3 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

4 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

ВИТЕЛ

(Vortex)

Игран филм, Франција / Белгија / Монако

2021, 142 мин., колор, ДЦП

Режија: Гаспар Ное (Gaspar Noé)

Сценарио: Гаспар Ное (Gaspar Noé)

Улоги: Дарио Арџенто, Франсоа Лебран, Алекс Луц, Килијан Дерет, Камел Беншемек, Корин Бриан (Dario Argento, Françoise Lebrun, Alex Lutz, Kylian Dheret, Kamel Benchemekh, Corinne Bruand)

 

Трогателна приказна за последните денови од животот на брачнaата двојка во нивниот стан во Париз. Таа, именувана како „мајка“ (Лебран) боледува од прогресивна деменција и секогаш кога ќе излезе надвор се губи по продавниците. Тој, именуван како „татко“ (италијанскиот режисер, актер и продуцент Арџенто), е филмски критичар кој ја пишува веројатно неговата последна книга (чија тема се соништата и кинематографијата) затоа што боледува од срцeва слабост.

Авангарден како секогаш, режисерот Ное го дели екранот на два дела и паралелно ги следи нивните активности. Родителите редовно ги посетува синот Стефан (Луц) со внукот, и секогаш се вчудоневидува од прогресијата на мајчината деменција и слабоста на татко му, комбинирана со тврдоглавоста.

Контроверзниот автор Ное имал тешко мозочно крварење, но по закрепнувањето го снимил ВИТЕЛ, со кој повторно ги шокирал публиката и филмските критичари на Канскиот феститивал, како некогаш со НЕПОВРАТНО („Irreversible“, 2002) и другите негови наслови. Со ВИТЕЛ освоил награди на филмските фестивали во Сан Себастијан (Шпанија), Даблин (Ирска), Гент (Белгија), Истанбул (Турција)…

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

5 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

 

АМАДЕУС

(Amadeus)

Игран филм, САД / Франција / Италија

1984, 160 мин., колор, 35 мм

Режија: Милош Форман (Miloš Forman)

Сценарио: Петер Шефер, Зденек Малер (Peter Shaffer, Zdenek Mahler)

Улоги: Ф. Мареј Ејбрахам, Том Хулк, Елизабет Бериџ, Сајмон Келоу, Кристин Еберсол, Џефри Џонс (F. Murray Abraham, Tom Hulce, Elizabeth Berridge, Simon Callow, Christine Ebersole, Jeffrey Jones)

 

Реализиран според истоимената театарска драма на Питер Шефер од 1979 година, АМАДЕУС е сторија за најпознатото, но историски непотврдено соперништво помеѓу двајца композитори од 18 век, Волфганг Амадеус Моцарт (Wolfgang Amadeus Mozart) и Антонио Салиери (Antonio Salieri), кои живееле во Виена, Австрија. Шефер бил инспириран од кратката драма „Моцарт и Салиери“ на Александар Пушкин (подоцна и опера на Николај Римски-Корсаков), а филмското сценарио ги користело и конкретните животописи на композиторите.

Филмот започнува со сцената во која полудениот Салиери е сместен во душевна болница, во која завршил по обидот да се самоубие. Го посетува млад свештеник од Виена, и Салиери ќе му ја раскаже неговата животна приказна. На почетокот на кариерата, Салиери бил композитор на царскиот двор, кај владетелот Јосиф Втори, со статус кој го посакувал – успешен и популарен заради неговата музика – и верба дека е миленик на Господ, кој му подарил талент. Но, се појавува младиот и темпераментен Волфганг Амадеус Моцарт, вундеркинд и нова ѕвезда на класичната музика. Салиери отпрвин е опчинет од музиката на Моцарт, но кога ќе го запознае подобро, почнува да се запрашува зошто Господ му подарил таков талент на ваква инфантилна будалетинка? Колку што популарноста на Моцарт расте, толку Салиери се губи во просечноста, па по низа понижувања на оперската сцена, Салиери решава да му се одмазди на Моцарт, користејќи ја неговата незавидна финансиска ситуација и емоционалните слабости. Како дете, Моцарт бил подложен на бесчуствителните амбиции на неговиот татко, па Салиери го убедува дека токму неговиот дух бара од него да напише реквием, миса за мртвите. Убеден дека татковиот дух го прогонува, Моцарт ќе доживее нервен слом и станува алкохоличар, а Салиери е на чекор да го спроведен неговиот брутален план: да го натера Моцарт да го компонира реквиемот, потоа да го убие и да го отсвири на неговиот погреб, со што би ги добил сите почести како генијален композитор…

АМАДЕУС, снимен во студијата „Барандов“ во Прага, Чешка, беше номиниран за вкупно 53 награди – од кои освои 40, меѓу кои и осум Оскари – вклучувајќи и Оскар за најдобар филм, режија, најдобар главен глумец (Ејбрахам), четири БАФТА награди, четири Златни глобуси и награда од Асоцијацијата на филмски режисери на САД. Во 1998 година, Американскиот филмски институт го рангираше АМАДЕУС на 53-тото место на листата „100 години – 100 филмови“. Форман со АМАДЕУС го доби вториот Оскар за режија, по ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО (One Flew Over the Cuckoo’s Nest, 1975), награда која му ја потврди и зацврсти позицијата на еден од најзначајните режисери на втората половина на 20. век, а имињата Моцарт и Салиери станаа апсолутно најпознат антипод на синонимите за генијалноста и просечноста.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

5 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 12:00 ч.

6 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 12:00 ч.

7 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 12:00 ч.

8 ОКТОМВРИ (САБОТА), 12:00 ч.

9 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 12:00 ч.

10 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 12:00 ч.

11 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 12:00 ч.

 

ЏИФОНИ МАКЕДОНИЈА– филмски фестивал за млади

 

 

 

 

 

 

 

 

8 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

9 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

10 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

11 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

12 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

13 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

14 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

КИНЕНОВА – интернационален фестивал на дебитантски остварувања

 

 

 

 

 

 

 

 

15 ОКТОМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

22 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

26 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

27 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

29 ОКТОМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

 

ПО ТАМБУРИТЕ

(Po tamburi / Tune Up)

Игран филм, Хрватска

2021, 86 мин., колор, ДЦП

Режија: Станислав Томиќ (Stanislav Tomić)

Сценарио: Марио Марко Крце, Дубравко Матаковиќ, Станислав Томиќ (Mario Marko Krce, Dubravko Mataković, Stanislav Tomić)

Улоги: Бранко Уводиќ, Момчило Оташевиќ, Тијана Печенчиќ, Стјепан Периќ, Никола Којо (Branko Uvodić, Momčilo Otašević, Tijana Pečenčić, Stjepan Perić, Nikola Kojo)

 

Кога најпознатиот ТВ водител во Хрватска, Бранко Уводиќ, ја најавува годишната битка на тамбурашките бендови, непознат бенд наречен „Фантомите од рамнината“ (Aveti Ravnice) пристигнува на настанот со амбиција да се пробие во светот на тамбурата. Откако ќе бидат погрешно обвинети за кражба на главната награда, „Фантомите“ мора да се борат за нивните животи, бидејќи гневната толпа од другите бендови: Роми, полицајци, касапи и хеликоптери – ги гонат. Кога конечно ќе стигнат дома, се соочуваат со најголемиот предизвик.

ПО ТАМБУРИТЕ, според некои, претставува пародија на филмот ВОИНИ (The Warriors, 1979) на Волтер Хил (Walter Hill), во амбиент на тамбурашка музика, а според други, пак, филмот е славонска, односно тамбурашка верзија на БРАЌАТА БЛУЗ (Blues Brothers. 1980) на Џон Лендис (John Landis). Во филмот има цитати и од популарните екс-југословенски наслови како што се: ТВ-серијата ОТПИШАНИТЕ (Otpisani), МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ (Maratonci trče počasni krug, 1982) и ВОЗОТ В СНЕГ (Vlak u snijegu), 1976. Во малите улоги се појавуваат познати личности од хрватската музичка и медиумска сцена, меѓу кои и Мрле и Прља од популарниот бенд „Лет 3“ (“Let 3”).

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

15 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

27 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

 

ДЕНОВИ НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

 

ЧОВЕК ПО ТВОЈА МЕРКА

(Ich bin dein Mensch / I’m Your Man)

Игран филм, Германија

2021, 108 мин., колор, ДЦП

Режија: Марија Шредер (Maria Schrader)

Сценарио: Марија Шредер, Јан Шомбург, Ема Браславски (Maria Schrader, Jan Schomburg, Emma Braslavsky)

Улоги: Марен Егерт, Дан Стивенс, Сандра Хилер (Maren Eggert, Dan Stevens, Sandra Hüller)

 

Жена научник аплицира за финансиски средства за истражувањата кои ги врши за потребите на својата студија, и ја прифаќа понудата да учествува во исклучителен експеримент: да живее три недели со хуманоиден робот, кој треба да ја направи среќна…

Актерката Марен Егерт ја освои „Сребрената мечка“ за најдобра женска улога на Берлинале 2021, Дан Стивенс и сценаристите Шредер, Шомбург и Браславски ги освоија наградите на Германскиот филмски фестивал и на Баварскиот филмски фестивал, а филмот доминираше и на доделувањето на германските национални филмски награди за минатата година. Филмот забележа и уште десетина други номинации и признанија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

16 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

 

ДЕНОВИ НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

 

РАБИЈЕ КУРНАЗ ПРОТИВ ЏОРЏ БУШ ПОМЛАДИОТ

(Rabiye / Rabiye Kurnaz vs. George W. Bush)

Игран филм, Германија / Франција

2022, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Андреас Дрезен (Andreas Dresen)

Сценарио: Лејла Штилер (Laila Stieler)

Улоги: Мелтем Каптан, Александар Шиер, Чарли Хибнер, Абдула Емре Озтурк, Назми Кирик (Meltem Kaptan, Alexander Scheer, Charly Hübner, Abdullah Emre Öztürk, Nazmi Kirik)

 

Рабије Курназ е симпатична и енергична домаќинка во традиционално турско емигрантско семејство во Германија, вистински столб во семејството со три машки деца. Најстариот син Мурат, на почетокот на 2002 година ќе замине од домот во Бремен, и семејството потоа дознава дека е уапсен во Пакистан како радикален талибански исламист, а потоа е префрлен во американскиот затвор/логор во Гвантанамо, на Куба. Битката за ослободување на нејзиниот син Мурат од Гвантанамо, ја катапултира турската домаќинка Рабије од нејзината куќа во Бремен – директно во светската политика, сè до Врховниот суд во Вашингтон, каде што води судска парница против тогашниот американски претседател Џорџ Буш Јуниор. Рабије минува низ серија комично-трагични настани, но таа е врзното ткиво на семејството Курназ „и во добро и во лошо“…

Горчливата сатира на Андреас Дрезен, еден од најценетите германски режисери (автор на „Gundermann“), е хит на сезоната, и ги освои наградите „Guild Film Prize“ (Дредзен) и Сребрена мечка за сценарио (Штилер) на годинешното Берлинале. Мелтем Каптан ја освои наградата за најдобра главна женска улога, а Александар Шер за најдобра споредна машка улога на доделувањето на германските национални филмски награди. Филмот освои уште неколку награди на филмските фестивали во Германија и Европа, а кинематограферот Андреас Хофер (Andreas Höfer) беше во конкуренција за награда на 43-иот ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

 

Возрасна категорија: 14 години 

Влезница: 100 денари

 

 

17 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

 

ДЕНОВИ НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

 

ПРИКАЗНАТА НА МОЈАТА ЖЕНА

(A feleségem története / The Story of My Wife)

Игран филм, Унгарија / Германија / Франција / Италија

2021, 170 мин., колор, ДЦП

Режија: Илдико Ењеди (Ilidiko Enyedi)

Сценарио: Илдико Ењеди, Милан Фруст (Ilidiko Enyedi, Milan Fust)

Улоги: Леа Сејду, Гиј Набер, Луис Гарел (Lea Seydoux, Gijs Naber, Louis Garrel)

 

Деветтиот долгометражен игран филм на успешната унгарска режисерка Илдико Ењеди, и прв на англиски јазик, претставува вистинска бура од љубов, загуба и лудило. Поморскиот капетан Јакоб Стор се обложува со пријателот дека ќе се ожени со првата жена што ќе влезе во објектот. Неколку моменти подоцна во барот влегува Лизи. Јакоб е несвесен дека таа жена ќе биде неговата најголема победа, но, истовремено, и неговата најголема слабост… Сторијата на филмот е варијација на легендата за Летечкиот Холанѓанин, работена според истоимениот роман објавен во 1942 година, а дејствието е сместено во дваесеттите години на минатиот век, преполно со мистични елементи, но и неверојатна вистина за нас самите и нашите најдлабоки пориви да ја достигнеме среќата.

Режисерката Илдико Ењеди, позната по успешните наслови за телото и душата и МОЈОТ 20 ВЕК (My Twentieth Century, 1989), смета дека овој филм претставувал вистинско емотивно патување и дека снимањето е заеднички процес во кој актерите морале да се разголат за да дојдат до вистинските емоции.

 

Возрасна категорија: 14 години 

Влезница: 100 денари

 

 

 

17 ОКТОМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

 

ДЕНОВИ НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

 

АЕИОУ: КРАТКА АЗБУКА НА ЉУБОВТА

(AEIOU: Das schnelle Alphabet der Liebe / AEIOU: A Quick Alphabet of Love)

Игран филм, Германија / Франција

2021, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Николет Кребиц (Nicolette Krebitz)

Сценарио: Николет Кребиц, Валешка Гризебах (Nicolette Krebitz, Valeska Grisebach)

Улоги: Софи Ројс, Удо Киер, Милан Хермс (Sophie Rois, Udo Kier, Milan Herms)

 

Жена, момче и една невозможна љубовна приказна – тоа е тројството во оваа романтична комедија. Во неа се случува љубов на „прво крадење“, бидејќи Ана (Софи Ројс) буквално ќе го намириса младиот Адријан (Милан Хермс), кој ѝ ја краде чантата. Тоа чувство за Ана е многу сензуално, и го споделува со нејзиниот пријател Мишел (Удо Кир). Ана малку се бори со нејзината сексуалност, секогаш е облечена скромно. Исто така, не ѝ се допаѓа кога некој колега актер ја зграпчува во прегратка за да одглуми емоција. Но, подоцна, кога од неа се бара да му помогне на едно момче како логопед, таа повторно ќе го види својот крадец…

Филмот на Кребиц беше номиниран за награда на Берлинскиот филмски фестивал и учествуваше во трката за награди на Германскиот филмски фестивал и на фестивалот во Ерусалим (Израел).

 

Возрасна категорија: 14 години 

Влезница: 100 денари

 

 

 

18 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

19 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

21 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 21:00 ч.

 

БРОД СО БИСЕРИ

(Pearl Boat)

Документарен филм, Македонија

2022, 73 мин., колор, ДЦП

Режија: Александар Зиков (Aleksandar Zikov)

Сценарио: Регина Икономовска (Regina Ikonomovska)

Учесници: Василка Димитровска, Николина Василевска, Предраг Икономовски, Зоран Груевски, Хикмет Барутчугил (Vasilka Dimitrovska, Nikolina Vasilevska, Predrag Ikonomovski, Zoran Gruevski, Hikmet Barutcugil)

 

БРОД СО БИСЕРИ е авантуристичка доку-драма, во која на уникатен начин е претставена личната приказна на главната хероина, писателка која е на прагот на својата животна раскрсница. Таа е ставена пред искушението да заврши едно поглавје од својот живот, собирајќи го во книга, која и самата е колекција од најубавите љубовни приказни на векот. Фокусирана е на симболиката на генијалните ремек-дела настанати заради љубов, токму од рацете и мислите на најголемите харизми на векот, со кои лесно се соживува. И самата таа, „фатена во истата замка“, зад своето емоционално и авантуристичко патување, остава дело, книга на својата душа. Оваа „приказна во приказната“ е драматуршки интригантна, водена низ субјективната опсервација, женскиот инстинкт, и „флешовите“ од нејзиното минато кое се испреплетуваат со реалноста. Регина Икономовска е главна личност во филмот, како и имлементатор на поширокиот проект, во чии рамки е и овој нов филмски модел наменет за национална промоција.

Филмот ја следи внатрешната свест на главната личност која ги кристализира и точи, чуствата, мислите и впечатоците кои отсекогаш биле предмет на предрасуди. Филмот се развива од „почетокот на едно инспирирано  патување” на релацијата Скопје – Истанбул и назад, низ еден избран дел од Македонија, кој всушност е „скриена дестинација“ која понатаму би можел секој да ја посети. Она што е фасцинантно и изненадувачко е што анализите на приказните опфатени во Истанбул, не случајно се навраќаат и се разгрануваат – пак завршувајќи во Македонија… Централната линија е фокусирана на фрагменти од животните стории на Мимар Синан, Принцезата Михримах, Мустафа Кемал Ататурк и други фасцинантни ликови кои временски ја префрлаат приказната во поранешна османлиска Румелија (нашето денешно македонско тло). Во моментот кога се чини дека патувањето е завршено, тоа кулминира и се развива во ново, со личности кои му даваат поинаква димензија.

Музичката подлога е комбинација од авторска музика за филмскиот „soundtrack“, дело на Адис Исмаили, со музичка едиција на Фатос Лумани, како и неколку избрани нумери од дуото „Алма Нова“ кое го сочинуваат инструменталистите Џесика Пирс и Алмер Имамовиќ, а и нумери на групите „Ла Колони Волвокс“ и „Баклава“.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

 

18 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

ДЕНОВИ НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

 

КОПИЛОТ

(Die Frau des Piloten / Copilot)

Игран филм, Германија / Франција / Либан

2021, 120 мин., колор, ДЦП

Режија: Ана Зохра Берашед (Anne Zohra Berrached)

Сценарио: Ана Зохра Берашед, Стефани Мизрахи (Anne Zohra Berrached, Stefanie Misrahi)

Улоги: Канан Кир, Роџер Азар, Дарина Ал Јоунди, Ханс Јирген Алф (Canan Kir, Roger Azar, Darina Al Joundi, Hans Jürgen Alf)

 

Трагичниот исход никогаш не е доведен во прашање во оваа германска драма фокусирана на партнерката на киднаперот на авионот „Јунајтед 93“, со кој исламистичките милитанти извршија терористички напад.

Започнувајќи во Германија кон крајот на 1990-тите, сторијата ја прикажува врската помеѓу турско-германската студентка по медицина Асли (Канан Кир) и либанскиот имигрант од средната класа Саид (Роџер Азар), кој студира стоматологија, во период од пет години. Германската писателка и режисерка Ана Зохра Берашед го заснова своето сценарио на животот на вистинскиот киднапер на „Јунајтед 93“, Зиад Јара, и петте поглавја на филмот се базираат на настаните од 11 септември 2001 година. Врската на Асли и Саид е љубов на прв поглед. Тие ќе се венчаат и ќе си ветат дека ќе си ги чуваат тајните. Иднината на вљубената двојка изгледа розова, но Саид ќе донесе одлука што ќе го потресе светот. Саид ќе го напушти стоматолошкиот факултет за да посетува обука за пилот на авиони. Со текот на годините, Саид станува сè потаинствен, неколку недели поминува во Јемен. Престанува да пие алкохол и станува посветен исламист.

Приказната е раскажана од перспектива на Асли, при што непријатната камера на Берашед ја нагласува нејзината гледна точка и нестабилноста на врската. Режисерот го третира филмот како вежба за емпатија, надевајќи се дека ќе го искомплицира и хуманизира терористот…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

 

20 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

 

ЕМА

(Ema)

Игран филм, Чиле

2019, 102 мин., колор, ДЦП

Режија: Пабло Лареин (Pablo Larrain)

Сценарио: Гилермо Калдерон, Пабло Лареин, Алехандро Морено (Guillermo Calderón, Pablo Larraín, Alejandro Moreno)

Улоги: Маријана Ди Џироламо, Гаел Гарсија Бернал, Сантјаго Кабрера, Кристијан Суарез (Mariana Di Girólamo, Gael García Bernal, Santiago Cabrera, Cristián Suárez)

 

Дејствието на филмот се случува во пристаништето на градот Валпараисо, Чиле. Ема е танчерка со луда енергија, и заедно со нејзиниот маж, кореографот Гастон, ќе го посвојат момчето Поло. Се покажува дека Поло има проблем, сличен на пироманството на Ема. По еден инцидент со пожар, Ема и Гастон носат незамислива одлука – го враќаат Поло во сиропиталиштето. Изборот не само што ќе ги претвори во духови што шетаат, туку ќе ги направи негативци во нивната заедница: Ема е негативец во училиштето во кое предава, каде што Поло бил ученик, а Гастон е сега само еден од членовите на танцовата група. Одлуката за враќањето на Поло е на Ема. Таа решава и да го раскине својот брак, што ја втурнува во спирала на луди потези: започнува повеќекратни сексуални афери, а нејзините танцови рутини, поставени на „регетон“ музиката (reggaeton – урбана латино-музика), добиваат на интензитет, и преку нив таа чувствува како да изразува и страст и болка истовремено – нешто што никогаш претходно не умеела да го ослободи…

Филмските критичари ја истакнуваат неверојатната енергија, добрата музика и фантастичната кореографија во ЕМА, како и ролјата на Маријана Ди Џироламо, за која велат дека е една од најдобрите креации во светскиот филм во 2019. Филмот на Лареин, еден од водечките режисери на денешнината, забележа десетина номинации на светските фестивали, а освојуваше награди на филмските фестивало во Венеција (UNIMED Award), Љубљана, Луксембург, Мајами…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

20 ОКТОМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

 

15 ГОДИНИ ОД ПРЕМИЕРАТА НА ФИЛМОТ „ПРЕВРТЕНО“

 

ПРЕВРТЕНО

(Upside Down)

Игран филм, Македонија

2007, 120 мин., колор, 35 мм

Режија: Игор Иванов-Изи (Igor Ivanov-Izi)

Сценарио: Венко Андоновски, Игор Иванов-Изи (Venko Andonovski, Igor Ivanov-Izi)

Улоги: Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Славиша Кајевски, Никола Ристановски, Јовица Михајловски (Milan Tocinovski, Sanja Trajkovikj, Slavisha Kajevski, Nikola Ristanovski, Jovica Mihajlovski)

 

ПРЕВРТЕНО е работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, и е приказна за Јан Лудвик, кој ѝ припаѓа на загубената транзициска генерација во нашето општество, родена во социјализмот, но живее и е сведок на рудиментарниот капитализам. Неговиот анархичен став кон животот го доведува до безизлезни ситуации, во кои не може да се реализира себеси. Меѓутоа, додека вистинските анархисти делуваат и ја менуваат свеста на својата околина преку акции, Јан можеби знае што не сака, но не знае што сака – момент што го става во позиција на „изгубен лик од нашата околина“…

ПРЕВРТЕНО е дебитантски долгометражен игран филм на Игор Иванов-Изи, кој ја имаше светската премиера пред 15 години на Филмскиот фестивал во Карлови Вари (Чешка), каде што беше номиниран за наградата „East of West Award“, а филмот ја освои наградата за најдобра режија на фестивалот во Валенсија (Шпанија) – Mostra de València-Cinema del Mediterrani.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

21 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ТРН

(Thorn)

Документарен филм, Македонија

2022, 60 мин., колор, ХД

Режија: Столе Ангелов, Никола Пијанманов (Stole Angelov, Nikola Pijanmanov)

Сценарио: Никола Пијанманов (Nikola Pijanmanov)

Учествуваат: Стојан Велков-Трн, Дејан Ангелов, Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова (Stojan Velkov-Trn, Dejan Angelov, Sashe Urdarevski, Vase Velkov, Isidora Velkova)

 

Документарниот филм ТРН е посветен на актерот, борецот за граѓански права и активист Стојан Велков-Трн. Во филмот се опфатени повеќе фази од неговиот живот, но најбитен е психолошкиот пресек на неговиот внатрешен свет, духовната борба која во еден дел ќе премине во немилосрдна борба со општото зло. Филмот е поделен на пет дела: Земја, Молк, Театар, Бунт и Дом.

Трн е човек чии живот и уметност се преклопуваат во идеална синтеза. Нема ништо противречно во неговата дива и незауздана природа да го спаси светот од еколошката и морална катастрофа. Тој тоа го прави преку уметноста и животот. Тој е човек кој секогаш ја кажува вистината, но и актер кој ја преиспитува таа вистина и можностите на човековата слобода да го избере доброто или злото. Во делот „Театар“, Трн се подготвува за својата најголема улога, улогата на Луцифер во драмата „Каин“ на Џорџ Гордон Бајрон. Тука е тој олицетворение на исконското зло кое ги истражува можностите на своите дејствија врз човекот. На сцената Трн ги поставува најважните прашања – Дали постои Бог и зошто човекот е оставен сам да се справува со мачнотиите на постоењето? Зошто Каин го уби брата си при изгрејсонцето на човештвото? Дали може некогаш ѓаволот да се покае и да се врати на доброто? Може ли на крајот да победи вистината? Театарот е поле во кое се судираат вистината и лагата, доброто и злото, Ѓаволот и Бог. Во делот „Молк“ тој стои сам меѓу незаинтересираната толпа на градскиот плоштад и со запечатена уста и молчење протестира против суровиот капитализам кој сака во најплодната почва (каде самиот живее), да отвори смртоносен рудник. Трн е столб на движењето кое се бори со заканите на смртоносната инвестиција во струмичката котлина. Во делот „Бунт“, Трн е исправен како водач на слободоумни луѓе кои протестираат против подмолната партизација и корупција во културата. „Департизација на културата“ е мотото кое го води во бескомпромисна борба со системот и нефункционалното Министерство за култура. Во деловите „Земја“ и „Дом“, тој е целиот внесен во коренот на својата природа и живот. Човек од природата кој сака да ги разбере и пренесе законитостите на природата и чистотата на земјата врз своите деца и фамилија. Борец кој со свои раце ја прави обновата за која се залага во платформите на еколошката револуција. Тој самиот е пример за идејата! Неговиот дом е оаза, простор на смирение и оган, но најмногу – тој е светлина, која му дава смисла за секојдневната борба што ја води со светот којшто личи на една голема театарска сцена. Самиот ќе каже во еден свој монолог: „Не влегувај во борба ако не си спремен да загубиш сé…!“

Филмот ТРН е документ за еден човек кој не се предава, човек кој од својот живот прави уметност, а од уметноста нов живот.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 100 денари

 

 

ПРВО ПА ЖЕНСКО 10 | Филмска програма 

21 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

МУЦЕНБАХЕР

(Mutzenbacher)

Австрија, 2022, 100 мин.

Автор: Рут Бекерман

 

22 ОКТОМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

 

ТРКАЛО НА СРЕЌАТА И ФАНТАЗИЈАТА

(Gûzen to sôzô / Wheel of Fortune and Fantasy)

Игран филм, Јапонија

2021, 121 мин., колор, ДЦП

Режија: Ријусуке Хамагучи (Ryûsuke Hamaguchi)

Сценарио: Ријусуке Хамагучи (Ryûsuke Hamaguchi)

Улоги: Котоне Фурукава, Ајуму Накаџима, Хијунри (Kotone Furukawa, Ayumu Nakajima, Hyunri)

 

Филмот на Хамагучи раскажува три приказни за три женски ликови и ги следи односите меѓу нивните избори и каењето: неочекуван љубовен триаголник, неуспешна стапица на заведување и средба која произлегува од недоразбирање. Приказните не се меѓусебно поврзани, освен во тематската рамка која ги следи случајностите и каењето, како и во умешноста на режисерот да ги спои низ призмата на социјалното однесување. Обичните луѓе доживуваат необични искуства и надреални случки…

Критичарите ја истакнуваат мајсторската постапка на режисерот да испреде приказна за поврзаноста на случајностите и можностите на супериорен начин. ТРКАЛО НА СРЕЌАТА И ФАНТАЗИЈАТА ја доби Големата награда на жирито на Берлинале 2021, победи на фестивалите во Чикаго, Хаифа, Токио… Филмот ја доби и наградата на националната асоцијација на филмските критичари на САД и беше номиниран за десетина награди на филмските фестивали, меѓу кои и за најдобра фотографија на Јукико Ијока (Yukiko Iioka) на Интернационалниот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“ во Битола.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

ПРВО ПА ЖЕНСКО 10 | Филмска програма 

22 ОКТОМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

НИШАЈ СЕ И ИГРАЈ

(Swing and Sway)

Бразил, 2022, 82 мин.

Автори: Чика Барбоса и Фернанда Песоа

 

 

ПРВО ПА ЖЕНСКО 10 | Филмска програма 

23 ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА), 18:00 ч.

СЕКСУАЛНИОТ ЖИВОТ НА БАБА

(Granny’s Sexual Life)

Словенија/Франција, 2021, 13 мин.

Автори: Уршка Џукиќ, Емили Пигар

ОНА ШТО ОСТАНУВА ЗАД НАС Е ИСТЕТОВИРАНО НА НАШИТЕ ОЧНИ КАПАЦИ

(Tattooed on Our Eyes We Carry the Aftertaste)

Шпанија, 2022, 26 мин.

Авторка: Диана Туседо

Отворено предавање: Диана Туседо

 

25 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

 

СВЕТОТ ПОСЛЕ НАС

(Le monde après nous / The World After Us)

Игран филм, Франција

2021, 85 мин., колор, ДЦП

Режија: Лода Бен Салах (Loda Ben Salah)

Сценарио: Лода Бен Салах, Клеменс Диар, Луис Грол (Loda Ben Salah, Clémence Diard, Louise Groult)

Улоги: Орелијен Габриели, Луиз Шевијот, Садија Бентајеб (Aurélien Gabrielli, Louise Chevillotte, Saadia Bentaïeb)

 

Скапо е да си сиромашен, а посебно е скапо да бидеш сиромашен во Париз. Лабиди е еден од тие сиромашни луѓе во Париз, и затоа живее тешко: беспарицата го тера да го дели станот со цимер. Во станот може да се смести само еден кревет, туш кабина и чајна кујна, па мора да го делат креветот: една ноќ Лабиди спие в кревет, а цимерот на под, па следната ноќ се менуваат. Лабиди е многу интелигентен и образуван човек, има родители кои многу го сакаат, но не е веќе толку млад за да позајмува пари од нив. Одеднаш, од никаде, Лабиди ќе има среќа да ја освои наградата во натпреварот за пишување кратки раскази, што подразбира дека добива агент и состанок со издавачката куќа која му нарачува роман кој треба да го напише за шест месеци. Истовремено се вљубува во студентка која сè уште е издржувана од родителите и решава да започне заеднички живот со неа. СВЕТОТ ПОСЛЕ НАС е приказна за шесте месеци во животот на Лабиди, омеѓени со рокот од издавачката куќа и романсата со студентката…

Филмот на Лода Бен Салах ја доби наградата на публиката на Фестивалот Шанселизе во Париз, и освои уште десетина номинации за награди на европските филмски фестивали.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

25 ОКТОМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

ФИЛМОВИ НА 35 ММ

 

АРИЗОНА ДРИМ

(Arizona Dream)

Игран филм, Франција / САД

1993, 142 мин., колор, 35 мм

Режија: Емир Кустурица (Emir Kusturica)

Сценарио: Емир Кустурица, Дејвид Аткинс (Emir Kusturica, David Atkins)

Улоги: Џони Деп, Џери Луис, Феј Данавеј, Лили Тејлор, Паулина Поришкова, Винсент Гало (Johnny Depp, Jerry Lewis, Faye Dunaway, Lili Taylor, Paulina Porizkova, Vincent Gallo)

 

Ескимски ловец патува со санката влечена од кучиња кон неговиот дом со свежо уловена риба. Рибата е своевиден симбол на целиот филм, во физички и имагинарен облик. Во меѓувреме Аксел (Деп), млад њујорчанец опседнат со рибите – ги проучува нивните навики, а најмногу сака да дознае кога и што сонуваат тие – добива порака дека треба да оди на венчавката на неговиот вујко Лио (Џери Луис) во Аризона. Поканата е дел од намерата на вујкото да го воведе Аксел во семејниот бизнис – продажба на автомобили кадилаци. Аксел во Аризона среќава две чудни жени, весели, но невротични, постојано во семејни расправии. Аксел се впушта во врска со едната од нив, додека другата, богата но депресивна, им свири хармоника на нејзините миленици – желките…

АРИЗОНА ДРИМ (или СОНИШТА ВО АРИЗОНА) е обидот на Кустурица да сними американски филм со неговиот „поетски реализам“, кој го одбележа првиот период од неговата кариера. АРИЗОНА ДРИМ ја освои наградата „Сребрена мечка“ на Берлинале и Специјалната награда на жирито, а меѓу останатите успеси на филмот е и „Златната камера 300“ за кинематограферот Вилко Филач на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Музиката во филмот е на Горан Бреговиќ, и тој со неа направи голем пробив на интернационалната сцена. Вокалите и стиховите во неколку песни се на панк-рок иконата Иги Поп (Iggy Pop).

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

26 ОКТОМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

28 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

НАЈЛОШАТА ЛИЧНОСТ НА СВЕТОТ

(Verdens verste menneske / The Worst Person in the World)

Игран филм, Норвешка / Франција / Шведска

2021, 127 мин., колор, ДЦП

Режија: Јоаким Трир (Joachim Trier)

Сценарио: Јоаким Трир, Ескил Вогт (Joachim Trier, Eskil Vogt)

Улоги: Ренате Реинсве, Андерс Даниелсен Ли, Херберт Нордрум, Марија Грација Ди Мео (Renate Reinsve, Anders Danielsen Lie, Herbert Nordrum, Maria Grazia Di Meo)

 

Современа приказна за потрагата по идентитетот, сместена во Осло, Норвешка. Во четиригодишната хроника го следиме животот на Џули која го испитува нејзиниот однос кон љубовта, смислата на животот и кариерата. Таа плови во немирни води на својот љубовен живот и се бори да го најде својот пат во кариерата. Една вечер ќе се најде случајно на журка каде што го запознава шармантниот Еивинд и се впушта во љубовна врска, напуштајќи го долгогодишниот партнер Алекс. Сепак, преиспитувањето дали го направила вистинскиот избор трае и трае…

На 42-иот ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола кинематограферот Каспер Туксен ја доби „Сребрената камера 300“. Според жирито, наградата му се доделува „за деликатната камера што нè приближува до ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејзаж на Осло“.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

28 ОКТОМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

29 ОКТОМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

 

МАЈКА

(Mater / Matriarch)

Игран филм, Хрватска / Србија / Франција / Босна и Херцеговина

2019, 95 мин., колор, ДЦП

Режија: Јуре Павловиќ (Jure Pavlović)

Сценарио: Јуре Павловиќ (Jure Pavlović)

Улоги: Дарија Лоренци-Флац, Нева Рошиќ, Вера Зима, Анка Вучковиќ, Маријо Јурковиќ (Daria Lorenci-Flatz, Neva Rošić, Vera Zima, Anka Vučković, Marijo Jurković)

 

Средовечната Јасна е сопруга и мајка на две деца. На веста дека мајка ѝ Анка е на смртната постела, таа по долгогошен престој со семејството во Германија, се враќа во родниот крај во долината на Неретва. Првичната идеја на Јасна е да ја смести мајка си во болница, па што поскоро да се врати кај своето семејство во Германија, со кое комуницира преку социјалните мрежи и новите технологии. Но, ќе остане крај мајка ѝ многу подолго од планираното: повторната средба на мајката и ќерката ја исфрла на виделина целата историја на нивната меѓусебна нетрпеливост. Јасна е трауматизирана од некогашното злоставување од страна на мајка си, а приказната сугерира дека жртви биле и нејзиниот брат Владо, кој е значајно отсутен, а можеби и покојниот татко. Паралено на приказната за односите со мајка ѝ, Јасна повторно се среќава со некогашните пријатели и школски колеги… Павловиќ приказната делумно ја базирал на автобиографски детали.

МАЈКА е дебитантско остварување на Јуре Павловиќ – автор претходно награден со Европска филмска награда за најдобар краток филм (ПИКНИК / Piknik; 2015) – кој ги освои три „Златни арени“ (за најдобра женска улога (Лоренци), камера и звук) на 67-иот Пулски фестивал. МАЈКА ја доби и наградата на филмските критичари на ФЕСТ 2020.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари