3 МАЈ (ВТОРНИК), 16:00 ч.

ПОЖАРНИКАРОТ МУЦИ

Документарен филм, Македонија

2015, 30 мин., колор, ХД

Продукција: СП БТР

 

 

3 МАЈ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

БЕСКОНЕЧНА ПОЕЗИЈА

(Poesía sin fin / Endless Poetry)

Игран филм, Чиле / В. Британија / Франција / Јапонија

2016, 128 мин., колор, ДЦП

Режија: Алехандро Ходоровски (Alejandro Jodorowsky)

Сценарио: Алехандро Ходоровски (Alejandro Jodorowsky)

Улоги: Алехандро Ходоровски, Бронтис Ходоровски, Адан Ходоровски, Леонардо Тауб, Памела Флорес, Џеремија Херсковиц (Alejandro Jodorowsky, Brontis Jodorowsky, Adan Jodorowski, Leandro Taub, Pamela Flores, Jeremias Herskovits)

 

Икона на контракултурата, филмаџија, следбеник на психомагијата и таротфетишист, Алехандро Ходоровски најде прекрасен нов наплив на енергија со  полуавтобиографска филмска трилогија, луда како опиумски сон. БЕСКОНЕЧНА ПОЕЗИЈА е втор дел од замислениот триптих, во кој Ходоровски е наратор и се среќава со младиот Алехандро (Џеремија Херсковиц).
Алехандро бега од домашната баналност и конзервативниот живот во боемска уметничка комуна во 1940-тите години во Сантјаго и одлучува да стане поет спротивно на желбите на неговото конзервативно семејство. Мајката на Алехандро на оперски начин ги пее сите реплики од дијалогот, додека во текстилната продавница на неговиот бесчуствителен татко – инаку Евреин емигрант од Европа – работат нацистички офицер на штули и џуџе преправено во Адолф Хитлер. Алехандро се запознава со поетесата Стела Дијаз и за младиот писател тоа е љубов на прв поглед. Бизарната врска што следува е само една од нишките што го води младиот херој низ полусветот на Сантјаго и кон уметничко себеостварување.
Младиот Алехандро и неговиот круг пријатели сакаат дречливи ешарпи и храбри уметнички гестови. Останатите во чилеанското општество се маскирани и меѓусебно заменливи. Визуелната слика е силна, но пораката не е најсуптилна.

Филмската критика отсекогаш го сакала Хородовски (Чиле, 1929 г.), а овој филм го воспева како негов најдобар и „најгледлив“ филм, весело надреален, безбожен и анархистички по дух, освежувачки напад на сетилата и тестаментарно дело на авторот. 

БЕСКОНЕЧНА ПРИКАЗНА учествуваше на десетина филмски фестивали, меѓу кои и Интернационалниот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ во Битола 2016, каде што славниот Кристофер Долј (Christopher Doyle) беше меѓу натпреварувачите за „Златна камера 300“.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

3 МАЈ (ВТОРНИК), 20:30 ч.

12 (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

КВО ВАДИСАИДА?

(Quo Vadis, Aida?)

Игран филм, Босна и Херцеговина  / Австрија / Романија / Холандија / Германија

2020, 101 мин., колор, ДЦП

Режија: Јасмила Жбаниќ (Jasmila Žbanić)

Сценарио: Јасмила Жбаниќ, Хасан Нухановиќ (Jasmila Žbanić, Hasan Nuhanović)

Улоги: Јасна Ѓуричиќ, Борис Исаковиќ, Изудин Бајровиќ, Изудин Бајровиќ, Јохан Хелденберг, Рајмонд Тири (Jasna Djuričić, Boris Isaković, Izudin Bajrović, Johan Heldenbergh, Raymond Thiry)

 

Филмот на Жбаниќ, кој може да гласи и КАДЕ ОДИШ, АИДА?, се случува во Босна и Херцеговина зафатена од последната војна. Аида е жена од бошњачка националност (Ѓуричиќ), преведувачка на Обединетите нации во Сребреница, која во јули 1995 година, по падот на градот во рацете на силите предводени од генералот Ратко Младиќ (Борис Исаковиќ), се обидува да го спаси своето семејство.

Операцијата на Војската на Република Српска (ВРС) во тој период резултираше со масакри на повеќе од 7.000 мажи и момчиња, Бошњаци од Сребреница. Жбаниќ користи ликови низ кои се прикажани вистински луѓе, како Ратко Младиќ или командантите на ООН, Томас Кареманс и Роберт Франкен, но, исто така, создава и други кои ја носат судбината на илјадниците Бошњаци кои страдаа во Сребреница.

Аида талка низ базата на холандските мировници на ООН во Поточари, крај Сребреница, која на Бошњаците, кои се обидуваа да избегаат од ВРС, им беше собирно место, одејќи од еден холандски офицер до друг, барајќи помош за сопственото семејство и за другите преплашени цивили. Нејзиното движење завршува кога српската војска ги зема нејзиниот сопруг и двајцата синови, а холандските војници не ѝ дозволуваат да им се придружи…

КВО ВАДИС, АИДА? освои номинација за „Оскар“ за најдобар странски филм, две номинации за БАФТА (за најдобра режија и странски филм), и победи на 30-тина филмски фестивали во светот.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 4 МАЈ (СРЕДА), 10:00 ч. 

СВЕТОТ НА БИБИ 

Анимиран филм, Македонија

 

Кинотеката ќе одржи проекција на дел од творештвото на независната македонска продукција за анимација „Светот на Биби“ посветено на македонската азбука. 

Гости на проекцијата ќе бидат децата од градинката „Орце Николов“. Најмладите од оваа градинка во општина Карпош ќе се запознаат со македонската азбука, нејзиното создавање и примена во секојдневниот живот преку главните ликови Биби и Боби, а во исто време ќе се запознаат и со Кинотеката.

 

4 МАЈ (СРЕДА), 16:00 ч.

ЛОКАЛНИ ХЕРОИ – СВЕТСКИ ТАЛЕНТИ

Документарен филм, Македонија

2018, 53 мин., колор, ХД

Продукција: СП БТР

 

4 МАЈ (СРЕДА), 20:00 ч.

ТРЧАЈ ЖЕНО, ТРЧАЈ

(Run Woman Run)

Игран филм, Канада

2021, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Зои Ли Хопкинс (Zoe Leigh Hopkins)

Сценарио: Зои Ли Хопкинс (Zoe Leigh Hopkins)

Улоги: Дакота Реј Хеберт, Џејли Волф, Асивак Кустачин (Dakota Ray HebertJayli WolfAsivak Koostachin)

 

Бек е вдовица и мајка која учи како да си ги врати соништата и семејството, и како да го почитува својот живот. За да го постигне сето тоа ќе има помош од еден неверојатен тренер.

Во фокусот на филмската приказна е жената која сака да се поврзе со својот син и својата сестра. Откако ќе открие дека има дијабетес поради нездравиот начин на живот и исхрана, Бек одлучува дека може да направи само една работа како што треба – трчањето – и тоа може да биде катализатор што ќе ги поправи односите во нејзиното семејство. Се разбира, трчањето маратон не е толку лесно, а Бек мора да се соочи со сите пречки.

Филмот ја носи пораката за здрав начин на живеење, но Бек дознава дека не може сама низ животот. Членовите на нејзиното семејство – помладата сестра, синот-тинејџер, нејзиниот татко кој тивко тагува – се чини дека ја отпишале, но таа се обидува да воспостави релација со нив и со нејзините предци.

Актерката и стендап комичарка Хеберт ја толкува улогата на Бек, а Кустачин го игра духот на легендарниот тркач Том Лонгбоут, припадник на домородното северноамериканско индијанско племе Онондага, кој на 21-годишна возраст победил на престижниот Бостонски маратон во 1907 година.

ТРЧАЈ ЖЕНО, ТРЧАЈ ги освои наградите за најдобра режија и главна женска улога на Американско-Индијанскиот филмски фестивал, освои награда на фестивалот во Хјустон, а беше во натпреварувачка конкуренција на уште неколку фестивали во Северна Америка.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

 

5 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 16:00 ч.

НЕБО, ТОЧАК, ЗЕМЈА

Документарен филм, Македонија

2020, 59 мин., колор, ХД

Продукција: СП БТР

 

 

АНТОЛОГИЈА НА СРПСКИ ФИЛМ / 5-11 МАЈ /

5 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 19:00 ч.

КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?

(Ko to tamo peva? / Who is Singing There?)

Игран филм, Србија

1980, 86 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Бора Тодоровиќ, Драган Николиќ (Pavle Vuisić, Aleksandar Berček, Danilo Bata Stojković, Bora Todorović, Dragan Nikolić)

 

Во едно село во Србија група патници се качуваат во стариот автобус на фирмата „Крстиќ“ кој вози кон Белград. Таткото Крстиќ (Вуисиќ) е кондуктер, а синот Мишко (Берчек) е возач. Составот на патници е повеќе од шаренолик: пејач на шлагери без слух кој оди на аудиција (Николиќ), господинот Брко, прототип на поклоник на нацистичка Германија (Стојковиќ), воен ветеран од Солунскиот фронт (Миливоје Миќа Томиќ), туберколозен патник (Боро Стјепановиќ), штотуку венчан пар кој оди на меден месец (Неда Арнериќ и Славко Штимац), ловец-аматер (Ташко Начиќ), двајца Роми музичари (Миодраг и Ненад Костиќ)…

По пат наидуваат на безброј пречки кои предизвикуваат урнебесни случки кои го одолговлекуваат патувањето, реализирани низ легендарни дијалошки сцени и во манир на расна комедија на ситуации. Иако патниците постојано се расправаат меѓу себе, ќе се обединат кога ромските музичари ќе треба лажно да бидат обвинети за кражба. Сето тоа низ креациите на веројатно најдобрата актерска постава некогаш собрана во екс-југословенската кинематографија, која може да се споредува со онаа во вториот игран филм на тандемот Шијан-Ковачевиќ, МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ.

Српска комедија која има култен статус меѓу филмофилите од поранешна Југославија и е прогласен за најдобар филм на 20-тиот век во некогашната заедничка кинематографија. Филмот освои дузина награди на фестивалите низ поранешна Југославија и низ светот (награда на публиката во Кан, Гран при во Монтреал, Панама, Саламанка и Ротердам). КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? е веројатно филм кој изнедрил најмногу култни реплики кои се цитираат и ден денес. Статусот на „филм на векот“ го заслужи и заради оригиналната музика на Воислав „Воки“ Костиќ (Vojislav „Voki” Kostić) и плакатот на загрепскиот дизајнер Мирко Илиќ (Mirko Ilić), кој подоцна стекна и глобална слава како илустратор за водечките светски весници и магазини.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

5 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч.

11 МАЈ (СРЕДА), 19:00 ч.

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ

(Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family)

Игран филм, Србија

1982, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Богдан Диклиќ, Данило Бата Стојковиќ, Павле Вуисиќ, Мија Алексиќ, Јелисавета Сека Сабљиќ, Бора Тодоровиќ, Зоран Радмиловиќ (Bogdan Diklić, Danilo Bata Stojković, Pavle Vuisić, Mija Aleksić, Jelisaveta Seka Sabljić, Bora Todorović, Zoran Radmilović)

 

Дејството на филмот се одвива во 1935 година во провинциски град во Србијаедна година по убиството на кралот Александар Караѓорѓевиќ во атентатот во Марсеј (егзекутор е Владо Черноземски; филмот ги користи документарните снимки од тој настан). Пет генерации на семејството Топаловиќ се занимаваат со погребни услуги во нивното претпријатие. Кај Топаловиќи нема ниту една жена: штом жената ќе се породела со машки наследник, венеела и умирала.

Топаловиќи постојано се караат околу наследството што го оставил штотуку починатиот Пантелие Топаловиќ. Најмладиот член на семејството, Мирко (Диклиќ), не сака веќе да биде погребник, туку сака со неговиот дел од наследството да си замине што подалеку. Со него би ја повел и Кристина (Саблиќ), ќерката на „деловниот партнер“ на семејството Топаловиќ, Били Питон (Радмиловиќ), чија банда ги ископува сандаците од гробиштата и им ги продава на Топаловиќи. Фирмата на семејството Топаловиќ, практично, за неколку децении има направено само два-три сандаци и постојано „ги врти“ низ бизнисот со Били Питон. 

Кристина, пак, е пијанист-почетник, свири на кино-проекциите што ги организира Ѓенка „Ѓаволот“ (Тодоровиќ), пријател и иден кум на Мирко. И Кристина сонува за бегство од провинцијата и гламурозна кариера во светот, но не со Мирко, туку со слаткоречивиот Ѓенка. Сестраниот Ѓенка, кој меѓу другото е и филмски снимател, ги наговорува Мирко и Кристина да глумат во неговиот „либерален“ филм со многу еротика, но филмот ќе остане неснимен бидејќи Мирко ќе ги затекне како ги „вежбаат“ сцените во природа. 

Во меѓувреме се заоструваат должничко-доверителските односи меѓу Топаловиќи и Били Питон, па и двете страни се подготвуваат за вистинска војна. Разбеснет заради неверството на Кристина, Мирко од слабак станува жесток насилник и лидер на семејството Топаловиќ: кај нив воопшто не се знае кој е чиј син, татко, дедо… 

За својот втор филм, режисерот ја доби наградата на жирито во Монтреал, Ковачевиќ награда за сценарио на фестивалот во Марсеј, а Јелисавета Сека Саблиќ „Златната арена“ во Пула за најдобра главна женска улога. Музиката е на Зоран Симјановиќ, а кинематографер на двата филма на тандемот Шијан-Ковачевиќ е Божидар Николиќ (меѓу останатите признанија и награда за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

6 МАЈ (ПЕТОК), 19:00 ч.

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68

(Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68)

Игран филм, Србија

1984, 91 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević)

Сценарио: Гордан Михиќ (Gordan Mihić)

Улоги: Славко Штимац, Данило Бата Стојковиќ, Милосав Мија Алексиќ, Мира Бањац, Ивана Михиќ, Сања Вејновиќ, Неда Арнериќ, Драгана Варагиќ (Slavko Štimac, Danilo Bata Stojković, Milosav Mija Aleksić, Mira Banjac, Ivana Mihić, Sanja Vejnović, Neda Arnerić, Dragana Varagić)

 

Во летото 1968 година матурантот Петар (Штимац), наспроти очекувањата на неговиот татко Веселин (Стојковиќ), судија во градот, паѓа на матурскиот испит. Него повеќе го интересираат жените, постојано се вљубува, но никако да се случи „вистинската“ љубов. Аптекарката, библиотекарката, пекарката, ќерките на претседателот на судот, професорката по социологија… списокот е долг, но не и трпението на татко му, кој го затвора дома сè додека не го положи испитот.

На страната на Петар е неговиот дедо, пензиониран геометар и чешки студент, вљубеник во животот и жените, за разлика од конзервативниот татко загрижен за угледот и позицијата во општеството. Во малото место пристигнува женски оркестар од тогашна Чехословачка. Петар со помош на комарџиските врски на дедо му го полага матурскиот испит, а една симпатична девојка од чешкиот оркестар го плени неговото срце….

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 е една од најпопуларните и најцитирани комедии во ексјугословенската кинематографија, полна со духовити реплики на еден од најплодните сценаристи Михиќ. Некои од нив се антологиски: „Туѓ леб јаде, а мојот свет ќе го менува“, „Меси сине, меси, нема да ти штети“… се дел од нив.

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 е дел од т.н. „Чешка школа“ во југословенската кинематографија (Паскаљевиќ е дипломец на легендарната ФАМУ од Прага) и освои награди на фестивалите во Бастоја и Орлеан, а учествуваше и во Монтреал, Монпелје, Бергамо, Ваљадолид…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

6 МАЈ (ПЕТОК), 21:00 ч.

БАЛКАНСКИ ШПИОН

(Balkanski špijun / Balkan Spy)

Игран филм, Србија

1984, 95 мин., колор, ДЦП

Режија: Душан Ковачевиќ, Божидар Николиќ (Dušan Kovačević, Božidar Nikolić)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Данило Бата Стојковиќ, Мира Бањац, Бора Тодоровиќ, Соња Савиќ, Звонимир Звонко Лепетиќ (Danilo Bata Stojković, Mira Banjac, Bora Todorović, Sonja Savić, Zvonimir Zvonko Lepetić)

 

Илија Чворовиќ (Стојковиќ) е средовечен маж кој во младоста минал две години на Голи Оток (1948-1950) како приврзаник на сталинизмот. Еден ден е повикан во полициска станица на рутински разговор: инспекторот се интересира за неговиот потстанар, Петар Јаковљевиќ (Тодоровиќ), кројач кој по две децении поминати во Париз се вратил во татковината за да отвори бизнис.

Илија си оди дома, но сомнежот дека неговиот потстанар можеби е странски шпион не му дава мир. Неговата параноја предизвикана од политичкиот грев во младоста – засилена од помислата дека безбедносните служби (УДБА) можеби повторно го тестираат колку е лојален граѓанин – ќе биде истурена врз сопругата Даница (Бањац) која, пак, се грижи за нивната ќерка Соња (Савиќ), дипломиран стоматолог која веќе неколку години не може да се вработи.

Илија постојано го следи Петар, ги документира неговите средби со разни луѓе и го известува инспекторот кој  не го сфаќа сериозно. Илија смета дека државата „зарибала“ и решава со помош на неговиот брат Ѓуро (Лепетиќ), исто затвореник во младоста заради сталинистички уверувања, да ја разбијат „странската терористичка организација“ предводена од неговиот потстанар.

Соња сфаќа дека паранојата на татко ѝ станува патолошка, па ја напушта куќата. Илија и Ѓуро решаваат да ги заробат луѓето со кои се среќава Петар и од нив да изнудат признанија за нивните терористички намери. Петар наминува во куќата за да си го земе куферот бидејќи патува во странство, но Илија и Ѓуро го „апсат“ и го мачат да признае. Всушност, испитувањето на Петар за Илија е прилика да си ги каже неговите идеолошки уверувања, па во наплив на возбуда доживува инфаркт. Петар се обидува да избега, но Илија и така болен не се откажува од својот политички плен…

На фестивалот во Пула 1984 БАЛКАНСКИ ШПИОН ја освои „Златната арена“ за најдобар филм, а Бата Стојковиќ за најдобра машка улога. Од интернационалните успеси треба да се издвојат наградите за Стојковиќ на Фестивалот во Фаро (познат и како „Островот на Ингмар Бергман“) и за сценаристот Ковачевиќ на фестивалот во Монтреал.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

7 МАЈ (САБОТА), 19:00 ч.

НАЦИОНАЛНА КЛАСА

(Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 Ccm)

Игран филм, Србија

1979, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Марковиќ (Goran Marković)

Сценарио: Горан Марковиќ (Goran Marković)

Улоги: Драган Николиќ, Богдан Диклиќ, Горица Поповиќ, Раде Марковиќ, Оливера Марковиќ (Dragan NikolićBogdan DiklićGorica PopovićRade MarkovićOlivera Marković)

 

Бранимир Митровиќ (Николиќ) е автомобилски тркач од Белград, кој со својата „Застава 750“ (популарното фиќо) се натпреварува во „националната класа“ во која учествуваат автомобили со запремнина на моторот до 785 кубни центиметри. Го носи прекарот Флојд според неговиот идол  во „Формула 1“ и избегнува секаква одговорност во животот, иако има 27 години. 

Флојд е во долга врска со девојката Шилја (Поповиќ). Но, Флојд има други грижи: како да го освои последниот шампионат во категоријата на „фиќовците“ и како повторно да го избегне одењето во Југословенската народна армија. Пред последната трка во сезоната, тој се наоѓа на второто место и мора да победи за да биде шампион.

За да ја избегне воената обврска, Флојд се обидува да се запише на глума на Академијата, при што запознава една убава девојка. Истовремено, еден негов пријател го запознава со младото момче Миле (Диклиќ) кој има болни бубрези: познајниците го викаат „рент-а-бубрег“ бидејќи тој дава урина на медицинскиот преглед наместо регрутите кои сакаат да го одбегнат служењето на воениот рок. Меѓутоа, урината покажува дека Миле во меѓувреме оздравел, така што Флојд мора да се јави во касарната. Истовремено, по објавувањето на Шилја дека е бремена и настојувањата на нејзините родители и родителите на Флојд набрзина да се организира свадба, сега Флојд сака што порано да замине во војска за да ја избегне. Не му успева, и свадбата е закажана ден по финалната трка…

Музиката на Симјановиќ доживеа и успешен дискографски албум: текстовите за песните ги напишала Марина Туцаковиќ, а учествуваат пејачите Дадо Топиќ, Оливер Мандиќ, Слаѓана Милошевиќ, Оливер Драгоевиќ, Зумрета Миџиќ-Зузи, бендот „Лабораторија звука“ (Пеѓа Вранешевиќ)…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

7 МАЈ (САБОТА), 21:00 ч.

ПЛАСТИЧЕН ИСУС

(Plastični Isus / Plastic Jesus)

Игран филм, Србија

1971, 74 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović)

Сценарио: Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović)

Улоги: Томислав Готовац, Вукица Ѓилас, Светлана Глигоријевиќ (Tomislav GotovacVukica Đilas, Svetlana Gligorijević)

 

ПЛАСТИЧЕН ИСУС е еден од најконтроверзните југословенски филмови, снимен како дипломски труд на авторот Стојановиќ. Пред премиера бил забранет и ставен во бункер. Ова е единствениот филм во југословенската кинематографија чиј режисер бил обвинет за непријателска пропаганда“ и во 1973 година бил осуден на затворска казна во траење од три години, а неговите професори, филмските режисери Александар Петровиќ и Живоин Павловиќ биле избркани од белградската филмска академија.

Том (го игра Готовац) е млад уметник од Загреб без средства за живот и се обидува да се занимава со филм во Белград. Успева некако да преживува, а притоа има врски со повеќе жени. Том не верува во ништо, не почитува режим, сила, водач и идеологија и затоа постојано е во конфликт со власта, а едно време живее како бездомник, поради што е приведен од милицијата. Откако го напушта една згодна Американка, Том започнува врска со жена чиј маж работи во странство. Кога и таа ќе го исфрли од станот, Том се сели кај сестрата на мажот, но таа љубовна врска ќе му создаде најголеми неволји...

Паралелно со главното дејство, во филмот се монтирани и бројни архивски снимки поврзани со студентските демонстрации 1968 во Југославија, четниците, усташите, Хитлер и Тито со кои се прави споредба меѓу различните режими. Во филмот е снимена реалната венчавка на режисерот Љубиша Ристиќ, тогаш близок пријател на авторот, на која присуствувале бројни претставници од Комунистичката партија, ЈНА и државната безбедност. Според толкувањата на некои историчари на филмот, токму таа сцена била причината за забранувањето на филмот и затворската казна за Стојановиќ.

ПЛАСТИЧЕН ИСУС во 1991 година ја доби наградата на ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Монтреал.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

9 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 ч.

КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ

(Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone)

Игран филм,  Србија

1967, 79 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Живоин Павловиќ (Živojin Pavlović)

Сценарио: Гордан Михиќ, Љубиша Козомара (Ljubiša Kozomara, Gordan Mihić)

Улоги: Драган Николиќ, Слободан Алигрудиќ, Миодраг Андриќ, Северин Бијелиќ, Неда Спасојевиќ, Ружица Сокиќ (Dragan Nikolić, Slobodan Aligrudić, Miodrag Andrić, Severin Bijelić, Neda Spasojević, Ružica Sokić)

 

Јанко Бугарски, познат како Џими Барка (Николиќ), заедно со својата девојка Лилица (Спасоевиќ), мора да ја напушти привремената работа као сезонски работник. Неговата мајка е сиромашна перачка и не може да му помогне, а тој не може да најде работа во фабриките.

Џими ќе ги ограби работниците на едно градилиште и, бегајќиостанува без Лилица. Ја среќава кафанската пејачка Душка (Сокиќ), станува нејзин љубовник и самиот учи да пее. Иако пее лошо, тој патува по малите места, пеејќи на панаѓурите и на приредбите во воените касарни. Во едно место ја среќава младата заботехничарка Бојана и со неа оди во Белград на натпреварот на младите пејачи. Таму, наместо аплаузи и афирмација, него го дочекуваат со свирежи и со навреди.

Џими бега и на еден брод повторно ја среќава Лилица, која живее од ситни кражби и од симулирање дека е бремена. Тие одат кај Милутин (Алигрудиќ), управникот на поранешното градилиште и го уценуваат со приказната дека Лилица го носи неговото дете. Милутин открива дека е измамен и ја напаѓа Лилица, но Џими го спречува, а потоа го исмева пред работниците. Понижен и изнервиран, директорот ја грабнува пушката со намера да го убие Џими… 

КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ се смета за еден од најзначајните филмови на југословенскиот „црн бран“. На Пулскиот филмски фестивал филмот ја освоил „Златната арена“, а Павловиќ ја добил наградата за најдобар режисер во Пула и на фестивалот во Карлови Вари, Чешка.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

9 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.

ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ

(Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator)

Игран филм, Србија

1967, 70 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Душан Макавеев (Dušan Makavejev)

Сценарио: Душан Макавеев, Бранко Вучиќевиќ (Dušan Makavejev, Branko Vučićević)

Улоги: Ева Рас, Слободан АлигрудиќМиодраг Андриќ, Ружица Сокиќ (Eva Ras, Slobodan Aligrudić, Ružica Sokić; Miodrag Andrić)

 

Младата службеничка во ПТТ ќе започне љубовна врска со сериозно момче. Но, за време на неговото отсуство, таа ќе се впушти во сексуална врска со нејзин колега од работа. Девојката ќе остане бремена и по враќањето на нејзиното момче од службен пат ќе дојде до судир меѓу нив…

ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ е уште еден филм од „црниот бран“, снимен 1967 година, која се смета за најплодна и најлиберална година во ексјугословенската кинематографија. Макавеев во овој филм продолжува со користењето метафори и асоцијации за тогашната политичка ситуација во земјата, па станува еден од авторите од „црниот бран“ што стигнуваат на „црната листа“ на политички неподобни филмаџии.

Во филмот учествува и првиот српски сексолог и научник со светско реноме, д-р Александар Костиќ, кој се игра себеси и говори за сексуалноста на човекот. Д-р Костиќ е татко на познатиот и успешен композитор на филмска музика Воислав Воки Костиќавтор на музиката во повеќе од 100 филмски и телевизиски проекти, меѓу кои и КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ.

Филмот на Макавеев не поминал без неволји ниту во светот: дистрибутерот во Велика Британија барал да се исечат некои сцени, а британските гледачи ја виделе интегралната верзија на овој филм во видео изданието објавено 1996 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

10 МАЈ (ВТОРНИК), 19:00 ч.

ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА

(Petrijin venac / Petria’s Wreath)

Игран филм, Србија

1980, 99 мин., колор, ДЦП

Режија: Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović)

Сценарио: Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ (Srđan Karanović, Rajko Grlić)

Улоги: Мирјана Карановиќ, Драган Максимовиќ, Павле Вуисиќ, Марко Николиќ, Оливера Марковиќ (Mirjana Karanović, Dragan Maksimović, Pavle Vujisić, Marko NikolićOlivera Marković)

 

Во малото рударско гратче во Србија ја следиме животната приказна на старицата Петрија, од периодот пред Втората светска војна, воениот и повоениот период. Петрија е неписмена и скромна селанка, а нејзиниот живот трагичен и полн со самотија, тага и разочарувања. Петрија раскажува за нејзините тројца мажи кои ги сакала. Но, дали и тие ја сакале неа?

Во улогата на Петрија блеска дебитантката Мирјана Карановиќ, тогаш 23-годишна студентка по глума на белградската Академија за време на реализација на филмот. Истото презиме со режисерот е чиста случајност. Режисерот Карановиќ, како и во неколку претходни и подоцнежни филмови, како косценарист го има својот колега и пријател од прашката академија ФМУ, Рајко Грлиќ (Rajko Grlić), секако еднакво познато име во хрватската и ексјугословенската кинематографија.

Филмот е снимен според истоимениот роман на Драгослав Михајловиќ (Dragoslav Mihajlović), автор на неколку исклучителни дела од жанрот на документарната проза. Доследен на веристичкиот стил во овој филм, Карановиќ во екранизацијата ја користи натуршчикот Даринка Живковиќ во ликот на старата Петрија како наратор.

На филмскиот фестивал во Пула ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА се закити со наградата за најдобар филм, а Мирјана Карановиќ беше најдобра актерка.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

10 МАЈ (ВТОРНИК), 21:00 ч.

ЉУБОВ И МОДА

(Ljubav i moda / Love and fashion)

Игран филм, Србија

1960, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Љубомир Радичевиќ (Ljubomir Radičević)

Сценарио: Ненад Јовичиќ, Љубомир Радичевиќ (Nenad Jovičić, Ljubomir Radičević)

Улоги: Беба Лончар, Душан Булаиќ, Мија Алексиќ, Миодраг Петровиќ-Чкаља, Северин Бијелиќ, Милош Жутиќ (Beba LončarDušan BulajićMija AleksićMiodrag Petrović ČkaljaSeverin BijelićMiloš Žutić)

 

Група студенти сакаат да заработат пари за одржување на аеро-митинг, па организираат модна ревија за претпријатието „Југошик“. Иако се служат со ситни измами, нивната цел е благородна: ревијата е успешно реализирана и никој нема да претрпи штета. Во центарот на приказната се студентката Соња (Лончар) и модниот креатор Бора (Булаиќ) кои се постојано во кавга, но на крајот ќе ги решат меѓусебните несогласувања…

Убавата Беба (Десанка) Лончар е еден од примерите на „девојка од соседството“ (слично како Неда Арнериќ) која ја користи шансата како тинејџерка да направи актерска кариера во југословенскиот филм, подоцна и интернационална кариера. Музиката од филмот станала мега популарна во 1960-тите и ја исполнуваат тогашните ѕвезди во подем Иво Робиќ, Габи Новак (Ivo Robić, Gabi Novak), а епизодна улога има и кантавторот Арсен Дедиќ (Arsen Dedić)…

Евергрин песната „Девојко мала“ ја изведува актерот Властимир Ѓуза Стоиљковиќ (Vlastimir Đuza Stojiljković), а во 1980-тите ја препеја групата „Идоли“. Каверот на „Идоли“ има грешка во текстот. Членовите на бендот ја снимале песната во загрепски „Југотон“, но не го знаеле точно текстот, а термините за снимање ги притискале; Срѓан Шапер се познавал со актерот Ѓуза, и му телефонирал да го замоли да им го изрецирира текстот; било рано наутро, Ѓуза се уште бил сонлив, па два стиха не се идентични како оригиналот…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

  

11 МАЈ (СРЕДА), 21:00 ч.

ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ

(Davitelj protiv davitelja / Strangler vs. Strangler)

Игран филм, Србија

1984, 93 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Небојша Пајкиќ, Слободан Шијан (Nebojša Pajkić, Slobodan Šijan)

Улоги: Ташко Начиќ, Никола Симиќ, Срѓан Шапер, Рахела Ферари, Соња Савиќ (Taško NačićNikola SimićSrđan SaperRahela FerariSonja Savić)

 

Главниот лик во филмот, Пера Митиќ (Начиќ) е уличен продавач на цвеќе. Живее беден и неисполнет живот во запуштениот стан со неговата стара мајка (Ферари). Пера започнува да убива млади девојки, давејќи ги со раце. Полицијата предводена од инспекторот Страхињиќ (Симиќ) започнува истрага за злосторствата, гонејќи го серискиот убиец. Самобендисаниот рок-музичар Спиридон (Шапер), припадник на „старобелградска“ граѓанска класа, мисли дека е телепатски поврзан со полицијата, а во приказната е вплетена и темпераментната радио-водителка Софија (Савиќ)…

Ташко Начиќ во улогата на давителот Пера стекна статус меѓу филмофилите. Делува како куриозитет што ова е неговата прва главна улога на филм, иако Начиќ е еден од најблагородните епизодисти во српската кинематографија. Тој има забележителна епизода и во македонската црна комедија ВИКЕНД НА МРТОВЦИ (1988) на Коле Ангеловски и една од култните реплики: „Сите ќе умрете!“.

Со ДАВИТЕЛ ПРОТИВ ДАВИТЕЛОТ режисерот му се враќа на жанрот црна комедија како во неговите прва два филма КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ (Ko to tamo peva) и МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug). Сценариото за овој филм Шијан го работи со Небојша Пајкиќ (Nebojša Pajkić), филмски критичар и сценарист, подоцна професор по монтажа на филмската академија во Белград.

Во секој случај, и овој четврти наслов во филмографијата на Шијан е полн со омажи на саканите жанрови, автори и филмови од светската кинематографија, со референци на насловите за сериски убијци од класичната и современата ера, како ПСИХО (Psiho) на Алфред Хичкок (Alfred Hitchcock). Но, и со автореференци: ликот Спиридон е фронтмен на бендот ВИС „Симболи“, што несомнено асоцира на самиот Шапер и ВИС „Идоли“. Токму „Идоли“ ја компонирале песната „Бејби“ за филмот.

На филмскиот фестивал во Пула филмот на Шијан освои „Златни арени“ за најдобра сценографија и звук, а филмот беше дел од натпреварувачката конкуренција на филмскиот фестивал во Чикаго (САД).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 12 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 15:00 ч. 

 

СМЕНАТА

(The Shift)

Игран филм, Италија / Белгија

2021, 83 мин., колор, ДЦП

Режија: Алесандро Тонда (Alessandro Tonda)

Сценарио: Давиде Орсини, Алесандро Тонда (Davide Orsini, Alessandro Tonda)

Улоги: Клотилд Хесме, Адамо Диониси, Адам Амара, Јан Хаменекер, Стив Дризен, Џемел Барек, Мирием Акедиу (Clotilde Hesme, Adamo Dionisi, Adam Amara, Jan Hammenecker, Steve Driesen, Djemel Barek, Myriem Akheddiou)

Динамичен акционен филм чија сторија говори за терористички напад на исламисти во училиште во Брисел. Автобусот полн со адолесценти кои разговараат за девојки, забави и испити пристигнува до влезот на нивното училиште. Во влезниот хол, каде што се среќаваат со своите пријатели, се шегуваат и се смеат заедно. Но, некој не го дели нивниот безгрижен израз.

Набргу потоа се случува експлозија. Реферирајќи на три терористички напади во главниот град на Белгија кои се случија на 22 март 2016 година, филмот се фокусира на случките непосредно по експлозијата и трите лика двајца болничари и рането 16-годишно момче. Двајцата болничари не се свесни дека под облеката на момчето се наоѓа појас со експлозиви дека тоа е наредниот бомбаш-самоубиец, па го ставаат во амбулантното возило и тргнуваат кон болницата. Кога ќе дознаат, веќе е доцна: младиот муслиман веќе се освестили, иако исплашен и физички слаб, има намера да ја изврши својата мисија до крај, со едноставно притискање на копчето на појасот. За трите лица во амбулантното возило започнува незапирливо возење од една до друга блокада во градот во состојба на црвена тревога. Двајцата болничари земени како заложници се принудени да се однесуваат како сè да е в ред и му пружаат итна помош на момчето, додека одредот за борба против тероризмот ја распоредува сета своја сила за да ги лови преживеаните потенцијални бомбаши-самоубијци.

Играното деби на Алесандро Тонда учествуваше во официјалната селекција на 15-тиот Римски филмски фестивал 2020.

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

12 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

 

СИНОТ НА САУЛ

(Saul fia / Son of Saul)

Игран филм, Унгарија

2015, 107 мин., колор, ДЦП

Режија: Ласло Немеш (László Nemes)

Сценарио: Ласло Немеш, Клара Ројер (László Nemes, Clara Royer)

Улоги: Геза Рориг, Левент Молнар, Урс Рек, Тод Шармон (Géza Röhrig, Levente Molnár, Urs Rechn, Todd Charmont)

 

Концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, есента 1944 година. Саул (или Шаул) Ауслендер (Рориг) е Евреинчлен на посебната група затвореници (Sonderkommando) чија задача е да ги спроведат затворениците во гасните комори, а потоа да ги спалат нивните тела. Откако е погубена една група затвореници, Саул меѓу нив забележува едно момче за кое мисли дека е неговиот син и посакува да го закопа според еврејските обичаи. За таа цел, лекарот-Евреин го крие телото на момчето и подоцна му го предава на Саул, а тој упорно се обидува да пронајде рабин кој би го извршил обредот.

Во меѓувреме, затворениците организираат бунт против нацистите, но Саул не сака да учествува во тоа, зашто е преокупиран со закопот. Откако пристигнува нова група затвореници, тој најпосле наоѓа рабин кого го спасува од стрелањето. Припадниците на специјалната група затвореници дознаваат дека утредента треба да бидат стрелани и го почнуваат бунтот при што некои од нив, меѓу кои се Саул и рабинот, успеваат да побегнат во шумата. Додека се обидува да ја преплива реката, Саул не може да го издржи товарот што го носи и водата го носи телото на мртвото момче. Потоа, бегалците одмораат во една шумска колиба, а Саул забележува едно дете. Тогаш пристигнува нацистичката потера...

СИНОТ НА САУЛ освои шеесеттина награди, меѓу кои и „Оскар“ за најдобар странски филм, 4 награди на Канскиот филмски фестивал („Големата награда“ на жирито и ФИПРЕСЦИ), БАФТА (за најдобар филм од неаглиско говорно подрачје)… Кинематограферот Матијас Ердељи (Mátyás Erdély) ја освои „Златната камера 300“ за најдобра камера на Интернационалниот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ во Битола 2015.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ДЕНОВИ НА ИНДОНЕЗИСКИ ФИЛМ / 13-14 МАЈ /

13 МАЈ (ПЕТОК), 20:00 ч.

14 МАЈ (САБОТА), 18:00 ч.

ЗИАРА

(Ziarah)

Игран филм, Индонезија

2016, 97 мин., колор, ДЦП

Режија: Б.В. Пурба Негара (B.W. Purba Negara)

Сценарио: Б.В. Пурба Негара (B.W. Purba Negara)

Улоги: Понко Сутијем, Рукман Росади, Леџар Суброт (Ponco Sutiyem, Rukman Rosadi, Ledjar Subrot)

 

Мбах Шри (95) го бара гробот на својот сопруг, кој е исчезнат за време на индонезиската национална револуција и го нема со децении, со една едноставна цел: сака да почива во мир покрај сопругот. Попатно, нејзиниот внук ја бара низ разни разговори со други селани со кои се среќава. Приказните и извештаите за раселените се вкрстуваат една во друга, нудејќи различни парчиња од истото минато на кое е изградена самата земја низ која се бараат…

Филмот на Негара победи на фестивалите ASEAN International Film Festival and Awards и Salamindanaw Asian Film Festival и беше номиниран за најдобар филм на националниот Festival Film Indonesia.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти 

Влезница: 100 денари

 

 

 

14 МАЈ (САБОТА), 20:00 ч.

ПРЕКРАСЕН ЖИВОТ

(Wonderful Life)

Игран филм, Индонезија

2016, 79 мин., колор, ДЦП

Режија: Агус Маки (Agus Makkie)

Сценарио: Џени Јусуф, Амалија Прабово (Jenny Jusuf, Amalia Prabowo)

Улоги: Атика Хасихолан, Синио Риза, Лидија Канду (Atiqah Hasiholan, Sinyo Riza, Lydia Kandou)

 

Амалија живее со Акил, нејзиното единствено дете. Како што расте Акил, за него се проценува дека има дислексија.

Амалија решава да најде лек за Акил. Нивното патување ја соочува Амалија со многу неочекувани работи: нејзините внатрешени конфликти и трауми, како и постојаната потреба да го докажува својот статус на мајка.

Амалија размислувала да контролира сè, но сега сфаќа дека нема контрола над нејзиниот свет и над Акил. Светот во очите на Акил е место богато со бои и полно со интересни работи, каде што сè е можно во секое време. Амалија мора да се откаже од својот крут црно-бел свет и да се соочи со најлошата можност во нејзиниот живот: да го изгуби Акил.

ПРЕКРАСЕН СВЕТ е екранизација на истоимениот роман, а во 2016 забележа три номинации за награди на националната филмска смотра Festival Film Indonesia.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

 

16 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

 КВАДРАТОТ

(The Square)

Игран филм, Шведска / Германија / Франција / Данска

2017, 161 мин., колор, ДЦП

Режија: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Сценарио: Рубен Остлунд (Ruben Östlund)

Улоги: Клас Банг, Елизабет Мос, Доминик Вест (Claes Bang, Elisabeth Moss, Dominic West)

 

КВАДРАТОТ (или ПЛОШТАДОТ, како што гласи алтернативниот превод на овој филм) е необична сатирична комедија за светот на уметноста и нејзините куратори, која ги потенцира лицемерието и општествените тензии. Остлунд ја раскажува приказната на музејскиот куратор Кристијан, чиј живот излегува од контрола во моментот кога ќе му биде украден мобилниот телефон на улица. Додека бесуспешно се обидува да го најде крадецот, ПР агенцијата на музејот започнува контроверзна медиумска кампања за неговата најнова изложба насловена „Квадрат“, која ќе предизвика бурни реакции во јавноста и дополнително ќе му ја отежни ситуацијата. Апстрактната уметничка инсталација која треба да претставува социјална утопија станува парадигма за кукавичлукот на денешниот свет.

Остлунд во филмот третира прашања за моралот, мажественоста и нетолерантноста во граѓанското општество.

Меѓу триесеттината меѓународни награди филмот на Остлунд се закити и со „Златна палма“ во Кан 2017 година (прва „Златна палма“ во историјата на шведската кинематографија воопшто!), шест европски филмски награди (и за најдобар филм), а беше номиниран и за најдобар странски филм на 90. доделување на „Оскарите“ во 2018.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ  /16-21 МАЈ /

16 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.

17 МАЈ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

18 МАЈ (СРЕДА), 20:00 ч.

19 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 19:00 ч.

20 МАЈ (ПЕТОК), 19:00 ч.

21 МАЈ (САБОТА), 19:00 ч.

 

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ: РЕТРОСПЕКТИВА НА ЛУИС БУЊУЕЛ  /19-27 МАЈ /

19 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч.

АНДАЛУЗИСКИ ПЕС

(Un chien andalou / An Аndalusian Dog)

Краток игран филм, Франција

1929, 21 мин., црно-бел, ХД

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Салвадор Дали, Луис Буњуел (Salvador Dalí, Luis Buñuel)

Улоги: Пјер Бачеф, Симон Марој (Perre Batcheff, Simone Mareuil)

Манифестно остварување на филмскиот надреализам и врвен пример на севкупната француска авангарда од 1920-ите, првиот филм на Луис Буњуел е класика на немиот филм, реализиран во соработка со сликарот Салвадор Дали. Провокативниот филм, чија премиера предизвикала јавен скандал, е инспириран од соништата на авторите и, според зборовите на Буњуел, кореспондира со психоаналитичките теории на Сигмунд Фројд и со естетиката на тогаш актуелното надреалистичко движење кое се интересира за несвесеното, за она што е надвор од контролата на умот, моралноста или естетиката. Заради симболичноста и временско-просторната слобода, филмот се толкува како следење на природата и алогичноста на сонот, меѓутоа може да се толкува и како кореспондентен на книжевната струја на романот на текот на свеста.

 

ЗЕМЈА БЕЗ ЛЕБ

(Las Hurdes: Tierra sin pan/ Land without Bread)

Документарен филм, Шпанија

1932, 27 мин., црно-бел, ХД

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Луис Буњуел, Рафаел Санчез Вентура, Пјер Уник (Luis BuñuelRafael Sánchez Ventura, Pierre Unik)

 

Патеписна репортажа со нарација во оф-тон, инспирирана од етнографската студија на францускиот антрополог Морис Лежандр, за планинскиот регион во Шпанија – Лас Урдес (Las Hurdes), чиишто жители се толку изолирани и сиромашни, што не знаат што е леб. Основен извор на егзистенција им е посвојување сирачиња за кои добиваат паричен надомест од Шпанската влада.

 

СИМОН ПУСТИНИКОТ

(Simon del desierto/ Simon of the Desert)

Игран филм, Мексико

1965, 45 мин., црно-бел, ХД

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)

Улоги: Клаудио Брук, Силвија Пинал, Хортенсија Сантовен, Алварез Феликс (Claudo Brook, Silvia Pinal, Hortensia Santo, Alvarez Félix)

 

Среднометражен филм со фантастични елементи, реализиран во Мексико во 1965 г., откако Буњуел е принуден повторно да се врати во егзил во оваа земја по скандалот што го предизвикува во Шпанија со ВИРИДИЈАНА (Viridiana, 1961). Сценариото е работено по расказ на Буњуел инспириран од житието на преподобен Симеон Столпник Дивногорец, христијански светител кој живеел во Сирија во VI век. Во ова нагласено контемплативно дело, Буњуел, на нему својствен начин, ги спротивставува испоништвото, молитвеноста и чудотворството на главниот лик кој се подвизува качен на столб, со неверието, лицемерието и користољубието, како на народот, така и на преставниците на официјалната црква. Согласно житието на светецот, и овде главниот лик е подложен на сатански искушенија, со тоа што во завршната сцена ѓаволот го носи во ноќен клуб во Њујорк, во XX век.

Првично било планирано филмот, кој е награден од жирито во Венеција, да биде долгометражен омнибус, со учество на Федерико Фелини и Жил Дасен, но само Буњуел го реализирал својот дел.

 

 

 

20 МАЈ (ПЕТОК), 21:00 ч.

ВИРИДИЈАНА

(Viridianа)

Игран филм, Шпанија / Мексико

1961, 90 мин., црно-бел, ХД

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alexandro, Luis Buñuel)

Улоги: Силвија Пинал, Франциско Рабал, Фернандо Реј, Хозе Калво, Маргарита Лозано (Silvia Pinal, Francisco Rabal, Fernando Rey, José Calvo, Margarita Lozano)

 

Прв филм на Буњуел снимен во Шпанија по долготрајното, дваесетинештогодишно прогонство. Иако владата на десничарскиот генерал Франко ги одобрува средствата за снимање, подоцна се обидува да ги заплени и уништи сите копии, а филмот е забранет во Шпанија сѐ до смртта на Франко во 1977 година. И покрај тоа што официјален Ватикан филмот го прогласува за навреда на христијанството, тој во 1961 г. е награден со „Златна палма“ во Кан.

Филмот, инспириран од романот „Алма“ на Бенито Перез Галдос, е приказна за младата Виридијана која се обидува практично да ги примени католичките религиозни норми, но, откако не успева во тоа, разочарана, ги прифаќа правилата на општествениот конформизам и стапува во своевиден љубовен триаголник. Филмот ја деконструира нефункционалноста на религиозните практики во современото општество, но и моралната деградација, лицемерието и духовната празнина што владеат во него. Низ моќна визуелна нарација, која ги иронизира делата на Гоја и Да Винчи, во филмот, кој од критиката е перцепиран како ремек-дело, се присутни сите елементи на надреалистичката поетика на Буњуел: слободни асоцијации, повеќезначни симболи и сновиденија.

 

 

 

21 МАЈ (САБОТА), 21:00 ч.

АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ

(El Ángel extreminador/ The Еxterminating Аngel)

Игран филм, Мексико

1962, 93 мин., црно-бел, 35 мм

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Луис Алкориза, Луис Буњуел (Luis Alcoriza, Luis Buñuel)

Улоги: Силвија Пинал, Жаклин Андер, Енрике Рамбал (Silvia Pinal, Jacqueline Andere, Enrique Rambal)

 

Покрај ВИРИДИЈАНА (1961) и подоцна СИМОН ПУСТИНИКОТ (1965), АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ е третиот филм на Буњуел со мексиканската актерка Силвија Пинал во главната ролја и заедно со овие два филма прави своевидна трилогија критички насочена кон општествените авторитети: богатата граѓанска класа и католичката црква. Со едноставен стил, со зачестена употреба на средни планови и со мали движења на камерата, Буњуел, низ зачестените повторувања претставени преку повеќекратните влегувања во иста соба и повторните запознавања на протагонистите, како и ироничните реплики и неповрзаните дијалози, ги исмејува ритуалите на високото општество, а истовремено гo анлизира и низ призмата на ирационалното, востановено преку фантастичниот елемент на неможноста протагонистите да ја поминат невидливата физичка бариера и да излезат од богаташката куќа во која се повикани на вечера.     

Самиот режисер го опишал филмот како вознемирувачка рефлексија за животот на совремниот човек, а филмот е прво дело во опусот на режисерот во кое фантастиката е сосема во функција на развојот на фабулата. Дел од критиката филмот го толкува и како метафора за режимот на генералот Франко во Шпанија, при што на видело излегува сета немоќ и злоба на изолираната владејачка класа. Филмот ја добива наградата на критиката „Фипресци“ на фестивалот во Кан во 1962 г.

 

 

23 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.

ДНЕВНИКОТ НА ЕДНА СОБАРКА

(Le journal d’une femme de chambre/ Diary of a Chambermaid)

Игран филм, Франција / Италија

196497 мин.црно-бел, ХД

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Жан-Клод Кариер, Луис Буњуел (Jean-Claude Carrière, Luis Buñuel)

Улоги: Жан Моро, Мишел Пиколи, Жорж Гере, Франсоаз Лугањ, Даниел Ивернел, Жан Озен (Jeanne Moreau, Michel Piccoli, Georges Géret, Françoise Lugagne, Daniel Ivernel, Jean Ozenne)

 

Криминалистички филм, прв во низата филмови во кои Буњуел до крајот на кариерата соработува со продуцентот Серж Силберман и сценаристот Жан-Клод Кариер, а работен e според истоимениот роман на францускиот писател Октав Мирбо. Критиката го смета за едно од најреалистичните остварувања на режисерот, во кое отсуствуваат надреалистичните и фантастичните елементи од претходните, но и од следните филмови. Централен лик во приказната е атрактивната Селестин, која ја игра француската актерка Жана Моро, која од Париз доаѓа да работи како слугинка во замок на богат брачен пар во внатрешноста и таму се запознава со низа впечатливи ликови. Повторно сатиричен и критички настроен кон богатата граѓанска класа и кон екстремните политички ставови, Буњуел во филмот ги проблематизира и корупцијата, насилството, сексуалните опсесии и перверзии, како и чинот на силување и убиство.

 

25 МАЈ (СРЕДА), 19:00 ч.

ИЗБОР ФИЛМОВИ ОД ТВОРЕШТВОТО НА МОМИР МАТОВИЌ

Момир Матовиќ (1951 г., Титоград) е еден од најистакнатите црногорски филмски документаристи и автор на кратки играни филмови. Матовиќ е сценарист и режисер на неговите остварувања, а во неколку наслови е и кинематографер. Тој е дипломец на отсекот за филмска камера на Факултетот за драмски уметности во Белград, Србија.

Добитник е на дузина признанија и награди на филмските фестивали во светот. Досега имал авторски ретроспективи во Торино, Анкона (Италија), Борнхолм (Данска), Берлин, хамбург, Визбаден (Германија), Берген (Норвешка)…

Минатата година во март во Кинотеката беше отворена изложбата „Црногорски филмски плакат“. Во фоајето на Кинотеката беа изложени четириесетина плакати на филмови од црногорската кинематографија, но и копродукциски проекти – реализирани главно во втората половина на дваесеттиот век, но и од поновиот период – а повеќето од изложените експонати се дел од единствената оригинална колекција токму на филмскиот режисер Матовиќ, како резултат на неговото децениско трагање по кинотечните архиви, библиотеки, архивите на филмските продуценти и дистрибутери, а некои се откупени од приватни колекционери. Изложбата „Црногорски филмски плакат“ е своевиден виртуелен музеј на црногорската кинематографија во кој можете да сретнете разни филмски стилови и теми, од разни автори…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

25 МАЈ (СРЕДА), 21:00 ч.

УБАВИЦАТА НА ДЕНОТ

(Belle de jour / Beauty of the Day)

Игран филм, Франција / Италија

196497 мин.црно-бел, ХД

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Жан-Клод Кариер, Луис Буњуел (Jean-Claude Carrière, Luis Buñuel)

Улоги: Катрин Денев, Жан Сорел, Мишел Пиколи, Женевјев Пејџ, Пјер Клементи (Catherine Deneuve, Jean Sorel, Michel Piccoli, Geneviève Page, Pierre Clementi)

 

Ремек-дело со надреалистичка поетика, кое ја брише границата меѓу замисленото и стварноста, повторно реализирано во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер. Филмот е направен според истоимениот роман на Жозеф Кесел и ја раскажува приказната за младата парижанка што води двоен живот, Северин, а која извонредно ја толкува Катрин Денев. Имено, таа е невработена сопруга на лекар, но кога тој е отсутен поради работата, таа, незадоволна од стерилниот граѓански живот, при што доживува визии проникнати со садистички еротизам, бара утеха во светот на фантазијата на борделот и станува проститутка, а во неа опсесивно се вљубува еден од посетителите – криминалецот Марсел. Буњуел филмот го оформува преку нераскинливата меѓусебна поврзаност на сцените на сонот и јавето, преку мешање на раскажувачките нивоа без конвенционални сигнали, што гледачите, но и протагонистката, постојано ги упатува на нужноста, а истовремено и неможноста на разликувањето на имагинарното од реалното. Филмот е награден со „Златен лав“ во Венеција.

 

 

26 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч.

ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА

(Le charme discret de la bourgeoisie/ Тhe Discreet Charm of the Bourgeoise)

Игран филм, Франција / Италија /Шпанија

1972, 101 мин.колор, 35 мм

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Жан-Клод Кариер, Луис Буњуел (Jean-Claude Carrière, Luis Buñuel)

Улоги: Фернандо Реј, Делфин Сејриг, Пол Франкер, Стефани Одран, Жан-Пјер Касел, Милена Вукотиќ (Fernando Rey, Delphine Seyrig, Paul Frankeur, Stéphanie Audran, Jean-Pierre Cassel, Milena Vukotic)

 

Уште едно ремек-дело на Буњуел со надреалистичка поетика, реализирано во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер и наградено со „Оскар“ за најдобар филм на странски јазик и „БАФТА“ за најдобро сценарио. Филмот претежно е визуелизација на кошмарните соништа на протагонистите, неколкумина пријатели кои постојано неуспешно се обидуваат да се сретнат на заедничка вечера. Беспрекорниот изглед и однесувањето на ликовите коишто ги претставуваат основите на буржоаскиот поредок, во контрапункт со сцените што ги прикажуваат нивните кошмарни соништа, незадоволените желби и потиснатите нагони, се претвора во клаустрофобично резиме на општествените ритуали, при што единствен излез преостанува енергичната прошетка по патот што не води никаде.

Филмот мајсторски поврзува многу централни интереси од опусот на Буњуел, од амбивалентноста на идентитетот и незабележливото преминување на раскажувачките нивоа до неразделната испреплетеност на стварноста и фантазијата, како и неизбежната суптилна критика на општествените авторитети: богатата граѓанска класа, католичката црква и војската. Клучната сцена во која протагонистите одненадеж ќе се најдат на сцена, принудени да изведат дел од драмскиот текст „Дон Хуан Тенорио“ на Хозе Зориља, врамена со сон во рамките на сонот, во прв план го доведува повеќекратното играње улоги како основен начин на постоење во општеството, а гледачите постојано ги наведува на преиспитување на сопствениот перцепциски и идеолошки конформизам.

По објавата за номинациите за „Оскар“, Буњуел предизвикал скандал со шеговитата изјава дека сигурно ќе го добие затоа што ги платил побараните 25.000 долари. Филмот е награден, Буњуел не присуствувал на свечената церемонија, а во својата автобиографија ја повторил својата поранешна изјава: „Американците имаат недостатоци, но се луѓе од збор“.

 

 

 

27 МАЈ (ПЕТОК), 21:00 ч.

ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА

(Cet obscur objet du desir/ That Оbscure Оbject of Desire)

1977, 102 мин.колор, 35 мм

Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)

Сценарио: Жан-Клод Кариер, Луис Буњуел (Jean-Claude Carrière, Luis Buñuel)

Улоги: Фернандо Реј, Карол Буке, Анхела Молина, Жилијен Берто, Андре Вебер (Fernando Rey, Carole Bouquet, Ángela Molina, Julien Bertheau, André Weber)

 

Последниот филм на Буњуел, реализиран според романот на Пјер Луи, во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер и продуцентот Серж Силберман, раскажан во форма на ретроспекција, повторно е дело што дистрибуира значења на повеќе нивоа. Така, врската меѓу двата главни лика – богатиот средовечен Французин Матје, кого извонредно го интерпретира Фернандо Реј, и младата собарка, сиромашната Шпанка Кончита, има класни карактеристики затоа што тој е богат буржуј, а таа девојка од народот, и ним соодветни психолошки карактеристики претставени преку садомазохистичката врска во која Матје никако не може да оствари задоволување на своите сексуални и романтични страсти кон девојката што постојано го предизвикува. Истовремено, во конфронтација се и моралната и половата поставеност на ликовите – Матје настапува од позиција на машка и богаташка привилегираност, додека Кончита постојано се одмаздува. Тие некомпатибилности ги симболизираат атентатите на анархистите, а разликите меѓу поранешниот и денешниот свет ги нагласуваат многу функционални ретроспекции, како и иронискиот поглед на авторот.

Во филмот речиси целосно отсуствува музика, а куриозитет е тоа што ликот на Кончита го толкуваат две актерки, Анхела Молина и Карол Буке, откако Марија Шнајдер го напушта снимањето, но тоа само уште повеќе ја засилува филмската нарација. Филмот бил номиниран за „Оскар“ за странски филм, но не го добил, иако бил извонредно прифатен од филмските критичари.

 

 

28 МАЈ (САБОТА), 19:00 ч.

СО СРЕЌА ДУПЕЊЕ ИЛИ УЛАВО ПОРНО

(Babardeală cu bucluc sau porno balamuc Bad Luck Banging or Loony Porn)

Игран филм, Романија / Чешка / Хрватска / Швајцарија / В. Британија

2021, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Раду Јуде (Radu Jude)

Сценарио: Раду Јуде (Radu Jude)

Улоги: Катја Паскариу, Клаудија Јеремиа, Олимпија Малаи (Katia Pascariu, Claudia Ieremia, Olimpia Mălai)

 

Средношколската професорка по историја Еми снима домашно видео за време на сексуалниот однос со нејзиниот маж. Откако тоа видео ќе заврши на интернет, започнуваат нејзините маки: родителите бараат да биде отстранета од училиштето, но Еми им се спротивставува…

СО СРЕЌА ДУПЕЊЕ ИЛИ УЛАВО ПОРНО (или БАКСУЗЕН СЕКС ИЛИ ЛУДА ПОРНОГРАФИЈА во алтернативен превод) има неконвенционална филмска форма во која режисерот Јуде со безмилосен хумор се пресметува со лицемерието и предрасудите за улогата на црквата, војската, училиштата и историјата во патријархалните општества на Балканот и Источна Европа. Шокантната сексуална сцена на почетокот на филмот е снимeна со професионални порно актери.

Филмот на Јуде ја освои „Златната мечка“ на 71. Берлинале во 2021 година и забележа уште десеттина други фестивалски признанија и номинации.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

28 МАЈ (САБОТА), 21:00 ч.

МЕМОРИЈА

(Memoria)

Игран филм, Колумбија / Тајланд / Франција / Германија

2021, 136 мин., колор, ДЦП

Режија: Апичатпонг Верасетакул (Apichatpong Weerasethakul)

Сценарио: Апичатпонг Верасетакул (Apichatpong Weerasethakul)

Улоги: Тилда Свинтон, Елкин Дијаз, Жан Балибар (Tilda Swinton, Elkin Díaz, Jeanne Balibar)

 

Џесика е Шкотланѓанка која живее во Колумбија, се занимава со градинарство и продава цвеќиња. Заминува за Богота да ги посети својата сестра Карен и нејзиниот сопруг Хуан. Карен е во болница со мистериозна респираторна болест. Една ноќ Џесика се буди од силен тресок или јак звук. Не сака да се помири додека не го најде изворот на звукот…

Главната улога во оваа драма-мистерија ја толкува „оскаровката“ Тилда Свинтон. Тајландскиот автор Верасетакул негува посебна филмска естетика и е своевиден миленик на канскиот фестивал:во 2010 ја освои „Златната палма“ во Кан со филмот ЧИЧКО БУНМИ КОЈ МОЖЕ ДА СЕ ПОТСЕТИ НА НЕГОВИТЕ МИНАТИ ЖИВОТИ (Loong Boonmee raleuk chat / Uncle Boonmee Who Can Recall His Past Lives), а во 2021 за МЕМОРИЈА ја доби награда на жирито. МЕМОРИЈА беше победник и на фестивалот во Чикаго 2021, а забележа уште десетина други номинации за фестивалски награди.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари