31 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.

НОСФЕРАТУ, СИМФОНИЈА НА СТРАВОТ

(Nosferatu, eine Symphonie des Grauens / Nosferatu, a Symphony of the Gray)

Игран филм, Германија

1922, 81 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau)

Сценарио: Хенрик Гален (Henrik Galeen)

Улоги: Макс Шрек, Александер Гранах, Густав фон Вангенхајм, Грета Шредер (Max Schreck, Alexander Granach, Gustav von Wangenheim, Greta Schröder)

 

Во германскиот град Визбург, 1838 година, агентот за недвижности Нок (Гранах) го испраќа својот соработник Хутер (фон Вангенхајм) во Трансилванија, во замокот на грофот Орлок (Шрек), кој сака да купи куќа наспроти домот на Хутер. Хутер ја остава сопругата Елен кај својот богат пријател и тргнува на пат, а кога пристига во Трансилванија, тамошните жители не сакаат да му помогнат да го превезат до замокот на грофот ниту да се приближат до зданието кое го сметаат за проклето. Кога некако ќе дојде до грофот, на Хутер му е необично што тој се однесува чудно и што состаноците ги одржува само ноќе. Хутер не знае дека грофот е вампир кој наскоро ќе го затвори во замокот и ќе замине во Визбург, носејќи со себе неколку мртовечки ковчези, полни со проклетата земја во која бил закопан. Хутер бега од замокот и веднаш тргнува назад кон Визбург, каде што ќе почнат да се случуваат тегобни и мрачни случки

 

НОСФЕРАТУ е слободна адаптација на романот ДРАКУЛА на Брем Стокер (Bram Stoker) од 1897 година, со изменети имиња на ликовите. НОСФЕРАТУ е првиот голем филмски успех на Мурнау, кој има свое место во историјата на филмот заради сугестивната мрачна атмосфера, комбинирана со мелодраматичната морбидност, што било исчекор за стандардите на германскиот експресионизам.

 

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

1 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

ФИЛМСКИ НОВОСТИ (1948-1951): ПРИКАЗНИ ОД МАКЕДОНИЈА

За прилозите од журналите на „Филмски новости“

Кинотеката и оваа година продолжува со прикажување на нови прилози за Македонија од журналите на „Филмски новости“. Во 2021 година, Кинотеката од архивот на „Филмске новости“ од Белград, обезбеди скенирани 64 стории снимени од 1948 до 1951 година, во времетраење од 70 минути и 47 секунди, во ц/б техника, со или без тонскиот запис.

Филмските журнали од „Филмски новости“ почнале да се снимаат во далечната 1945 година, со цел да се следат сите важни случувања врзани за политичкиот, економскиот и културниот развој на земјата. Во текот на првите пет години од активноста на „Филмски новости“ (1945-1950), и покрај многуте објективни тешкотии и лошите услови за работа, еднаш неделно редовно излегувале нови изданија. Без оглед на појавувањето на телевизијата во Југославија во 1958 година, филмските журнали продолжуваат со години да се произведуваат на ист начин и со иста динамика, секоја сабота – сѐ до 1980 година, по што продукцијата започнува да се намалува до 1989 година, кога е објавен и последниот број. Снимањето се одвивало до среда, синхронизацијата во четврток, а цензурата во петокот.

Во сите републики во поранешна Југославија, претпријатието имало свои дописници, новинари и сниматели. Од Македонија, најпрво – тоа бил Трајче Попов, а нешто подоцна Никола Христовски и други, кои ги имаат снимено речиси сите филмски материјали од Македонија. Со текот на годините, во „Филмски новости“ е насобран, по обем и по значење, огромен фундус на филмски материјали што се однесуваат на Македонија.

Содржините на сториите од 1948-1951 се енциклопедија на секојдневниот живот во текот на годините. Нема област која „Филмски новости“ не ја допрела и не ја прикажала – од политичкиот живот (на кој што му се давал приоритет од пропагандни причини), па обновата и изградбата на земјата, отворање на нови индустриски капацитети и достигнувањата во приозводствениот процес, освојувањето на нови производи, сегменти од задругарскиот живот по селата, секојдневието на туристичките центри, одликувања на трудбеници, културни манифестации, прослави, одбележување на годишнини, спортски настани, и др.

Прилозите од журналите на „Филмски новости“ кои се чуваат во архивот на Кинотеката, освен што преставуваат културно наследство на Македонија, тие – исто така – ја отсликуваат историјата на земјата и им овозможуваат на гледачите да добијат сознанија за тоа како изгледал секојдневниот живот со сите политички, спортски и културни настани – во тоа време.

 

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: 50 денари

 

 

1 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ФАУСТ

(Faust – Eine deutsche Volkssage)

Игран филм, Германија,

1926, 106 мин, црно-бел, блуреј

Режија: Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau)

Сценарио: Герхарт Хауптман, Ханс Кајзер (Gerhart Hauptmann, Hans Kyser)

Улоги: Госта Екман, Емил Јанингс, Камила Хорн, Фрида Рихард, Вилхелм Дитерле (Gösta Ekman, Emil Jannings, Camilla Horn, Frida Richard, Wilhelm Dieterle)

 

 

ФАУСТ на Мурнау (со поднаслов „Една германска приказна“) е работен по мотивите од „Фауст“ на Јохан Волфганг вон Гете (Johann Wolfgang von Goethe), „Легендите за Фауст“ на Кристофер Марлоу (Christopher Marlowe) и сценариото на Лудвиг Бергер (Ludwig Berger) за „Изгубениот рај“ (“Das verlorene Paradies”) според германската верзија на романот на Џон Милтон (John Milton).

Силите на Злото се обидуваат да побегегнат од подземјето, но во тоа ги спречува Ангелот. Ангелот потоа се обложува со Ѓаволот дека целата Земја ќе потпадне под владение на Злото ако добродушниот стар научник, алхемичарот Фауст, стане лош. Во спротивно, ако Фауст остане добар, тогаш и на Земјата вечно ќе владее Доброто.

Ѓаволот ќе предизвика заразна епидемија во Прага, родниот град на Фауст. Фауст се обидува да најде лек и склопува пакт со Мефисто, но граѓаните ќе дознаат и ќе го протераат. Мефисто му подарува вечна младост на Фауст и со летечкиот тепих ќе го одведе во Италија. Во Парма треба да се одржи венчавката на убавата војвотка Маргерита, но Мефисто ќе ја заведе и ќе му ја препушти на Фауст. Фауст, маѓепсан од новата младост, прифаќа да му ја продаде душата на Мефисто а за возврат да ја добие вечноста. Но, кога Фауст ќе се врати во Прага и ќе се заљуби во религиозната девица Гречен, Мефисто ќе го убие брат ѝ, а за тој чин ќе го обвини Фауст

 

 

 

Возрасна категорија: 14 години

Влез слободен

 

 

 

 

2 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ЛИЛИ МАРЛЕН

(Lili Marleen)

Игран филм, Германија,

1981, 120 мин, колор, 35 мм

Режија: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder)

Сценарио: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder), според новелата на Лале Андерсен (Lale Andersen)

Улоги: Хана Шигула, Џанкарло Џанини, Мел Ферер, Карл-Хајнц Фон Хасел (Hanna Schygulla, Giancarlo Giannini, Mel Ferrer, Karl-Heinz von Hassel)

 

Филм што го следи животот на младата германска пејачка Вилки, чија кариера претставува метафора на подемот и падот на нацизмот во Германија. Песната „Лили Марлен“ што ја снима во 1941 година станува најпопуларна песна во тој период. Вилки ја идентификуваат со песната и таа станува национална хероина, иако е член на отпорот. Незаборавни се сцените кога војниците на фронтот ја слушаат „Лили Марлен“ и копнеат по некаков поинаков живот.

Ова е еден од најголемите комерцијални успеси на Фасбиндер, што се должи колку на неговиот стил, авторски сензибилитет и преокупации, толку и на популарноста на песната за Лили Марлен. Интересен е фактот дека Фасбиндер воените сцени во филмот ги реализирал како реконструкција на сцените од филмот на Луис Мајлстоун НА ЗАПАД НИШТО НОВО (1930), што ја потврдува неговата фасцинација од холивудските филмови од тој период. Педантната реконструкција на настаните се потврдуваат и во најмалите детали, па така првото емитување на песната „Лили Марлен“ во етерот се случило на фреквенцијата на Радио Белград во тогаш окупираната Југославија, и тоа е јасно прикажано во сцената.

 

 

Возрасна категорија: 14 години

Влез слободен

 

2 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ПАТУВАЊЕ ВО НОЌТА

(Der Gang in die Nacht / Journey into the Night)

Игран филм, Германија

1921, 69 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Фридрих Вилхелм Мурнау (Friedrich Wilhelm Murnau)

Сценарио: Хариет Блок, Карл Мајер (Harriet Bloch, Carl Mayer)

Улоги: Олаф Фонс, Ерна Морена, Конрад Вајд, Гудрун Брун-Штефенсон (Olaf Fønss, Erna Morena, Conrad Veidt, Gudrun Bruun-Stefenssen)

 

 

Ајгил Берне, угледен доктор, долго време е свршен со Хелен, девојка која е лудо вљубена во него. На роденденската прослава на Елен, Ејгил ја поканува во кабаре, каде ја запознава неговата нова љубов, Лили – страсна, огнена и духовита танчерка. Лили е фасцинирана од докторот Ајгил, па за да го привлече, симулира повреда на зглобот. Ајгил ја посетува за да ѝ пружи медицинска помош, а Лили го заведува. Ајгил лудо се вљубува, ја прекинува свршувачката со Хелен, и се жени со Лили.

Новопечениот брачен пар се преселува на село, каде што го запознаваат слепиот сликар Малер. Д-р Берн му го враќа видот, но дознава дека здравјето на Елен е нарушено, бидејќи таа е скршена поради нејзината прекината свршувачка. Тој се обидува да ја види Елен, но таа го одбива. Кога се враќа дома, д-р Берн открива дека Лили има афера со сликарот и ја напушта.

Години подоцна Лили го бара Ајгил. Сликарот повторно го изгубил видот и Лили го моли докторот да му помогне. Ајгил одбива велејќи ѝ на Лили дека таа е неспособна за вистинска љубов, и дека не го сака искрено сликарот. Во секој случај, Ајгил не би го оперирал сликарот доколку Лили не го напушти. По одредено време Ајгил ја посетува Лили и открива дека таа се отрула, па ќе мора да го одржи ветувањето и да го оперира сликарот, но, тој одбива. Ајгил се самоубива бидејќи не може да живее на овој свет без Лили

 

ПАТУВАЊЕ ВО НОЌТА според жанровската определба е мелодрама за еден љубовен триаголник и е првиот сочуван филм од филмскиот опус на Мурнау.

 

 

Возрасна категорија: 14 години

Влез слободен

 

3 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 18:00 ч.

БРАКОТ НА МАРИЈА БРАУН

(Die Ehe der Maria Braun / The Marriage of Maria Braun)

Игран филм, Германија,

1978, 120 мин, колор, блуреј

Режија: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder)

Сценарио: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder)

Улоги: Хана Шигула, Клаус Лович, Иван Десни (Hanna Schygulla, Klaus Löwitsch, Ivan Desny)

 

 

Кон крајот на Втората светска војна, Марија Браун по кратко познанство влетува во брак што трае еден ден и една ноќ. Потоа Херман заминува на фронтот каде што е заробен. Жестока сторија за животот во поствоена Германија. Крајот на филмот е во моментот кога Германија станува светски фудбалски шампион во 1954 година.

Ова е првиот филм од германската трилогија на Фасбиндер (заедно со ЛОЛА и КОПНЕЖОТ НА ВЕРОНИКА ФОС), со кој Фасбиндер, конечно, го привлекува и вниманието од публиката (покрај она на критиката).

Филм што ги содржи трите фасцинации на Фасбиндер: секс, пари и смрт. Ликовите, а и самата атмосфера што владее во филмот, се мошне пореалистични од претходните негови филмови и со него Фасбиндер веќе престанува да биде „младиот европски режисер“, кој, како што има изјавено, „сонувал да сними филм, прекрасен филм, како оние холивудските од 30-тите години“. Во филмов, Фасбиндер можеме да го препознаеме во улогата на шверцерот, кој на Марија ѝ го продава свечениот фустан.

 

 

Возрасна категорија: 14 години

Влез слободен

 

 

3 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

ГЕНЕРАЛОТ

(The General)

Игран филм, САД

1926, 80 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Клајд Брукман (Clyde Bruckman)

Сценарио: Ал Боасберг, Клајд Брукман, Бастер Китон (Al Boasberg, Clyde Bruckman, Buster Keaton)

Улоги: Бастер Китон, Мерион Мак, Глен Кавендер, Џим Ферли, Фредерик Врум (Buster Keaton, Marion Mack, Glen Cavender, Jim Farley, Frederick Vroom)

 

 

Џони Греј (Китон) е машиновозач, вљубен во Анабел Ли (Мек). Кога започнува Граѓанската војна во САД, Џони се пријавува во војската, но го одбиваат со образложение дека ќе биде покорисен како возач на локомотивата. Таткото и братот на Анабел ѝ кажуваат дека тој воопшто не сакал да се пријави, по што таа му се заканува дека нема да му зборува додека не го види во униформа.

Еден ден, додека разочараниот Џони управува со локомотивата, наречена „Генералот“, група диверзанти од армијата на Северот го грабнува возот, заедно со Анабел Ли. Џони веднаш тргнува во потрага по својата локомотива и по девојката и така пристигнува на територијата што ја контролира непријателот. Во една куќа, тој го слуша разговорот на непријателските офицери, кои се договараат за спојување на двете дивизии во близината на еден мост, по што незапирливо би напредувале кон територијата под контрола на армијата на Јужната конфедерација. Истата ноќ, Џони успева да ја ослободи и Анабел, по што двајцата успеваат да побегнат во шумата. Кога пристигнуваат на железничката станица, Џони ги здогледува северните војници како го товараат неговиот воз и тој повторно си ја враќа својата локомотива. Непријателската војска започнува потрага по него, но кога стигнува до реката, Џони го минира мостот, а потоа ја известува војската на Конфедерацијата за приближувањето на непријателите. Војската на северот е победена, а Џони добива униформа и офицерски чин, по што повторно ја придобива наклонетоста на Анабел Ли и на нејзиниот татко.

Реставрираната копија на ГЕНЕРАЛОТ е добитник на наградата National Film Registry на американскиот National Film Preservation Board во 1989 година.

 

 

Возрасна категорија: 10 години

Влезница: 50 денари

 

 

4 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА), 18:00 ч.

КОПНЕЖОТ НА ВЕРОНИКА ФОС

(Die Sehnsucht der Veronika Voss / Veronika Voss)

Игран филм, Германија,

1982, 104 мин, црно-бел, блуреј

Режија: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder)

Сценарио: Рајнер Вернер Фасбиндер, Пеа Фрохлих, Петер Мартешајмер (Rainer Werner Fassbinder, Pea Fröhlich, Peter Märthesheimer)

Улоги: Росел Зех, Хилмар Тате, Корнелија Фробес (Rosel Zech, Hilmar Thate, Cornelia Froboess)

 

Претпоследниот филм на Фасбиндер е базиран врз вистинитата приказна за „германската Гарбо“, актерката Сибил Шмиц, која била популарна во 40-тите години од минатиот век и која изгорува во животот преполн со дрога и алкохол, одземајќи си го најпосле животот кон крајот на 50-тите години.

Во Минхен, во 1955 година, еден спортски новинар се среќава со Вероника Фос, актерка на предвоеното продуцентско претпријатие УФА, која имала љубовна афера со Гебелс. Фос е заложничка на својот доктор, кој ја снабдува со сите неопходни лекови, а најмногу со морфиум. Таа се обидува да се врати на актерството, но не е во состојба да одигра ниту една наједноставна сцена. Доколку Марија Браун е симбол на Германија, која ги лечи раните од поразот во војната и доколку Лола е втурната во конфликт меѓу корупцијата и должноста, тогаш Вероника Фос е симбол на она што ја преокупира естетиката на Фасбиндер, а тоа се сликите од холивудските филмови од 30-тите години, со внимателно вметнување на декаденцијата и сексуалната перверзија. Самата приказна неизбежно нè насочува кон врската на овој филм со оној на Били Вајлдер – БУЛЕВАР НА САМРАКОТ, уште еден класичен холивудски филм.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влез слободен

 

 

4 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.

ПАРОБРОДОТ БИЛ ЏУНИОР

(Steamboat Bill, Jr.)

Игран филм, САД

1928, 70 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Чарлс Рејснер, Бастер Китон (Charles Reisner, Buster Keaton)

Сценарио: Карл Харбо (Carl Harbaugh)

Улоги: Бастер Китон, Том Мегвајер, Ернест Торенс, Мерион Бајрон (Buster Keaton, Tom McGuire, Ernest Torrence, Marion Byron)

 

По даденото ветување на мајка си, Вилијам (Бил) Канинг Џуниор заминува да се запознае со својот татко, Вилијам Сениор, кого не го видел уште од времето кога бил мало дете. Младиот Канинг не е онаков како што очекувал татко му, кој пак има големи проблеми, зашто е избркан од работа од страна на Џеј Џеј Кинг, кој не само што е сопственик на локалниот хотел и на банката, туку неодамна го претставил и новиот пароброд кој потполно ќе го посрамоти стариот брод наречен „Стоунвол Џексон“ (Stonewall Jackson) на Канинг Сениор… Во меѓувреме, Бил Џуниор и Кити Кинг, ќерката на Џеј Џеј Кинг, се вљубуваат еден во друг. Кога реката ќе ја зафати голема бура, Бил Џуниор ги спасува Кити, нејзиниот и својот татко

 

ПАРАБРОДОТ БИЛ ЏУНИОР е првиот самостојно продуциран долгометражен филм на Бастер Китон. Филмот е добитник на награда за најпопуларен актер (Китон) на Faro Island Film Festival, како и на наградата ФИПРЕСЦИ за Китон и режисерот Рејснер во 1928, а во 2016 ја доби наградата за реставриран филм National Film Registry од американскиот National Film Preservation Board.

 

Возрасна категорија: 10 години

Влезница: 50 денари

 

 

 

5 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

МАРТА

(Martha)

Игран филм, Германија,

1973, 112 мин, колор, блуреј

Режија: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder)

Сценарио: Корнел Вулрих, Рајнер Вернер Фасбиндер (Cornell Woolrich, Rainer Werner Fassbinder)

Улоги: Маргит Карстенсен, Карлхајнц Бом, Барбара Валентин (Margit Carstensen, Karlheinz Böhm, Barbara Valentin)

 

Марта, млада жена, се наоѓа на одмор во Италија со својот татко. Татко ѝ ненадејно умира и таа неговата смрт ја доживува како еден вид ослободување. Па сепак, Марта е збунета од новонастанатата ситуација и необмислено влетува во брак со Хелмут, кој ја малтретира и физички и психички. Практично, Марта, со својот брак, прави само замена на еден вид притисок (оној на таткото) – со друг вид (оној на мажот).

Филмот е директна посвета на естетиката што ја гради Брехт во периодот пред Втората светска војна. Во него експлодира „чудната“ естетика на неповторливиот Фасбиндер. Она што Брехт го нарекува „чудно“, Фасбиндер го експлоатира до крајни граници. Чуден филм што нè остава зачудени. Покрај директните посвети на Даглас Сирк (Марта живее на улицата „Даглас Сирк“), Фасбиндер во овој филм коинцидира и со филмовите и естетиката на Буњуел. Случајна или не, но секако парадоксално, врската со Буњуел (и со многу други филмски и театарски автори) само ја потенцира „осаменоста“ на Фасбиндер како единствена, ендемска авторска личност во светот на филмот. МАРТА е филм-одговор на феминистичкото движење што започнува во 70-тите години од минатиот век, филм во кој е прикажан женски лик што не може да се снајде во животот.

Фасбиндер за МАРТА ја доби наградата „Sutherland Trophy“ на Британскиот филмски институт.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влез слободен

 

 

5 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

СОГОРУВАЊЕ

(Le feu follet / The Fire Within)

Игран филм, Франција

1963, 108 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Луј Мал (Louis Malle)

Сценарио: Луј Мал (Louis Malle)

Улоги: Морис Роне, Лена Скерла, Жан Моро, Ивон Клеш, Ибер Дешам, Жан-Пол Мулино, Мона Дол (Maurice Ronet, Léna Skerla, Jeanne Moreau, Yvonne Clech, Hubert Deschamps, Jean-Paul Moulinot, Mona Dol)

 

Сторијата на филмот ги прикажува последните 24 часа од животот на еден самоубиец. Ален Лерој е писател кој безуспешно се обидува со помош на алкохолот да ја ублажи депресијата и болката која ја чувствува внатре, во душата. Заминува на рехабилитација во приватна клиника, каде што го лечи психијатар, па иако тоа не му помогнува вистински, прогласен е за „излечен“ и отпуштен од болницата. Лерој се обидува да најде поддршка во кругот на старите пријатели

 

Актерот Морис Роне реализира имплозивна изведба на ликот на писателот Лерој. Непоштедлив во своето портретирање на внатрешниот немир на Ален и снимен со извонредна јасност, филмот СОГОРУВАЊЕ е еден од најтемните и најличните филмови на Мал. Иако отпрвин се чини дека филмот е сосема мрачен, емпатијата со која Мал ја разработува оваа тема на публиката ќе ѝ понуди поинаков поглед на оваа исклучително чувствителна тема. Вредно е да се спомене и моќното повеќеслојно сценарио, базирано на романот на Пјер Дрие Ла Рошел (Pierre Drieu La Rochelle), кое низ извонредната невидлива камера на Жилен Клоке (Ghislain Cloquet) е надополнето со одличната монтажа на Сузан Барон (Suzanne Baron).

По меѓународно признание за неговите претходни филмови: ЉУБОВНИЦИ (Les amants) и ЗАЗИ ВО МЕТРОТО (Zazie dans le metro), Луј Мал ја шокираше публиката со филмот СОГОРУВАЊЕ – критичарите го нарекоа „продорно проучување на индивидуалната и социјалната инерција“.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

 

6 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

СЛУЧКИ ВО ЖИВОТОТ

(Le Choses de la vie / The Things of Life)

Игран филм, Франција

1990, 89 мин., колор, блуреј

Режија: Клод Соте (Claude Sautet)

Сценарио: Пол Гимар, Жан-Лу Дабади, Клод Соте (Paul Guimard, Jean-Loup Dabadie,                Claude Sautet)

Улоги: Мишел Пиколи, Роми Шнајдер, Жерар Лартиго, Леа Масари, Жан Буис (Michel Piccoli, Romy Schneider, Gérard Lartigau, Lea Massari, Jean Bouise)

 

Пјер (Мишел Пиколи), архитект, доживува сообраќајна несреќа возејќи се со својот автомобил на патот кон Рен. Додека го спасуваат од смачканиот автомобил, тој во полусвесна состојба се сеќава на неговиот живот. Неговите сеќавања, поточно случки од животот, се поврзани со прекрасната сопруга Катрин (Леа Масари, актерка запаметена како девојката што исчезнува во L’AVENTURA), шармантната љубовница (Роми Шнајдер), интелигентниот и симпатичен син (Жерар Лартиго), одличниот стан, викендицата на село, прекрасниот мал брод за крстарење и брз спортски автомобил

Но, се разбира, ништо не е вечно. Пјер ја запоставил сопругата која сега има љубовник. Но, исто така, тој не ѝ е баш верен и на својата љубовница, па таа веќе има сериозен додворувач. Синот се обидува да создаде некаков бизнис во својата детска соба, каде произведува сложени, но бескорисни електронски апарати. На викендичката треба ѝ да се сменат старите ролетни, додека, пак, бродот можеби оваа година воопшто нема да исплови.

 

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

 

 

6 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ЕФИ БРИСТ

(Fontane Effi Briest / Effi Briest)

Игран филм, Германија,

1974, 141 мин, црно-бел, блуреј

Режија: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder)

Сценарио: Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder), според новелата на Теодор Фонтејн (Theodor Fontane)

Улоги: Хана Шигула, Волфган Шенк, Ули Ломел (Hanna Schygulla, Wolfgang Schenck, Ulli Lommel)

 

Исклучителна мелодрама, чие дејствие се случува во 19 век. Седумнаесетгодишната Ефи Брист ја мажат за баронот Фон Инстетен, кој живее во куќа за која таа верува дека е опседната од дух. Набргу добива дете, но Ефи е осамена затоа што нејзиниот маж е преокупиран со работата. По преселбата во Берлин, Ефи наоѓа смисла на својот живот, колку и да е тој жесток.

Прекрасна обработка на литературното дело на Теодор Фонтејн. Фасбиндер се придржува кон литературната предлошка, но сето тоа го подложува на својот филмски ракопис. Значи, со помош на сопствениот автентичен стил поткрепен со исклучителната црно-бела фотографија, Фасбиндер успева да направи одличен филм врз основа на познат роман типичен за деветнаесеттиот век – филм за форсираното созревање на една млада жена.

Фасбиндер со ЕФИ БРИСТ ја доби наградата „Interfilm Award“ на Берлинале, во 1974 година.

 

 

Возрасна категорија: 14 години

Влез слободен

 

 

7 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

 

РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО

(Russal customs in Gevgelija)

Документарен филм, Македонија,

1957, 22 мин, црно-бел, ХД-видео

Режија: Благоја Дрнков (Blagoja Drnkov)

Сценарио: Вера Кличкова (Vera Klichkova)

 

Документарниот филм РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО – во детали го прикажува значењето на играта, ората и адетите од Гевгелискиот крај. Во тамошните села се силно зачувани ритуалите кои водат потекло од древниот пагански период со елементи на шаманизам. Сите обичаи се поврзуваат со Русалиите, а самиот збор значи „Розалија“ – и доаѓа од цвеќето роза (трендафил), цвет најчесто, дури и култно – посветуван на мртвите. Документарниот филм е реализиран со малку мистика во пристапот, и би бил нејасен во однос на местата и дешифрирањето на обичаите – без конкретните и детални коментари на филмскиот наратор во „офф-тон“.

 

 

ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ

(Easter Folk Customs)

Документарен филм, Македонија

1954, 20 мин., црно-бел, ХД-видео

Режија: Ацо Петровски (Aco Petrovski)

Сценарио: Вера Кличкова (Vera Klichkova)

 

Прослава на Велигден во селото Грешница, Бродско (Порече) – и народните адети врзани за овој верски празник. „Преку филмот ‘Велигденски обичаи’ од Порече, Етнолошкиот музеј има за цел ги запази богатите традиции од нашата културна историја, кои ќе послужат како документ за проучување на битието на нашиот народ.“

 

 

 

МАРИОВСКА СВАДБА

(Mariovo Wedding)

Документарен филм, Македонија

1966, 55 мин., колор, ХД-видео

Режија: Вера Кличкова (Vera Klichkova)

Сценарио: Милан Ристевски (Milan Ristevski)

 

Мариовската свадба – во овој филм – ги презентира свадбарските обичаи во Мариовскиот регион од Македонија – презентирани во склоп со пред-свадбарските обичаи, како и со оние пост-свадбарски адети, по одржувањето на самата церемонија, кои траат уште една цела недела по завршувањето на свадбата. Според богатството на обичаите што произлегуваат од овој крај на Македонија, а коишто се одвиваат во рамките на свадбарските свечености, неминовно следи заклучокот дека станува збор за апсолутно изворна варијанта која останала вака архаична – пред сè поради природната географска изолација на овој крај во Македонија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 50 денари

 

 

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 

9 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 

10 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ  

12 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 

13 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 

14 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 Ч.

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 

15 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 

16 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

 

 

 

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 

17 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:00 Ч.

 

 

 

19 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

26 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА

(Les Olympiades, Paris 13e / Paris, 13th District)

Игран филм, Франција

2021, 105 мин., црно-бел, ДЦП

Режија: Жак Одијар (Jacques Audiard)

Сценарио: Жак Одијар, Никола Ливеки, Леа Мајсиус (Jacques Audiard, Nicolas Livecchi, Lea Mysius)

Улоги: Луси Жанг, Макита Самба, Ноеми Мерлан, Џени Бет, Камиј Леон-Фусјан (Lucie Zhang, Makita Samba, Noemie Merlant, Jehnny Beth, Camille Léon-Fucien)

 

Францускиот режисер Жак Одијар ја внесува својата типична визуелна флуентност во оваа забавна колекција на испреплетени приказни за ликовите што се спојуваат во познатиот париски „13-ти арондисман“. ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА е филм за сексипилноста која како лепило го врзува филмот и го обезбедува сврзувачкото ткиво помеѓу неговите различни сцени и неговата група ликови.

Филмот живее во немирниот копнеж пред сексот, непријатниот остаток по сексот, итноста за време на сексот и во него луѓето имаат многу секс. Емили ја запознава Камиј, на која ѝ се допаѓа Нора. Трите девојки се дружат со Амбер: тие се другари, љубовници, а понекогаш и едното и другото.

„Лезолимпиад“ (Les Olympiades) е името на високите станбени блокови во 13-тиот арондисман (кварт) на Париз, каде што главно се случува дејствието, а филмот е снимен во несентиментално црно-бело што никогаш не го прави градот да изгледа убаво. Тој е адаптиран од некои приказни во колекцијата „Убивање и умирање“ од 2015 година на американскиот стрип-уметник Адријан Томин.

Според критичарите, овој филм не кажува нешто премногу длабоко за некој од неговите ликови, но режисерот постигнува нешто многу забележливо и забавно во нивното антологизирање. На Канскиот филмски фестивал ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА ја освои наградата за најдобар композитор, Ерван Кастекс-Роне (Erwan Castex a.k.a. Rone, продуцент на електронска музика), а филмот ја доби и националната француска филмска награда „Цезар“ за најдобра оригинална музика. Филмот беше прикажуван на повеќе филмски фестивали, меѓу кои и оние во Чикаго, Хамбург и Севилја.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

19 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

20 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

26 СЕПТЕМВРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

27 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

НЕМА ДА СИ САМА

(You won’t be alone)

Игран филм, Австралија / В. Британија / Србија

2022, 108 мин., колор, ДЦП

Режија: Горан Столевски (Goran Stolevski)

Сценарио: Горан Столевски (Goran Stolevski)

Улоги: Нооми Рапас, Анамарија Маринка, Елис Енглерт, Карлото Кота, Феликс Марито, Сара Климоска, Арта Доброши, Верица Недеска, Камка Тоциновски (Noomi Rapace, Anamaria Marinca, Alice Englert, Carloto Cotta, Félix Maritaud, Sara Klimoska, Arta Dobroshi, Verica Nedeska, Kamka Tocinovski)

 

Дејствието на овој хорор-трилер филм се случува во изолирано планинско село во 19-ти век во Македонија. Младата девојка Невена е киднапирана и преобразена во вештерка од страна на прастар дух. Таа случајно убива една селанка и го зема нејзиниот лик за да види како се живее во туѓа кожа. Љубопитноста ѝ се разгорува и продолжува да ја користи оваа ужасна моќ за да разбере што значи да се биде човек. Приказната делумно била инспирирана од старата идеја дека вештерките може лесно да се претвораат во други луѓе или животни.

НЕМА ДА СИ САМА досега победи на фестивалот во Палм Спрингс (САД), а беше во конкуренција за награди на фестивалите „Санденс“ (САД) и Сиднеј (Австралија). Влијателниот филмски магазин „Варајети“ („Variety“) го смести филмот на Столевски меѓу десетте наслови што не треба да се пропуштат во 2022 година.

Потсетуваме дека неговиот краток филм „Види ја ти неа“, во кој главната улога ја толкуваше Сара Климоска, имаше голем успех на светските филмски фестивали и ја освои наградата за најдобар интернационален краток филм на „Санденс“ во 2018 година.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари

 

 

 

20 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

27 СЕПТЕМВРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

ТИТАН

(Titane)

Игран филм, Франција / Белгија

2021, 108 мин., колор, ДЦП

Режија: Жулија Дукурно (Julia Ducournau)

Сценарио: Жулија Дукурно (Julia Ducournau)

Улоги: Агат Русел, Венсан Линдон, Гаранс Марилије, Лаис Саламе, Доминик Фрот (Agathe Rousselle, Vincent Lindon, Garance Marillier, Laïs Salameh, Dominique Frot)

 

По низа необјаснети злосторства, таткото повторно се среќава со својот син, кој 10 години се води како исчезнат по една сообраќајна несреќа. Приказната се фокусира на Алексија (извонредната актерка Агат Русел), која е тоа исчезнато дете, а сега вистинска „амазонка“, дива и страствена танчерка која е во центарот на делириумскиот хорор. Таа има вградена титаниумска плоча во черепот – по споменатата автомобилска несреќа. Покрај Алексија, и нејзиниот татко Венсан (Линдон) се обидува да си го скроти телото, па во филмот паралелно се прикажуваат нивните телесни трансформации. ТИТАН е филмска бајка за возрасни исполнета со гнев, љубов и осаменост, физичка борба и ги користи необичните физички метафори за да се опише емоционалната состојба на главните ликови, воден според дефиницијата за металот титаниум: многу отпорен на топлина и корозија, со легури со висока цврстина на истегнување.

ТИТАН ја освои „Златната палма“ во Кан 2021, а Дукурно (авторка на исто така контроверзниот филм „Raw“), ги доби најдобри критики за овој филм, поделувајќи ја јавноста со оваа контроверзна филмска сторија. Филмот забележа над 110 номинации на филмските фестивали, освои 28 награди, а со него свечено беше затворено минатогодишното 42 издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Кинематограферот на ТИТАН Рубен Импенс (Ruben Impens) ја освои „Бронзената камера 300“ заради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

ПРО-ЗА БАЛКАН

21 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

КАРАУЛА

(Karaula / The Border Post)

Игран филм, Хрватска / Македонија / Србија

2006, 94 мин., колор, 35 мм

Режија: Рајко Грлиќ (Rajko Grlić)

Сценарио: Рајко Грлиќ, Анте Томиќ (Rajko Grlić, Ante Tomić)

Улоги: Сергеј Трифуновиќ, Тони Гојановиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Богдан Диклиќ, Верица Недеска, Игор Бенчина  (Sergej Trifunović, Toni Gojanović, Emir Hadžihafizbegović, Bogdan Diklić, Verica Nedeska, Igor Benčina)

 

Дејството на филмот се случува во 1987 година, на македонско-албанската граница, пред почеток на војната во бивша Југославија. Екипажот на една зафрлена караула не знае што се случува во земјата и влегува во трагикомични ситуации со локалното население од двете страни на границата. Постојано пијаниот и фрустриран поручник Сафет Пашиќ (Хаџихафизбеговиќ) заболува од сифилис и бара помош од единствениот доктор меѓу војниците, сплиќанецот Синиша Сиричевиќ (Гојановиќ). Поручникот, сакајќи да ја скрие својата болест, измислува напад на Албанците врз Југославија и го доведува целиот баталјон во воена психоза. Синиша влегува во љубовна врска со Мирјана, сопругата на Пашиќ (Недеска), неговиот најдобар другар Љуба (Трифуновиќ) сака да ја напушти војската, па изјавува дека по повод Титовата штафета ќе трча од караулата на македонско-албанската граница до Куќата на цвеќето во Белград. Работите крајно се усложнуваат откако Љуба ќе се откаже од мисијата, што ќе доведе до отворен конфликт со поручникот Пашиќ… Говорејќи за не толку дамнешното минато без носталгија и омраза, КАРАУЛА е комедија за личностите кои се наоѓаат на чекор од трагедијата.

КАРАУЛА е првиот филм по распадот на Југославија во чија продукција учествувале екипи од Србија, Македонија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Филмот е снимен според романот на Анте Томиќ, „Ништо не смее да не изненади“ („Ništa nas ne smije iznenaditi“), алузија на паролата за концептот на постојана будност на Народната одбрана на Југославија од можна агресија однадвор.

Проекцијата на КАРАУЛА е во рамки на книжевниот фестивал ПРО-ЗА БАЛКАН и на неа ќе присуствува режисерот Рајко Грлиќ. Модератор на разговорот со Грлиќ ќе биде писателот Александар Прокопиев.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

 

 

МЕДИУМСКИ ФЕСТИВАЛ СКОПЈЕ (MEDIA FESTIVAL SKOPJE)

22 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

23 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

24 СЕПТЕМВРИ (САБОТА), 20:00 ч.

 

Филмови, дебати, работилници посветени на медиумите и новинарството се на програмата на шестото издание на Медиумскиот фестивал Скопје.

Настанот е организиран од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, и претставува комбинација од филмски проекции, дебати, панел дискусии и работилници кои се фокусираат на влијанието на истражувачкото новинарство, а исто така ја подигаат свеста за различни прашања и предизвици во медиумскиот свет.

МФС е исто така замислен како настан на кој новинарите, филмските и медиумските професионалци во регионот и од странство можат да се поврзат и развиваат идни приказни и филмови, како и да ја едуцираат и информираат јавноста за новите трендови на светската медиумска сцена.

Фестивалот започна како Истражувачки филмски фестивал Скопје, а од минатата година прерасна во Медиумски фестивал Скопје за да вклучи што повеќе теми од променливиот свет на современите медиуми. Годинешната програма повторно вклучува бројни говорници од земјава и странство а содржи и разни дискусии, работилници како и интересна филмска програма.

Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик.

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА е организација која се залага за промоција, градење капацитети и подобрување на професионалните стандарди во областа на истражувачкото новинарство како и подобрување на положбата на новинарките во Македонија.

Сите детали за фестивалот може да ги следите на веб-страниците: www.pina.mk и www.mfs.mk како и на нашите страници на Фејсбук: facebook.com/pina.mk,facebook.com/MediaFestivalSkopje, Твитер: twitter.com/pinamkd и Инстаграм: instagram.com/pina.mk.

 

 

28 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

29 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

30 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

ВИТЕЛ

(Vortex)

Игран филм, Франција / Белгија / Монако

2021, 142 мин., колор, ДЦП

Режија: Гаспар Ное (Gaspar Noé)

Сценарио: Гаспар Ное (Gaspar Noé)

Улоги: Дарио Арџенто, Франсоа Лебран, Алекс Луц, Килијан Дерет, Камел Беншемек, Корин Бриан (Dario Argento, Françoise Lebrun, Alex Lutz, Kylian Dheret, Kamel Benchemekh, Corinne Bruand)

 

Трогателна приказна за последните денови од животот на брачниот пар во нивниот стан во Париз. Таа, именувана како мајка (Лебран) боледува од прогресивна деменција и секогаш кога ќе излезе надвор се губи по продавниците. Тој, именуван како татко (италијанскиот режисер, актер и продуцент Арџенто), е филмски критичар кој ја пишува веројатно неговата последна книга (чија тема се соништата и кинематографијата) затоа што боледува од срцава слабост.

Авангарден како секогаш, режисерот Ное го дели екранот на два дела и паралелно ги следи нивните активности. Родителите редовно ги посетува синот Стефан (Луц) со внукот, и секогаш се вчудоневидува од прогресијата на мајчината деменција и слабоста на татко му, комбинирана со тврдоглавоста.

Контроверзниот автор Ное имал тешко мозочно крварење, но по закрепнувањето го снимил ВИТЕЛ, со кој повторно го шокираше Канскиот феститивал како со НЕПОВРАТНО („Irreversible“, 2002) и другите наслови. Со ВИТЕЛ освои награди на филмските фестивали во Сан Себастијан (Шпанија), Даблин (Ирска), Гент (Белгија), Истанбул (Турција)…

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

28 СЕПТЕМВРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

ВСЕЛЕНСКО МОМЧЕ

(SpaceBoy)

Игран филм, Белгија

2021, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Оливие Перу (Olivier Pairoux)

Сценарио: Еузебио Лареа, Оливие Перу (Еusebio Larrea, Olivier Pairoux)

Улоги: Базил Грунбергер, Албан Масон, Јаник Рение (Basile Grunberger, Albane Masson, Yannick Renier)

 

Џим е талентирано 11-годишно момче со љубов кон вселената и науката. Доселувајќи се во нов град со татко му, Џим треба да учествува на натпревар за млади научници со неговата нова соученичка Ема, која е чувствително и срамежливо девојче. И покрај нејзината неподготвеност, Џим ја убедува да го имитира проектот „Екселзиор“ на Китингер (првиот човек кој стигна до границата на вселената во 1960 година) и тајно да направи вистински воздушен балон. Џим овој талент го наследува од татка си Греам, кој е астрофизичар и кој треба да оди на вселенска мисија. Бидејќи мајката на Џим е почината, овој проект му е многу важен. Но, кога открива дека Греам се откажал без да му каже, неговиот свет се распаѓа. Натпреварот се претвора во опсесија и Џим сака да докаже дека нема да се откаже како неговиот татко. Џим ја турка Ема до нејзините граници и ја вовлекува во авантура која ќе ги зближи.

Филмот е добитник на десетина награди на фестивали за филмови за млади.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

МИНИ-ЦИКЛУС: ЖАН-ЛУЈ ТРЕНТИЊАН 

29 СЕПТЕМВРИ (ЧЕТВРТОК), 20:15 ч.

З

(Z)

Игран филм, Франција / Алжир

1969, 127 мин., колор, ХД

Режија: Коста Гаврас (Costa Gavras)

Сценарио: Коста Гаврас, Хорхе Семпрум (Costa Gavras, Jorge Semprún )

Улоги: Ив Монтан, Ирена Папас, Жан-Луј Трентињан, Жак Перан, Шарл Денер (Yves Montand, Irene Papas, Jean-Louis Trintignant, Jacques Perrin, Charles Denner )

 

Снимен според романот на Василис Василикос (Vassilis Vassilikos), „З“ на Коста Гаврас (европскиот режисер роден во Грција Konstantinos Gavras; често е потпишан како Коста-Гаврас), ја следи сторија за атентатот извршен врз мировниот активист (Монтан), а полицијата немо го следела целиот чин. Атентаторите се десничари многу блиски до владиниот естаблишмент, па затоа владата се обидува да го оневозможи нивното судење за да ги минимализира политичките штети по нејзиниот рејтинг. Судењето сепак се одржува благодарејќи на фоторепортерот (Перан) кој присуствувал на настанот, наоѓајќи лице кое било присутно и сака да сведочи, како и судија (Третињан) кој го презема случајот.

Филмот е фикционална реконструкција на транскриптите од судењето за убиството на грчкиот политичар Грегорис Ламбракис (Gregoris Lambrakis) во 1963 година: во атентатот на овој пацифистички лидер била вмешана тогашната грчка влада. Филмот на Гаврас се појавува сред политичката криза во Грција во време на владеењето на воената хунта предводена од армиските полковници (1967-1974) и има огромен публицитет во светот. „З“ доби два „Оскари“ (за најдобар странски филм – номинално како алжирски филм – и за монтажата на Франсоа Боно/Françoise Bonnot), „Златна палма“ за Трентињан и Награда на жирито за Гаврас (наградата ја добил како анонимен автор, по сопствена желба) на Канскиот фестивал, како и десеттина други награди, станувајќи синоним за политички филм и класик на европската кинематографија.

Мини-циклусот му е посветен на еден од најголемите француски и европски актери Жан-Луј Трентињан, кој почина на 17 јуни годинава на 92-годишна возраст. Имаше богата кариера долга 70 години, со 150 улоги на филм и во театар, и со наградите „Оскар“, „Цезар“, „Златна мечка“, „Златна палма“ во неговото портфолио.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

 

МИНИ-ЦИКЛУС: ЖАН-ЛУЈ ТРЕТИЊАН 

30 СЕПТЕМВРИ (ПЕТОК), 20:15 ч.

КОНЕЧНО, НЕДЕЛА!

(Vivement Dimanche! / Confidentially Yours)

Игран филм, Франција

1983, 110 мин., црно-бел, ХД

Режија: Франсоа Трифо (François Truffaut)

Сценарио: Жан Орел, Сузан Шифман, Франсоа Трифо (Jean Aurel,Suzanne Schiffman, François Truffaut)

Улоги: Фани Ардан, Жан-Луј Трентињан, Жан-Пјер Калфон, Филип Лоденбах (Fanny Ardant, Jean-Louis Trintignant, Jean-Pierre Kalfon, Philippe Laudenbach)

 

Познат и по англискиот наслов чиј превод би гласел ДОВЕРЛИВО ВАШ, филмот на Трифо ја раскажува сторијата за средовечниот Жилиен Версел (Трентињан), богат трговец со недвижности на југот на Франција. Кога еден ден лови патки на езерото, извесен човек по име Масулие (Калфон), кој лови на истото место, ќе биде застрелан. Жилиен се враќа во неговата канцеларија, несвесен за злосторството што се случило. Полицијата го бара Жилиен и тој дознава дека е главениот осомничен за убиството, бидејќи при враќањето од лов го видел автомобилот на жртвата, му пришол бидејќи му биле вклучени светлата среде ден, и ги исклучил за да не му се потроши акумулаторот. Притоа оставил отпечатоци од прстите на вратите од автомобилот. Набргу по оваа случка ќе биде убиена и сопругата на Жилиен, а се открива дека Масулие бил нејзин љубовник, па сомнежите дека Жилиен е убиецот стануваат сѐ посериозни. Но, Жилиен упорно тврди дека е невин, а во тоа верува само неговата атрактивна адвокатка Барбара Бекер (Ардан). Таа е со години вљубена во Жилиен и сака да му помогне да се извлече од целата збрка, па презема сопствена истрага за да го најде виновникот…

КОНЕЧНО, НЕДЕЛА!, кој во некои кинодистрибуции е забележан и со преводот ВЕСЕЛО В НЕДЕЛА!, бил номиниран за наградите БАФТА и „Цезар“, и е последното филмско остварување на легендарниот француски автор Трифо. Снимен според крими-романот на Чарлс Вилијамс (Charles Williams)– кој важел за еден од најдобрите писатели во тој жанр во 50-те и 60-те години од минатиот век – филмот на Трифо е замислен како посвета на нему омилениот автор Алфред Хичкок (Alfred Hitchcock), и е снимен во црно-бела техника со мастралниот Нестор Алмендрос (Néstor Almendros) зад камерата (снимател и на ИЗБОРОТ НА СОФИ/ Sophie’s Choice една година пред овој филм).

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари