-Christophe Bouvet, Rebecca Marder, Michel Fau, Radostina Rogliano, Félix Lefebvre)
Париз, 1930 година. Мадлен е убава и млада актерка, но без талент и без пари. Таа е обвинета за убиство на познат продуцент.
Со помош на нејзината најдобра пријателка Полин, млада и невработена адвокатка, Мадлен e ослободена од обвинението за убиство бидејќи истото го сторила во самоодбрана. Започнува нов живот на слава и успех, додека вистината не излезе на виделина…
Главната улога во приказната за лажната престапничка ѝ е доверена на младата француска актерка Надја Терескиевич, која ја доби националната филмска награда „Цезар“ за најдобра улога. Терескиевич го игра ликот на актреката која постојано глуми, за да ја отргне вината од направеното злосторство.
ЗЛОСТОРСТВОТО Е МОЕ на некој начин се надоврзува на претходните филмови ОСУМ ЖЕНИ и ЖЕНА ЗА УКРАС на Франсоа Озон, завршувајќи ја своевидната трилогија на авторот, полна со гламур и хумор, посветена на статусот на жените во општеството.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари
27 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
КАФЕ „МИЛЕР“
(Café Müller)
Документарен филм, Германија
1985, 50 мин., колор, ХД
Режија: Пина Бауш (Pina Bausch)
Улоги: Малу Аjродо, Пина Бауш, Доминик Мерси, Jан Минарик, Назарет Панадеро, Жан Лоран Саспорте (Malou Airaudo, Pina Bausch, Domenique Mercy, Jan Minarik, Nazareth Panadero, Jean Laurent Sasportes)
Театарската претстава „Café Müller“ на Tanztheater Wuppertal Pina Bausch, поставена во 1978 година, се базира на личните детски и младешки спомени на Пина Бауш. Дејството се одвива во празно кафуле каде луѓето кои ја изгубиле надежта во и способноста за љубов ја преживуваат својата осаменост. Пина танцува токму за оваа осаменост…
Танцот станува главното средство за изразување на внатрешниот свет на личноста и нејзините искуства.
Ова е официјалната верзија на филмот на Пина Бауш, снимен е во август 1985 година, на настапот во Вупертал.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
28 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.
ДУХОВИТЕ НА ГОЈА
(Goya’s Ghosts)
Игран филм, Шпанија / САД
2006, 113 мин., колор, ДЦП
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Милош Форман, Жан-Клод Кариер (Miloš Forman, Jean-Claude Carrière)
Улоги: Хавиер Бардем, Натали Портман, Стелан Скарсгард, Ренди Квејд (Javier Bardem, Natalie Portman, Stellan Skarsgård, Randy Quaid)
ДУХОВИТЕ НА ГОЈА го носат последниот режисерски потпис на Форман, и претставува уште една биографска драма, овој пат за славниот сликар Франциско Гоја. Станува збор за приказна видена низ очите на шпанскиот сликар Франциско де Гоја (Стелан Скарскард), а сместена во периодот на укинување на Шпанската инквизиција и окупацијата на Шпанија од страна на Наполеон.
Отец Лоренцо (Хавиер Бардем), таинствен и подмолен член на Инквизацијата кој е заслепен од младата муза на Гоја, Инес (Натали Портман), во моментот кога таа е неправедно обвинета за кривоверство и испратена во затвор, се решава на чинот што ќе им ги обележи животите засекогаш. Инес е обвинета дека проповеда јудаизам и станува трагичен плен на амбициозниот инквизитор, кој нема никакви скрупули кога во прашање е личниот интерес. И копнеж по Инес…
Со монтажен рез Форман нè носи во ерата по француската буржоаска револуција и инвазијата на војската на Наполеон на Шпанија. Кралскиот двор е во распаѓање, на инквизиторите им се суди, и тоа од страна на бивш инквизитор: Лоренцо, кој побегнал во Франција, сега е најголемиот поборник на револуцијата и се користи со истите методи – со насилство. Затворениците на инквизиторите се ослободени, а меѓу нив е и Инес: остарена и полулуда, таа ја бара ќерката која ја родила во затворот пред 15 години.
Овој филм на Форман ги доловува суштината и убавината на делата на Гоја, препознатлив по приказот на кралскиот двор, бруталноста на војната и животот во Шпанија кон крајот на 18 век. Форман ја носел идејата за Гоја уште од 1968 година кога ја напушта Чехословачка по воената интервенција на СССР: теророт секогаш ќе го има, помалку или повеќе, во сите системи. Бакрописите на Гоја со сува игли и акватинта се инспирација за Форман да ја раскаже приказната за историјата што се повторува и суровоста како главна карактеристика во неа.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 150 денари
29 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.
ФОРМАН ПРОТИВ ФОРМАН
(Forman vs. Forman)
Документарен филм, Чешка
2019, 77 мин, колор, ДЦП
Режија: Јакуб Хејна, Хелена Трештикова (Jakub Hejna, Helena Třeštíková)
Сценарио: Јакуб Хејна, Хелена Трестикова (Jakub Hejna, Helena Trestíková)
ФОРМАН ПРОТИВ ФОРМАН од чешките режисери Хелена Трештикова и Јакуб Хајн е документарна приказна за делото на Милош Форман.
Според режисерката Хелена Трештикова, главниот критериум според кој тие снимале е дека мора да биде разбирлив не само за луѓето кои веќе се запознаени со ликот и делото на Форман туку и за оние кои за прв пат го среќаваат. Филмот не зборува само за бесмртните дела што ги остави зад себе, од ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ, преку ЛЕТ НАД КУКАВИЧКОТО ГНЕЗДО, КОСА, АМАДЕУС, НАРОДОТ ПРОТИВ ЛАРИ ФЛИНТ, ЧОВЕКОТ НА МЕСЕЧИНАТА и други туку и за неговиот приватен живот.
Намерата на филмот била да им покаже на странските гледачи како влијаело потеклото на Милош Форман врз неговиот живот и дело – неговото родно место во Бохемија и сите историски превирања низ кои помина неговата земја.
Запрашана за најбитните филмови во творештвото на Форман, авторката Трештикова вели дека во чешката фаза од неговото творештво тоа би бил филмот ГОРИ, МОЈА ГОСПОЃИЦЕ, бидејќи во него Форман ја довел темата на апсурдот и работата со натуршиците до совршенство. Во американската фаза тоа е ЛЕТ НАД КУКАВИЧКОТО ГНЕЗДО, во кој успеал да ги искористи своите искуства од животот во тоталитарно општетсво и да ги изрази низ главната тема – потребата за слобода.
Наратор во филмот е синот на Милош, Петер Форман. Авторите се одлучиле за него бидејќи Петер Форман има глас многу сличен на неговиот татко, и е избран да ги изговара мислите на Милош во филмот.
ФОРМАН ПРОТИВ ФОРМАН учествуваше на фестивалите во Кан, Чикаго, Кливленд, Барселона… а победи на фесгтивалот во Трст и на Master of Art Film Festival.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари