3 АПРИЛ (СРЕДА) 18:00ч
10 АПРИЛ (СРЕДА) 18:00ч

ИН МЕМОРИАМ: АБДУЛАХ СИДРАН
СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ
(Sjećaš li se Dolly Bell)
Игран филм, Босна и Херцеговина (СФРЈ)
1981 г., 110 мин., колор, 35 мм
Режија: Емир Кустурица (Emir Kusturica)
Сценарио: Емир Кустурица, Абдулах Сидран (Emir Kusturica, Abdulah Sidran)
Улоги: Славко Штимац, Слободан Алигрудиќ, Лилјана Благоевиќ, Павле Вуисиќ, Мира Бањац (Slavko Štimac, Slobodan Aligrudić, Liljana Blagojević, Pavle Vuisić, Mira Banjac)

Дино (Штимац) е тинејџер во Сараево во шеесеттите години од минатиот век, кога се судираат старото и новото време, а граѓаните живеат со уверување дека е напредокот на општеството е можен, макар и по принципот на самоубедување. Оттаму и култната реплика што ја изговара главниот јунак Дино: „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам!“.

Дино е доброчудно и срамежливо момче кое ги слуша секојдневните совети на неговиот добар, но болежлив татко (Алигрудиќ) за технолошкиот напредок на светот. Водачот на локалните мангупи од маалото го убедува да ја сокрие проститутката со „уметничко име“ Доли Бел (Благоевиќ) на неговиот таван, па по некое време ќе дојде по неа. Дино полека но сигурно се вљубува во убавата проститутка, но никако не смее да ги покаже чувствата пред другарите – млади сурови мажјаци…

СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е првата соработка на сценаристот Сидран и Кустурица, ученикот на славната „Прашка школа“. Филмот го доби Сребрениот лав на Венецискиот фестивал како најдобро дебитантско дело и се смета за меѓник на новиот босански филм. Овој тандем три години подоцна ќе го направи ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ (Otac na službenom putu), што ја освои Златната палма во Кан. СЕ СЕЌАВАШ ЛИ НА ДОЛИ БЕЛ е необична, но многу успешна мешавина на италијанскиот неореализам и „прашката школа“.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

2 АПРИЛ (ВТОРНИК) 20:00ч
ЛОЛИТА
(Lolita)
Игран филм, САД, Франција
1997, 137 мин., колор, 35мм
Режија: Адријан Лин (Adrian Lyne)
Сценарио: Стефен Шиф (Stephen Schiff)
Улоги: Џереми Ајронс, Мелани Грифит, Френк Лангела, Доминик Свон (Jeremy Irons, Melanie Griffith, Frank Langella, Dominique Swain)

Хамберт Хамберт e средовечен британски професор по литература кој доаѓа во САД да предава на универзитет. Додека бара место за живеење, ја запознава Шарлот Хејз, претенциозна и осамена жена која има симпатии кон Хамберт. Тој, откако ќе ја види нејзината 13-годишна ќерка Долорес (Лолита), која го привлекува, изнајмува соба во куќата на Шарлот Хејз. Иако ја мрази мајката, ќе се ожени со неа бидејќи само така може да се зближи со девојката, која ќе се покаже како презрела за нејзините години.
ЛОЛИТА, во режија на Адријан Лин, е втора адаптација (после верзијата на Кјубрик) на контроверзниот роман на Владимир Набоков. Во овој филм Лин ја доловува темната и изопачена природа на наративот на Набоков, давајќи едно провокативно истражување на опсесијата, желбата и моралното распаѓање. ЛОЛИТА е мисловно истражување на темните аспекти на човековата природа. Лин не бега од непријатните вистини прикажани во романот на Набоков, предизвикувајќи ја публиката да се бори со сопствените перцепции за љубовта, моралот и моќта. Улогите на Џереми Ајронс како Хамберт Хамберт и Доминик Свејн како Лолита им носат сложеност и длабочина на ликовите.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

3 АПРИЛ (СРЕДА) 20:00ч
ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ
ПАРАЗИТ
(Parasite)
Игран филм, Јужна Кореа
2019, 132 мин., колор, ДЦП
Режија: Бонг Јун Хо (Bong Joon-ho)
Сценарио: Bong Joon-ho, Хан Јин Вон (Bong Joon-ho, Han Jin-won )
Улоги: Сонг Канг Хо, Ли Сан Кјун, Чо Јео Јеонг, Чои Ву Шик (Song Kang-ho, Lee Sun-kyun, Cho Yeo-jeong, Choi Woo-shik)

Приказната го следи сиромашното семејство Ким од ниската класа и обидите на неговите членови да ги надминат класните ограничувања и достигнат височините на богатите. По една среќна околност, синот наоѓа работа како учител по англиски на ќерка од богатото семејство Парк, кое живее во една раскошна куќа во модернистички стил. По синот, и останатите од семејството Ким се инфилтрираат во богатото семејство Парк, работејќи разни домашни помошнички работи во куќата. Фасцинирани од животот во луксуз и богатство, тие максимално се обидуваат да го искористат семејството Парк, сè додека не се најдат во небрано после еден неочекуван инцидент.
ПАРАЗИТ е еден од најзборуваните и најнаградувани филмови последниве 10 години. Во 2019 година, филмот ја освои „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, како првиот јужнокорејски филм што се закитил со оваа награда а воедно е и добитник на четири оскари, меѓу кои и оскарот за најдобар филм, со што стана првиот филм од неанглиско говорно подрачје што го освоил Оскар за најдобар филм и го зацементира Бонг Џунг Хо како еден од најдобрите современи режисери.
Во ПАРАЗИТ Бонг Џунг Хо ја третира неговата омилена тема, класната борба и нееднаквоста во современото општество. Филмот се регистрира на многу нивоа. Според зборовите на режисерот, тоа е „комедија без кловнови и трагедија без негативци“. Започнува како комедија на интриги, се развива во мелодрама и завршува како црна комедија со трагично хорор крешчендо. Врз фонот на сите овие жанровски референци е острата општествена сатира и ироничен коментар кој никогаш не се чувствува како дидактичка порака. Впрочем, и насловот на филмот е ироничен и ја одразува комплексноста на овие класни односи. Сигурно дека семејството Ким се паразити, бидејќи тие ја преземаат куќата на богатите Парк. Но богатите Паркови се исто така паразити, користејќи платена помош за пополнување и одржување на емотивните улоги и обврски кои тие не можат или не сакат да ги прават.
Директор на фотографија на филмот е корејскиот кинематографер Кјонг-Пјо Хонг, еден од највидните претставници на средната генерација јужнокорејски кинематографери, кој освен по соработката со Бонг Џунг Хо е познат и по „Шампион“, „Братството на војната“, „Мајка“, „Прогонувачи“, „Лелекање“. Во 2018 ја добива наградата „Златна камера 300“ за филмот „Горење“.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

4 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
21 ГРАМ
(21 Grams)
Игран филм, САД
2003, 124 мин, 35мм
Режија: Алехандро Гонзалес Инариту (Alejandro González Iñárritu)
Сценарио: Алехандро Гонзалес Инариту, Гиљермо Ариага (Alejandro González Iñárritu, Guillermo Arriaga)
Улоги: Шон Пен, Наоми Вотс, Бенисио Дел Торо (Sean Penn, Naomi Watts, Benicio del Toro)
Директор на фотографија: Родриго Прието (Rodrigo Prieto)

Една, судбинска случка – тешка сообраќајна несреќа. Животните патишта на главните ликови, тешко болниот математичар, поранешниот затвореник и депресивната мајка се испреплетуваат на комплексни и необјасниви начини токму преку таа фатална случка.

21 ГРАМ е во режија на прославениот мексикански филмски автор Александро Гонзалес Инариту, по сценарио на неговиот редовен соработник Гиљермо Ариага. Филмот е направен како втор дел од нивната авторска трилогија на смртта заедно со претходникот AMORES PERROS ОД 2000 година и BABEL од 2006. Филмот беше номиниран за неколку статуетки Оскар во 2003.
Критиката речиси едногласно го подржа филмот со позитивни рецензии и осврти. Особено беа акцентирани и пофалени наративните структури на сценариото, нелинеарната хронологија на раскажување, реалистичниот и уверлив визуелен приказ креиран преку документарниот пристап на директорот на фотографија Родриго Приету. Тој е инаку и редовен снимателски соработник на Инариту, но и на големиот американски филмаџија Мартин Скорсезе. Водечкиот американски филмски критичар Роџер Еберт во својата рецензија ја пофали токму фотографијата на филмот, но критички се осврна на нелинеарното прераскажување на сторијата. Елвис Мичел, уште еден познат американски филмски критичар, го прогласи токму ова остварување за најдобар филм на годината. Шон Пен за неговата брилијантно изиграна улога се здоби со повеќе награди и номинации на престижните филмски манифестации.
Со текот на годините, 21 ГРАМ беше постојано проучуван и тематизиран, станувајќи еден од клучните наслови на првата декада од 21 век.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

5 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч
ВИШЕГРАДСКА ГРУПА В4 ФИЛМСКИ ВЕЧЕРИ     

ПРАЗНИ ШИШИЊА

(Vratné láhve)

Игран филм, Словачка

2007,  104 мин, ДЦП

Режија: Јан Сверак (Jan Sverák)

Сценарио: Зденек Сверак (Zdenek Sverák)

Улоги: Зденек Сверак, Даниела Коларова, Павел Ландовски (Zdenek Sverák, Daniela Kolárová, Pavel Landovský)

 

65-годишниот наставник Јозеф се повлекува од наставата откако бил прекорен затоа што полил со вода еден негов дрзок ученик. Избегнувајќи ја својата сопруга која е разочарана од него, тој се вработува во одделот за враќање шишиња во супермаркет во Прага. Кога не фантазира за жени на половина негова возраст – Јозеф почнува да шпекулира и  да ги нарушува животите на клиентите и соработниците.

Како автори на филмот се потпишуваат Јан и Зденек Сверак, можеби најпознатиот тандем во чешката кинематографија, кои за филмот КОЉА од 1997 година го имаат добиено Оскарот за најдобар странски филм. Јан (синот) се потпишува како режисер, а Зденек Сверак е сценарист и ја игра главната улога во филмот. Тоа е комедија во најдобриот манир на чешката кинематографија и не случајно беше еден од најгледаните чешки филмови во 2007 година.

 

 

6 АПРИЛ (САБОТА) 18:00ч
ГОЛЕМАТА АВАНТУРА НА МАЧКАТА РУ
(Mon chat et moi, la grande aventure de Rrou)
Игран филм, Франција
2023, 83 мин., колор, ДЦП
Режија: Гејом Мајдачевски (Guillaume Maidatchevsky)
Сценарио: Гејом Мајдачевски, Мишел Сухалте, Морис Женевоа (Guillaume Maidatchevsky, Michaël Souhaité, Maurice Genevoix)
Улоги: Капусин Саисон Фабрес, Корин Масиеро, Лусије Лауран, Николас Умбендсток, Жулиет Гили (Capucine Sainson-Fabresse, Corinne Masiero, Lucie Laurent , Nicolas Umbdenstock, Juliette Gillis)

Ру е живо и љубопитно маче кое го открива животот на покривите на Париз. Неговата судбина се менува кога десетгодишното девојче Клеманс го посвојува и го носи во нејзината куќа, во срцето на планините. Тоа е почеток на неверојатна авантура за Клеменс и Ру кои растат заедно и го преминуваат патот кон мистериозната Медлин, живеејќи една прекрасна приказна која ќе ги промени засекогаш.

Возрасна категорија: за целата публика
Влезница: 150 денари

 

 

6 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч
ВИШЕГРАДСКА ГРУПА В4 ФИЛМСКИ ВЕЧЕРИ

СТУДЕНА ВОЈНА

(Zimna wojna)

Игран филм, Полска, Франција, Велика Британија

2018, 88 мин, ДЦП

Режија: Павел Павликовски (Paweł Pawlikowski)

Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Paweł Pawlikowski, Janusz Głowacki)

Улоги: Јоана Кулиг, Томаж Кот, Борис Жуц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)

Директор на фотографија: Лукаж Жал, (Łukasz Żal)

 

Композиторот Виктор и уметницата Зула, две индивидуи од различни социјални средини, се сретнуваат и се заљубуваат, веднаш по Втората светска војна. Набрзо Виктор почнува да ја убедува девојката да ја напуштат комунистичка Полска и да пребегаат во Франција, во потрага по подобар живот.

СТУДЕНА ВОЈНА е долгометражно филмско остварување по сценарио и  во режија на полскиот филмски автор Павел Павликовски, можеби најпрепознаен по неговиот претходен филм, драмата ИДА. Како и ИДА, и СТУДЕНА ВОЈНА е снимен во црно-бела техника. Премиерата ја имаше на фестивалот во Кан, пролетта 2018 г. Веднаш по премиерната проекција, филмот генерираше и се здоби со пофалби и позитивни рецензии, станувајќи еден од најфалените европски филмови во последнава декада. СТУДЕНА ВОЈНА се закити со три номинации за престижната статуетка Оскар, како и повеќе номинации и неколку награди на доделувањето на Европските филмски награди.

Директор на фотографија на ова остварување е полскиот кинематографер Лукас Жал, инаку снимател и на фалениот ИДА. Во моментов е актуелен со неговото најново снимателско дело, фалениот ЗОНА НА ИНТЕРЕС, во режија на Џонатан Глејзер.

 

 

 

7 АПРИЛ (НЕДЕЛА) 20:00ч
8 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00ч
9 АПРИЛ (ВТОРНИК) 20:00ч
ГРЧКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

 

 

9 АПРИЛ (ВТОРНИК) 18:00ч
МЕМЕНТО
(Memento)
Игран филм, САД
2000, 113 мин, 35 мм
Режија: Кристофер Нолан (Christopher Nolan)
Сценарио: Џонатан Нолан (Jonathan Nolan)
Улоги: Гај Пирс, Кери Ен-Мос, Џо Пантолиано (Guy Pearce, Carrie-Anne Moss, Joe Pantoliano)
Директор на фотографија: Воли Фистер (Wally Pfister)

Леонард Шелби, поранешен истражител од социјалната служба, страда од тешка форма на амнезија. По преживеаната незгода, животот целосно му се менува. Тој постојано користи забелешки и писма, се опседнува со идејата за одмазда. Започнува и своевидна одмаздичка мисија – трага по човекот за кого верува дека ја убил неговата сопруга. Но дали е сè онака како што тој си претставува? Лавиринтот на сеќавања и случувања, полека но сигурно, започнува да се разоткрива…

Комплексниот филмски наратив Мементо е во самата своја суштина нео-ноар филм со елементи на мистерија и психолошка драма. Режисерот Кристофер Нолан го развил сценариото за филмот, адаптирајќи ја кратката новела потпишана од неговиот брат Џонатан Нолан. Главната улога ја толкува актерот Гај Пирс, родум од Австралија. Во филмот се појавуваат и Кери Ен-Мос и Џо Пантолиано, препознатливи во пошироката јавност по нивното учество во култниот филмски серијал МАТРИКС.

МЕМЕНТО ја имаше својата премиера на филмскиот фестивал во Венеција. Набргу потоа, филмот се здоби и со награда на фестивалот САНДЕНС, како и со номинации за Оскар. Филмскиот автор Стивен Содерберг, со корени во независното и експериментално кино, ги препозна овие тенденции во МЕМЕНТО и се наметна како еден од главните промотери и подржувачи на филмов во филмските кулоари. И критиката одлично реагираше на втората кино-објава на браќата Нолан, потенцирајќи ја нелинеарната раскажувачка структура, издржаната глума и прецизната, внимателна режија. Во 2017 година, американскиот национален институт го препозна МЕМЕНТО како битен филм од почетокот на новиов милениум, селектирајќи го за кинотечно архивирање во официјалната-конгресна архива.

Директор на фотографија на ова остварување е Воли Фистер, инаку и најпрепознаен како редовен соработник на режисерот Кристофер Нолан. Добитник е на статуетката Оскар за најдобар кинематографер во 2010.

 

 

10 АПРИЛ (СРЕДА) 20:00ч
ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ
АМАДЕУС
(Amadeus)
Игран филм, САД / Франција / Италија
1084, 160 мин., колор, 35мм
Режија: Милош Форман (Miloš Forman)
Сценарио: Питер Шефер (Peter Shaffer)
Улоги: Ф. Муреј Абрам, Том Халс, Елизабет Бериџ (F. Murray Abraham, Tom Hulce, Elizabeth Berridge)
Директор на фотографија: Мирослав Ондричек (Miroslav Ondříček)

АМАДЕУС од 1984-тата година е еден од најдобрите филмови на големиот чешки и американски режисер Милош Форман. Филмот е адаптација на истоимената театарска претстава и големиот бродвејски хит на Питер Шефер.
Во оваа епска драмедија се раскажува за наводното соперништво помеѓу Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери, двајца композитори кои живееле во Виена, Австрија – во втората половина на XVIII век. Волфганг Амадеус Моцарт несвесно наоѓа жесток ривал во дисциплинираниот и одлучен, но не толку талентиран композитор Антонио Салиери. Тој му замерува на Моцарт поради неговиот хедонистички начин на живот, но пред сè поради неговиот неоспорен талент. Високо религиозниот Салиери постепено е обземен од сопствената љубомора и станува опседнат со падот на Моцарт, што доведува до страшни последици за двајцата.
АМАДЕУС беше номиниран за вкупно 53 награди од кои освои 40, меѓу кои и осум „Оскари“ (вклучувајќи и „Оскар“ за најдобар филм), четири БАФТА награди, четири „Златни глобуси“ и една награда од Здружението на режисерите на Америка. Во 1998 година, Американскиот филмски институт го рангираше филмот на 53-тото место на листата „100 години… 100 филмови“.
За оваа филмска адаптација, режисерот Милош Форман се врати во родната Чешка. Филмот е снимен во Прага од неговиот редовен соработник и колега чешки иселеник Мирослав Ондричек. Големиот кинематографер, кој освен со Форман (Коса [1979], Рагтајм [1981] Љубовта на една русокоса [1965]), соработувал со британскиот филмски режисер Линдзи Андерсон со кого ги снима Ако… (1968) и О среќен човек! (1973). Мирослав Ондричек во 2001 година ја добива наградата Златна камера 300 за животно дело на ИФФ Браќа Манаки.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

12 АПРИЛ (ПЕТОК) 18:00ч
17 АПРИЛ (СРЕДА) 18:00ч
СВЕТИОТ ПАЈАК
(Holly Spider)
Игран филм, Германија, Данска, Франција, Шведска
2022, 117 мин., колор, ДЦП
Режија: Али Абаси (Ali Abbasi)
Сценарио: Али Абаси, Афшин Камран Бахрами (Ali Abbasi , Afshin Kamran Bahrami)
Улоги: Зар Амир Ебрахими, Мехди Баџестани, Араш Аштјани, Нима Акбарпур, Сара Фазилат, Сима Сејед, Алис Рахими, М. Али Назариан (Zar Amir Ebrahimi, Mehdi Bajestani, Arash Ashtiani, Nima Akbarpour, Sara Fazilat, Sima Seyed, Alice Rahimi, M. Ali Nazarian)

Новинарката Рахими оди во иранскиот свет град Машхад за да ја истражи смртта на проститутките кои се убиени од серискиот убиец, кој верува дека неговата мисија е да го исчисти светот од грешниците. Дури и кога се приближува до откривање на неговите злосторства, правдата за Рахими станува сè потешка, кога многумина го прифаќаат убиецот како херој.
Филмот е заснован на вистинската приказна за „убиецот пајак“ Саид Ханаи, кој има убиено 16 жени меѓу 2000 и 2001 година. Овој возбудлив криминален трилер дава критика на општеството во кое грубата правда често е секојдневие.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

12 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч
ВИШЕГРАДСКА ГРУПА В4 ФИЛМСКИ ВЕЧЕРИ

ИНВАЛИД

(Invalid)

Игран филм, Република Чешка

2023,  112 мин, ДЦП

Режија: Јонас Карасек (Jonas Karasek)

Сценарио: Томаш Душичка (Tomáš Dušička)

Улоги: Грегор Холоска, Зденек Годла, Хелена Крајциова (Gregor Holoska, Zdenek Godla, Helena Krajciová)

 

Лако е некогашен работник на одржување во локален музеј во еден мал анонимен град во Словачка. Неговиот незгоден карактер го доведува во тешка ситуација. Тој останува инвалид  по една средба со група безмилосни измамници. Врзан за инвалидска количка и со неговиот живот во спирала, сфаќа дека правдата изгледа неостварлива, па одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија. Во тоа му помага неговиот нов пријател Габо, локален Ром, кој му овозможува на Лако да ги види работите од нова перспектива.

Приказната на филмот се одвива во времето пред влезот на Словачка во Европската унија и се соочува со сè уште актуелните теми на расизам, депресија, семејно насилство и нефункционален систем преку навидум едноставна приказна за работник за одржување во потрага по правда кој одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија и откривајќи врски на пријателство на најнеочекуваните места.

 

 

 

13 АПРИЛ (САБОТА) 18:00ч
КУЧИЊА ВО ОПЕРАТА
(Dogs At The Opera)
Анимиран филм, Русија
2023, 75 мин., колор, ДЦП
Режија: Василиј Ровенски (Vasiliy Rovenskiy)
Сценарио: Василиј Ровенски (Vasiliy Rovenskiy)
Улоги: Ана Старшенбаум, Гарик Харламов (Anna Starshenbaum, Garik Kharlamov)

Комичната авантура сместена во Метрополитен операта на почетокот на 20 век нè запознава со уличното куче Самсон кое, обидувајќи се да се скрие од ловот на шинтерите, пристигнува во една од најпознатите оперски куќи во светот. Таму ја запознава шармантното куче Марго, која е во сопственост на познатата примабалерина на театарот, Анастасија. Приказната се вжештува кога од соблекувалната ќе исчезне уникатната тијара која ѝ припаѓа на британската кралица и која Анастасија мора да ја носи за време на четвртиот чин на балетот. За да не го откажат балетот, Самсон и Марго мораат да го најдат крадецот и да го спасат денот предвиден за звуците на големиот Жорж Бизе.

Возрасна категорија: за целата публика
Влезница: 150 денари

 

13 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч
ВИШЕГРАДСКА ГРУПА В4 ФИЛМСКИ ВЕЧЕРИ

ПЛОШТАД МОСКВА

 (Moszkva tér)

Игран филм, Унгарија

2001, 89 мин, ДЦП

Режија: Ференц Торок (Ferenc Török)

Сценарио: Ференц Торок (Ferenc Török)

Улоги: Габор Караљош, Естер Бала, Ерзи Папаи (Gábor Karalyos, Eszter Balla, Erzsi Pápai)

Директор на фотографија: Даниел Гараш (Dániel Garas)

 

1989 година е една од најбитните години  за земјите во Источна Европа. Во тогашна Унгарија, неколку адолесценти воопшто не се интересираат за клучните промени во нивната средина. Напротив, продолжуваат понатаму со секојдневниот живот, запознавајќи девојки, дружејќи се на забави, излегувајќи речиси секоја вечер, препишувајќи на матурските испити. Секојдневието навидум продолжува, но ништо повеќе нема да биде како што било.

ПЛОШТАДОТ МОСКВА е првиот долгометражен проект на унгарскиот филмаџија Ференц Торок, еден од попознатите средноевропски филмски дејци. На почетокот на двеилјадитите токму ова остварување се закити со националната награда за дебитантски филм на Унгарскиот филмски фестивал. Торок е активен член и на Европската филмска академија.

Директор на фотографија на ова остварување е унгарскиот фотограф и снимател Даниел Гараш, инаку редовен соработник на режисерот Торок. Во неговата филмографија се запишани и повеќе кратки филмови, музички видеа и промотивни клипови за познати светски фирми и брендови.

 

 

18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 12:00ч
СМРДУШКОВЦИ
(синхронизиран на македонски и на албански јазик)

Во потрага по својот нов дом, Смрдушковците пристигнуваат во прекрасното, мало и мирно село Смрдвил. Но, за жал Смрдвил има огромен проблем: во близина има локална депонија која предизвикува секакви проблеми и го уништува прекрасниот Смрдвил. Нешто мора да се превземе! Макс, синот на градоначалникот, е млад талент кој тајно мечтае да го реши смрдливиот проблем со една луда машина, која ја изработува заедно со професорот Пенливски и неговата внука Лота. Кога Макс се сретнува со Смрдливците на депонијата, веднаш станува јасно дека тие се решението за проблемот, затоа што јадат ѓубре! А за Смрдливците, депонијата значи дека конечно нашле вистински дом. Сè би било во ред ако не беа плановите на сопругата на градоначалникот и бескрупулозниот градежен изведувач Чекановски кои сакаат на депонијата да градат велнес центар! Смрдливчињата сега треба да го спасат својот нов дом заедно со пријателите Макс и Лота.

 

16 АПРИЛ (ВТОРНИК) 18:00ч
19 АПРИЛ (ПЕТОК) 18:00ч
КРАТКИ МАКЕДОНСКИ ФИЛМОВИ

 

ВЕСНИЦИ ВЕСНИЦИ
(Papers, papers)
Документарен филм, Македонија
1965, 10 мин., колор, ХД видео
Режија: Александар Ѓурчинов (Aleksandar Djurcinov)
Сценарио: Цветан Станоевски (Cvetan Stanoevski)

Животот на весниците започнува со нивното излегување од печат и со доаѓањето во рацете на купувачите – читателите, редовните консументи на политичките, забавните, па сè до спортските рубрики. Пензионерите ги читаат весниците со првото утринско кафе, луѓето што брзаат на работа ги читаат во автобусите. Секој го чита својот весник, а некои, прикрадувајќи се, туѓиот. Весникот е постојан придружник во секој миг, на одмор, во фризерниците, при чувањето и шетањето на малите деца во паркот… Но, тој е и заштита од сонцето по градските улици, на плажите, на фудбалските натпревари. По прочитувањето на весникот, започнува неговата поинаква употребна вредност. Служи за бришење на прозорците, за завиткување на продуктите од пазар, на нив се седи, а некои дури во парче весник завиткуваат и тутун. Старите весници секој ги користи според својата потреба. На крајот, како непотребни и искористени, се фрлаат како отпадоци. Сепак и такви, на некои луѓе, собирачи на стари весници, им донесуваат мала заработувачка. Се приближува крајот на денот, а во печатниците се подготвуваат новите изданија, чија судбина ќе биде идентична на претходните.

 

 

АПАРТМАН
(Apartment)
Анимиран филм, Македонија
1987, 7 мин., колор, ХД видео
Режија: Афродита Марковиќ (Afrodita Markovic)
Сценарио: Афродита Марковиќ (Afrodita Markovic)

Заедничкото живеење започнува многу порано. Куќата ја градат сите оние што ќе живеат заедно во неа. Но, кога таа е готова, системот се распаѓа околу еден најобичен нужник. Сите не можат истовремено да го користат. Затоа, секој си прави сопствен, но, набрзо целата куќа се распаѓа. Не минува многу време, и повторно сите се заедно и работата започнува одново.
Оваа анимација е на Вардар филм. Добитник е на неколку награди: 1987 ФЈДКФ, Белград, Златен медал – Белград за најдобар анимиран филм, 1987 ФФ, Титоград, Гран – при 1987 ЈУ АСИФА годишна награда за најдобар дебитантски анимиран филм. Режијата, сценариото и анимацијата се на Афродита Марковиќ, а музиката е на Леб и сол.

 

 

ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА СУЗАНА АРСОВА
(The Missing of Suzana Arsova)
Краток игран филм, Македонија
1992, 21 мин., колор, ХД видео
Режија: Борис Дамовски (Boris Damovski)
Сценарио: Жанина Мирчевска (Zanina Mirchevska)
Улоги: Тодорка Кондова-Зафировска, Предраг Павловски, Ненад Стојановски (Todorka Kondova-Zafirovska, Predrag Pavlovski, Nenad Stojanovski)

Филмот е реализиран во стилот на „лажен документарец“. Сторијата говори за исчезнатата личност со име Сузана Арсова, водена преку интервјуата со нејзините познаници, роднини и пријатели.

 

 

ОСТАНИ ИСПРАВЕН!!
(Stay straight!!)
Краток игран филм, Македонија
2005, 14 мин., колор, ХД видео
Режија: Кристијан Ристевски (Kristijan Ristevski)
Сценарио: Кристијан Ристевски (Kristijan Ristevski)
Улоги: Мони Дамески, Митко Апостоловски, Бранко Ѓорчев (Moni Dameski, Mitko Apostolovski, Branko Gjorchev)

Малиот човек е комфорен во монотонијата на својот бесцелен, здодевен и безвреден живот, обременет со сиромаштија, осаменост и понижување. Одеднаш, навидум без причина, тој добива шанса да искуси како е кога ќе му се покаже средниот прст на системот што го претворил
во жив мртовец.

 

 

АМБИ
(Ambi)
Краток игран филм, Македонија
2017, 19 мин., колор, ХД видео
Режија: Марија Апчевска (Marija Apcevska)
Сценарио: Марија Апчевска (Marija Apcevska)
Улоги: Димитрија МАрковски, Антонија Белазезлкоска, Владимир Тулиев (Dimitrija Markovski, Antonija Belazelkoska, Vladimir Tuliev)

Уште една обична ноќ за Дено и Сара. Нивниот татко е пијан, како и обично, и тие се грижат за него, како и обично. Само овој пат, како што расте тензијата, промената во рутината може да ја доведе во прашање нивната иднина.

 

 

 

 

 

16 АПРИЛ (ВТОРНИК) 20:00ч
18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 18:00ч
23 АПРИЛ (ВТОРНИК) 20:00ч
ЦРВЕНО НЕБО
(Afire/Roter Himmel)
Игран филм,
2023, 115 мин., колор, ДЦП
Режија: Кристијан Пецхолд (Christian Petzold)
Сценарио: Кристијан Пецхолд (Christian Petzold)
Улоги: Томас Шуберт, Паула Бир, Лангстон Уибел, Ено Требс (Thomas Schubert, Paula Beer, Langston Uibel, Enno Trebs)

Додека летуваат покрај Балтичкото Море, писателот Леон (Томас Шуберт) и фотографот Феликс (Лангстон Уибел) се изненадени кога ќе се сретнат со Надја (Пола Бир), мистериозна млада жена која престојува како гостин во викендицата на семејството на Феликс. Надја наскоро го одвлекува вниманието на Леон од завршувањето на неговиот последен роман, не само поради нејзината страсна врска со спасителот на вода, Давид (Ено Требс), туку и затоа што нејзината брутална искреност го принудува Леон да се соочи со неговите уметнички слабости. Како што Надја и Леон се зближуваат, шумскиот пожар ѝ се заканува на групата и го турка писателот да открие дали навистина може да се грижи за нешто што е надвор од себе.
Ова е последниот филм на реномираниот германски режисер, Кристијан Пецолд, еден од главните претставници на т.н Берлинска школа. Филмот ја доби големата награда на жирито Сребрена мечка на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин во 2023 година.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

17 АПРИЛ (СРЕДА) 20:00ч
ЛАУРЕАТИТЕ НА МАНАКИ
ТРЧАЈ ЛОЛА, ТРЧАЈ
(Lola Rennt)
Игран филм, Германија
1998, 80 мин, 35мм
Режија: Том Тиквер (Tom Tykwer)
Сценарио: Том Тиквер (Tom Tykwer)
Улоги: Франка Потенте, Мориц Блеибтру, Херберт Кнауп, Нина Петри (Franka Potente, Moritz Bleibtreu, Herbert Knaup, Nina Petri)
Директор на фотографија: Франк Гриебе (Frank Griebe)

Лола има само дваесетина минути да обезбеди 100.000 германски марки и да ги предаде на нејзиниот дечко Мани, во спротивно тој ќе мора да ограби банка и да се соочи со негативните последици од неговите одлуки. Преплетувајќи се во своевидна хиперлинк структура, нарацијата ни прикажува три можни сценарија во зависност од брзината и одлучноста на главната хероина.

Првиот голем и препознатлив наслов на германскиот филмски автор Том Тиквер е вистинско ремек-дело и еден од дефинирачките филмови на последната декада на дваесеттиот век, во иста лига со култниот ТРЕИНСПОТИНГ на Дени Бојл. Кревајќи ја постмодерната естетика карактеристична за тие години на едно друго ниво, Тиквер во наративната структура вметнува сериозни филозофски прашања за слободата на волјата, детерминизмот, улогата на случајноста во текот на нашите животи. Си поигрува и со тогаш популарната т.н теорија на хаосот и ефектот на пеперутката. На препознатлив начин, преку брзата естетика на прото видео игрите, Тиквер како режисер и сценарист се осврнува и на метафизиката на секојдневието, презентирајќи ги традиционалните филозофски теми како либертаријанизмот, епистемиологијата, судбината како битен фактор. Како коавтор на музичката предлошка во филмот, Тиквер дијалектички ја поставува релацијата помеѓу ритамот, репетицијата и интервалот како еден од главните мотиви во делото. Со текот на годините, проследувачите и аналитичарите сè повеќе ги препознаваа овие димензии на RUN LOLA RUN, обработувајќи го во различни научни дела и докторски дисертации.
Критиката речиси едногласно го пофали филмот, особено креативната игра на сериозните филозофски теми со модерна, динамична и пред сè гледлива визуелна надградба.

Филмот се здоби и со многу престижни награди и номинации на филмските фестивали од кои се издвојува наградата од публиката на фестивалот САНДЕНС и наградата за најдобар филм на фестивалот во Сиетл, САД. Во 2010, магазинот Empire го прогласи ова остварување за едно од стоте најдобри во светската кинематографија. Повеќе од четврт век по неговата премиера, RUN LOLA RUN сè уште го привлекува вниманието на филмските фанови и кино-истражувачи, правејќи го токму овој наслов еден од одбележувачките за кино историјата во последниве неколку децении.

 

19 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч
24 АПРИЛ (СРЕДА) 18:00ч
ТЕШКА ГОДИНА
(A Difficult year/ Une année difficile)
Игран филм, Франција
2023, 120 мин., колор, ДЦП
Режија: Оливие Накаш, Ерик Толедано (Olivier Nakache, Éric Toledano)
Сценарио: Оливие Накаш, Ерик Толедано (Olivier Nakache, Éric Toledano)
Улоги: Пио Мармаи, Џонатан Коен, Метју Амалрик, Ноеми Мерлан, Даниел Лебрун (Pio Marmaï, Jonathan Cohen, Mathieu Amalric, Noémie Merlant, Danièle Lebrun)

Длабоко заглавени во долгови, Алберт и Бруно се обраќаат кај социјален работник за да им помогне да се справат со нивните животи. На една од групните сесии, наидуваат на соседната сала за состаноци каде се собираат млади активисти, предводени од возбудлив организатор.
Привлечени повеќе од бесплатното пиво и чипс отколку од борбата на групата против консумеризмот и заштитата на животната средина, Алберт и Бруно се приклучуваат на движењето без многу убедување, но наскоро почнуваат да чувствуваат можност…

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

25 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 17:00ч
26 АПРИЛ (ПЕТОК) 17:00ч
30 АПРИЛ (ВТОРНИК) 20:00ч
АНАТОМИЈА НА ПАДОТ
(Anatomie d’une chute)
Игран филм, Франција
2023, 152 мин., колор, ДЦП
Режија: Жастин Триет Толедано (Justine Triet)
Сценарио: Жастин Триет, Артур Харари (Justine Triet, Arthur Harari)
Улоги: Сандра Хулер, Свон Арло, Мило Мачадо – Гранер (Sandra Hüller, Swann Arlaud, Milo Machado-Graner)

Кога нејзиниот сопруг мистериозно загинува, паѓајќи од балкон, писателката и мајка Сандра Војтер станува главен осомничен. Единствен сведок на прераната смрт на сопругот е нејзиниот слеп син, што дополнително ја комплицира ситуацијата. Сандра мора да се соочи со последиците од чувањето тајни, справувајќи се со судењето за убиство на нејзиниот сопруг, додека нејзиниот невин син мора да избере помеѓу семејната лојалност и вистината.
АНАТОМИЈА НА ПАДОТ (Anatomie d’une chute) е возбудлив судски трилер, во режија на Жастин Триет. Во филмот таа ја испитува тенката линија кога вистината станува фикција, а фикцијата вистина. Употребувајќи го минималистичкиот интензитет на камерната драма – и користејќи сложена, елипсовидна монтажа – Триет конструира мистерија која на крајот е помалку за смртта колку за скриените животи што ги водиме.
Филмот ја имаше својата премиера на 76-тото издание на Кански филмски фестивал во 2023 година, каде што ја освои Златната палма. Филмот е добитник на два Златни глобуси, како и Оскар за најдобро оригинално сценарио.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
20 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч

ЈАС, КАПЕТАН
(Io Capitano)
Игран филм, Италија, Франција, Белгија
2023, 121 мин, ДЦП
Режија: Матео Гароне (Matteo Garrone)
Сценарио: Матео Гароне, Масимо Гаудиосо, Масимо Кечерини (Matteo Garrone, Massimo Gaudioso, Massimo Ceccherini)
Улоги: Сејду Сар, Мустафа Фал (Seydou Sarr, Moustapha Fall)
Директор на фотографија: Паоло Карнера (Paolo Carnera)

Барајќи подобра иднина и финансиска сигурност, двајца тинејџери од Сенегал тргнуваат на пат од Западна Африка до Италија. Но, помеѓу нивната потреба за подобар живот, соништата и реалноста, се наоѓа цел еден лавиринт на локации, големата пустина Сахара, Медитеранот, многу перипетии, искушенија, трагични човечки судбини. Ќе успеат ли двајцата младичи во намерата да стигнат до Европа? Или…

Новиот филм на италијанскиот филмаџија Матео Гароне е еден од најфалените европски филмови во оваа прикажувачка сезона. Направен по оригинална идеја на Гароне, филмот е копродукција помеѓу Италија, Франција и Белгија. Снимен е за 13 работни недели, на локации во Мароко и Италија. Својата премиера IO CAPETANO ја имаше на минатогодишниот филмски фестивал во Венеција. Премиерната проекција беше проследена со овации и речиси 15 минутен аплауз од публиката. На венециското биенале режисерот Гароне беше награден со СРЕБРЕН ЛАВ, а главниот актер Сејду Сар се здоби со наградата МАРЧЕЛО МАСТРОЈАНИ за неговата ролја во продукцијата. Филмот ЈАС, КАПЕТАН е номиниран и за статуетката ОСКАР на годинешново, 96 издание на престижната манифестација.
Критиката веќе го опсипува новиов филм на Матео Гароне со позитивни критики од сите страни и го споредува со ОДИСЕЈА на Хомер. Најпознатиот италијански дневен весник Кориере дела Сера го опиша како трагедија која трансфигурира преку надежта, моќта на приказната и фантазијата.

Новиот филм на одличниот Матео Гароне е ремек-дело на современата кино-продукција, истовремено и безмилосно соочување со реалноста, но и со бескрајната човечка фантазија. Моќен филм, со силна порака, особено актуелен во ова време-невреме.

 

 

20 АПРИЛ (САБОТА) 18:00ч
ДУХОТ ОД КАНТЕРВИЛ
(The Canterville Ghost)
Анимиран филм, Велика Британија
2024, 89 мин., колор, ДЦП
Режија: Ким Бурдон, Роберт Чендл (Kim Burdon, Robert Chandler)
Сценарио: Жил Њу, Кејрон Селф, Оскар Вајлд (Giles New, Keiron Self, Oscar Wilde)
Улоги: Тоби Џонс, Хју Лори, Фреди Хајмор, Мира Сјал (Toby Jones. Hugh Laurie, Freddie Highmore, Meera Syal)
Англија, на крајот на деветнаесеттиот век, кога научните пронајдоци носат нови погледи на светот. Едно модерно американско семејство се преселува во нивната новокупена селска куќа за да дознае дали таа е опседната со духови. Сер Сајмон Кантервил успешно шета на теренот повеќе од триста години. Но кога се обидува да ги исплаши новите домаќини, тој се соочува со нови предизвици.

 

Возрасна категорија: родителски надзор

 

 

 

25 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
ГОЛЕМАТА ВОДА
(Great Water)
Игран филм, Македонија
2004, 93 мин., колор, 35мм
Режија: Иво Трајков (Ivo Trajkov)
Сценарио: Владимир Блажевски, Иво Трајков (Vladimir Blazevski, Ivo Trajkov)
Улоги: Апостоловски Митко, Мето Јовановски, Верица Најдоска, Ристо Гоговски, Сашо Кекеновски, Николина Кујача , Маја Станковска (Mitko Apostolovski, Meto Jovanovski, Verica Najdoska, Risto Gogovski, Sasho Kekenovski, Nikolina Kujacha, Maja Stankovska)

Политичарот Лем Никодиноски, кој е кандидат на претстојните избори и е истакната личност во државата, е во критична здравствена состојба. На патот кон операционата сала тој се присетува на годините по Втората светска војна, кога своето детство го минува покрај големото езеро, во дом за сираци кои потекнуваат од семејствата на наводните „народни непријатели“. Малиот Лем е уловен како „диво ѕверче“ во оризовите полиња и е доведен во домот крај големата вода. Приказната што ќе ја раскаже стариот Лем за своето несреќно детство, не е обична приказна за страдањата на еден балкански сирак, туку приказна за пријателството, за љубовта, за добродетелта, за предавствата, и копнежот за слобода.
ГОЛЕМАТА ВОДА во 2005 година ja добива „Златната палма“ за најдобар филм, како и наградите за најдобра режија (на Иво Трајков), најдобра фотографија (на Суки Меденчевиќ) и најдобар саундрак (на Кирил Џајковски) на Фестивалот на медитерански филм во Валенсија, Шпанија.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

26 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч
ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД ЅИДИНИТЕ
(Red Poppies on the Wall/Lulëkuqet mbi mure)
Игран филм, Албанија
1976, 100 мин., Црно бел, 35мм
Режија: Димитер Анагности (Dhimitër Anagnosti)
Сценарио: Петраќ Ќафзези, Димитер Анагности (Petraq Qafzezi, Dhimitër Anagnosti)
Улоги: Тимо Флоко, Агим Ќирјаќи, Кадри Роши, Алфред Коте, Лиза Ласку, Анастас Кристофори, Љуан Ќерими, Павлина Мани (Timo Flloko, Agim Qirjaqi, Kadri Roshi, Alfred Kote, Liza Laska, Anastas Kristofori, Luan Qerimi, Pavlina Mana)

Во едно сиропиталиште во Тирана, за време на Втората светска војна, кога Албанија е окупирана од фашистичка Италија, децата се принудени да ги чистат паролите на ѕидовите кои антифашистите одвреме-навреме ги пишуваат против непријателот. Четири пријатели сирачиња, Јаќја, Лела, Барди и Томи, од кои едниот се дружи со Али, момче кое е отворен антифашист, почнуваат тајно да прават планови како да се одмаздат на омразените соработници на фашистите, познати слуги и шпиони на окупаторската власт. Двајца од тие „соработници“, кои се цел на бунтовниците, се токму директорот на домот за деца без родители и неговиот домар. Поттикнати од убиството на еден италијанскиот офицер од страна на Али, сираците стануваат смели и размислуваат како да го соборат својот предавнички старател од скалите на домот. Нивниот план една вечер и ќе се реализира – домарот, во пијана состојба, не го гледа јажето што го врзале децата од двете страни на скалите, паѓа и си ја крши раката. Директорот на сиропиталиштето ги известува окупаторите со цел да му пружат помош и да се овозможи фаќање на организаторите и учесниците. Но, тоа не ја постигнува целта, бидејќи децата молчат, одбиваат да соработуваат. Молчи и Суљо, едно од шесте деца на чистачката во сиропиталиштето, кој всушност не е ни сираче, туку како такво го пријавила неговата мајка, бидејќи не можела да се грижи за него и да го прехрани. Додека директорот го присилува Суљо да ги шпионира пријателите, дел од сирачињата бегаат и им се приклучуваат на единиците на отпорот.
ЦРВЕНИТЕ БУЛКИ НАД ЅИДОВИТЕ во 1980 година го добива Гран при-то на Mеѓународниот филмски фестивал во Белград, а во 1985 година го добива Златниот медал на Филмскиот фестивал „Џифони“ во Салерно, а во 1977 Димитер Анагности ја добива Големата републичка награда на Албанија за режијата на филмот.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

27 АПРИЛ (САБОТА) 18:00ч
БАШ СУПЕР
(Helt Super)
Анимиран филм, Норвешка
2023, 76 мин., колор, ДЦП
Режија: Расмус А. Сивертсен (Rasmus A. Sivertsen)
Сценарио: Жил Њу, Кејрон Селф, Оскар Вајлд (Kamilla Krogsveen)
Улоги: Хеника Хуусе, Тобиас Сантелман, Кари Симонсен (Hennika Huuse, Tobias Santelmann, Kari Simonsen)

Не мора да си суперхерој за да бидеш супер. Хедвиг го намали костимот за суперхерој на тато, па сега веќе не може да биде супер-лав. Гејмерот Хедвиг е несмасен, но кога тато ќе го избере братучедот Адријан да биде следниот херој, Хедвиг мора да реагира.

Возрасна категорија: за целата публика
Влезница: 150 денари

 

 

27 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч
400 УДАРИ
(Les quatre cents coups)
Игран филм, Франција
1959, 99 мин., црно бел, 35мм
Режија: Франсоа Трифо (François Truffaut)
Сценарио: Франсоа Трифо, Марсел Моуси (François Truffaut, Marcel Moussy)
Улоги: Жан Пјер Лео, Алберт Реми, Клер Маурие (Jean-Pierre Léaud, Albert Rémy, Claire Maurier)

Антоан е 14-годишно дете, лош ученик и повеќе сака да се забавува отколку да ги исполнува ученичките и домашните обврски. Неговите родители често се отсутни од дома, а Антоан е на мета на строгиот наставник по француски јазик. Еден ден, наместо да оди на училиште, тој шета низ градот при што ја здогледува својата мајка како се бакнува со друг човек. Поради тоа, тој бега од дома, а неговиот најдобар другар му помага да преноќи во една печатница. Кога се враќа дома, неговите родители се обидуваат да го поправат односот кон него и тој минува една забавна вечер со нив, но неговата среќа трае кратко, затоа што набргу потоа мајка му и очувот продолжуваат со своите караници. Антоан повторно бега од дома и притоа ја краде машината за пишување од канцеларијата во која работи очувот. Бидејќи не може да ја продаде машината, се обидува да ја врати назад, но чуварот го открива и го пријавува кај очувот. Тој го пријавува Антоан во полиција, а потоа родителите одлучуваат да го испратат детето во поправен дом. Еден ден го посетува мајка му, која му соопштува дека нема да го примат назад дома, и тогаш Антоан решава да побегне од поправниот дом.
Филмот добил десетина награди, меѓу нив и три награди на Канскиот филмски фестивал („Златна палма“ за најдобар филм, за најдобар режисер, како и наградата OCIC), а во 1960 година бил номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобро сценарио.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

 

30 АПРИЛ (ВТОРНИК) 18:00ч
СЕВЕРНА УТЕХА
(Northern Comfort)
Игран филм, Германија, Исланд, Велика Британија
2023, 97 мин., колор, ДЦП
Режија: Хафстеин Гунар Сигурдсон (Hafsteinn Gunnar Sigurðsson)
Сценарио: Халдор Халдорсон, Тобиас Мунт, Хафстеин Гунар Сигурдсон (Halldór Laxness Halldórsson, Tobias Munthe, Hafsteinn Gunnar Sigurðsson)
Улоги: Лидија Леонард, Тимоти Спал, Ела Рамф (Lydia Leonard, Timothy Spall, Ella Rumpf)

Разновидна група луѓе со хроничен страв од летање се блокирани на зимскиот север. Премрзнати и преплашени, тие мора да најдат начин да се соочат со своите стравови и да работат заедно за да се извлечат.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари