НАМЕСТО ВОВЕД НАМЕСТО ВОВЕД

Постојат изуми што ни забот на времето не може да ги уништи, сеедно колку напредува технологијата. Човештвото, по пат на развиената технологија, создава вселенски летала, руши цели планини со современа машинерија за свои цели, но чеканот сè уште постои, како и велосипедот. Се наоѓаат во секој дом, (у)потребни засекогаш. Прегледувајќи филмски ленти од архивите на Кинотеката, наидов на материјали кои прикажуваа некои цивилизациски градби, меѓу кои пирамидите, а една стара египетска поговорка вели: „Времето се плаши од пирамидите“. Филмската лента што ја следев на монтажната маса немаше тон, немаше наратор во „офф“ кој би говорел во детали за што поточно станува збор. Па така, сам почнав да ја создавам сликата за прикажаното на малиот екран на монтажната маса. Пред мене се појавија многу прашања. Како една градба, која со сигурност ги нема денешните начини и материјали за градење, може да опстои толку векови? Не можев да најдам друг одговор, освен тоа дека во нејзиното градење е посветено многу љубов. Овој филмски материјал не беше од многу важен карактер, но како што рекол и Ајнштајн: „Случајноста е начинот на кој Господ останува анонимен“, и филмот случајно се најде во моите раце. Поточно, во рацете на еден работник во Кинотеката на Македонија, кој е задолжен да собира и обработува емпириска граѓа од архивот и да ги истражува фондовите и збирките на Кинотеката, и истите да ги документира и обезбедува достапност за сегашните и идните генерации за индивидуално стручно истражување, а зошто да не и за општо задоволство. МАРТ 2021 Да биде моментот уште поинтересен, што уште повеќе ме убеди во изреката на Ајнштајн за случајноста, истиот ден, во Кинотеката на Македонија се печатеше 36-тото издание на КИНОПИС, списание за историјата, теоријата и културата на филмот и на другите уметности. Насловот на корицата гласеше: „Не фрлајте го филмот!“. Овој слоган произлегол од манифестот по повод 70 години од постоењето на ФИАФ, меѓународна федерација на филмски архиви, а има за цел да се сочува филмската лента. Па така, ако времето се плаши од пирамидите, исто така би се плашело и од филмската лента, особено кога би знаело дека постојат филмски ленти во Кинотеката на Македонија кои се стари повеќе од сто години, но се во толку добра состојба како да се создадени вчера. Архивистите ги сочувале со голема љубов и покрај минималните услови за чување, но и со длабока почит кон етиката на зачувувањето на аудиовизуелните добра.

Арсим Лесковица

 

ФИЛМОВИ ВО МАРТ: ВО ДУХОТ НА ВРЕМЕТО

Кога францускиот мислител од светски формат Едгар Морен (Edgar Morin, 1921, Париз; роден во семејство на сефардски Евреи по потекло од Солун, како Едгар Нахум / Edgar Nahoum) во прославената книга есеи „Духот на времето“ („L’esprit du temps. Essai sur la culture de masse“, 1962, Paris, Grasset-Fasquelle) тврдеше дека некогаш „споредните“ жанрови и стилови со текот на времето стануваат главни координати во книжевноста, филмот и другите уметности, несомнено бил проклето во право. Мартовската програма на Кинотеката ви овозможува само едно делче од тој процес во светската кинематографија, низ неколку наслови од германскиот/европскиот експресионизам од дваесеттите години од минатиот век. КАБИНЕТОТ НА Д-Р КАЛИГАРИ (Das Cabinet des Dr. Caligari / The Cabinet of Dr. Caligari) на Роберт Вине (Robert Wiene) е еден таков пример. Тој филм, заедно со СИНИОТ АНГЕЛ (Der blaue Engel / The Blue Angel, 1930) на Јозеф фон Штернберг (Josef von Sternberg) и МЕТРОПОЛИС (Metropolis, 1927) на Фриц Ланг (Fritz Lang), за филмскиот критичар и теоретичар Зигфрид Кракауер (Siegfried Kracauer) се основите на тезата дека филмот како популарна уметност битно влијае на колективното несвесно во една општествена заедница. Но, на другата страна од „чистата“ идеологија, истата Мореновска постапка можеме да ја видиме и во конципирањето на хорор жанрот, од ГОЛЕМ (Der Golem) на Карл Безе и Паул Вегенер (Paul Wegener, Carl Boese) и РАЦЕТЕ НА ОРЛАК (Orlacs Hände / The Hands of Orlac), повторно на Вине, па сè до Џон Карпентер (John Howard Carpenter), Џорџ Ромеро (George Andrew Romero) и останатите мајстори на занаетот што продуцира страв и напнатост. Има ли, можеби, таков потенцијал кај денешните млади и не толку млади филмски автори? Сигурно дека има. Едно од тие имиња е Агњешка Холанд (Agnieszka Holland, 1948, Варшава, Полска), само формално полска режисерка. Студирала на познатата прашка академија ФАМУ (во периодот кога таму студенти, нејзини колеги, биле југословенските режисери Рајко Грлиќ, Срѓан Карановиќ, Горан Марковиќ, Лордан Зафрановиќ и Горан Паскаљевиќ); професионалната кариера ја започнала како асистентка на Кшиштоф Зануси и Анджеј Вајда; по првичните успеси во татковината Холанд пред воведувањето на воената состојба во Полска 1981 година, емигрира во Франција; како ретко кој авор успева да се пробие и во Холивуд, како режисер на високопрофилирани ТВ серии (The Wire и House of Cards, меѓу останатите).
Претходно повторно се врати на европското тло со нејзиниот амблематски филм ЕВРОПА ЕВРОПА (Europa Europa, 1991), филм за холокаустот на Евреите за време на Втората светска војна (Холанд е Еврејка по татко). Таа тема ќе ја евоцира уште неколку пати, а најпластично во ВО ТЕМНИНАТА (In Darkness, 2011). Кинематограферката на овој наградуван филм, Јоланта Дилевска (Jolanta Dylewska) доби „Златна камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола за овој филм: таа е стара познајничка на фестивалот, уште три пати беше натпреварувачка, доби награди за ТУЛПАН (Tulpan, 2008) и АЈКА (Ajka, 2019), беше номинирана за ТРАГИ ОД ДИВЕЧ (Pokot, 2017)… Иако изгледа дека „приказнава“ за Холанд отиде во друга насока, не е така: токму Холанд со нејзината најширока можна лепеза на соработка со креативци од разни национални кинематографии во нејзините филмови успева да прави – колку и да звучи тоа патетично – вистински европски проекти. ШАРЛАТАН е последниот во низата примери на авторката која упорно одбива да се пензионира. Во март ќе се потсетиме на двајца актери кои починаа изминатиов период: Мира Фурлан и Љупчо ТодоровскиУпа. Фурлан беше икона на ексјугословенската кинематографија во 1980-тите и 1990-тите години. Подоцна, под налетот на националистичките елити во Србија и Хрватска, со сопругот Горан Гајиќ мораа да емигрираат во САД, каде што Мира направи солидна актерска кариера за некој кој на таа возраст се обидел да го стори тоа во Холивуд. А Упа, тој наш драг Упа, секогаш енергичен и полн со креација, е и пионер (заедно со Симон Мони Дамевски) во практикувањето на „полнокрвен“ кастинг-директор во домашната кинематографија: по кариерата во југословенските продукции, Упа по 1990-тите остави трага во современата македонска кинематографија: ОДМАЗДА (2000), ЏГАН (2016), РУГАЊЕ СО ХРИСТОС (2019)… се меѓу насловите кои го одбележаа како актер. Има во мартовската програма на Кинотеката уште многу вредности. Меѓу другото, ќе имате можност да видите неколку долгометражни и кратки документарни, играни и анимирани наслови од поновата продукција, како и наслови од поновата европска продукција.
Во духот на времето…

СТојан СинаДинов

 

 

ПРЕЗЕМИ: ПРОГРАМА МАРТ 2021

 

1 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
2 МАРТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
3 МАРТ (СРЕДА), 18:00 ч.
СЕЌАВАЊА ОД ИТАЛИЈА
(Made in Italy)
Игран филм, В. Британија / Италија
2020, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Џејмс Дарси (James D’Arcy)
Сценарио: Џејмс Дарси (James D’Arcy)
Улоги: Лиам Нисон, Јоланда Кетл, Михал
Ричардсон, Суад Фарес (Liam Neeson, Yolanda Kettle, Micheál Richardson, Souad Faress)

Трогателна и сентиментална приказна за односот меѓу татко и син (Лиам Нисон и Михал Ричардсон, негов син и во приватниот живот и во филмот) кои заедно ја реновираат старата куќа во Тоскана, Италија. Роберт (Нисон) е уметник и боем, кој по смртта на сопругата со отуѓениот син Џек (Ричардсон) се трудат да ја обноват старата вила во Тоскана која им ја оставила во наследство сопругата/мајката. Како што напредува обновувањето на некогашната убава вила, сега во трошна состојба, така се развиваат и односите меѓу таткото и синот, кои ги надминуваат старите пречки и недоразбирања…

MADE IN ITALY е дебитантски филм на Џејмс Дарси како режисер (тој е и сценарист), а претходно го знаеме како актер од воената филмска драма ДАНКИРК (Dunkirk, 2017) на Кристофер Нолан (Christopher Nolan). Младиот актер Михал Ричардсон, пак, е син на Лиам Нисон и починатата актерка Наташа Ричардсон, и внук на режисерот Тони Ричардсон (Tony Richardson) и актерката Ванеса Редгрејв (VaNessa Redgrave).

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

1 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
2 МАРТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
НОЌНА СМЕНА
(Police / Night Shift)
Игран филм, Франција / Белгија / Кина
2020, 98 мин., колор, ДЦП
Режија: Ан Фонтен (Anne Fontaine)
Сценарио: Клер Баре, Ан Фонтен (Claire Barré, Anne Fontaine)
Улоги: Виржини Ефира, Омар Си, Грегори Гадебоа (Virginie Efira, Omar Sy, Grégory Gadebois)

Тројца полициски службеници добиваат навидум рутинска задача: да испратат еден илегален имигрант на парискиот аеродром „Шарл Де Гол“, да го сместат во авионот што патува до неговата матична држава каде што треба да биде екстрадиран и да почекаат авионот да полета. Меѓутоа, кога полицајците на патувањето до аеродромот ќе ја слушнат вистинската приказна на емигрантот, ќе мораат да направат тежок избор… Зад НОЌНА СМЕНА стојат три креативни дами: Ан Фонтен како режисерка и косценаристка, Клер Баре како сценаристка, и новата ѕвезда на францускиот филм, актерката Виржини Ефира. Фонтен ни е веќе позната по биографската драма за животот на легендарната дизајнерка Коко Шанел, КОКО ПРЕД ШАНЕЛ (Coco avant Chanel), со Одри Тоту во насловната улога. НОЌНА СМЕНА беше дел од официјалната конкуренција на Интернационалниот филмски фестивал во Квебек, Канада, 2020 г., со номинација за награда за Фонтен.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

4 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
11 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
УШТЕ ЕДНА ТУРА
(Druk / Another Round)
Игран филм, Данска / Шведска
2020, 115 мин., колор, ДЦП
Режија: Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg)
Сценарио: Тобиас Линдхолм, Томас Винтерберг (Tobias Lindholm, Thomas Vinterberg)
Улоги: Мадс Микелсен, Томас Бо Ларсен, Ларс Ранте, Магнус Миланг (Mads Mikkelsen, Thomas Bo Larsen, Lars Ranthe, Magnus Millang)

УШТЕ ЕДНА ТУРА по седум години повторно ги спои режисерот Винтерберг и актерот Микелсен, по нивниот голем успех со ЛОВОТ
(The Hunt) во 2012, со кој Микелсен ја освои „Златната палма“ на Канскиот фестивал. Винтерберг, кој заедно со Ларс фон Трир е
еден од основачите на филмското движење „Догме 95“, во УШТЕ ЕДНА ТУРА гради концептуална приказна за пијанчењето на четворица разочарани и уморни интелектуалци, средношколски професори по историја, по физичко воспитување, по психологија и по музичко образование. Приказната за професорите тргнува од наводната теорија на еден познат психолог дека секој човек би требало да се роди со 0,5 промили алкохол во крвта, па таквата скромна опиеност би му го отворила умот за светот околу него, би му ги намалила проблемите и би му ја зголемила креативноста… Сакајќи да ја докажат оваа теорија, четворицата професори почнуваат со експериментот – да бидат постојано опиени во текот на целиот работен ден на училиште. Најкреативен и најагилен во „докажувањето“ на теоријата е професорот по историја (Микелсен): под дејство на алкохол здодевните предавања за периодот на Втората светска војна на неговите часови ги претвора во вистинско шоу, а неговите ученици се воодушевени од лекциите.УШТЕ ЕДНА ТУРА е горчлива комедија која ги открива и сериозните животни проблеми, вклучувајќи го и оној дека тагата не може да се излечи со алкохол. Филмот на Винтерберг беше селектиран во официјалната конкуренција на годинешниот Кански фестивал, но неговото одржување во мај беше одложено. УШТЕ ЕДНА ТУРА имаше светска премиера на фестивалот во Торонто, беше победник на фестивалот во Сан Себастијан, а на крајот од 2020 година стана најдобар европски филм на доделување на наградите „Феликс“ на Европската филмска академија. Следниов период ќе дознаеме дали ќе се остварат прогнозите за филмот на Винтерберг како еден од најголемите фаворити за
наградата „Оскар“ во категоријата најдобар интернационален филм.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

ФРАНЦУСКИ КИНО КЛУБ
4 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
СОВРШЕНА ДАДИЛКА
(Chanson douce / Perfect Nanny)
Игран филм, Франција
2019, 100 мин., колор, ДЦП
Режија: Луси Борлето (Lucie Borleteau)
Сценарио: Луси Борлето (Lucie Borleteau)
Улоги: Карин Вијар, Лејла Бекти, Антоан Рејнарц (Karin Viard, Leïla Bekhti, Antoine Reinartz)

И покрај противењето на нејзиниот сопруг Пол, Мирјам се одлучува да почне да работи во адвокатската канцеларија наместо да остане домаќинка и целосно да им биде посветена на грижата на двете деца. Затоа Мирјам и Пол бараат совршена дадилка за своите деца. По темелно спроведеното интервју, тие ја ангажираат Луиз: тивка, љубезна, посветена жена, која умее да пее приспивни песни, го чисти нивниот стан во Париз, останува доцна без приговор и приредува прекрасни забави за децата. Луиз брзо ги освојува нежностите на децата и постепено
зазема централно место во семејниот дом. Но, набргу постапките на Луиз стануваат загрижувачки. Како што Пол и Мирјам и
дадилката стануваат сѐ позависни еден од друг, љубомората, незадоволството и сомнежите се зголемуваат. Еден ден се случува трагедија со децата… Одличната Карин Вијар беше номинирана за најдобра актерка за француските национални награди „Цезар“ и „Лимиер“. СОВРШЕНА ДАДИЛКА е снимен според истоимениот роман на Лејла Слимани (Leila Slimani), кој во 2016 година ја доби престижната награда „Гонкур“ и набргу станува бестселер со над 450.000 продадени примероци во Европа (преведен и на македонски јазик).

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

5 МАРТ (ПЕТОК): 18:00 ч.
6 МАРТ (САБОТА), 20:00 ч.
11 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
ЕФЕКТОТ НА СРЕЌА
(The Happiness Effect)
Игран филм, Македонија
2019, 90 мин., колор, ДЦП
Режија: Борјан Зафировски (Borjan Zafirovski)
Сценарио: Борјан Зафировски, Дејан Дуковски,
Огнен Георгиевски (Borjan Zafirovski, Dejan Dukovski, Ognen Georgievski)
Улоги: Сашко Коцев, Дејана Попоска, Ана Стојановска, Сара Анастасовска (Sashko Kocev, Dejana Poposka, Ana Stojanovska, Sara Anastasovska)
ЕФЕКТОТ НА СРЕЌА е урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот. Филмот ја раскажува приказната за Леа, млада девојка, која се бори за своето здравје. Леа е болна од леукемија. Не ѝ преостанува многу време до најавената смрт, па започнува да го цени секој час од животот, пронаоѓајќи убави нешта на кои претходно не обрнувала внимание. Леа мисли дека може да го промени светот, па снима видео-проект со кој сака да постигневирален ефект на среќата. Додека си го преиспитува животот, почнува да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе… ЕФЕКТОТ НА СРЕЌАТА е прв долгометражен игран филм на сценаристот и режисер Борјан Зафировски, агилно име на скопската урбана културна сцена, познат и по режија на сегмент од филмскиот омнибус SKOPJE REMIXED (2012) каде се појавува и како продуцент.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

5 МАРТ (ПЕТОК), 20:00 ч.
25 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
27 МАРТ (САБОТА), 20:00 ч.
18 % СИВО
(18% Grey)
Игран филм, Бугарија / Германија / Македонија / Србија / Белгија
2020, 110 мин., колор, ДЦП
Режија: Виктор Чучков (Viktor Chouchkov)
Сценарио: Хилари Нориш, Долја Гавански, Захари Карабашлиев (Hilary Norrish, Dolya Gavanski, Zachary Karabashliev)
Улоги: Рушен Видинлиев, Долја Гавански, Самуел Финци (Ruscen Vidinliev, Dolya Gavanski, Samuel Finzi)

Бугарскиот фотограф Зак и неговата голема љубов Стела, следејќи ја заедничката мечта за поубав и поинтересен живот, заминуваат од Варна во Лондон. Но, по извесно време Стела ќе го напушти Зак. Во потрага по нова смисла во животот, Зак тргнува на необично патешествие од Лондон до Берлин. Ова е патувањето што ќе му ја открие вистината за неговата изгубена љубов, но ќе му донесе и непријатни откритија за самиот себе… Режисерот Виктор Чучков ни е познат по филмот ТИЛТ (Tilt, 2010), а 18% СИВО е снимен според истоимениот роман на бугарскиот писател Захари Карабашлиев, кој доживеал 22 изданија во Бугарија и ја добил наградата „Вик“ за роман на годината. 18% СИВО минатата година учествуваше на Интернационалниот фестивал во Софија и скопскиот Фестивал на европски филм Синедејс. Македонски копродуценти на филмот (малцинска копродукција) се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

6 МАРТ (САБОТА), 18:00 ч.
18 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
24 МАРТ (СРЕДА), 18:00 ч.
ЈАС СУМ ФРЕНК
(Jaz sem Frenk/I am Frank / Everything Is Different)
Игран филм, Словенија / Македонија / Србија / Хрватска
2019, 98 мин., колор, ДЦП
Режија: Метод Певец (Metod Pevec)
Сценарио: Метод Певец, Иво Трајков (Metod Pevec, Ivo Trajkov)
Улоги: Јанез Шкоф, Валтер Драган, Катарина Час, Мојца Парљич, Ања Новак, Силва Чушин (Janez Škof, Valter Dragan, Katarina Čas, Mojca
Partljič, Anja Novak, Silva Čušin)

Неочекуваното наследство од нивниот татко предизвикува спор меѓу двајца браќа. Френк е бунтовник кој сè уште се колне во солидарноста
и „старите вредности“, а неговиот брат Рајко е типичен пост-транзициски тајкун. Френк го истражува потеклото на парите што неговиот покоен татко го стекнал преку разни сомнителни зделки како еден од протагонистите за создавање независна Словенија, додека Рајко е нестрплив да ги
земе парите со помош на адвокатите и мрежата на ортаци на неговиот татко, кои не се воздржуваат ниту од мафијашки методи. Сопругата на Рајко, Инес, која цело време е вљубена во Френк, уште еднаш се наоѓа во центарот на братскиот спор – спор што води до конечна пресметка… Копродуценти (малцинска македонска копродукција) на овој словенечки филм се Светозар и Корнелија Ристовски, а во постпродукциската фаза учествуваа неколку домашни креативци, меѓу кои и Атанас Георгиев како супервизор-дизајнер на звук.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

8 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
9 МАРТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
16 МАРТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
22 МАРТ (ПОНЕДЛЕНИК), 18:00 ч.
23 МАРТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
БЕЗОПАШЕСТИОТ ПЕЛЕ
(Pelle Svanslös)
Анимиран филм, Шведска
2020, 67 мин., колор, ДЦП
Режија: Кристијан Рилтениус (Christian Ryltenius)
Сценарио: Јохан Богаус, Геста Кнутсон (Johan Bogaeus, Gösta Knutsson)
Гласови: Адам Пелсон, Кристофер Вагелин, Ли Хагман (Adam Pålsson, Christopher Wagelin, Li Hagman)

Класична анимирана филмска сторија за едно разгалено маче кое го изгубило својот опаш. Еден ден, неочекувана бура ќе го понесе безопашестото маче наречено Пеле на вистинска авантура во еден чуден град. Таму Пеле запознава нови другари и развива вистински пријателства. Меѓутоа, не е секогаш лесно да се биде новата мачка во градот. Немаат сите добри намери и Пеле силно посакува да се врати дома…

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари

8 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
9 МАРТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
15 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
22 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
30 МАРТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ШАРЛАТАН
(Charlatan)
Игран филм, Чешка / Ирска / Словачка / Полска
2020, 118 мин., колор, ДЦП
Режија: Агњешка Холанд (Agnieszka Holland)
Сценарио: Марек Епштајн (Marek Epstein)
Улоги: Иван Тројан, Јозеф Тројан, Јурај Лој (Ivan Trojan, Josef Trojan, Juraj Loj)

Сторија за Јан Миколашек, познат чешки надрилекар кој лечел и кралеви и функционери на Комунистичката партија на тогашна Чехословачка, за на крајот да настрада во еден монтиран процес. Сторијата на ШАРЛАТАН се одвива во Чехословачка во периодот од распадот на Австроунгарското царство во Првата светска војна до педесеттите години, во периодот по Втората светска војна. Јан Миколашек е вистинска личност, надрилекар кој ги лечи луѓето од сите општествени слоеви. Неговата „медицина“ е уникатна: на основа на визуелниот преглед на урината на пациентите, Миколашек им препишува лековити тревки. Но, тоа било само половина од неговите „рецепти“: надрилекарот им сугерирал дека најбрзо ќе се излечат со позитивната мисла…
Иако надрилекар, Миколашек се држел до хипократовата заклетва речиси како поголем „верник“ од лекарите. Затоа им пружал помош и на Мартин Борман (еден од најблиските соработници на Хитлер, мистериозно исчезнат на крајот на војната), и на чехословачките комунистички функционери. Од сите нив бил богато наградуван – вила, автомобил, скапи костуми – но неговата пасија било лечењето на неговиот специфичен начин: и кога како војник на австроунгарската војска им помагал на соборците лечејќи им ги раните со тревки и помади, и кога пред неговиот дом чекале стотици паталци кои не нашле помош во класичната медицина. Миколашек има хомосексуална врска со неговиот единствен помошник, кој му помага на тој начин што на бремената сопруга ѝ става тревки за спонтано да абортира. Но, и комунистичкиот режим во еден момент решава да го „абортира“ популарниот надрилекар, монтирајќи му судски процес…

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

10 МАРТ (СРЕДА), 18:00 ч.
БРИТ-МАРИ БЕШЕ ОВДЕ
(Britt-Marie var här / Brit-Marie was Here)
Игран филм, Шведска
2019, 97 мин., колор, ДЦП
Режија: Тува Новотни (Tuva Novotny)
Сценарио: Андерс Фритшоф Огуст, Фредрик
Бакман (Anders Frithiof August, Fredrik Backman)
Улоги: Пернила Оугуст, Вера Витали, Ланселот Нкубе (Pernilla August, Vera Vitali, Lancelot Ncube)

Снимен според истоимениот роман на Фредрик Бакман, БРИТ-МАРИ БЕШЕ ОВДЕ е приказна за потрагата по љубов и за вторите шанси што сите ги заслужуваме. Брит-Мари не може да поднесе неред. За неа неорганизираната фиока за прибор е непростлив грев. Секој ден го започнува во шест часот бидејќи само лудаци се будат подоцна од тоа. И не е пасивно агресивна. Понекогаш луѓето нејзините корисни сугестии ги толкуваат како критики.
Зад социјално непријатното и напорно лице на Брит-Мари се крие жена со фантазија, со преголеми соништа и со претопло срце! По разделбата со сопругот Кент по цели 4 децении брак, нејзиниот живот започнува одново во мистериозното гратче Борг. Секојдневно се соочува со новите сограѓани: пијаници, безделници, а еден згоден локален полицаец успева дури и да ѝ го привлече вниманието. Нејзината нова и речиси невозможна задача е да стане тренер на фудбалски тим со неталентирани деца… Режисерката Новотни кариерата ја започна како актерка, а пред две години го сними СЛЕПА ТОЧКА (Blind Spot), извонредна и потресна драма реализирана во еден кадар. Пернила Август е една од последните актерски ѕвезди од филмовите на Ингмар Бергман.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

10 МАРТ (СРЕДА), 20:00 ч.
ЗЕМЈАТА ПОД МОИТЕ НОЗЕ
(The Ground Beneath my Feet)
Игран филм, Австрија
2019, 98 мин., колор, ДЦП
Режија: Мари Кројцер (Marie Kreutzer)
Сценарио: Мари Кројцер (Marie Kreutzer)
Улоги: Валери Пахнер, Пиа Херцегер, Мави Хербигер (Valerie Pachner, Pia Hierzegger, Mavie Hörbiger)

Лола е богат деловен консултант што применува агресивни тактики и е постојано на своето работно место. Нејзината рутина е останување до доцна на работното место, убави вечери со клиентите и краткотрајни преспивања во стерилни хотелски соби. Со навршени 30 години Лола е убава, оди на фитнес, а нејзината кариера брзо ја води кон успехот. Лола си го контролира личниот живот со истата ефикасност што ја
користи за да го зголеми профитот на работното место. Таа ја држи во тајност врската со нејзината шефица Елиза, исто како и постоењето на нејзината постара сестра Кони, која има долга историја на ментална болест. Но кога Лола ја добива веста дека Кони се обидела
да се самоубие, се јавува закана дека нејзините тајни ќе излезат во јавноста. Додека се обидува да го направи најдоброто за сестра ѝ без да го загрози она за коешто вредно работела, Лола полека сфаќа дека ја губи врската со реалноста… ЗЕМЈАТА ПОД МОИТЕ НОЗЕ доминираше на
доделувањето на австриските национални филмски награди, а имаше и забележливо учество на фестивалите во Германија, Чешка, Мексико, Израел, САД, Полска, Хрватска, Италија…

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

ЈОВ
(Job)
Игран филм, Македонија
2019, 22 мин., колор, ДЦП
Режија: Александар Андоноски
(Aleksandar Andonoski)
Сценарио: Александар Андоноски, Оливера
Андоноска (Aleksandar Andonoski, Olivera Andonoska)
Улоги: Димитар Ѓорѓиевски, Марија Спиркоска
– Илијеска, Илија Волчески (Dimitar Gjorgjievski, Marija Spirkoska-Ilijeska, Ilija Volchevski)

Откако полека ја губи битката со брановите сред отворено море, Јов се сеќава на секвенци од минатото што од корен го изместиле неговиот живот – загубата на нероденото дете, отуѓувањето на саканата жена, губењето на самиот себеси. Тој е беспомошен, обземен од очај, од неможноста да ѝ помогне на својата сопруга, од својата немоќ да најде утеха и да си прости. Филмот на Андоноски беше селектиран во
официјална натпреварувачка селекција на 25-иот Интернационалeн филм фестивал во Драма, Грција, 2019 – квалификуван за
Европските филмски награди ЕФА; учествуваше на Beach Film Festival во Охрид, ODA во Тетово, „Браќа Манаки“ во Битола…

ГОСПОДАТА ОД СОВРЕМЕНА
(Consuming Contemporary)
Документарен филм, Македонија
2019, 32 мин., колор, ДЦП
Режија: Ана Алексовска (Ana Aleksovska)
Сценарио: Ангелика Апсис (Angelika Apsis)

Една група постари дами и господа секојдневно ужива во културните настани во Скопје, изложби, концерти, поетски читања и промоции каде што се служи бесплатна храна и по некоја чаша вино. Овие луѓе редовно комуницираат меѓусебно и заедно прават распоред за настаните во претстојниот ден. Кога општествениот прекор се претвора во закана за нивната забава тие сфаќаат дека она што го прават им значи
повеќе од што си мислеле. Филмот доби Grand Prix на FeKK Ljubljana Short Film Festival (Словенија), 2020, и учествуваше на фестивалите Makedox (Македонија), 2019; Winter Apricots International Film Festival (Македонија), 2020; HotDocs (Канада), 2020; BelDocs (Србија), 2020;
Moscow Shorts ISFF (Русија), 2020…

ПАТОТ НА ЛОКУМОТ
(The Road of Turkish Delight)
Документарен филм, Македонија
2018, 37мин., колор, ХД
Режисери: Елизабета Конеска, Роберт Јанкулоски
(Elizabeta Koneska, Robert Jankuloski)
Сценарист: Елизабета Конеска (Elizabeta Koneska)

Компаративно согледување на историскиот пат на локумот – деликатесното слатко и неговата современа состојба и примена во контекст на глобалниот развој. Главниот акцент е даден на локумот во Македонија, каде што овој продукт претставува значаен сегмент од културното наследство, како и на мајсторите како клучни двигатели на овој вид културни навики и одржувачи на традицијата. Покрај Македонија, документарецот е сниман и во соседните земји.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

15 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
29 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
30 МАРТ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
КАБИНЕТОТ НА Д-Р КАЛИГАРИ
(Das Cabinet des Dr. Caligari / The Cabinet of Dr. Caligari)
Игран филм, Германија
1920, 67 мин., црно-бел, 16 мм
Режија: Роберт Вине (Robert Wiene)
Сценарио: Карл Мајер, Ханс Јановиц (Carl Mayer, Hans Janowitz)
Улоги: Вернер Краус, Конрад Вајт, Фридрих Фехер, Лил Даговер, Ханс Хајнрих фон Твардовски (Werner Krauss, Conrad Veidt, Friedrich Feher,
Lil Dagover , Hans Heinrich von Twardowski)

Во малото место Холштенвал се одржува годишниот саем на кој своја претстава дава и д-р Калигари (Краус), кој го прикажува
Чезаре, човекот-месечар (Вајт). Истата ноќ, се случува мистериозно убиство. Двајца другари, Франсис (Фехер) и Алан (Твардовски) ја посетуваат претставата и Чезаре му претскажува на Алан дека ќе живее до зората. Навистина, таа ноќ, непознат човек го убива Алан. Франсис одлучува да го истражи мистериозното убиство и ја надгледува куќата на д-р Калигари. Утредента, полицијата апси човек кој се обидува да убие една жена. Тој е осомничен и за другите убиства, но го признава само обидот за убиство, велејќи дека намерно сакал да ја префрли вината на таинствениот убиец. Идната ноќ Чезаре ја посетува девојката на Франсис, Џејн (Даговер), со намера да ја убие, но омекнат од нејзината убавина, тој ја грабнува и бега со неа. Франсис го обвинува докторот дека го злоупотребил Чезаре за да ги изврши убиствата и бркајќи го, стигнува во лудницата. Заедно со лекарите го пребаруваат кабинетот на директорот и таму наоѓаат книга
во која се зборува за вистинскиот д-р Калигари и за месечарот Чезаре, а го пронаоѓаат и дневникот на директорот. Така, се чини дека мистеријата е разрешена. Меѓутоа, филмот завршува така што во лудницата на едно место се собрани Чезаре (сега, буден), Џејн (која за себе мисли дека е кралица) и Франсис (кој тврди дека директорот на лудницата е д-р Калигари)… Хорор-фантазијата на Вине е дело од германскиот експресионизам кое важи за прв модернистички филм конципиран како стилски воедначена целина, што претставува раскин со дотогаш доминантниот натурализам. Глумата, кубистчката сценографија и сликарските постапки во визуелниот израз чинат оригинално дело. Филмот на Вине, заедно со СИНИОТ АНГЕЛ (Der blaue Engel / The Blue Angel, 1930) на Јозеф фон Штернберг (Josef von Sternberg) и МЕТРОПОЛИС (Metropolis, 1927) на Фриц Ланг (Fritz Lang), за филмскиот критичар и теоретичар Зигфрид Кракауер (Siegfried Kracauer) се основите на неговата теза (студијата „Од Калигари до Хитлер“) дека филмот како популарна уметност битно влијае на колективното несвесно во една општествена заедница.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

16 МАРТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
29 МАРТ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
ГОЛЕМ: КАКО ДОЈДЕ НА СВЕТОТ
(Der Golem, wie er in die Welt kam / The Golem: How He Came into the World)
Игран филм, Германија
1920, 90 мин., црно-бел, ХД
Режија: Паул Вегенер, Карл Безе (Paul Wegener, Carl Boese)
Сценарио: Хенрик Гален, Паул Вегенер (Henrik Galeen, Paul Wegener)
Улоги: Паул Вегенер, Лида Салмонова, Алберт Штајнрик, Ернст Дојч (Paul Wegener, Lyda Salmonova, Albert Steinrück, Ernst Deutsch)

Дејствието на филмот се одвива во Прага, во 16 век. Рабинот Лев открива дека на Евреите им се заканува голема опасност. Царот потпишува декрет со кој Евреите треба да го напуштат гетото. Декретот го врачува витезот Флоријан, и во таа прилика се вљубува во ќерката на рабинот Лев, Мирјам. За да ги спаси Евреите, рабинот Лев одлучува да ја оживее статуата на Голем, која е скриена во неговиот подрум. Голем му е верен слуга на рабинот Лев, а со својата грандиозна појава и со големата сила сее страв кај сите што ќе го видат. Рабинот оди во посета кај царот, а со себе го поведува и Голем. Во меѓувреме, Флоријан ја посетува Мирјам и заедно ја поминуваат ноќта. Во дворот на царот, Лев им ја прикажува својата магија, но ги предупредува присутните да не се смеат. Но, кога публиката ќе почне да се смее, дворецот започнува да се урива. Сите присутни се во паника, но Голем успева да ги спаси, благодарение на својата голема сила. Во знак на благодарност, царот им простува на Евреите. Рабинот Лев и Голем се враќаат во гетото и на Евреите им ја соопштуваат убавата вест, а во гетото започнува голема прослава. Тогаш, Голем почнува да му пркоси на рабинот, поради што тој сака да го уништи, но во тој миг го канат во храмот каде треба да му укажат голема чест. Помошникот на рабинот се враќа во куќата за да ја повика Мирјам и открива дека таа е внатре со Флоријан. Воден од љубомората, тој го оживува Голем кој го брка Флоријан и потоа го убива, фрлајќи го од кулата. Потоа, Голем предизвикува пожар во куќата кој набргу се шири низ гетото, но рабинот успева да го изгасне пожарот и така по вторпат го спасува гетото. За тоа време, Голем ја носи Мирјам надвор од гетото. Потоа, тој се враќа назад и зема мало девојче во прегратка. Девојчето го одвртува знакот на неговите гради и Голем пак се претвора во статуа… ГОЛЕМ – КАКО ДОЈДЕ НА СВЕТОТ е своевиден приквел на првиот филм на Вегенер и Гален, ГОЛЕМ (во САД е прикажан под насловот ЧУДОВИШТЕТО НА СУДБИНАТА / The Monster of Fate), делумно сочуван, и е дел од трилогијата продуцирана од Вегенер, во која е и ГОЛЕМ И ТАНЧЕРКАТА (The Golem and the Dancing Girl, 1917).
Сторијата е инспирирана од народните приказни на Евреите, но филмот е само слободно толкување на овој мит и не се држи многу до сите негови детали: Вегенер изјавувал дека филмот повеќе се базира на романот „Голем“ (The Golem) на Густав Мејринк (Gustav Meyrink). Филмот бил снимен во 1920 година во Берлин-Темпелхоф, а неговата премиерата се одржала на 29 октомври 1920 година во Берлин. Архивот на германската Кинотека (Deutsche Kinemathek) поседува 108 метри фрагменти од овој филм. Многу извори го сметале ГОЛЕМ за засекогаш изгубен филм. Колекционерот на европски филмови Паул Сојерлендер (Paul Sauerlaender) наводно ја пронашол комплетната верзија во 1958 година, но тоа останало непотврдено. Косценаристот Гален, кој игра една од главните улоги во првиот филм, неколку години подоцна е дел од другите класични неми хорор филмови како НОСФЕРАТУ (Nosferatu, 1922) на Мурнау (F. W. Murnau). Вегенер и Салмонова, пак, по снимањето на филмот станале сопружници.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

17 МАРТ (СРЕДА), 18:00 ч.
IN MEMORIAM: МИРА ФУРЛАН
ПОЛТРОН
(Poltron)
Игран филм, Југославија
1989, 101 мин., колор, 35 мм
Режија: Светислав Бата Прелиќ (Svetislav Bata Prelić)
Сценарио: Лилјана Павиќ, Синиша Павиќ (Ljiljana Pavić, Siniša Pavić)
Улоги: Љубиша Самарџиќ, Зоран Цвијановиќ, Мира Фурлан, Милан Лане Гутовиќ, Радмила Живковиќ (Ljubiša Samardžić, Zoran Cvijanović,
Mira Furlan, Milan Lane Gutović Radmila Živković)

ПОЛТРОН е комедија за односот меѓу генералниот директор и полтроните во едно типично југословенско претпријатие во кое владее неработење и неодговорност. Радивое е пример на типичен неработник кој има ја има усовршено „уметноста на вовлекувањето“ кај директорите, па секогаш напредува. Миодраг е неговиот шеф, посветен работник во фирмата, кој ја нема дарбата на Радивое. Во позадината на приказната се открива и приватниот живот на ликовите, кој не е многу различен од тој на работното место… Иако е комедија, ПОЛТРОН на многу начини ја отсликува ерозијата на југословенското општество кон крајот на осумдесеттите години, пред распадот на државата и системот. Лане Гутовиќ за неговата ефектна епизодна улога ја доби „Златната арена“ на фестивалот на југословенскиот филм во Пула 1989 година.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

17 МАРТ (СРЕДА), 20:00 ч.
ВО ЧЕЛУСТИТЕ НА ЖИВОТОТ
(U raljama života / In the Jaws of Life)
Игран филм, Хрватска
1984, 95 мин., колор, 35 мм
Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)
Сценарио: Рајко Грлиќ, Дубравка Угрешиќ (Rajko Grlić, Dubravka Ugrešić)
Улоги: Витомира Лончар, Горица Поповиќ, Богдан Диклиќ, Велимир Бата Живоиновиќ, Миодраг Кривокапиќ, Мира Фурлан (Vitomira Lončar, Gorica Popović, Bogdan Diklić, Velimir Bata Živojinović, Miodrag Krivokapić, Mira Furlan)

Култната комедија на Грлиќ претставува адаптација на популарниот роман „Штефица Цвек во челустите на животот“. Приказната паралелно го следи животот на две жени – просечната и осамена девојка Штефица Цвек (Лончар), која мечтае да го најде човекот на нејзиниот живот, и Дуња (Поповиќ), филмска режисерка која снима телевизиска серија за Штефица, но и ги дели истите љубовни проблеми со неа. Пријателките на Штефица или се мажени и веќе разведени, и тоа по неколку пати, или се во складни врски. Низ нивните животи ќе продефилираат разни мажи, додека не го најдат вистинскиот. Филмот се одликува со остра сатира на состојбата во тогашната држава СФРЈ: предмет на критиката во филмот се интелектуалците, стереотипите за меѓуетничките односи (релациите меѓу Србите и Хрватите), сексуалните слободи и политичкиот притисок… ВО ЧЕЛУСТИТЕ НА ЖИВОТОТ е меѓу ексјугословенските филмови кои сè уште имаат култен статус меѓу гледачите. Филмот разбива и разни политичко-идеолошки табуа, како што е темата за логорите на Голи Оток по раскинот на Тито и Сталин во 1948 година. Меѓу повпечатливите епизоди е и онаа на Бата Живоиновиќ во улогата на „Трокрилен“ (алузија на неговото крупно тело, па изгледа како трокрилен орман) и неговите сочни реплики за сексот…

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

18 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
МАКЕДОНСКИ АНИМИРАНИ И КРАТКИ ИГРАНИ ФИЛМОВИ

ПОСЛЕДНАТА СВЕТЛИНА
(Last Light)
Игран филм, Македонија
2021, 5 мин., колор, ДЦП
Режија: Јован Саркањац (Jovan Sarkanjac)
Сценарио: Јован Саркањац (Jovan Sarkanjac)
Улоги: Лазар Христов (Lazar Hristov)
Едно момче мора да напише проштално писмо пред да му се изгасне свеќата…
ПОСЛЕДНАТА СВЕТЛИНА е филм кој е под големо влијание на приказната за Пандорината кутија. Главниот јунак, Павел, се наоѓа во темен и мошне апстрактен, но физички простор. Со тоа што е опколен со четири ѕидови и може да кружи околу неговиот мал свет, небаре ѕидовите не постојат, ја истакнува надреалноста во неговата ситуација. Тој не само што е во истиот митски свет, туку и заробен во таа митска кутија исполнета со гласовите на злото. Сѐ додека трае светлината постои сигурност дека Павел ќе успее во неговиот обид да побегне. Филмот на Саркањац, дипломец на студиите за филм и ТВ на Универзитетот во Нотингем, В. Британија, ја доби наградата за најдобра оригинална музика (Лука Јанкулоски) на филмскиот фестивал „Халикарнас“ во Бодрум, Турција. Филмот е учесник на меѓународниот филмски фестивал во Кошице, Словачка, и е дел од официјалната селекција на уште три странски фестивали.

ОБРАЗЕЦ Б-16
(Form B-16)
Анимиран филм, Македонија
2019, 9 мин., колор, ДЦП
Режија: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)
Сценарио: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)

Приказна за „малиот“ човек, заглавен во бирократскиот лавиринт, кој секогаш добива најмалку од сите. Тој човек издржува низа ситуации во системот на апсурдите и парадоксите кои неминовно произлегуваат од општествената динамика, а посебно од идеолошките и технократските управувања. Сепак, слободата и правото на индивидуалниот избор за начинот на живот во рамките на системот се и ќе останат врзани
за личната одговорност за себе…

КАВАЛ
(Kaval)
Анимиран филм, Mакедонија
2018, 10 мин., колор, дцп
Режија: Саша Станишиќ (Sasha Stanishikj
Сценарио: Јасна Николовска-Овчаровска (Jasna Nikolovska-Ovcharovska)

Во едно планинско селце, едно внуче секое лето доаѓа кај баба и дедо, каде што неговото детство се исполнува со мирисот на
летото и недопрената природа. Во дворот на едното столче седи дедото и свири кавал. Му го подава на внукот кој внимателно го зема и со детска љубопитност го допира, разгледува, испитува – долг шуплив стап со неколку отвори од кои произлегува целата музика на дедо. Што ли крие тој волшебен отвор на долгата цевка? Можеби музиката е внатре? Една ноќ, по многу години, по заморната работа и чувство на осаменост, внукот решава да оди на село. Таму го нема веќе дедото – куќата е празна, а бавчата подзапуштена. На масата го наоѓа кавалот кој дедо му му го оставил. Одеднаш во него оживува заборавеното – широчината на детската слобода и радоста на животот.
Седнува и на кавалот од срце ја свири езгијата на дедо му, која го оживува целиот амбиент од тој изгубен рај од детството.

ВИДА И ДОБРЕ
(The Princess and the Shepherd)
Анимиран филм, Македонија
2020, 8 мин., колор, ДЦП
Режија: Владимир Лукаш (Vladimir Lukash)
Сценарио: Жарко Иванов, Владимир Лукаш,
Александар Прокопиев (Zharko Ivanov, Vladimir Lukash, Aleksandar Prokopiev)

Сторијата на анимираниот филм е невообичаена обработка на бајката за принцезата која не се сложува со плановите на нејзините родители да се омажи „кралски“. Срцето на разгалената принцеза Вида ќе го освои младиот и сиромашен овчар Добре…

ЈАДИЦА
(Hook)
Анимиран филм, Македонија
2019, 9 мин., колор, ДЦП
Режија: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)
Сценарио: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)
ЈАДИЦА го истражува чувството на вина што го има главниот протагонист откако мамел на натпревар за риболов во неговото детство. Ова чувство останува во неговата потсвест и го прогонува во текот на целиот живот. Обидувајќи се да компензира, не само за неговиот грев од детството, туку и за сè што сторил, а што сега го смета за неоправдано, тој станува конформист…

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

19 МАРТ (ПЕТОК), 18:00 ч.
БОИТЕ НА ПРЕСПА: ПТИЦИ
(Colors of Prespa: Birds)
Документарен филм, Македонија
2018, 77 мин., колор, ДЦП
Режија: Перо Попов (Pero Popov)
Сценарио: Диме Ратајкоски (Dime Ratajkoski)

БОИТЕ НА ПРЕСПА: ПТИЦИ ги документира ендемичните видови птици кои поголемиот дел од годината го поминуваат во регионот на Преспанското езеро. Низ документарниот есеј за животот на птиците и колоритноста и различноста во регионот на Преспа нè води гласот на нараторот, актерката Арна Шијак. Тука спаѓаат големиот бел пеликан и пигмејскиот корморан, кои сè уште се размножуваат во голем број, поддржани од изобилството риби во регионот. Едно од најважните мочуришта во Европа, сливот на езерото Преспа обезбедува рај за птиците преселници на кои им се заканува истребување ширум светот…

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари

19 МАРТ (ПЕТОК), 20:00 ч.
20 МАРТ (САБОТА), 18:00 ч.
ДОКУ-КОМЕНТАР ЗА ЗИГМУНД ВАЈНБЕРГ
(Bir Sigmund Weinberg belge-meseli / A Sigmund Weinberg Docu-commentary)
Документарен филм, Турција
2020, 89 мин., колор, црно-бел, ХД
Режија: Саваш Арслан (Savaş Arslan)
Сценарио: Саваш Арслан (Savaş Arslan)
Учествуваат: Назил Бенан Озкаја, Ерсен Оџак, Лидија Ердал, Маријан Цуцуи (Nazli Benan Özkaya, Ersen Ocak, Lydia Erdal, Marian Tutui)

Оваа „документарна парабола“ за Зигмунд Вајнберг, како што би гласел преводот од турски јазик на оригиналниот наслов, е дело на проф. д-р Саваш Арслан, професор по теорија на филмот и телевизијата на Факултетот за комуникации на истанбулскиот Универзитет Билкен (Bilkent University). Неговиот филм за Зигмунд Вајнберг, пионер на кинематографијата на почвата на Отоманската империја и Турција, е рамка за
пошироката слика на социјално-политикоекономскиот живот во Истанбул на почетокот на дваесеттиот век. Филмот на Арслан ги следи технолошките иновации во тој период, првата камера и првиот грамофон, до киното и автомобилите. Семејството на Вајнберг се пионери на филмот во Истанбул во 1908 година. Документарецот претставува сеопфатно истражување за Зигмунд Вајнберг, официјалниот фотограф и филмски снимател на султаните Абдулхамид Втори и Мехмед Решад Петти. Покрај интервјуата со историчари на филмот, Арслан на духовит начин ги анализира и односите меѓу Караѓоз (театарот на сенки) и Вајнберг (киното)… Проф. Арслан објавува текстови за историјата на турската кинематографија, уметност и култура во неколку меѓународни списанија; тој е копретседател на проектот на ЕУ „Европските медиуми и културолошки студии“. Наскоро треба да биде објавена неговата книга „Холивуд а ла Турка: Историја на филмот во Турција“ (“Hollywood
alla Turca:A History of Cinema in Turkey”).

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари

20 МАРТ (САБОТА), 20:00 ч.
23 МАРТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
25 МАРТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
27 МАРТ (САБОТА), 18:00 ч.
ХОМО
(Only Human / Homo)
Игран филм, Македонија / Бугарија / Србија /
Словенија / Косово
2020, 91 мин., колор, ДЦП
Режија: Игор Иванов-Изи (Igor Ivanov Izi)
Сценарио: Игор Иванов Изи, Сашо Кокаланов (Igor Ivanov Izi, Sasho Kokalanov)
Улоги: Наташа Петровиќ, Александар Матовски, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Јоана
Буковска, Себастијан Каваца, Јордан Симонов, Симеон Мони Дамевски, Сергеј Димовски (Natasha Petrovikj, Aleksandar Matovski, Igor
Angelov, Oliver Mitkovski, Majlinda Kosumovič, Jelena Jovanova, Sashko Kocev, Yoanna Boukovska, Sebastian Cavazza, Jordan Simonov, Simeon Moni Damevski, Sergej Dimovski)

Што е тоа човек? ХОМО (lat. = homō; македонски = човек) прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Филм што се случува овде и сега и е приказ на нашето општество, во кое се доведени во прашање основните човечки вредности. Станува збор за „корална“ структура сочинета од шест индивидуални приказни за шест карактери од Скопје, чии животни судбини се
менуваат засекогаш. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов…
ХОМО ја имаше македонската премиера на „Cinedays“, Скопје, во септември 2020, а во јануари 2021 беше учесник на најпосетениот азиски филмски фестивал од А категорија, Гоа – Индија.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

24 МАРТ (СРЕДА), 20:00 ч.
26 МАРТ (ПЕТОК), 20:00 ч.
ЛЕТЕЧКИОТ ЦИРКУС
(Cirku Fluturues / The Flying Circus)
Игран филм, Косово / Македонија
2019, 115 мин., колор, ДЦП
Режија: Фатос Бериша (Fatos Berisha)
Сценарио: Фатос Бериша (Fatos Berisha)
Улоги: Арменд Смајли, Тристан Халилај, Африм Мучај, Шпетим Селмани, Велибор Топиќ (Armend Smajli, Tristan Halilaj, Afrim Muçaj,
Shpetim Selmani, Velibor Topič)

ЛЕТЕЧКИОТ ЦИРКУС е надреалистичка комедија за четворица комичари кои се заглавени во трагедија – вака гласи, на кратко, синопсисот на филмот на Бериша, базиран на вистински настан. Актери од малиот театар „Додона“ во Приштина, на Косово кое е на раб на војна, се поканети да гостуваат со нивната претстава „Летечкиот циркус“ на театарски фестивал во Албанија. Нивната претстава е инспирирана од „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, (про)славена низ светот со истоимената серија. Патувањето е опасно, а актерите и така немаат пасоши за да ја поминат границата легално. Еден од актерите ќе дознае дека Мајкл Палин од „Летечкиот циркус на Монти Пајтон“, нивниот идол, токму во периодот кога се одржува фестивалот ќе снима нов филм во Албанија, и тие нема да одолеат на можноста да го сретнат својот идол. Затоа се решаваат илегално да ги преминат границите со Црна Гора и Албанија… Во оваа косовско-македонска копродукција монтажер е Владимир Павловски–Тегла, музиката е на Огнен Анастасовски, а дизајнер на звук е Игор Поповски-Нивеа. ЛЕТЕЧКИОТ ЦИРКУС на Бериша забележа учества и освои награди на фестивалите „Синедејс“ (Festival of Europen film – Cinedays), Скопје, 2020; Санта Барбара (Santa Barbara IFF), 2020, награда за Најдобар странски долгометражен филм; Кливленд (Cleveland International Film Festival), 2020; Талин (Tallinn Black Nights Film Festival), 2019; Fabrique du Cinema, Италија, 2019 – награда за Најдобар странски долгометражен филм, итн…

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

26 МАРТ (ПЕТОК), 18:00 ч.
ПРОФЕСОРОТ
(The Professor)
Документарен филм, Македонија
2019, 75 мин., колор, ДЦП
Режија: Јордан Дуков (Jordan Dukov)
Сценарио: Јордан Дуков (Jordan Dukov)

Документарен филм за универзалниот уметнички и хуманистички подвиг на еден локален херој, Илија Џаџев (Гевгелија, 1925 година, починал во 1991), музичар, виртуоз на хавајска и класична гитара, писател, професор по географија… Овој чове-феномен отсвирел над 6.000
бесплатни концерти ширум светот, не правејќи разлика дали свири пред луѓе што се од врвот или на дното. Свирел пред претседатели, питачи, рудари, деца во градинка, студенти во менза, работници во поле, заменувајќи ги концертните сали со родилишта, гробишта, пензионерски домови, рударски окна, патнички и воени бродови, караули, затвори, психијатриски болници, како и плоштадите на поголемите светски метрополи, поминувајќи преку четири милиони километри со својата гитара. Документарниот филм следи 3 наративи со кои се испреплетуваат со цел што поавтентично да биде раскажана приказната за последниот македонски трубадур. Првиот е за несекојдневната животна приказна на професорот Илија Џаџев преку архивски снимки, фотографии, како и сведоштва на негови пријатели, роднини, љубови. Вториот е потрагата по неговиот роман во ракопис „Професорот и друмската проститутка“, за кој не се знае каде е. И третиот е оживувањето на хавајската гитара која речиси 30 години е затворена во куфер… Во 1973 Столе Попов го снима првиот филм за Џаџев. Се работи за неговиот дипломски филм, насловен 99, со кој ја доби Специјалната диплома на естивало на краткиот метар во Белград и Награда од Белградскиот универзитет.

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари

31 МАРТ (СРЕДА), 18:00 ч.
РАЦЕТЕ НА ОРЛАК
(Orlacs Hände / The Hands of Orlac)
Игран филм, Австрија
1924, 105 мин., црно-бел, ХД
Режија: Роберт Вине (Robert Wiene)
Сценарио: Луиз Нерц, Морис Ренар (Louis Nerz, Maurice Renard)
Улоги: Конрад Вејт, Александра Сорина, Фриц Штрасни (Conrad Veidt, Alexandra Sorina, Fritz Strassny)

Познатиот пијанист Паул Орлак доживува страшна железничка несреќа. Неговата жена Ивон разговара со еден хирург и со него се договара да му ги спасат рацете. Хирургот врши трансплантација, рацете кои ги добива Орлак се од опасниот убиец Восер, кој бил погубен неколку часа претходно. Паул не знае од каков човек му се пресадени рацете, но има проблем со нив: има чувство дека тие се раководат од некоја нивна сопствена волја. Откако Паул ќе дознае одкој човек му се пресадени, се соочува со ужас. Тој е измачуван од појавата на нож во неговата куќа, нож кој бил ист како оној кој го користел Восер, и од неговата голема желба да убива. Орлак верува дека заедно со рацете ја наследил и склоноста кон насилство која ја имал Восер. Затоа го замолува хирургот да му ги извади рацете, но хирургот одбива велејќи му дека рацете не може да влијаат како тој ќе се однесува и дека тоа можат да го прават само срцето и разумот. Новите раце на Орлак не можат да свират на пијано, па по одредено време брачниот пар останува без пари, а имаат рок од самоуште еден ден да ги платат сите сметки. Ивон оди кај таткото на Паул за да му побара пари, но тој ја одбива. Подоцна самиот Паул оди да разговара со својот татко, но го наоѓа избоден до смрт со истиот нож кој го поседувал Восер. Орлак почнува да мисли дека лично тој го извршил убиството. Во едно кафуле среќава човек кој тврди дека е Восер. Овој човек му кажува на Паул дека истиот оној хирург кој нему му ги наместил рацете, му ставил нова глава на Восер. Исто така му бара пари доколку сака да не се дознае за убиството. Во меѓувреме полицијата наоѓа отпечатоци од прсти на Восер на местото на
лосторството и ова доведува до забуна. Брачниот пар заминува во полиција и таму објаснуваат за Орлаковите раце; Паул не може да се сети за убиството на неговот татко, но им раскажува за човекот кој тврди дека е Восер и за уцената од негова страна и украдените пари… Автор на овој нем филм, како и на КАБИНЕТОТ НА Д-Р КАЛИГАРИ, е Роберт Вине, едно најзначајните имиња на експресионизмот во германските/австриските продукции од втората деценија на минатиот век.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

31 МАРТ (СРЕДА), 20:00 ч.
IN MEMORIAM.
ЉУПЧО ТОДОРОВСКИ-УПА

Leave a comment