НЕДЕЛА НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

1 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

4 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:30 ч.

БЕРЛИН АЛЕКСАНДЕРПЛАЦ

(Berlin Alexanderplatz)

Игран филм, Германија / Холандија / Франција / Канада

2020, 183 мин., колор, ДЦП

Режија: Бурхан Курбани (Burhan Qurbani)

Сценарио: Мартин Бенке, Алфред Деблин, Бурхан Курбани (Martin Behnke, Alfred Döblin, Burhan Qurbani)

Улоги: Велкет Бунгуе, Албрехт Шух, Јела Хасе (Welket Bungué, Albrecht Schuch, Jella Haase)

Френк е 30-годишен емигрант од Гвинеа-Бисао, Западна Африка, кој се обидува со чамец да пристигне до европската почва. Доживува бродолом и во моменти на очај се моли на Господа, ветувајќи му дека ако преживее – секогаш ќе биде човек што прави само добрини.

Се освестува на плажа на југот на Европа и го продолжува патот кон Германија. Пристигнува во Берлин жив и здрав, но како емигрант без државјанство и работа не му е воопшто лесно да се придржува до ветувањето до Бога. Потпаѓа под влијание на Рајнхолд, невротичен зависник од секс и трговец со „бело робје“ кој е роден да ги уништува луѓето околу него. Френк ќе ја запознае Ева, сопственичка на клуб, но кога ќе ја сретне проститутката Мизи, за прв пат ќе се почувствува среќен. Но, за колку долго време?

БЕРЛИН АЛЕКСАНДЕРПЛАЦ беше учесник на Берлинале, ги освои наградите за најдобри актерски остварувања на фестивалот во Батуми и Стокхолм, режисерот Курбани освои награда во Ротердам, имаше три номинации за наградите на Европската филмска академија, а ја освои наградата за музика (Dascha Dauenhauer). БЕРЛИН АЛЕКСАНДЕРПЛАЦ освои најмногу национални филмски награди во Германија и беше најдобар филм во избор на германските филсми критичари…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

НЕДЕЛА НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

2 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

КОЖУРЕЦ

(Kokon / Cocoon)

Игран филм, Германија

2020, 99 мин., колор, ДЦП

Режија: Леони Крипендорф (Leonie Krippendorff)

Сценарио: Леони Крипендорф (Leonie Krippendorff)

Улоги: Лена Урзендовски, Јела Хасе, Лена Кленке (Lena Urzendowsky, Jella Haase, Lena Klenke)

 

Берлинската населба Кројзберг е микрокосмосот на Нора. Нора, тивок набљудувач, секогаш тагира на социјалните мрежи: на забавите, в училиште, на базен, на покривите и во апартманите. Заедно со постарата сестра и со пријателите „се шлаат“ по здодевниот пејзаж на станбените блокови, набљудувајќи ги минувачите: девојчиња што сакаат да бидат витки и убави, момчиња што „тресат“ глупости само за да провоцираат или затоа што се вљубени. Сето тоа забележано со камерите на паметните телефони.

Нора на посебен начин го набљудува светот околу неа, и кога ќе го запознае Роми ќе сфати зошто: музиката е во воздухот, телото на Нора се менува, а гасениците излегуваат од нивните кожурци. Филмот го бележи летото на промени кај Нора…

КОЖУРЕЦ учествуваше во официјалната програма на Берлинале 2020 г. и беше номиниран за наградите „Сребрена мечка“ и „Теди“ во програмата наменета за младите гледачи (Generation 14-plus). Учествуваше и на фестивалите во Сао Паоло (Бразил) и Гвадалахара (Мексико).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

НЕДЕЛА НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

3 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

РОКА ГО МЕНУВА СВЕТОТ

(Rocca verändert die Welt / Rocca Changes The World)

Игран филм, Германија

2019, 101 мин., колор, ДЦП

Режија: Катја Бенрат (Katja Benrath)

Сценарио: Хили Мартинек, Астрид Линдгрен (Hilly Martinek, Astrid Lindgren)

Улоги: Луна Максајнер, Каспер Фишер-Ортман, Луизе Рихтер (Luna Maxeiner, Caspar Fischer-Ortmann, Luise Richter)

Единаесетгодишната Рока е како девојче од друга планета. Таа е супериорна во техничката и социјалната комуникација во однос на нејзините врсници, има сила да го менува светот, и тоа го доживува како сопствена мисија во нејзиното непосредно опкружување. Рока се бори за правда и без страв им се спротивставува на насилните врсници кои ги малтретираат послабите. Рока, всушност, израснала во изолирана средина, и тоа не  каква било туку во вселенска станица. Затоа секојдневниот живот во Хамбург за неа изгледа многу чудно. И покрај тоа, Рока ги задржува својот отворен дух и духовитоста и е пријателски настроена кон другите. Секогаш полна со оптимизам, Рока се бори да ја зачува својата независност и да докаже дека и децата имаат моќ да го менуваат светот…

Снимен според книжевните мотиви на шведската писателка за деца Астрид Лингрен (Astrid Lindgren, 1907-2002), најпозната по романите за миленичката на децата Пипи Долгиот Чорап (Pippi Longstocking), РОКА ГО МЕНУВА СВЕТОТ беше во минатогодишната конкуренција за Наградата на младата публика на Европската филмска академија. Децата-актери од филмот на Бенрат ги освоија националните германски филмски награди, беше најдобар филм на популарниот фестивал за деца „Џифони“ и на фестивалот во Луксембург…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

НЕДЕЛА НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

4 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 19:00 ч.

ГЕРМАНСКИ КРАТКИ ФИЛМОВИ

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

 

6 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 19:00 ч. 

ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ

(Three days in september)

Игран филм, Македонија / Косово

2015, 99 мин., колор, ДЦП

Режија: Даријан Пејовски (Darijan Pejovski)

Сценарио: Даријан Пејовски, Игор Иванов Изи (Darijan Pejovski, Igor Ivanov Izi)

Улоги: Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Милица Стојанова, Салаетин Билал (Irena Ristic, Kamka Tocinovski, Adem Karaga, Milica Stojanova, Salaetin Bilal)

 

Бегајќи од своето минато, Марика ја запознава Јана, која патува кон куќата од нејзиното детство, сместена во изолиран планински крај. Тоа е совршено засолниште за Марика, се додека не се појави локалниот полицаец Генц, кој ќе поттикне сомнеж за вистинските намери нa двете жени…

Дебитантскиот филм на Пејовски ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ ја имаше светската премиера на Филмскиот фестивал во Монтреал, Канада (септември 2015 година), а потоа беше прикажан на фестивалите во Чикаго, САД, и во Котбус, Германија. Филмот беше прикажан и на Кан, пред струкова публика составена од селектори и директори на фестивали…

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

6 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч. 

9 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч. 

11 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч. 

13 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч. 

14 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч. 

27 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.  

ЈАС СУМ ФРЕНК

(Jaz sem Frenk/I am Frank / Everything Is Different)

Игран филм, Словенија / Македонија / Србија / Хрватска

2019, 98 мин., колор, ДЦП

Режија: Метод Певец (Metod Pevec)
Сценарио: Метод Певец, Иво Трајков (Metod Pevec, Ivo Trajkov)
Улоги: Јанез Шкоф, Валтер Драган, Катарина Час, Мојца Парљич, Ања Новак, Силва Чушин (Janez Škof, Valter Dragan, Katarina Čas, Mojcа Partljič, Anja Novak, Silva Čušin) )

Неочекуваното наследство од нивниот татко предизвикува спор меѓу двајца браќа. Френк е бунтовник кој сè уште се колне во солидарноста и „старите вредности“, а неговиот брат Рајко е типичен пост-транзициски тајкун.

Френк го истражува потеклото на парите што неговиот покоен татко го стекнал преку разни сомнителни зделки како еден од протагонистите за создавање независна Словенија, додека Рајко е нестрплив да ги земе парите со помош на адвокатите и мрежата на ортаци на неговиот татко, кои не се воздржуваат ниту од мафијашки методи. Сопругата на Рајко, Инес, која цело време е вљубена во Френк, уште еднаш се наоѓа во центарот на братскиот спор – спор што води до конечна пресметка…

Копродуценти (малцинска македонска копродукција) на овој словенечки филм се Светозар и Корнелија Ристовски, а во постпродукциската фаза учествуваа неколку домашни креативци, меѓу кои и Атанас Георгиев како супервизор-дизајнер на звук.

 

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари

 

 

7 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

30 ГОДИНИ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА И 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ

Проекција на документарни филмови:

Филмови од Министерство за култура на РСМ

Шахот во Македонија

Прилеп, вчера и денес…

Денот кога се проштева

ТВ лектира – „Ракување“ од Блаже Конески 

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

 

НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ

9 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?  

(Ko to tamo peva? / Who is Singing There?)

Игран филм, Србија

1980, 86 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Павле Вуисиќ, Александар Берчек, Данило Бата Стојковиќ, Бора Тодоровиќ, Драган Николиќ (Pavle Vuisić, Aleksandar Berček, Danilo Bata Stojković, Bora Todorović, Dragan Nikolić)

Српска комедија која има култен статус меѓу филмофилите од екс Југославија, прогласен за најдобар филм на 20-от век во некогашната заедничка кинематографија. Во едно село во Србија група патници се качуваат во стариот автобус на фирмата „Крстиќ“ кој вози кон Белград. Таткото Крстиќ (Вуисиќ) е кондуктер, а синот Мишко (Берчек) е возач.

Составот на патници е повеќе од шаренолик: пејач на шлагери без слух кој оди на аудиција (Николиќ), господинот Брко, прототип на поклоник на нацистичка Германија (Стојковиќ), воен ветеран од Солунскиот фронт (Миливоје Миќа Томиќ), туберколозен патник (Боро Стјепановиќ), штотуку венчан пар кој оди на меден месец (Неда Арнериќ и Славко Штимац), ловец-аматер (Ташко Начиќ), двајца Роми музичари (Миодраг и Ненад Костиќ)… По пат наидуваат на безброј пречки кои предизвикуваат урнебесни случки кои го одолговлекуваат патувањето, реализирани низ легендарни дијалошки сцени и во манир на расна комедија на ситуации. Иако патниците постојано се расправаат меѓу себе, ќе се обединат кога ромските музичари ќе треба лажно да бидат обвинети за кражба. Сето тоа низ креациите на веројатно најдобрата актерска постава некогаш собрана во ексјугословенската кинематографија, која може да се споредува со онаа во вториот игран филм на тандемот Шијан-Ковачевиќ, МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ.

КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? е алегорија на малограѓанштината и распадот на Кралството Југославија во априлската војна 1941 година (се случува ден пред нападот на нацистичка Германија), но e и универзална слика на распад на една епоха кој постојано се повторува на просторот на поранешна Југославија. Во духот на филмот, за време на неговото снимање почина Јосип Броз-Тито, па екипата неколку денови останала без камерата која била одземена заради „повисоки државни интереси“, односно документирање на грандиозниот погреб на некогашниот претседател.

Филмот освои дузина награди на фестивалите низ поранешна Југославија и низ светот (награда на публиката во Кан, Гран при во Монтреал, Панама, Саламанка и Ротердам). КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? е веројатно филм кој изнедрил најмногу култни реплики кои се цитираат и ден денес, одржувајќи го статусот на „филм на векот“ и низ оригиналната музика на Воислав Костиќ и плакатот на загрепскиот дизајнер Мирко Илиќ (кој подоцна стекна и светска слава).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ 10 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 19:00 ч.

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ

(Maratonci trče počasni krug / The Marathon Family)

Игран филм, Србија

1982, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Слободан Шијан (Slobodan Šijan)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Богдан Диклиќ, Данило Бата Стојковиќ, Павле Вуисиќ, Мија Алексиќ, Јелисавета Сека Саблиќ, Бора Тодоровиќ, Зоран Радмиловиќ (Bogdan Diklić, Danilo Bata Stojković, Pavle Vuisić, Mija Aleksić, Jelisaveta Seka Sablić, Bora Todorović, Zoran Radmilović)

Дејството на филмот се одвива во 1935 година во провинциски град во Србија, една година по смртта на кралот Александар Караѓорѓевиќ во атентатот во Марсеј (филмот ги користи документарните снимки од тој настан). Пет генерации на семејството Топаловиќ се занимаваат со погребни услуги во нивното претпријатие. Кај Топаловиќи нема ниту една жена: која како ќе се породела со машки наследник, венеела и умирала.

Топаловиќи постојано се караат околу наследството што го оставил штотуку починатиот Пантелие Топаловиќ. Најмладиот член на семејството, Мирко (Диклиќ), не сака веќе да биде погребник, туку сака со неговиот дел од наследството да си замине што подалеку. Со него би ја повел и Кристина (Саблиќ), ќерката на „деловниот партнер“ на семејството Топаловиќ, Били Питон (Радмиловиќ), чија банда ги ископува сандаците од гробиштата и им ги продава на Топаловиќи. Фирмата на семејството Топаловиќ, практично, за неколку децении има направено само два-три сандаци и постојано „ги врти“ низ бизнисот со Били Питон.

Кристина, пак, е пијанист-почетник, свири на кино-проекциите што ги организира Ѓенка „Ѓаволот“ (Тодоровиќ), пријател и иден кум на Мирко. И Кристина сонува за бегство од провинцијата и гламурозна кариера во светот, но не со Мирко, туку со слаткоречивиот Ѓенка. Сестраниот Ѓенка, кој меѓу другото е и филмски снимател, ги наговорува Мирко и Кристина да глумат во неговиот „либерален“ филм со многу еротика, но филмот ќе остане неснимен бидејќи Мирко ќе ги затекне како ги „вежбаат“ сцените во природа.

Во меѓувреме се заоструваат должничко-доверителските односи меѓу Топаловиќи и Били Питон, па и двете страни се подготвуваат за вистинска војна. Разбеснет заради неверството на Кристина, Мирко од слабак станува жесток насилник и лидер на семејството Топаловиќ: кај нив воопшто не се знае кој е чиј син, татко, дедо…

МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ е снимен според истоимената драма на Ковачевиќ, која како и филмот имаше култен статус на белградската театарска сцена „Атеље 212“. Поднасловот на драмата гласи „Десен профил на Белград“: без разлика што драмата, за разлика од филмот, се случува во 70-те години, и двете дела ја навестуваат идологијата на фашизмот. Филмот на Шијан, како и првенецот КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ?, има одлична актерска екипа со антологиски креации и реплики. Шијан и во двата филма многу умешно користи и натуршчици. За својот втор филм, режисерот ја доби наградата на жирито во Монтреал, Ковачевиќ награда за сценарио на фестивалот во Марсеј, а Јелисавета Сека Саблиќ „Златната арена“ во Пула за најдобра главна женска улога. Музиката е на Зоран Симјановиќ, а кинематографер на двата филма на Шијан-Ковачевиќ е Божидар Николиќ (меѓу останатите признанија и награда за животно дело на фестивалот „Браќа Манаки“).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

10 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 21:00 ч.

БАЛКАНСКИ ШПИОН

(Balkanski špijun / Balkan Spy)

Игран филм, Србија

1984, 95 мин., колор, ДЦП

Режија: Душан Ковачевиќ, Божидар Николиќ (Dušan Kovačević, Božidar Nikolić)

Сценарио: Душан Ковачевиќ (Dušan Kovačević)

Улоги: Данило Бата Стојковиќ, Мира Бањац, Бора Тодоровиќ, Соња Савиќ, Звонимир Звонко Лепетиќ (Danilo Bata Stojković, Mira Banjac, Bora Todorović, Sonja Savić, Zvonimir Zvonko Lepetić)

Илија Чворовиќ (Стојковиќ) е средовечен маж кој во младоста минал две години на Голи Оток (1948-1950) како приврзаник на сталинизмот. Еден ден е повикан во полициска станица на рутински разговор: инспекторот се интересира за неговиот потстанар, Петар Јаковљевиќ (Тодоровиќ), кројач кој по две децении поминати во Париз се вратил во татковината за да отвори бизнис.

Илија си оди дома, но сомнежот дека неговиот потстанар можеби е странски шпион не му дава мир. Неговата параноја предизвикана од политичкиот грев во младоста – засилена од помислата дека безбедносните служби (УДБА) можеби повторно го тестираат колку е лојален граѓанин – ќе биде истурена врз сопругата Даница (Бањац) која, пак, се грижи за нивната ќерка Соња (Савиќ), дипломиран стоматолог која веќе неколку години не може да се вработи.

Илија постојано го следи Петар, ги документира неговите средби со разни луѓе, и го известува инспекторот, кој пак не го сфаќа сериозно. Илија смета дека државата „зарибала“ и решава со помош на неговиот брат Ѓуро (Лепетиќ), исто затвореник во младоста заради сталинистички уверувања, да ја разбијат „странската терористичка организација“ предводена од неговиот потстанар.

Соња сфаќа дека паранојата на татко ѝстанува патолошка, па ја напушта куќата. Илија и Ѓуро решаваат да ги заробат луѓето со кои се среќава Петар и од нив да изнудат призанија за нивните терористички намери. Петар наминува во куќата за да си го земе куферот бидејќи патува во странство, но Илија и Ѓуро го „апсат“ и го мачат да признае. Всушност, испитувањето на Петар за Илија е прилика да си ги каже неговите идеолошки уверувања, па во наплив на возбуда доживува инфаркт. Петар се обидува да избега, но Илија и така болен не се откажува од неговиот политички плен…

По успехот со КОЈ ТОА ТАМУ ПЕЕ? и МАРАТОНЦИТЕ ГО ТРЧААТ ПОЧЕСНИОТ КРУГ тандемот Шијан-Ковачевиќ се раздвои, но беше создаден нов авторски тандем: Ковачевиќ е корежисер со Божидар Николиќ, кинематограферот на овој и претходните два наслови. На фестивалот во Пула 1984 БАЛКАНСКИ ШПИОН ја освои „Златната арена“ за најдобар филм, а Бата Стојковиќ за најдобра машка улога.

Од интернационалните успеси треба да се издвојат наградите за Стојковиќ на фестивалот во Фаро („Островот на Ингмар Бергман“) и за сценаристот Ковачевиќ на фестивалот во Монтреал.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ 11 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 19:00 ч.  

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68

(Varljivo leto ’68 / The Elusive Summer of ’68)

Игран филом, Србија

1984, 91 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević)

Сценарио: Гордан Михиќ (Gordan Mihić)

Улоги: Славко Штимац, Данило Бата Стојковиќ, Милосав Мија Алексиќ, Мира Бањац, Ивана Михиќ, Сања Вејновиќ, Неда Арнериќ, Драгана Варагиќ (Slavko Štimac, Danilo Bata Stojković, Milosav Mija Aleksić, Mira Banjac, Ivana Mihić, Sanja Vejnović, Neda Arnerić, Dragana Varagić)

Во летото 1968 година матурантот Петар (Штимац), наспроти очекувањата на неговиот татко Веселин (Стојковиќ), судија во градот, паѓа на матурскиот испит. Него повеќе го интересираат жените, постојано се вљубува, но никако да се случи „вистинската“ љубов. Аптекарката, библиотекарката, пекарката, ќерките на претседателот на судот, професорката по социологија… списокот е долг, но не и трпението на татко му, кој го затвора дома сè додека не го положи испитот.

На страната на Петар е неговиот дедо, пензиониран геометар и чешки студент, вљубеник во животот и жените, за разлика од конзервативниот татко загрижен за угледот и позицијата во општеството. Во малото место пристигнува женски оркестар од тогашна Чехословачка. Петар со помош на комарџиските врски на дедо му го полага матурскиот испит, а една симпатична девојка од чешкиот оркестар го плени неговото срце….

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 е една од најпопуларните и најцитирани комедии во ексјугословенската кинематографија, полна со духовити реплики на еден од најплодните сценаристи Михиќ. Некои од нив се антологиски: „Туѓ леб јаде, а мојот свет ќе го менува“, „Меси сине, меси, нема да ти штети“… се дел од нив.

ЛАЖЛИВО ЛЕТО ’ 68 е дел од т.н. „Чешка школа“ во југословенската кинематографија (Паскаљевиќ е дипломец на легендарната ФАМУ од Прага) и освои награди на фестивалите во бастоја и Орлеан, а учествуваше и во Монтреал, Монпеље, Бергамо, Вањадолид…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

11 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 21:00 ч.  

ПЛАСТИЧЕН ИСУС

(Plastični Isus / Plastic Jesus)

Игран филм, Србија

1971, 74 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović)

Сценарио: Лазар Стојановиќ (Lazar Stojanović)

Улоги: Томислав Готовац, Вукица Ѓилас, Светлана Глигоријевиќ (Tomislav Gotovac, Vukica Đilas, Svetlana Gligorijević)

ПЛАСТИЧЕН ИСУС е еден од најконтроверзните југословенски филмови, снимен како дипломски труд на авторот Стојановиќ. Пред премиера бил забранет и ставен во бункер. Ова е единствениот филм во југословенската кинематографија чиј режисер бил обвинет за „непријателска пропаганда“ и во 1973 година бил осуден на затворска казна во траење од три години, а неговите професори, филмските режисери Александар Петровиќ и Живоин Павловиќ биле избркани од белградската филмска академија.

Том (го игра Готовац) е млад уметник од Загреб без средства за живот и се обидува да се занимава со филм во Белград. Успева некако да преживува, а притоа има врски со повеќе жени. Том не верува во ништо, не почитува режим, сила, водач и идеологија и затоа постојано е во конфликт со власта, а едно време живее како бездомник, поради што е приведен од милицијата. Откако го напушта една згодна Американка, Том започнува врска со жена чиј маж работи во странство. Кога и таа ќе го исфрли од станот, Том се сели кај сестра та на мажот, но таа љубовна врска ќе му создаде најголеми неволји…

Паралелно со главното дејство, во филмот се монтирани и бројни архивски снимки поврзани со студентските демонстрации 1968 во Југославија, четниците, усташите, Хитлер и Тито со кои се прави споредба меѓу различните режими. Во филмот е снимена реалната венчавка на режисерот Љубиша Ристиќ, тогаш близок пријател на авторот, на која присуствувале бројни претставници од Комунистичката партија, ЈНА и државната безбедност. Според толкувањата на некои историчари на филмот, токму таа сцена била причината за забранувањето на филмот и затворската казна за Стојановиќ.

Во ПЛАСТИЧЕН ИСУС за првпат во југословенскиот филм се тематизираат хомосексуалноста и промискуитетот: загрепскиот концептуелен уметник Готовац за првпат се појавува гол во кадар и се бакнува со други мажи. ПЛАСТИЧЕН ИСУС спаѓа во т.н. „црн бран“ на југословенскиот филм и кога по две децении од неговото снимање е прикажан повторно е забранет, а Стојановиќ по втор пат осуден на затворска казна.

ПЛАСТИЧЕН ИСУС во 1991 година ја доби наградата на ФИПРЕСЦИ на фестивалот во Монтреал.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ 13 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

НАЦИОНАЛНА КЛАСА

(Nacionalna klasa / National Class Category Up to 785 Ccm)

Игран филм, Србија

1979, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Марковиќ (Goran Marković)

Сценарио: Горан Марковиќ (Goran Marković)

Улоги: Драган Николиќ, Богдан Диклиќ, Горица Поповиќ, Раде Марковиќ, Оливера Марковиќ (Dragan Nikolić, Bogdan Diklić, Gorica Popović, Rade Marković, Olivera Marković)

Бранимир Митровиќ (Николиќ) е автомобилски тркач од Белград, кој со својата „Застава 750“ (популарното фиќо) се натпреварува во „националната класа“ во која учествуваат автомобили со запремнина на моторот до 785 кубни центиметри. Го носи прекарот Флојд според неговиот идол  во „Формула 1“ и избегнува секаква одговорност во животот, иако има 27 години.

Флојд е во долга врска со девојката Шилја (Поповиќ). Но, Флојд има други грижи: како да го освои последниот шампионат во категоријата на „фиќовците“ и како повторно да го избегне одењето во Југословенската народна армија. Пред последната трка во сезоната, тој се наоѓа на второто место и мора да победи за да биде шампион.

За да ја избегне воената обврска, Флојд се обидува да се запише на глума на Академијата, при што запознава една убава девојка. Истовремено, еден негов пријател го запознава со младото момче Миле (Диклиќ) кој има болни бубрези: познајниците го викаат „рент-а-бубрег“ бидејќи тој дава урина на медицинскиот преглед наместо регрутите кои сакаат да го одбегнат служењето на воениот рок. Меѓутоа, урината покажува дека Миле во меѓувреме оздравел, така што Флојд мора да се јави во касарната. Истовремено, по објавувањето на Шилја дека е бремена и настојувањата на нејзините родители и родителите на Флојд набрзина да се организира свадба, сега Флојд сака што порано да замине во војска за да ја избегне. Не му успева, и свадбата е закажана ден по финалната трка…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ 14 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 19:00 ч.

КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ

(Kad budem mrtav i beo / When I Am Dead and Gone)

Игран филм,  Србија

1967, 79 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Живоин Павловиќ (Živojin Pavlović)

Сценарио: Гордан Михиќ, Љубиша Козомара (Ljubiša Kozomara, Gordan Mihić)

Улоги: Драган Николиќ, Слободан Алигрудиќ, Миодраг Андриќ, Северин Бијелиќ, Неда Спасојевиќ, Ружица Сокиќ (Dragan Nikolić, Slobodan Aligrudić, Miodrag Andrić, Severin Bijelić, Neda Spasojević, Ružica Sokić)

 

Јанко Бугарски, познат како Џими Барка (Николиќ), заедно со својата девојка Лилица (Спасоевиќ), мора да ја напушти привремената работа као сезонски работник. Неговата мајка е сиромашна перачка и не може да му помогне, а тој не може да најде работа во фабриките.

Џими ќе ги ограби работниците на едно градилиште и, бегајќи, останува без Лилица. Ја среќава кафанската пејачка Душка (Сокиќ), станува нејзин љубовник и самиот учи да пее. Иако пее лошо, тој патува по малите места, пеејќи на панаѓурите и на приредбите во воените касарни. Во едно место ја среќава младата заботехничарка Бојана и со неа оди во Белград на натпреварот на младите пејачи. Таму, наместо аплаузи и афирмација, него го дочекуваат со свирежи и со навреди.

Џими бега и на еден брод повторно ја среќава Лилица, која живее од ситни кражби и од симулирање дека е бремена. Тие одат кај Милутин (Алигрудиќ), управникот на поранешното градилиште и го уценуваат со приказната дека Лилица го носи неговото дете. Но, Милутин открива дека е измамен и ја напаѓа Лилица, но Џими го спречува, а потоа го исмева пред работниците. Понижен и изнервиран, директорот ја зема својата пушка со намера да го убие Џими…

КОГА ЌЕ БИДАМ МРТОВ И БЕЛ се смета за еден од најзначајните филмови на југословенскиот „црн бран“. На Пулскиот филмски фестивал филмот ја освоил „Златната арена“, а Павловиќ ја добил наградата за најдобар режисер во Пула и на фестивалот во Карлови Вари.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

14 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:30 ч.

ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ

(Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. / Love Affair, or The Case of the Missing Switchboard Operator)

Игран филм, Србија

1967, 70 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Душан Макавеев (Dušan Makavejev)

Сценарио: Душан Макавеев, Бранко Вучиќевиќ (Dušan Makavejev, Branko Vučićević)

Улоги: Ева Рас, Слободан Алигрудиќ, Миодраг Андриќ, Ружица Сокиќ (Eva Ras, Slobodan Aligrudić, Ružica Sokić; Miodrag Andrić)

Младата службеничка во ПТТ ќе започне љубовна врска со сериозно момче. Но, за време на неговото отсуство, таа ќе се впушти во сексуална врска со нејзин колега од работа. Девојката ќе остане бремена и по враќањето на нејзиното момче од службен пат ќе дојде до судир меѓу нив…

ЉУБОВЕН СЛУЧАЈ ИЛИ ТРАГЕДИЈАТА НА СЛУЖБЕНИЧКАТА ВО ПТТ е уште еден филм од „црниот бран“, снимен 1967 година, која се смета за најплодна и најлиберална година во ексјугословенската кинематографија. Макавеев во овој филм продолжува со користењето метафори и асоцијации за тогашната политичка ситуација во земјата, па станува еден од авторите од „црниот бран“ што стигнуваат на „црната листа“ на политички неподобни филмаџии.

Во филмот учествува и првиот српски сексолог и научник со светско реноме, д-р Александар Костиќ, кој се игра себеси и говори за сексуалноста на човекот. Д-р Костиќ е татко на познатиот и успешен композитор на филмска музика Воислав Воки Костиќ.

Филмот на Макавеев не поминал без неволји ниту во светот: дистрибутерот во Велика Британија барал да се исечат некои сцени, а британските гледачи ја виделе интегралната верзија на овој филм во видео изданието објавено 1996 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ 15 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА

(Petrijin venac / Petria’s Wreath)

Игран филм, Југославија

1980, 99 мин., колор, ДЦП

Режија: Срѓан Карановиќ ( Srđan Karanović)

Сценарио: Срѓан Карановиќ, Рајко Грлиќ ( Srđan Karanović, Rajko Grlić)

Улоги: Мирјана Карановиќ, Драган Максимовиќ, Павле Вуисиќ, Марко Николиќ, Оливера Марковиќ (Mirjana Karanović, Dragan Maksimović, Pavle Vujisić, Marko Nikolić, Olivera Marković)

 

Во малото рударско гратче во Србија ја следиме животната приказна на старицата Петрија, од периодот пред Втората светска војна, воениот и повоениот период. Петрија е неписмена и скромна селанка, а нејзиниот живот трагичен и полн со самотија, тага и разочарувања. Петрија раскажува за нејзините тројца мажи кои ги сакала. Но, дали и тие ја сакале неа?

Во улогата на Петрија блеска тогаш дебитантката Мирјана Карановиќ, 23-годишна студентка по глума на белградската Академија за време на реализација на филмот. Истото презиме со режисерот е чиста случајност. Режисерот Карановиќ, како и во неколку претходни и подоцнежни филмови, како косценарист го има својот колега и пријател од прашката академија ФМУ, Рајко Грлиќ.

Филмот е снимен според истоимениот роман на Драгослав Михајловиќ (Dragoslav Mihajlović), автор на неколку исклучителни дела од жанрот на документарната проза: доследен на веристичкиот стил во овој филм, Карановиќ во екранизацијата ја користи натуршчикот Даринка Живковиќ во ликот на старата Петрија како наратор.На филмскиот фестивал во Пула ВЕНЕЦОТ НА ПЕТРИЈА се закити со наградата за најдобар филм, а Мирјана Карановиќ беше најдобра актерка. Можеби вреди да се спомене како куриозитет кажувањето на Карановиќ дека по добиената „Златна арена“ главно добивала пораки со сочуства наместо честитки од колегите: тврделе дека најголемата награда за студентка по глума е проклетство и дека веќе нема да добива понуди да снима филмови. Делумно биле во право бидејќи следната улога ја добила дури по пет години, во ТАТКО НА СЛУЖБЕН ПАТ (1985) на Емир Кустурица.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

НЕДЕЛА НА СРПСКИ ФИЛМ

16 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЉУБОВ И МОДА

(Ljubav i moda / Love and fashion)

Игран филм, Југославија

1960, 105 мин., колор, ДЦП

Режија: Љубомир Радичевиќ (Ljubomir Radičević)

Сценарио: Ненад Јовичиќ, Љубомир Радичевиќ (Nenad Jovičić, Ljubomir Radičević)

Улоги: Беба Лончар, Душан Булаиќ, Мија Алексиќ, Миодраг Петровиќ-Чкаља, Северин Бијелиќ, Милош Жутиќ (Beba Lončar, Dušan Bulajić, Mija Aleksić, Miodrag Petrović Čkalja, Severin Bijelić, Miloš Žutić)

 

Група студенти сакаат да заработат пари за одржување на аеро-митинг, па организираат модна ревија за претпријатието „Југошик“. Иако се служат со ситни измами, нивната цел е благородна: ревијата е успешно реализирана и никој нема да претрпи штета. Во центарот на приказната се студентката Соња (Лончар) и модниот креатор Бора (Булаиќ) кои се постојано во кавга, но на крајот ќе ги решат меѓусебните несогласувања…

Убавата Беба (Десанка) Лончар е еден од примерите на „девојка од соседството“ (слично како Неда Арнериќ) која ја користи шансата како тинејџерка да направи актерска кариера во југословенскиот филм, подоцна и интернационална кариера. Музиката од филмот станала мега популарна во 1960-те и ја исполнуваат тогашните ѕвезди во подем Иво Робиќ, Габи Новак (Ivo Robić, Gabi Novak), а епизодна улога има и кантавторот Арсен Дедиќ (Arsen Dedić)…

Евергрин песната „Девојко мала“ ја изведува актерот Властимир Ѓуза Стоиљковиќ (Vlastimir Đuza Stojiljković), а во 1980-те ја препеја групата „Идоли“. Каверот на „Идоли“ има грешка во текстот. Членовите на бендот ја снимале песната во загрепски „Југотон“, но не го знаеле точно текстот, а термините за снимање ги притискале; Срѓан Шапер се познавал со актерот Ѓуза, и му телефонирал да го замоли да им го изрецирира текстот; било рано наутро, Ѓуза се уште бил сонлив, па два стиха не се идентични како оригиналот…

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

17 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 19:00 ч.

KРАДЦИ

(Manbiki kazoku / Shoplifters)

Игран филм, Јапонија

2018, 121 мин., колор, ДЦП

Режија: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Сценарио: Хироказу Корееда (Hirokazu Koreeda)

Улоги: Лили Франки, Сакура Андо, Кирин Кики (Lily Franky, Sakura Andô, Kirin Kiki)

 

Филмот третира комплексна проблематика: приказната го следи сиромашното семејство Шибата кое се занимава со кражби по „шопинг-центри“, а главни во тоа се Осама и неговиот син Шота. Шибата живеат во сиромаштија, во мал стан во Токио. Таткото и синот повремено заработуваат работејќи слабо платени физички работи, а почесто крадат за да преживеат и да се прехранат. Тие се уверени дека не прават ништо „лошо“, бидејќи да се украде она што не е купено – и никому не му „припаѓа“ – не е голем грев. Животот ќе им се промени кога ќе го пронајдат напуштеното девојче Јури и кога тоа стане нов член на семејството Шибата. Девојчето добива ново име, Лин, и ќе биде вклучена во кражбите. Но, сепак, членовите на семејството Шибата не се само ситни крадци: некои од нив прават и тежок криминал. Како што полека се откриваат тајните на нивните (зло)дела – дури и убиство – така приказната оди кон нејзиниот неочекуван крај…

KРАДЦИ беше еден од номинираните наслови за „Оскар“ за најдобар странски филм. Филмот на мајсторот Корееда има освоено уште педесетина други номинации за награди и признанија по светските фестивали.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

18 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

 

СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ

19 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч. ЛИТЕРАТУРЕН ФЕСТИВАЛ „ПРО-ЗА БАЛКАН“

20 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 21:00 ч.

УСТАВ НА РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА

(Ustav Republike Hrvatske)

Игран филм, Хрватска / Чешка / Македонија / Словенија

2016, 93 мин., колор, ДЦП

Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)

Сценарио: Рајко Грлиќ, Анте Томиќ (Rajko Grlić, Ante Tomić)

Улоги: Небојша Глоговац, Ксенија Маринковиќ, Дејан Аќимовиќ, Божидар Смиљаниќ (Nebojša Glogovac, Ksenija Marinković, Dejan Aćimović, Božidar Smiljanić)

Вјеко (Глоговац) е професор во средно училиште кој го посветил целиот свој живот на проучувањето на хрватската историја и јазик. Тој живее во простран, но запоставен стан во центарот на Загреб со својот стар татко Хрвоје (91). За време на Втората светска војна, татко му бил усташки  офицер во хрватската фашистичка војска, а сега, како тежок инвалид  шест години е врзан за креветот. Згора на сè, пред помалку од една година Вјеко трагично ја загубил љубовта на својот живот, Бобо, виолончелист.

Во недостиг на животна радост и со самоубиствени мисли, единственото нешто во што Вјеко ужива се прошетки во доцните ноќни часови. Тој талка низ празниот град, нападно нашминкан и облечен во женска облека. Една вечер група на млади луѓе го претепуваат, уринираат врз него и го оставаат да лежи во несвест на улица. Во болницата, Маја, медицинска сестра која живее во подрумот на зградата во која живее и Вељко, го препознава и се грижи за него. Маја му помага да се врати дома, таа почнува да се грижи не само за него туку и за неговиот неподвижен татко. Вјеко, пак, се согласува да му помогне на нејзиниот маж, полицаецот Анте, во подготовката на испитот за хрватскиот устав. Анте има тешкотии во учењето, живее живот исполнет со страв дека ќе падне на испитот само поради фактот дека е Србин, иако го сменил роденото име. Започнува приказната за три многу различни луѓе кои живеат во иста зграда и кои, неочекувано и против своја волја, се зависни едни од други.

УСТАВ НА РЕПУБЛИКА ХРВАТСКА е поднасловен како „љубовен филм за омразата“. Иако доминираше на фестивалот во Пула со четири награди, филмот предизвика големи полемики во хрватската јавност заради горливите теми што ги третира, во прв ред хомосексуалноста, травестијата, национализмот и (нео)усташтвото. Ликот на Вјеко е една од последните улоги на одличниот актер Глоговац, кој почина неколку месеци по премиерата на филмот.

Филмот освои десетина награди на фестивалите низ светот, меѓу кои и наградата за најдобар филм на фестивалот во Монтреал.

Гости на проекцијата ќе бидат сценаристот Анте Томиќ и писателите Миљенко Јерговиќ и Александар Прокопиев, кои ќе одговараат на прашања од публиката.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

24 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

25 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 21:00 ч.

ХАОС

(Capharnaüm / Chaos)

Игран филм, Либан / САД / Франција / Катар

2018, 126 мин., колор, ДЦП

Режија: Надин Лабаки (Nadine Labaki)

Сценарио: Надин Лабаки, Џихад Хоџеили (Nadine Labaki, Jihad Hojeily)

Улоги: Заин Ал Рафија, Јорданос Шифероу, Болуватифе Трежр Банколе (Zain Al Rafeea, Yordanos Shiferaw, Boluwatife Treasure Bankole)

 

ХАОС е приказна за либанското момче Заин, кое ги „обвинува“ родителите затоа што му дале живот. Заин е момче кое бега од своите несовесни родители и се обидува да преживее на улица. Попатно, тој дури и се грижи за една бегалка од Етиопија и нејзиното дете. ХАОС е снимен со непрофесионални актери кои играат ликови чии животи се тесно поврзани со нивните. Снимајќи по сопствено сценарио, Лабаки ги поставува натуршчиците во реални сцени каде што реагираат спонтано, со свои зборови и гестови. Авторката во име на реалноста го адаптирала сценариото според изведбите на ликовите. Ситуиран во општество на кое му недостасува човечност, ХАОС сепак трага по надеж за неговите протагонисти…

ХАОС ја доби Големата награда на жирито на Канскиот фестивал во 2018 година. Филмот на Лабаки освои и номинации за најпрестижните награди, „Оскар“, БАФТА и „Златен глубус“, а учествуваше и беше наградуван на повеќе од 30 светски фестивали.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

IN MOMORIAM: САБИНА АЈРУЛА-ТОЗИЈА

25 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 19:00 ч.

ЖЕД
(Thirst)
Игран филм, Македонија
1971, 84 мин., колор, ДЦП
Режија: Димитрие Османли
Сценарио: Живко Чинго
Улоги: Неда Спасоевиќ, Сабина Ајрула-Тозсија, Јадвига Митревска, Снежана Стамеска, Ацо Јовановски, Павле Вуисиќ, Драги Костовски, Дарко Дамески, Коле Ангеловски

Жителите на едно село во пасивен македонски крај својата егзистенција ја обезбедуваат со одење на печалба. Во селото работат и живеат три учителки, младите девојки Елица, Марија и Николина, и секоја на свој начин се обидува да му даде смисла на животот кој им е наметнат во оваа средина. Најголем проблем во селото е снабдувањето со вода. Од далечниот планински извор водата ја носи водоносецот Марко, кој е вљубен во сиромашната девојка Кате. Нивната врска нема перспектива поради исклучителната сиромаштија во која живеат.
Монотонијата на селскиот живот се разбива со доаѓањето на групата рударски инженери кои во планината вршат истражувања. Меѓу нив е и инженерот Виктор, кој го привлекува вниманието на учителката Марија. Таа е во дилема дали да ја прифати можноста да замине со него од селото и коренито да го измени својот живот. Сепак, пресудна е нејзината желба да им се помогне на децата и жителите од селото и таа останува.
Враќањето на остарениот печалбар Трендафил, вујко на Кате, претставува своевиден настан за животот на селото. Судбината на многумина во селото зависи од „богатството“ на вујкото кој се вратил од Америка…
ЖЕД е втор долгометражен игран филм во продукција на Филмско студио – Скопје и дистрибутерската куќа „Македонија филм“. Еден од најугледните филмски критичари во светот, Роналд Холовеј во специјалното издание на Кинотеката на Македонија на англиски јазик „Kino – Macedonian film“, за ЖЕД оценува дека се работи за „пофален одговор“ на македонската кинематографија на интернационалниот успех на југословенскиот „црн бран“…

 

Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница:
бесплатен влез