НАМЕСТО ВОВЕД
СЕКОГАШ Е ВРЕМЕ ЗА ДОБРИ ФИЛМОВИ

Кога го пишуваме овој вовед во филмската програма на Кинотеката за април 2021 година – кој, патем, треба да помине процес на графичко уредување и печатење, што подразбира период од неколку дена – сè уште не знаеме во каков месец април ќе се разбудиме.
Брзината на времето во кое живееме – дополнително забрзано со непредвидливоста на настаните за време на глобални настани каква што е „ковид-19 пандемијата“ – понекогаш знае да биде вистински „ролеркостер“, дури и за културни средини како нашата – која, пак, честопати знае да се пожали дека ѝ се случуваат премалку работи. Макар и добри… Во овој момент, можеби не може да предвидиме дали епидемиолошката ситуација кај нас ќе стивне или ќе ескалира, и не знаеме дали филмските проекции ќе бидат во „старите“ (18:00 и 20:00 ч.) или новите“ (17:00 и 19:00 ч.) термини, или, дури преоптимистички, и дека ќе се вратиме на „старото нормално“, со термините од 19:00 и 21:00 ч.? Но, знаеме дека нема добри и помалку добри термини за квалитетни филмски наслови. Секогаш е време за добри филмови. Еве што содржи априлската програма во Кинотеката…
Започнуваме со раритетниот филм од архивата на Универзитетот во Лос Анџелес, СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА (With the Greeks in the Firing Line), во режија на Роберт Швобталер (Robert Schwobthaler), германско-француска продукција од 1913 година со интересна судбина. Следуваат неколку нови филмски продукции, како британскиот ТВИСТ (Twist) на Мартин Овен (Martin Owen) – современо видување на класичниот роман на Чарлс Дикенс (Charles Dickens) од средината на 19 век; НОЌНА СМЕНА (Police / Night Shift) на Ен Фонтен (Anne Fontaine) во белгиско-француско-кинеска копродукција; холандскиот ЅВЕРОТ ВО ЏУНГЛАТА (The Beast in the Jungle) на Клара ван Гол (Clara van Gool); КОЖУРЕЦ (Kokon / Cocoon) на Леони Крипендорф (Leonie Krippendorff); американскиот ИЗОЛИРАН (Alone) на Џони Мартин (Johnny Martin), филм што директно асоцира на предизвиците на светската „пандемија“; британско-американскиот МИНАМАТА (Minamata) на Ендрју Левитас (Andrew Levitas), снимен според вистински настан и претставува големо враќање на Џони Деп како креативен актер; канадскиот ПОСЕДНИК (Possessor) на Брендон Кроненберг (Brandon Cronenberg), наследник на мајсторот на хоророт Дејвид Кроненберг; британскиот СУПЕРНОВА (Supernova) на Хери МекКвин (Harry Macqueen), со извонредните Колин Фирт и Стенли Тучи (Colin Firth, Stanley Tucci) во главните улоги…
Април ќе биде месец и на неколку класични црно-бели филмови. На програмата се МОЗОКОТ ШТО НЕМА ДА ЗГАСНЕ (The Brain That Wouldn’t Die) од 1962, на режисерот Џозеф Грин (Joseph Green); ПЛАН 9 ОД ВСЕЛЕНАТА (Plan 9 from Outer Space) од 1957, на „таткото на треш филмот“ Едвард Ед Вуд (Edward D. Wood Jr.); АВТОСТОПЕР (The Hitch-Hiker) од 1953, на Ида Лупино (Ida Lupino), една од првите жени која „освоила“ режисерско столче во Холивуд; и НЕГОВАТА ДЕВОЈКА ПЕТКО (His Girl Friday) од 1940, на стариот добар Хауард Хокс (Howard Hawks).
Крајот на април е резервиран за три наслови во избор на уредникот со причина, универзитетската професорка по хуманистички науки Јасна Котеска (филозофија од 19 век, психоаналитичка теорија и родови студии). МЕЛАНХОЛИЈА (Melancholia) на Ларс Фон Трир (Lars von Trier), ИСЦЕЛИТЕЛ (Secret Ingredient) на Ѓорче Ставрески (Gjorche Stavreski) и ПРЕКРАСЕН УМ (A Beautiful Mind) на Рон Хауард (Ron Howard) го сочинуваат нејзиниот филмски трилинг.
Априлската програма содржи и два насловa за најмладите гледачи: анимираните филмови ЈАКАРИ И ВЕЛИЧЕСТВЕНОТО ПЕРО: СПЕКТАКУЛАРНОТО ПАТУВАЊЕ (Yakari, le film / Yakari, a Spectacular Journey), и ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ (Le voyage du prince / The Prince’s Voyage). Потоа, на програмата ќе бидат и македонските долгометражни играни филмови ЕФЕКТОТ НА СРЕЌАТА (The Happiness Effect) на Борјан Зафировски (Borjan Zafirovski) и ХОМО (Only Human / Homo) на Игор Иванов-Изи (Igor Ivanov Izi), како и избор од поновата домашна продукција на кратки анимирани филмови.

Стојан Синадинов

 

ПРЕЗЕМИ ПРОГРАМА АПРИЛ 2021

 

ПРОГРАМА АПРИЛ 2021

 

1 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 17:00 Ч.
13 АПРИЛ (ВТОРНИК), 17:00 Ч.
16 АПРИЛ (ПЕТОК), 17:00 Ч.
20 АПРИЛ (ВТОРНИК), 17:00 Ч.
СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА
(With the Greeks in the Firing Line)
Документарен филм, Германија / Франција
1913, 80 мин., црно-бел, блуреј
Режија: Роберт Швобталер (Robert Schwobthaler)

Во 1913 година, грчката влада нарачала документарни филмови (филмски новости) како дел од нејзините дипломатски напори да добие поповолна позиција кај големите сили во врска со дефинирање на статусот на освоените територии за време на Првата и Втората балканска војна (1912-1913), кои дотогаш биле под власта на Османлиското царство. Почнувајќи од крајот на 1913 година, овие филмови имале меѓународна дистрибуција, вклучително и САД. Најприкажуван бил филмот СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА – познат и под насловот СО КАМЕРАТА НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА (With the Camera on the Firing Line) – кој во САД започнал со прикажување на почетокот на 1914 година. Филмот бил нарачан кај компанијата „Express Films“ од Германија, а продуцент е Чери Кертон (Cherry Kearton). Филмскиот автор Швабталер (целосно име Isidor Robert Schwobthaler), во 1913 година добил дозвола од грчкиот крал Константин Први, да патува со својата камера низ грчките воени позиции и да ги снима нивните активности. Швабталер за време на летото 1913 престојувал во клисурата Кресна (Kresna Gorge), меѓу Малешевијата на запад и Пирин на исток, по битката од 25 до 30 јули меѓу грчката и бугарската војска во Втората балканска војна, која се водела за превласт на територии и ги снимал логистичките операции на грчката војска, згрижувањето на ранетите и погребувањето на загинатите војници. Долго време се мислело дека овој документарец е изгубен, но точно сто години по неговото снимање, врз основа на 35-милиметарска нитратна копија од американската дистрибуција на филмот, Архивот за филм и телевизија на Универзитетот на Калифорнија од Лос Анџелес (UCLA Film and Television Archive), во 2013 го реставрираше и го дигитализираше овој филм. Повторното откривање на СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА воспоставува нова точка на потеклото на долгометражниот воен филм како жанр, чие етаблирање досега беше датирано со Првата светска војна.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

 

 

1 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 19:00 Ч.
10 АПРИЛ (САБОТА), 19:00 Ч.
14 АПРИЛ (СРЕДА), 17:00 Ч.
ТВИСТ
(Twist)
Игран филм, Велика Британија
2021, 90 мин., колор, ДЦП
Режија: Мартин Овен (Martin Owen)
Сценарио: Џон Вретхол, Сали Колет (John Wrathall, Sally Collett)
Улоги: Доминик Ди Томасо, Лена Хеди, Семјуел Лики, Раферти Ло, Мајкл Кејн, Рита Ора, Мартин Овен, Сали Колет (Dominic Di Tommaso, Lena Headey, Samuel Leakey, Rafferty Law, Michael Caine, Rita Ora, Martin Owen, Sally Collett)

Новата екранизација на класичниот роман „Оливер Твист“ на Чарлс Дикенс (Charles Dickens) од средината на 19 век е сместена во современоста, и насловот е само ТВИСТ, бидејќи до сега се снимени неколку верзии на ова дело под насловот ОЛИВЕР ТВИСТ. Талентираниот уметник Оливер слика графити по зградите на центарот од денешен Лондон. Како што во романот на Дикенс младото момче се соочува со секојдневните тешкотии за обезбедување основна животна егзистенција, така и во филмот на Овен го следиме развојот на главниот јунак, од уметник до член на една улична банда која планира да ги украде најзначајните уметнички дела од една позната галерија…
Улогата на Твист ја толкува Раферти Ло, син на познатиот актер Џуд Ло (Jude Law). Интересно е што ветеранот Мајл Кејн има снимени два филма – АЛФИ (Alfie, 1966) и ДЕТЕКТИВ (Sleuth, 1972) – кои подоцна доживеаја „римејк“ со постариот актер од актерското семејство Ло – Џуд, во главните улоги. Во ТВИСТ се појавува и познатата светска пејачка со лондонска адреса и албанско потекло, Рита Ора…

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

2 АПРИЛ (ПЕТОК), 17:00 Ч.
3 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 Ч.
ЈАКАРИ И ВЕЛИЧЕСТВЕНОТО ПЕРО: СПЕКТАКУЛАРНОТО ПАТУВАЊЕ
(Yakari, le film / Yakari, a Spectacular Journey)
Анимиран филм, Белгија / Франција / Германија
2020, 82 мин., колор, ДЦП
Режија: Тоби Генкел, Ксавиер Џакомети (Toby Genkel, Xavier Giacometti)
Сценарио: Тоби Генкел, Ксавиер Џакомети (Toby Genkel, Xavier Giacometti)
Гласови: Дајана Амфт, Патрик Бах, Оскар Дуеб (Diana Amft, Patrick Bach, Oscar Douieb)

Индијанскиот народ Сијукси секоја есен се подготвува за преселба поради силните торнада. За таа голема преселба, потребен им е секој коњ, освен Малиот Гром – нескротливото мустанг-пони, брзо како ветер – кое постојано им бега на Сијуксите. Тоа ќе се случи и при оваа сезонска преселба: Јакари е најмладиот припадник на Сијуксите, кој сам тргнува во потрага по Малиот Гром. Откога ќе го најде далеку од логорот на неговите соплеменици, Јакари и Малиот Гром тргнуваат на едно возбудливо патување исполнето со авантури и опасности, минувајќи низ искушенија на непријателската територија на опасните ловци. Големиот Орел, тотемско животно, му подарува едно перо на Јакари, но и неверојатна вештина – да разговара со животните. Јакари и Малиот Гром стануваат нераздвојни пријатели и патуваат низ прекрасните пејзажи на Северна Америка.

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари

 

 

2 АПРИЛ (ПЕТОК), 19:00 Ч.
7 АПРИЛ (СРЕДА), 17:00 Ч.
КРАЛСТВОТО НА ШВЕДСКА
(Lyrro / Kingdom of Sweden)
Игран филм, Шведска
2018, 88 мин., колор, ДЦП
Режија: Петер Дал (Peter Dalle)
Сценарио: Петер Дал (Peter Dalle)
Улоги: Сузан Ројтер, Петер Дал, Јохан Улвесон (Suzanne Reuter, Peter Dalle, Johan Ulveson)
Човечноста отсекогаш била на потег. Понекогаш, бегајќи од нешто, но честопати и во потрага по нешто друго. Шведската група комичари „Lorry Gang“, по 24 години од нивниот филм ИРОЛ (Yrrol), направи сиквел на овој филм, но овој пат се занимаваат со современа Шведска – имиграција, религија, расизам, родови улоги, стареење, туризам… За разлика од првиот филм, во кој претежно имаше многу различни и уникатни сцени, овој филм се навраќа на неколку ликови: Јозеф и Мари патувааат во ветената земја Содертае; група верски мисионери се обидуваат да се усогласат кој треба да го каже своето мислење; една постара двојка која по никоја цена не сака да ја напушти и отпушти својата младост, итн…

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

 

3 АПРИЛ (САБОТА), 19:00 Ч.
НОЌНА СМЕНА
(Police / Night Shift)
Игран филм, Франција / Белгија / Кина
2020, 98 мин., колор, ДЦП
Режија: Ан Фонтен (Anne Fontaine)
Сценарио: Клер Баре, Ен Фонтен (Claire Barré, Anne Fontaine)
Улоги: Виржини Ефира, Омар Си, Грегори Гадебоа (Virginie Efira, Omar Sy, Grégory Gadebois)
Тројца полициски службеници добиваат навидум рутинска задача: да испратат илегален имигрант на парискиот аеродром „Шарл Де Гол“, да го сместат во авионот што патува до неговата матична држава каде што треба да биде екстрадиран, и да го сочекаат авионот да полета. Меѓутоа, кога полицајците на патувањето до аеродромот ќе ја слушнат вистинската приказна на имигрантот, ќе мораат да направат тежок избор…
Зад НОЌНА СМЕНА стојат три креативни дами: Ен Фонтен како режисерка и косценаристка, Клер Баре како сценаристка, и новата ѕвезда на францускиот филм, актерката Виржини Ефира. Фонтен ни е веќе позната по биографската драма за животот на легендарната дизајнерка Коко Шанел, КОКО ПРЕД ШАНЕЛ (Coco avant Chanel) со Одри Тоту во насловната улога.
НОЌНА СМЕНА беше дел од официјалната конкуренција на Интернационалниот филмски фестивал во Квебек, Канада, 2020 г., со номинација за Ен Фонтен.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

 

5 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 Ч.
7 АПРИЛ (СРЕДА), 19:00 Ч.
МОЗОКОТ ШТО НЕМА ДА ЗГАСНЕ
(The Brain That Wouldn’t Die)
Игран филм, САД
1962, 82 мин., црно-бел, ХД
Режија: Џозеф Грин (Joseph Green)
Сценарио: Џозеф Грин, Рекс Карлтон (Joseph Green, Rex Carlton)
Улоги: Џејсон Иверс, Вирџинија Лејт, Ентони Ла Пења, Еди Кармел (Jason Evers, Virginia Leith, Anthony La Penna, Eddie Carmel)

Научнофантастичниот хорор на Грин (работниот наслов му бил ЦРНАТА ВРАТА / The Black Door) за сторија го има обидот на д-р Бил Кортнер да направи експериментална трансплантација врз човек прогласен за клинички мртов, и наспроти советите на неговиот татко, исто така хирург – го спасува пациентот. Кога, пак, убавата вереница на Бил, Џен Комптон, е обезглавена во автомобилска несреќа, тој успева да ѝ го одржи мозокот жив во куќната лабораторија. Сега треба да најде ново тело за својата идна невеста, а тоа е Дорис Пауел, гламурозен модел, чие лице е нагрдено, па мисли дека Бил ќе ѝ направи пластична операција на лицето. Но, Џен не сака да продолжи да живее на таков начин. Започнува телепатски да комуницира со мутантот скриен во подрумот на вереникот, плод на еден од неговите неуспешни експерименти: сака да се ослободи од агонијата со негова помош. Кога Бил се симнува во подрумот за да го смири мутантот, тој го зграпчува Кортнер низ отворот на вратата, а нивната борба ќе предизвика пожар во во лабораторијата. Мутантот е чудовиште-гигант од преку два метри, со ужасно деформирана глава: тој ќе го убие Бил и ќе ја изнесе Дорис со главата на Џен на безбедно. Додека лабораторијата исчезнува во пламенот, Џен му повторува дека сака да ја остави да умре…
Меѓу занимливостите околу филмот спаѓа и улогата на чудовиштето: за прв пат на филм се појавува Еди Кармел, кој заради неговата џиновска градба бил нарекуван „Гигантскиот Евреин“ (The Jewish Giant) од Бронкс, Њујорк. Кармел настапувал и како циркуски забавувач.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

5 АПРИЛ (ПОНЕДЛЕНИК), 19:00 Ч.
ПЛАН 9 ОД ВСЕЛЕНАТА
(Plan 9 from Outer Space)
Игран филм, САД
1957, 79 мин., црно-бел, ХД
Режија: Едвард Ед Вуд (Edward D. Wood Jr.)
Сценарио: Едвард Ед Вуд (Edward D. Wood Jr.)
Улоги: Грегори Волкот, Том Кин, Мона МекКинон (Gregory Walcott, Tom Keene, Mona McKinnon)

Приказната за филмот говори за вонземјаните кои сакаат да го сопрат човештвото да создаде оружје за судниот ден што може да го уништи универзумот. Вонземјаните го спроведуваат „Планот 9“, кој планира воскреснување на мртвите на Земјата. Со предизвикување хаос, вонземјаните се надеваат дека кризата ќе го принуди човештвото да ги слуша, бидејќи во спротивно вонземјаните ќе го уништат човештвото со армии на „воскреснатите“… Филмот првично бил развиен под наслов ОГРАБУВАЧИ НА ГРОБОВИ ОД ВСЕЛЕНАТА (Grave Robbers from Outer Space), но неговите финансиски поддржувачи се спротиставиле на овој наслов, сметајќи го за сквернавење, па го добил сегашниот наслов. ПЛАН 9 ОД ВСЕЛЕНАТА се прикажувал на телевизија во релативна анонимност сè до 1980 година, кога критичарите Хари Медвед и Мајкл Медвед го квалификувале како „најлошиот филм на сите времиња“, а Ед Вуд и неговиот филм постхумно беа наградени со „Златен мисир“ (Golden Turkey Awards) за најлош режисер и најлош филм. Но, оттогаш Вуд (1924-1978) станува „таткото на треш-филмот“, а неговите филмови стекнуваат култен статус. Американскиот режисер, сценарист, актер и продуцент е автор на десетина нискобуџетни филмови од жанрот на хоророт, научната фантастика и вестернот, кои имале технички грешки, смешни визуелни ефекти, ексцентрични актери и необични приказни, но повеќето од нив биле прикажувани во кино и имале солиден број гледачи. По смртта на неговата најголема ѕвезда, Бела Лугоши, полека се гаси и „славата“ на Вуд, кој подоцна снимал и порнографски филмови и пишувал шунд романчиња на тема криминал и секс.
Тим Бартон (Tim Burton) во 1994 му направи омаж снимајќи го високобуџетниот филм ЕД ВУД (Ed Wood) со Џони Деп (Johnny Depp) како Вуд и Мартин Ландау (Martin Landau) како Лугоши, кој освои пофалби кај критичарите, одржувајќи го митот за „најлошиот режисер на сите времиња“.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

6 АПРИЛ (ВТОРНИК), 17:00 Ч.
23 АПРИЛ (ПЕТОК), 19:00 Ч.
АВТОСТОПЕР
(The Hitch-Hiker)
Игран филм, САД
1953, 71 мин., црно-бел, ХД
Режија: Ида Лупино (Ida Lupino)
Сценарио: Јанг Колиер, Ида Лупино (Young Collier, Ida Lupino)
Улоги: Едмонд О’Браен, Френк Лавџој, Вилијам Талман (Edmond O’Brien, Frank Lovejoy, William Talman)

Приказната во овој филм-ноар, снимен според сценариото на Лупино и нејзиниот тогашен сопруг Јанг, започнува кога еден маж стопира на автопатот. Во новиот автомобил на двајца мажи кои патуваат на риболов во Мексико влегува автостопер кој се претставува како Емет Мајерс, но лицето не му е прикажано. Во напуштениот автомобил, кој останал покрај патот без гориво, има две тела. Автостоперот веќе сторил повеќекратни убиства меѓу Илиноис и Јужна Калифорнија, но успеал да ја мине американско-мексиканската граница и сега вперува револвер во двајцата рибари. Тие се негови заложници со чија помош има намера да отпатува што подалеку од границата со САД: весниците веќе го прогласуваат за „автостопер-убиец“ и ја објавуваат неговата фотографија. Освен што постојано ги држи на нишан, Емет во еден момент подготвува перверзна забава за неговиот помрачен ум. Ги присилува двајцата мажи да стрелаат еден во друг во стилот на Вилијам Тел: едниот од нив треба да држи лименка со пиво на главата, а другиот да ја гаѓа со пушка, додека Емет му држи вперен револвер во главата…
Ида Лупино (1918-1995) потекнува од едно од најпознатите семејства на театарската сцена во Англија: на 13-годишна возраст започнала да студира глума на лондонската Кралска академија (Royal Academy of Dramatic Art). Во 1930-тите години се сели во САД, каде што станува една од најуспешните филмски и телевизиски актерки. Славата што ја стекнува играјќи силни и мудри женски ликови ја надоградува како една од првите жени што режирале филмови во Холивуд, паралелно пишувајќи сценарија и продуцирајќи филмови.
АВТОСТОПЕР во 1998 ја доби годишната награда на американскиот Национален борд за заштита на филмовите (National Film Preservation Board).

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

6 АПРИЛ (ВТОРНИК), 19.00 Ч.
20 АПРИЛ (ВТОРНИК), 19:00 Ч.
НЕГОВАТА ДЕВОЈКА ПЕТКО
(His Girl Friday)
Игран филм, САД
1940, 92 мин., црно-бел, ХД
Режија: Хауард Хокс (Howard Hawks)
Сценарио: Чарлс Ледерер, Бен Хеч, Чарлс МекАртур (Charles Lederer, Ben Hecht, Charles MacArthur)
Улоги: Кери Грант, Розалинд Расел, Ралф Белами, Џин Лок, Портер Хол (Cary Grant, Rosalind Russell, Ralph Bellamy, Gene Lock, Porter Hall)

Уредникот на чикашкиот таблоид „Морнинг пост“, Волтер Барнс (Грант) е маркантен и зборлест маж. Неговата поранешна сопруга, убавата новинарка Хилди Џонсон (Расел), го посетува во редакцијата и Волтер дознава дека таа утредента ќе се мажи за богатиот осигурителен агент, Брус Болдвин (Белами), и затоа решила да се откаже од професијата. Волтер се обидува да ја разубеди, па ѝ нуди повисока плата. Се обидува и да ја наговори да ја заврши нејзината последна репортерска задача како известувач од судскиот случај на припростиот Ерл Вилијамс: тој убил афроамерикански полицаец и треба да биде егзекутиран, што на градоначалникот на Чикаго ќе му донесе сигурни гласови од афроамериканските жители на следните избори. Хилди најпрвин ја одбива понудата, но нејзиниот новинарски нерв ќе проработи кога ќе стигне веста дека осомничениот побегнал од затвор. Започнува темелно да го истражува случајот, а Волтер за тоа време со сите сили се обидува да ја спречи нејзината венчавка за здодевниот Болдвин…
Комедијата на Хокс – едно од најзначајните имиња на класичниот Холивуд, наречен и „Хемингвеј на американскиот филм“ заради неговите филмови за Дивиот Запад – е втора екранизација на театарската претстава „Насловна страница“ на МекАртур и драматичарот и сценарист Хеч (двоен оскаровец). Ледерер и Хокс го смениле изворниот лик на репортерот од машки во женски лик, за да конструираат одлична комедија за повторната венчавка. Освен динамичната режија и делумното рушење на клишеизираните холивудски стандарди за „хепиенд“, комедијата на Хокс (добитник на Оскар за животен опус во 1975) стана „златен стандард“ за брзи и духовити дијалози. Еден од нив беше доста користен за пластичната илустрација на новинарството како професија. Кога во една сцена ќе ги прашаат новинарите – кои известувањето за случајот го минуваат главно пиејќи, пушејќи и картајќи се во прес-просторија на судот – какви луѓе се (мислејќи на нивната бесчуствителност кога се одлучува за нечија судбина), еден од нив одговара: „Ние не сме луѓе, ние сме новинари!“.
Во 1993 филмот на Хокс ја доби наградата на американскиот Национален борд за заштита на филмовите (National Film Preservation Board), а во 2017 влезе во „Куќата на славните“ на Друштвото за онлајн прикажување на филмски и телевизиски остварувања (Online Film & Television Association).

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

8 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 17.00 Ч.
9 АПРИЛ (ПЕТОК), 19:00 Ч.
22 АПРИЛ (ВТОРНИК0, 17:00 Ч.
ЕФЕКТОТ НА СРЕЌАТА
(The Happiness Effect)
Игран филм, Македонија
2019, 90 мин., колор, ДЦП
Режија: Борјан Зафировски (Borjan Zafirovski)
Сценарио: Борјан Зафировски, Дејан Дуковски, Огнен Георгиевски (Borjan Zafirovski, Dejan Dukovski, Ognen Georgievski)
Улоги: Сашко Коцев, Дејана Попоска, Ана Стојановска, Сара Анастасовска (Sashko Kocev, Dejana Poposka, Ana Stojanovska, Sara Anastasovska)

ЕФЕКТОТ НА СРЕЌА е урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот. Филмот ја раскажува приказната за Леа, млада девојка, која има напредна фаза на карцином, неизлечив, а лекарите проценуваат дека и преостануваат уште три месеци до крајот. Не ѝ преостанува многу време до најавената смрт, па започнува да го цени секој час од животот, пронаоѓајќи убави нешта на кои претходно не обрнувала внимание. Леа мисли дека може да го промени светот, па снима видео-проект со кој сака да постигне вирален ефект на среќата. Додека си го преиспитува животот, почнува да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе…
ЕФЕКТОТ НА СРЕЌАТА е прв долгометражен игран филм на сценаристот и режисер Борјан Зафировски, агилно име на скопската урбана културна сцена, познат и по режија на сегмент од филмскиот омнибус SKOPJE REMIXED (2012) каде се појавува и како продуцент. Еден од монтажерите на филмот е и неодамна починатиот Андрија Зафрановиќ, кој спаѓа во редот на најценетите креативци од екс-југословенските кинематографии.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

 

8 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 19:00 Ч.
9 АПРИЛ (ПЕТОК), 17:00 Ч.
ЅВЕРОТ ВО ЏУНГЛАТА
(The Beast in the Jungle)
Игран филм, Холандија
2019, 87 мин., колор, ДЦП
Режија: Клара ван Гол (Clara van Gool)
Сценарио: Клара ван Гол, Глин Максвел (Clara van Gool, Glyn Maxwell)
Улоги: Сара Рејнолдс, Дејн Хуртс, Клер Џонстон, Лариса Фабер, Џером Барелбах, Џулијан Нест (Sarah Reynolds, Dane Hurst, Claire Johnston, Larisa Faber, Jerome Burelbach, Julian Nest)

Уште една современа адаптација на романот на еден од најзначајните американски писатели од крајот на 19 и почетокот на 20 век, Хенри Џејмс (Henry James), издаден во 1903 година, која во поетски стил ја плете енигматичната љубовна приказна на Џон Марчер и Меј Бертрам, која содржи злокобна тајна. Употребувајќи ги светлото и сенките на природен начин, Ван Гол раскажува приказна во временски период подолг од половина век – од Втората светска војна, до атмосферата на Лондон на почетокот на 21 век. Џон Марчер, безнадежен фаталист, е опседнат со верувањето дека неговиот живот треба да биде обележан со некој катастрофичен или спектакуларен чин, кој лежи во него, како „ѕверот во џунглата“. Меј решава да купи куќа во Лондон со парите од наследството, и да престојува во неа додека го чекаат „големиот чин“. Марчер ја изведува Меј на театарска претстава, а потоа и на вечера, но не и дозволува на Меј премногу да се зближи со него. Марчер само мирува и дозволува најдобрите години од неговиот живот да поминат…
Филмот на Ван Гол беше учесник на Филмскиот фестивал во Ротердам 2019.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

10 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 Ч.
13 АПРИЛ (ВТОРНИК), 19:00 Ч.
КОЖУРЕЦ
(Kokon / Cocoon)
Игран филм, Германија
2020, 99 мин., колор, ДЦП
Режија: Леони Крипендорф (Leonie Krippendorff)
Сценарио: Леони Крипендорф (Leonie Krippendorff)
Улоги: Лена Уржендовски, Јела Хасе, Лена Кленке (Lena Urzendowsky, Jella Haase, Lena Klenke)

Берлинската населба Кројзберг е микрокосмосот на Нора. Нора, тивок набљудувач, секогаш „тагира“ на социјалните мрежи: на забавите, на училиште, на базен, на покривите и по апартманите. Заедно со постарата сестра и со пријателите „се шлаат“ по здодевниот пејзаж на станбените блокови, набљудувајќи ги минувачите: девојчиња што сакаат да бидат витки и убави, момчиња што „тресат“ глупости само за да провоцираат или затоа што се вљубени. Сето тоа забележано со камерите на паметните телефони. Нора на посебен начин го набљудува светот околу неа, и кога ќе го запознае Роми ќе сфати зошто „музиката е во воздухот, телото на Нора се менува, а гасениците излегуваат од нивните кожурци“… Филмот го бележи летото на промени кај Нора…
КОЖУРЕЦ учествуваше во официјалната програма на Берлинале 2020 г. и беше номиниран за наградите „Сребрена мечка“ и „Теди“ во програмата наменета за младите гледачи (Generation 14plus). Учествуваше и на фестивалите во Сао Паоло (Бразил), и Гвадалахара (Мексико).

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

 

12 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 Ч.
19 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 17:00 Ч.
ХОМО
(Only Human / Homo)
Игран филм, Македонија / Бугарија / Србија / Словенија / Косово
2020, 91 мин., колор, ДЦП
Режија: Игор Иванов-Изи (Igor Ivanov Izi)
Сценарио: Игор Иванов-Изи, Сашо Кокаланов (Igor Ivanov Izi, Sasho Kokalanov)
Улоги: Наташа Петровиќ, Александар Матовски, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Мајлинда Косумовиќ, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Јоана Буковска, Себастијан Каваца, Јордан Симонов, Симеон Мони Дамевски, Сергеј Димовски (Natasha Petrovikj, Aleksandar Matovski, Igor Angelov, Oliver Mitkovski, Majlinda Kosumovič, Jelena Jovanova, Sashko Kocev, Yoanna Boukovska, Sebastian Cavazza, Jordan Simonov, Simeon Moni Damevski, Sergej Dimovski)

Што е тоа човек? Филмот ХОМО (lat. = homō; македонски = човек) прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Филм што се случува овде и сега и е приказ на нашето општество, во кое се доведени во прашање основните човечки вредности. Станува збор за „корална“ структура сочинета од шест индивидуални приказни за шест карактери од Скопје, чии животни судбини се менуваат засекогаш. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов…
ХОМО ја имаше македонската премиера на „Cinedays“, Скопје, во септември 2020, а во јануари 2021 г. – беше учесник на најпосетениот азиски филмски фестивал од „А категорија“ во Гоа, Индија.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

12 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 Ч.
МАКЕДОНСКИ КРАТКИ АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ
ВО СИНИ НОТИ
(Blue Key)
Анимиран филм, Србија / Македонија
2019, 9 мин., колор, ДЦП
Режија: Јелена Бешир (Jelena Bešir)
Сценарио: Јелена Бешир (Jelena Bešir)
Филмот ВО СИНИ НОТИ ја отсликува врската помеѓу авторот и нејзината работа – музиката и анимацијата; филмот е судир помеѓу реалноста и имагинацијата, филм за гледање и за слушање. Одејќи низ градот ТАА е опколена од бучавата на градот и луѓето кои ја опкружуваат. Кога во една стара куќа здогледува фигура, решава да ја однесе дома со неа. Во моментот кога заспива, фигурата оживува…

ОБРАЗЕЦ Б-16
(Form B-16)
Анимиран филм, Македонија
2019, 9 мин., колор, ДЦП
Режија: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)
Сценарио: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)
Приказна за „малиот“ човек, заглавен во бирократскиот лавиринт, кој секогаш добива најмалку од сите. Тој човек издржува низа ситуации во системот на апсурдите и парадоксите кои неминовно произлегуваат од општествената динамика, а посебно од идеолошките и технократските управувања. Сепак, слободата и правото на индивидуалниот избор за начинот на живот во рамките на системот се и ќе останат врзани за личната одговорност за себе…

КАВАЛ
(Kaval)
Анимиран филм, Македонија
2018, 10 мин., колор, ДЦП
Режија: Саша Станишиќ (Sasha Stanishikj)
Сценарио: Јасна Николовска-Овчаровска (Jasna Nikolovska-Ovcharovska)
Во едно планинско селце, едно внуче секое лето доаѓа кај баба и дедо, каде што неговото детство се исполнува со мирисот на летото и недопрената природа. Во дворот, на едното столче седи дедото и свири кавал. Му го подава на внукот кој внимателно го зема и со детска љубопитност го допира, разгледува, испитува – долг шуплив стап со неколку отвори од кои произлегува целата музика на дедо. Што ли крие тој волшебен отвор на долгата цевка? Можеби музиката е внатре? Една ноќ, по многу години, по заморната работа и чувство на осаменост, внукот решава да оди на село. Таму го нема веќе дедото – куќата е празна, а бавчата запустена. На масата го наоѓа кавалот кој му го оставил дедо му. Одеднаш, во него оживува заборавеното – широчината на детската слобода и радоста на животот. Седнува, и на кавалот – од срце ја свири езгијата на дедо му, и го оживува целиот амбиент од изгубениот рај на детството.

ВИДА И ДОБРЕ
(The Princess and the Shepherd)
Анимиран филм, Македонија
2020, 8 мин., колор, ДЦП
Режија: Владимир Лукаш (Vladimir Lukash)
Сценарио: Жарко Иванов, Владимир Лукаш, Александар Прокопиев (Zharko Ivanov, Vladimir Lukash, Aleksandar Prokopiev)
Сторијата на овој анимиран филм е невообичаена обработка на бајката за принцезата која не се сложува со плановите на нејзините родители да се омажи „кралски“. Срцето на разгалената принцеза Вида ќе го освои младиот и сиромашен овчар Добре…

ЈАДИЦА
(Hook)
Анимиран филм, Македонија
2019, 9 мин., колор, ДЦП
Режија: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)
Сценарио: Иван Ивановски (Ivan Ivanovski)
ЈАДИЦА го истражува чувството на вина што го има главниот протагонист откако мамел на натпревар за риболов кога бил дете. Непријатното чувство останува во неговата потсвест и го прогонува во текот на целиот живот. Обидувајќи се да компензира не само за неговиот грев од детството, туку и за сè друго што сторил во животот, а што сега го смета за неоправдано, тој станува конформист…

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

14 АПРИЛ (СРЕДА), 19:00 Ч.
21 АПРИЛ (СРЕДА), 17:00 Ч.
ИЗОЛИРАН
(Alone)
Игран филм, САД
2020, 92 мин., колор, ДЦП
Режија: Џони Мартин (Johnny Martin)
Сценарио: Мет Нејлор (Matt Naylor)
Улоги: Тајлер Поси, Самер Спајро, Доналд Сатерленд (Tyler Posey, Summer Spiro, Donald Sutherland)

Кога ќе избие глобална епидемија која претвора милиони луѓе во зомбија, главниот лик во овој хорор-трилер – Ејдан, ќе се забарикадира во својот стан, со единствена желба да го преживее хаосот. Не излегува надвор, започнува да ја рационализира храната да му трае подолго, и постојано е во невиден страв, засилен со грозните врисоци на заразените луѓе-зомбија. Додека светот каков што го познаваме во филмот ИЗОЛИРАН се распаѓа во тотален хаос, на Ејдан не му преостанува ништо друго освен потполно сам да се избори за својот опстанок.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

15 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 17:00 Ч.
17 АПРИЛ (САБОТА) 17:00 Ч.
24 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 Ч.
ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ
(Le voyage du prince / The Prince’s Voyage)
Анимиран филм, Луксембург / Франција
2019, 77 мин., колор, ДЦП
Режија: Жан-Франсоа Лагиони, Ксавиер Пикар (Jean-François Laguionie, Xavier Picard)
Сценарио: Жан-Франсоа Лагиони, Аника Лереј (Jean-François Laguionie, Anik Leray)

Лорен, стариот принц на мајмуните, се буди на непознат брег на земјата Ниокус, на кој се насукал по бродска несреќа. Него го наоѓа дванаесетгодишниот Том, а неговите родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во егзил: биле протерани од нивната поранешна заедница бидејќи верувале дека постојат и други мајмунски цивилизации. Принцот прво ќе биде подложен на научни испитувања, а потоа во придружба на Том, ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што открива непознат и волшебен свет. Но, Принцот ќе ги запознае и ригидните правила кои важат во тој необичен свет за него…
ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ е ново долгометражно остварување на водечките француски аниматори Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар, кои користат ликови од фантазијата за да раскажат приказна за предизвиците на светот во кој живееме. ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ беше конкурент за награда на Европскиот фестивал на фантастичниот филм во Старзбур, Франција (Strasbourg European Fantastic Film Festival) и на други фестивали на анимирани филмови.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

 

 

23 АПРИЛ (ПЕТОК), 17:00 Ч.
26 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 17.00 Ч.
29 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 19:00 Ч.
ПОСЕДНИК
(Possessor)
Игран филм, Канада / В. Британија
2020, 103 мин., колор, ДЦП
Режија: Брендон Кроненберг (Brandon Cronenberg)
Сценарио: Брендон Кроненберг (Brandon Cronenberg)
Улоги: Габриел Греам, Андреа Рајсборо, Кристофер Абот, Џенифер Џејсон Ли (Gabrielle Graham, Andrea Riseborough, Christopher Abbott, Jennifer Jason Leigh)

Корпоративниот агент Тасја Вос користи технологија на имплантација на мозокот со која може да завладее и да управува со мислите на други луѓе, а потоа да ги натера да извршат убиство. Жртвите би биле по желба на компанијата… Иако има талент за овој вид технолошки „напредна“ професија, заради „рализираните“ убиства таа почнува да чувствува промена во себе, и секојдневно се труди да го потисне сè посилниот нагон за насилство. Нејзината ментална состојба сè повеќе се влошува. Во еден момент, Тасја ќе се најде заробена во ум на човек, чиј идентитет се заканува да го уништи нејзиниот.
Брендон Кроненберг е син на славниот мајстор на хоророт, Дејвид Кроненберг, нарекуван уште и „Баронот на крвта“. Не е ни чудно што ПОСЕДНИК и претходните негови наслови се од жанровите трилер, хорор и научна фантастика. Иако изгледа дека ПОСЕДНИК е полн со скапи визуелни ефекти, поголемиот дел од нив се едноставни видео-трикови, направени само со помош на камера. ПОСЕДНИК имаше голем успех кај филмската критика на северниот и јужниот американски континент (од Канада и САД до Мексико), освои 9 награди, а забележа уште 34 номинации, меѓу нив и за најдобра драма на Фестивалот на независен филм во Санденс 2020.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

 

 

УРЕДНИК СО ПРИЧИНА: ЈАСНА КОТЕСКА
26 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 Ч.
МЕЛАНХОЛИЈА
(Melancholia)
Игран филм, Данска / Шведска / Франција / Германија
2011, 130 мин., колор, ХД
Режија: Ларс Фон Трир (Lars von Trier)
Сценарио: Ларс Фон Трир (Lars von Trier)
Улоги: Кирстен Данст, Шарлот Гејнзбур, Кифер Сатерленд, Александар Скарсгард, Брејди Корбет, Јеспер Кристенсен, Џон Харт, Стелан Скарсгард (Kirsten Dunst, Charlotte Gainsbourg, Kiefer Sutherland, Alexander Skarsgård, Brady Corbet, Jesper Christensen, John Hurt, Stellan Skarsgård)

Свадбената церемонија на Џастин (Данст) се одвива во еден дворец. Таа е нерасположена и паѓа во тешка депресија, па младоженецот Мајкл (Скарсгард) ја напушта свадбата. Иако Џастин за време на церемонијата дознава дека е унапредена во компанијата каде што е вработена, таа ќе го навреди својот шеф и ќе добие отказ. По завршувањето на свадбата, Џастин останува уште некое време во дворецот заедно со сестра ѝ Клер (Гејнзбург), нејзиниот маж Џон (Сатерленд) и нивниот син. Во тој период, покрај Земјата треба да помине планетата наречена „Меланхолија“, и постои мислење дека двете планети може да се судрат, што би значело конечен крај на човештвото. Клер е уплашена од таа помисла, а Џон постојано ја теши, уверувајќи ја дека научниците имаат точни пресметки дека катаклизмата нема да се случи. Но, кога „Меланхолија“ ќе ја смени својата траекторија и станува јасно дека ќе удри во Земјата, тој извршува самоубиство, а двете сестри и детето остануваат заедно да го дочекаат крајот на светот. Во тие моменти, единствено Џастин останува рамнодушна, сметајќи дека светот не заслужува подобар крај…
МЕЛАНХОЛИЈА е еден од најнаградуваните филмови на Фон Трир: има освоено 41 награда, а забележал уште 57 други номинации низ светот. Кирстен Данст ја доби наградата за најдобра глумица на Канскиот филмски фестивал 2011, а Ларс фон Трир беше номиниран за „Златната палма“. На Европските филмски награди („Феликс“) филмот освои награди во три категории (најдобар филм, најдобар кинематографер и најдобар продукциски дизајнер), а забележа номинации и во категориите за најдобра глумица, најдобар режисер, најдобра монтажа и најдобро сценарио. МЕЛАНХОЛИЈА беше најдобар филм во 2011, а Данст најдобра глумица, и според американските филмски критичари.
Фон Трир е едно од најзначајните – но и најконтроверзни – имиња на европскиот и светскиот филм на преминот меѓу двата века. Во неговата пребогата филмографија спаѓа и основањето на кинематографското движење „Догме 95“ – заедно со Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg) – кое се залагаше за снимање филмови без употреба на било какви ефекти. Веќе како студент има освојувано награди, па колегите на шега започнале да го ословуваат со благородничката титула фон (von), која Трир подоцна си ја додал во официјалното име.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

 

 

27 АПРИЛ (ВТОРНИК), 17:00 Ч.
28 АПРИЛ (СРЕДА), 17:00 Ч.
29 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 17.00 Ч.
СУПЕРНОВА
(Supernova)
Игран филм, В. Британија
2020, 95 мин., клор, ДЦП
Режија: Хари Меквин (Harry Macqueen)
Сценарио: Хари Меквин (Harry Macqueen)
Улоги: Колин Фирт, Стенли Тучи, Пипа Хејвуд (Colin Firth, Stanley Tucci, Pippa Haywood)

Сем и Таскер, хомосексуални партнери веќе 20 години, патуваат низ Англија со нивното старо камперско возило и ги посетуваат своите семејства, старите пријатели и омилените места од младоста. Откако Таскер заболел од деменција пред две години, времето поминато во дружба е најважното што им преостанало во животот.
Колин Фирт (во улогата на Сем) и Стенли Тучи (Таскер) – „млади“ ветерани на филмската сцена, и двајцата родени 1960 година – се извонредните актери во оваа меланхолична и моќна приказна на режисерот, сценаристот и актер Хари Меквин за љубовта и загубата, креирајќи драматични сцени без „преглумување“ и измамување солзи кај публиката. Приказната се занимава со длабоки и сложени прашања за животот и смртта, минатото и иднината… Сето тоа е надоградено со одличната фотографија на прославениот кинематографер Дик Поуп (Dick Pope) – омилен снимател на британската режисерска легенда Мајк Ли (Mike Leigh), а меѓу другото и член на жирито на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во 1995 – и неговата визуелизација на англискиот пејзаж како разгледница од природата.
СУПЕРНОВА беше во конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан (Шпанија) 2020 и на уште неколку други фестивали.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

 

 

УРЕДНИК СО ПРИЧИНА: ЈАСНА КОТЕСКА
27 АПРИЛ (ВТОРНИК), 19:00 Ч.
ИСЦЕЛИТЕЛ
(Secret Ingredient)
Игран филм, Македонија,
2017, 104 мин., колор, ДЦП
Режија: Ѓорче Ставрески (Gjorche Stavreski)
Сценарио: Ѓорче Ставрески (Gjorche Stavreski)
Улоги: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет (Blagoj Veselinov, Anastas Tanovski, Aksel Mehmet)

ИСЦЕЛИТЕЛ е филм на Ѓорче Ставрески, кој е истовремено и сценарист и продуцент на филмот, а и монтажер на звукот. ИСЦЕЛИТЕЛ е филм што балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар. Веле (Благој Веселинов), механичар од железничко депо, немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му Саздо (Анастас Тановски) колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак. Набргу потоа, тој е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад и растргнат од соседите-душкала, кои во него гледаат исцелител и последна надеж за оздравување…
ИСЦЕЛИТЕЛ е добитник на десетици награди и признанија во светот. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал во 2017, филмот ја доби наградата од публиката, со што стана прв македонски филм со ваква награда. Добитник е и на специјалната награда од жирито за сценарио на 17-тото издание на Медитеранскиот филмски фестивал во Брисел.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

 

 

УРЕДНИК СО ПРИЧИНА: ЈАСНА КОТЕСКА
28 АПРИЛ (СРЕДА), 19:00 Ч.
ПРЕКРАСЕН УМ
(A Beautiful Mind)
Игран филм, САД
2001, 135 мин., колор, ХД
Режија: Рон Хауард (Ron Howard)
Сценарио: Акива Голдсман (Akiva Goldsman)
Улоги: Расел Кроу, Ед Харис, Џенифер Конели, Кристофер Пламер, Пол Бетани (Russell Crowe, Ed Harris, Jennifer Connelly, Christopher Plummer, Paul Bettany)

Снимен според биографската книга на Силвија Насар (Sylvia Nasar), филмот го следи животот и параноичната болест на математичкиот гениј Џон Неш (John Forbes Nash Jr.) Приказната започнува во раните години на животот на Неш во универзитетот Принстон. Тој создава оригинална идеја која ќе предизвика револуција во математиката. Но, уште на почетокот, Неш покажува дека страда од параноидна шизофренија и со болка гледа како лошо тоа влијае врз неговата сопруга и пријателите. Неш ја стекнал славата уште во студентските денови со неговиот придонес кон теоријата на игри, за кој труд, многу подоцна, во 1994 година, ја сподели Нобеловата награда за економија со Рајнхард Селтен (Reinhard Selten) и Џон Харшањи (John Harsanyi). Неговиот научен придонес во теоријата на игрите се издвојува по невообичаениот апликативен потенцијал, опфаќајќи најразлични активности како што се секојдневните општествени интеракции, спорт, бизнис, политика, право, дипломатија, војна… Влијае и на економијата, развојната биологија, вештачката интелигенција, компјутерските науки, теоретската физика, психологијата, воената теорија, социологијата, итн… „Математичарите ја добија војната. Математичарите ги пробија германските и јапонските шифри, а ја создадоа и атомската бомба. Целта на Советите е глобален комунизам. Во медицината или економијата, во технологијата или вселената, борбените линии се исцртани. Потребни ни се резултати за да триумфираме. Конкретни резултати. Кој денес меѓу вас ќе биде новиот Морзе? Новиот Ајнштајн…?“ – се вели во еден дијалог кој го исцртува хоризонтот на кој што се појавува болеста на Неш, кој мисли дека работи за тајните служби на САД.
Неш и неговата сопруга Алиша (Alicia Nash) ги загубија своите животи во 2015 година – во трагична сообраќајна несреќа: Џон Неш имаше 86, а неговата сопруга Алиша 82 години.
ПРЕКРАСЕН УМ беше најдобар филм на доделувањето на Оскарите во 2002 – најдобар филм, режија, најдобра споредна женска улога (Конели) и сценарио – имаше уште 4 номинации, а забележа уште 33 други награди и 69 номинации. Филмот заработи над 300 милиони долари во светот.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

Leave a comment