НАМЕСТО ВОВЕД: ТРАНЗИЦИЈАТА ВО ДОЛГ КАДАР

На самиот почеток на февруарската филмска програма во Кинотеката (1 февруари, вторник), не случајно имаме два македонски играни филмови: СЕСТРИ на Дина Дума и САМОУНИШТУВАЊЕ на Ербил Алтанај. СЕСТРИ е дебитантски долгометражен игран филм на Дина Дума (на англиски SISTERHOOD, што може да се преведе како СЕСТРИНСТВО), кој веќе успешно чекори на фестивалите. Се закити со награда на Филмскиот фестивал во Карлови Вари во август минатата година, каде ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“, a македонската премиера ја имаше на 42. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“ – филмот на Дума го отвори фестивалот во Битола – и беше македонски кандидат за наградата „Оскар“. Филмот на младата Дина Дума – за растењето на две девојчиња во типична пост-социјалистичка средина со изместени вредности, на многу начини, се надоврзува на филмот САМОУНИШТУВАЊЕ на Ербил Алтанај од 1996 година, урбана трагикомедија за распаѓањето на семејството и „оѕверувањето“ на поединецот. Гледањето на САМОУНИШТУВАЊЕ четврт век подоцна некако можеби ќе нè потсети дека сме заглавиле во времето на транзицијата: за жал – но и за среќа на авторите – филмот сè уште е свеж, како да е снимен вчера, според актуелните новински текстови и телевизиски прилози во црните хроники…!?

Следуваат кратки филмови на уште еден млад македонски автор. Илија Павлов е комплетен автор – сценарист, режисер, директор на фотографија, монтажер – на неколку кратки, експериментални, документарни и долгометражни филмови снимени од 2014 до денес, па гледачите ќе имаат можност да видат избор од неговиот досегашен опус.

Француската кинематографија со право го носи епитетот на една од најжилавите европски филмски индустрии, најмногу поради продукциските капацитети, широкиот дијапазон на жанрови и теми, а секако и авторските потфати. Оттаму, два наслови од француската кинематографија се на кинотечната програма на почетокот на февруари: драмата со емигранти во фокусот ДЕМИЈАН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ на Ксавиер де Шодан во склоп на „Ноќта на идеите“ на Францускиот културен центар, и ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ од 1958, култна крими-драма на Луј Мал. Токму овој дебитантски филм на Мал ќе му ја трасира успешната кариера од протагонист на францускиот нов бран до автор на холивудски хитови, но ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ е клучен за подемот на Жана Моро како водечка европска актерка.

Косовската кинематографија последниве години изнедри неколку одлични автор(к)и, а меѓу нив секако е и Блерта Башоли со УЛИШТЕ, во кој продукциски учествува и Македонија. Нејзината социјална драма за премрежијата низ кои минува главната хероина, доби три награди на 38 филмски фестивал „Санденс“ во САД 2021 и е косовски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм.

Популарниот актер Виго Мортенсен, со неговиот наградуван авторски филм ОПАЃАЊЕ ја загатнува темата на семејните односи меѓу стариот конзервативен татко и неговите либерални деца, сега веќе возрасни луѓе.

Кинотечната програма во февруари репризира неколку наслови од европските продукции кои го завреднуваат вниманието на филмофилите, како и филмовите на Ањешка Холанд (Agnieszka Holland), Јан Матушински (Jan P. Matuszynski), Јан Комаса (Jan Komasa), Малгоржата Шумовска (Malgorzata Szumowska) и Томаж Василевски (Tomasz Wasilewski) од успешната НЕДЕЛА НА ПОЛСКИ ФИЛМ што се одржа во декември.

 

Преземи програма: ПРОГРАМА ФЕВРУАРИ 2022

 

 1 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

2 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

3 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

5 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.

7 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

11 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

12 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.

28 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

СЕСТРИ

(Sisterhood)

Игран филм, Македонија / Косово / Црна Гора

2021, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Дина Дума (Dina Duma)

Сценарио: Дина Дума, Мартин Иванов (Dina Duma, Martin Ivanov)

Улоги: Антонија Белазелкоска, Миа Жиро, Марија Јанчевска, Ханис Багашов, Верица Недеска (Antonija Belazelkoska, Mia Giraud, Marija Jancevska, Hanis Bagashov, Verica Nedeska)

Филмот е приказна за две млади девојки, Маја и Јана. Растат во типична постсоцијалистичка средина со изместени вредности. Нивното хоби е синхронизирано пливање. Маја е вљубена во Крис, и на една журка наместо да започнат нормална врска, Елена ѝ го презема дечкото на Маја. Елена и Крис имаат орален секс на отворено, а Маја и Јана ќе го снимат тој настан со мобилен телефон и ќе го објават на социјалните мрежи. Животот на Елена станува пекол, и по судирот со Маја и Јана се случува страшен инцидент во кој исчезнува Елена. Сите се во потрага по неа, а пријателството на Маја и Јана е доведено во прашање…

СЕСТРИ е дебитантски филм на режисерката Дина Дума. Во главните улоги настапуваат Антонија Белазелкоска како Маја, Миа Жиро како Јана, Марија Јанчевска како Елена и Ханис Багашов како Крис. Светската премиера на македонскиот игран филм „Сестри“ беше во август годинава на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“. Македонската премиера на СЕСТРИ беше на 42 ИФФК „Браќа Манаки“: филмот на Дума го отвори фестивалот на кинематограферите во Битола.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

1 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

2 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

3 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

САМОУНИШТУВАЊЕ

(Suicide Guide)

Игран филм, Македонија / Турција

1996, 97 мин., колор, 35 мм

Режија: Ербил Алтанај (Erbil Altanay)

Сценарио: Сашко Насев (Sasko Nasev)

Улоги: Јовица Михајловски, Катерина Коцевска, Оливер Митковски, Јелена Мијатовиќ Галевскa, Силвана Ерац, Бајруш Мјаку, Благоја Чоревски (Jovica Mihajlovski, Katerina Kocevska, Oliver Mitkovski, Jelena Mijatovic Galevska, Silvana Erac, Bajrus Mjaku, Blagoja Corevski)

САМОУНИШТУВАЊЕ е урбана трагикомедија чија тема е распаѓањето на семејството, кризата на поединецот врзана со духот на времето во кое се случува дејството, семејна морална драма која може да се смести и во кое било време и место. Куплунг (Јован) е таксист, човек без морални предрасуди, силеџија и љубовџија, човек што ги почитува само своите страсти. Сценариото суптилно назначува дека порано бил егзекутивец во валканите операции на комунистичката тајна служба, што само ја зголемува неговата фрустрација заради неостварениот, а посакуван општествен статус. Тој кон сопругата Стојна, работничка во фабрика, се однесува како кон сопственост, па таа ропски послушна ги исполнува неговите барања и го поднесува неговото грубо и простачко однесување. И Цоле, неговиот син студент, е малтретиран од него. Единствена слабост Куплунг покажува кон неговата љубовница Шила, кафеанска пеачка, која сепак се мажи за полицискиот инспектор Славчо (Цацко), брат на Стојна. Само тогаш Куплунг е исфрлен од шемата по која живее и веднаш бара нов сексуален објект. И Вилма, наивната девојката на Цоле, е жртва на Куплунг, можеби најтрагична: Куплунг ја силува, а таа потоа станува негова љубовница. Од оваа тајна врска Вилма забременува. При една брутална сцена на насилство на Куплунг врз Стојна, Цоле го напаѓа таткото и го удира по главата со пиштол. Куплунг потоа останува инвалид врзан за количка. Цоле се жени за Вилма, таа раѓа син, а Стојна и понатаму ропски ја поднесува судбината обременета со нови тешкотии.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

НЕЗАВИСНА ПРОДУКЦИЈА:

ИЛИЈА ПАВЛОВ

 

4 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

5 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.

7 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ

(1963: Good Night Skopje)

Документарен филм, Македонија

2020, 26 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Скопскиот земјотрес од 1963 година е една од најлошите природни катастрофи кои го погодиле главниот град на државата. Земјотресот се случи на 26 јули 1963 година, рано наутро во 05:17 часот, кога повеќето граѓани се уште спиеле во своите домови. Официјалните податоци тврдат дека барем 1.070 жители ги загубиле животите, околу 2.900 лица биле повредени, а без кров над глава останале 200.000. За да ја раскаже својата приказна за овој немил настан, авторот Павлов прави документарен колаж од инсерти од „Скопје ‘63“, како и од архивски снимки за земјотресот превземени од „Јадран филм“, Загреб, кои невлегле во финалната верзија на документарецот на Вељко Булајиќ од 1964.

 

ИЗЛЕЗ

(Exit)

Краток игран филм, Македонија

2016, 27мин., црно-бел, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Теодор е осамен математичар кој се обидува да пронајде излез од својот дом по смртта на неговата девојка Кристина. По пет години осаменички живот поминат во целосна изолација, Теодор започнува потрага по излезна каков било начин, но не сака физички да излезе од својот стан бидејќи се плаши од луѓето надвор, мислејќи дека сите се убијци и дека ќе настрада како Кристина. Тоа ќе го наведе излезот да го пронајде во својот ум, верувајќи дека тоа е единствениот начин, единствениот спас. Започнува да бара математичка формула која ќе му помогне да создаде супстанца преку која ќе го најде тој „вистински“ излез. Успева во својот експеримент и откако ќе ја исконзумира супстанцата, тој се губи во непознатото. И тогаш започнаат вистинските проблеми за Теодор, бидејќи тој имагинарен непознат свет станува негова реалност. Тој целосно го губи чувството за тоа што е реално, а што е плод на неговата фантазија, и единственото што сега го посакува е да се врати назад. Но, тоа е скоро невозможно…

 

ОД ЉУБОВ

(Out of Love)

Краток експериментален филм, Македонија

2020, 36 мин., колор / црно-бел, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Филмот е колаж од архивски снимки на урбани средини, дигитално реставрирани и манипулирани од авторот Павлов, групирани како музички видеа со музика на македонскиот автор Никтофилијак..

 

БОРЕЦ: ТОМЧЕ ПАВЛОВ

(Fighter: Tomche Pavlov)

Документарен филм, Македонија

2017, 31 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Илија Павлов

Томче Павлов е карате мајстор, некогаш бил еден од најдобрите каратисти во Европа претставувајќи ги Македонија и Југославија на многубројни светски и европски првенства во карате. Кариерата која траела активни 20 години ја завршува во 2000 година.

 

ИЗГУБЕНИ ВО ЖИВОТОТ

(Lost in Life)

Краток експериментален филм, Македонија

2015, 4 мин., колор, ДЦП

 

ДУХ

(Ghost)

Краток експериментален филм, Македонија

2014, 1 мин., колор, ДЦП

Илија Павлов (1998) е македонски уметник и писател, и комплетен автор на своите филмови (сценарио, режија, монтажа и камера). На 18 години го снимил својот прв краток филм ПОИНАКОВ СВЕТ (Different world) и со тој филм бил примен на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Словенија. Набргу потоа ја основа својата продуцентска куќа „Персона филм“ преку која ги продуцира сите свои досегашни филмови: документарните БОРЕЦ (Fighter, 2016) и 1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ (1963: Good Night Skopje, 2020), краткиот игран филм ИЗЛЕЗ (Exit, 2016), како и повеќе од 50 експериментални кратки филмови во траење од 1 до 5 минути. Во моментов работи на пост-продукција на својот дебитантски долгометражен игран филм под работен наслов ПРЕРОДБА: ГЛАСОТ НА ТИШИНАТА (Rebirth: Voice of Silence).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

Илија Павлов (1998) е македонски уметник и писател, и комплетен автор на своите филмови (сценарио, режија, монтажа и камера). На 18 години го снимил својот прв краток филм ПОИНАКОВ СВЕТ (Different world) и со тој филм бил примен на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, Словенија. Набргу потоа ја основа својата продуцентска куќа „Персона филм“ преку која ги продуцира сите свои досегашни филмови: документарните БОРЕЦ (Fighter, 2016) и 1963: ДОБРА НОЌ СКОПЈЕ (1963: GoodNight Skopje, 2020), краткиот игран филм ИЗЛЕЗ (Exit, 2016), како и повеќе од 50 експериментални кратки филмови во траење од 1 до 5 минути. Во моментов работи на пост-продукција на својот дебитантски долгометражен игран филм под работен наслов ПРЕРОДБА: ГЛАСОТ НА ТИШИНАТА (Rebirth: Voice of Silence).

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

ФРАНЦУСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР: НОЌ НА ИДЕИТЕ

4 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ДЕМИЕН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ

(Damien veut changer le monde / Adopt a Daddy)

Игран филм, Франција

2018, 99 мин., колор, блуреј

Режија: Ксавиер де Шодан (Xavier de Choudens)

Сценарио: Ксавиер де Шодан (Xavier de Choudens)

Улоги: Франк Гастамбид, Мелиса Созен, Гринж (Franck Gastambide, Melisa Sözen, Gringe)

Демиен работи во основно училиште и води тивок живот. За да ги спаси Бахзад, еден од неговите млади студенти, и неговата мајка, од скорешно протерување од земјата бидејќи се емигранти, Дамјан повторно се поврзува со милитантното минато на неговите родители и ја убедува неговата сестра Мелани – која во меѓувреме станала успешна деловна адвокатка – нејзината најдобра пријателка Руди и еден куп други ликови да го потпомогнат во неговата нова битка за опстанок. Солидаризирајќи се меѓусебно, тие ќе го прекршат законот и нивните очекувања многу бргу ќе бидат надминати…

ДЕМИЕН САКА ДА ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ беше прикажан во официјалната конкуренција на фестивалот во Истанбул 2019 година.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

8 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

9 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

10 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

23 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

24 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18.00 ч.

25 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18.00 ч.

ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ

(Ascenceur pour l’echafaud / Elevator to the Gallows)

Игран филм, Франција

1958, 91 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Луј Мал (Louis Malle)

Сценарио: Роже Нимие, Луј Мал (Roger Nimier, Louis Malle)

Улоги: Жана Моро, Морис Роне, Жорж Пужоли, Јори Бертан, Жан Вал (Jeanne Moreau, Maurice Ronet, Georges Poujouly, Yori Bertin, Jean Wall)

Снимен според романот на Ноел Калеф (Noël Calef), ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ го следи успешниот париски деловен човек Жилиен Таверние, бивш воен падобранец и ветеран од војните во Индокина и Алжир. Тој подолго време е во љубовна врска со елегантната Флоренс, сопруга на Симон, шефот на Жилиен. Не сакајќи веќе да се кријат, Жилиен и Флоренс коваат план за убиство на Симон. Иако нивниот план им се чини совршен, по убиството на Симон работите се комплицираат. Жилиен заборавил да ги скрие трагите, па оди во канцеларијата на Симон, но ќе остане заробен во лифтот кој не може да проработи дури следното утро. Флоренс нестрпливо го чека, а во меѓувреме еден млад пар ќе им му украде автомобилот на Жилиен, со кој ќе сторат злосторство, за кое ќе биде обвинет Жилиен затоа што е сопственик на автомобилот…

ЛИФТ ЗА ГУБИЛИШТЕ е добитник на националната филмска награда на Франција „Луј Делик“ за најдобар дебитантски филм и ќе стане култна крими драма што ќе ја прослави Жана Моро. Луј Мал (1932-1995) подоцна ќе биде еден од заштитните знаци на францускиот нов бран и ќе снима во САД. Остана запаметен по контроверзните наслови ЉУБОВНИЦИ (Les Amants, 1958), ДОГЛЕДАЊЕ ДЕЦА (Au revoir les enfants, 1987), СТРАСТ (Damage, 1992), ВУЈКО ВАЊА ОД 42. УЛИЦА (Vanya on 42nd Street, 1994)…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

8 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

9 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

10 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

15 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

16 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

28 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

УЛИШТЕ

(Hive)

Игран филм, Косово / Македонија / Чешка / Луксембург / Албанија

2021, 84 мин., колор, ДЦП

Режија: Блерта Башоли (Blerta Basholli)

Сценарио: Блерта Башоли (Blerta Basholli)

Улоги: Јилка Гаши, Чун Лајчи, Аурита Агуши, Кумрије Хоџа, Адриана Матоши (Yllka Gashi, Çun Lajçi, Aurita Agushi, Kumrije Hoxha, Adriana Matoshi)

Фахрије е жена чиј сопруг e исчезнат уште од војната во Косово. Таа започнува мал земјоделски бизнис за да го прехрани своето семејство во традиционалното патријархално опкружување каде на нејзината амбиција да биде еманципирана не се гледа како на позитивна работа. Нејзиниот потфат започнува добро, освен пчелите во нејзиното улиште, кои се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своето патување да се помири со пчелите, таа започнува да прави мир и со самата себе, за да може да живее и да се зајакне во новата ситуација за да се соочи со многу непријателска реалност… Филмот се базира на вистинска приказна.

УЛИШТЕ е дебитантски филм на авторката Башоли и е трикратен добитник на награда на 38 филмски фестивал „Санденс“ во САД годинава, како и официјален косовски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

11 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

19 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.

ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ

(Le voyage du prince / The Prince’s voyage)

Анимиран филм, Луксембург / Франција

2017, 77 мин., колор, ДЦП

Режија: Жан-Франсоа Лагиони, Ксавиер Пикар (Jean-François Laguionie, Xavier Picard)

Сценарио: Жан-Франсоа Лагиони, Аник Лереј (Jean-François Laguionie, Anik Leray)

Лорен, стариот принц на мајмуните, се буди на непознат брег во земјата Ниокус, на кој се насукал по бродската несреќа. Таму го пронаоѓа дванаесетгодишниот Том, чии родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во егзил: биле протерани од нивната поранешна заедница бидејќи верувале дека постојат и други мајмунски цивилизации. Принцот најпрвин ќе биде подложен на научни испитувања, а потоа во придружба на Том ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што открива непознат и волшебен свет. Но, Принцот ќе ги запознае и ригидните правила кои важат во тој необичен свет за него…

ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ е ново долгометражно остварување на водечките француски аниматори Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар, кои користат ликови од фантазијата за да раскажат приказна за предизвиците на светот во кој живееме. ПАТЕШЕСТВИЕТО НА ПРИНЦОТ беше конкурент за награда на Европскиот фестивал на фантастичниот филм во Стразбур, Франција (Strasbourg European Fantastic Film Festival), како и на други фестивали за анимирани филмови.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

12 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.

18 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

СТАКЛЕНОТО МОМЧЕ

(Glassboy)

Игран филм, Италија / Австрија / Швајцарија

2020, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Самуеле Роси (Samuele Rossi)

Сценарио: Романдо Кола, Јозела Порто, Самуел Роси (Rolando Colla, Josella Porto, Samuele Rossi)

Улоги: Андреа Ару, Лорета Гоџи, Роза Барболини (Andrea Arru, Loretta Goggi, Rosa Barbolini)

Пино Гамбаси е болно дете што страда од хемофилија и гори од нескротлива желба за слободна и бескрајна храброст. Заради болеста е наречено „стаклено момче“. Сепак, Пино решава да ја почне својата авантура во светот и да им покаже на сите дека може да живее како и секое друго дете.

СТАКЛЕНОТО МОМЧЕ е инспириран од истоимената книга на италијанскиот автор Фабрицио Силеи, добитник на Андерсоновата награда. Приказната допира важна тема, а тоа е потребата на децата да го надминат стравот од живеењето со болест, во овој случај, хемофилијата.

 

Влезница: 100 денари

Возрасна категорија: за сите возрасти

 

 

14 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

ГЛОРИЈА МУНДИ

(Gloria Mundi)

Игран филм, Франција / Италија

2019, 110 мин., колор, ДЦП

Режија: Робер Гедигијан (Robert Guédiguian)

Сценарио: Робер Гедигијан, Серж Валети (Robert Guédiguian, Serge Valletti)

Улоги: Аријан Аскарид, Жан-Пјер Дарусан, Жерар Мејлан, Ане Демустје (Ariane Ascaride, Jean-Pierre Darroussin, Gérard Meylan, Anaïs Demoustier)

По излегувањето од затвор, Даниел се враќа во куќата во Марсеј, каде што неговата ќерка Матилда штотуку се породила. Матилда работи скратено работно време во локалната продавница, а нејзиниот маж Никола е таксист: секојдневно се борат да ја пребродат сиромаштијата. Нивната социјална положба станува дури и полоша откако Никола ќе биде нападнат од други таксисти-соперници. На сцената стапува Даниел, барајќи ја правдата и подобриот живот за неговото семејство…

Филмот забалежа учество на фестивалите во Венеција 2019, Чикаго 2019, Севилја 2019…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

14 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

15 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

ОПАЃАЊЕ

(Falling)

Игран филм, В. Британија, Канада, САД

2020, 112 мин., колор, ДЦП

Режија: Виго Мортенсен (Viggo Mortensen)

Сценарио: Виго Мортенсен (Viggo Mortensen)

Улоги: Виго Мортенсен, Сверир Гуднасон, Ланс Хенриксен, Тери Чен (Viggo Mortensen, Sverrir Gudnason, Lance Henriksen, Terry Chen)

Џон живее со неговиот партнер-сопруг Ерик во Калифорнија, далеку од руралниот живот кој го оставил зад себе со години наназад. Неговиот татко Вилис, пак, е конзервативен тврдоглав човек, живее сам на изолирана фарма каде пораснал Џон. Здравјето на Вилис е нарушено и Џон го носи на Запад, надевајќи се дека тој и сестра му ќе му помогнат на нивниот татко да најде дом поблиску до нив. Нивните најдобри намери завршуваат во ќорсокак откако нивниот татко луто одбива промена на животот на било каков начин…

Авторскиот проект ОПАЃАЊЕ на познатиот актер Виго Мортенсен ја освои награди на фестивалот во Сан Себастијан (Шпанија), наградата на CinEuphoria за најдобри споредни улоги (Хенриксен и Гуднасон), и наградата за монтажа на канадското здружение на режисери, а забележа номинации за Европската филмска награда, шпанските национални награди „Гоја“, Canadian Screen Award…

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

16 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.

МАРЕ

(Mare)

Игран филм, Швајцарија / Хрватска

2020, 84 мин., колор, ДЦП

Режија: Андреа Штака (Andrea Štaka)

Сценарио: Андреа Штака (Andrea Štaka)

Улоги: Марија Шкаричиќ, Горан Навојец, Матеуш Кошчукиевич, Мирјана Карановиќ, Ивана Рошчиќ (Marija Škaričić, Goran Navojec, Mateusz Kosciukiewicz, Mirjana Karanović, Ivana Roščić)

Рутински, но со посветеност, Маре го води скромното домаќинство на своето мало семејство во Конавле, покрај аеродромот Ќилипи крај Дубровник, иако новата машина за перење не е единственото што недостасува. Со сопругот Ѓуро имаат три деца и навидум складен брак. Но, Маре е незадоволна жена, маж ѝ боледува од пострауматски воен синдром, децата се во бурен пубертет. Маре е невработена и зависи од примањата на сопругот. Кога случајна средба ќе го разгори нејзиното либидо, таа не се воздржува долго. Во соседната куќа се доселува Пјотр, градежен работник од Полска, и Маре ќе се впушти во сексуална врска со него, без обврски. Но, дали токму без никакви обврски? Нејзиното секојдневие се менува и Маре сè повеќе ја запознава непознатата жена во себе…

Шкаричиќ ги освои наградите за најдобра актерка на филмските фестивали во Сараево и во Пула за насловната улога во МАРЕ, а авторката Штака имаше три номинации за националните филмски награди на Швајцарија, нејзината родна земја.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

17 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЛИЦЕ

(Twarz / Mug)

Игран филм, Полска

2018, 91 мин., колор, ДЦП

Режија: Малгоржата Шумовска (Malgorzata Szumowska)

Сценарио: Михал Енглерт, Малгоржата Шумовска (Michal Englert, Malgorzata Szumowska)

Улоги: Матеуш Кошчукевич, Ањешка Подшадлик, Малгоржата Горол (Mateusz Kosciukiewicz, Agnieszka Podsiadlik, Malgorzata Gorol)

Дејството во филмот, делумно работен според вистинска приказна, е сместено во мал град во Полска. На 6 ноември 2010 година, во Швибоџин, западна Полска, е откриена највисоката статуа на Христос во светот, висока 36 метри без постаментот. А во 2013 година, пак, 33-годишен маж – жртва на несреќа на работното место, е подложен на првата трансплантација на лице извршена во Полска… Филмот ЛИЦЕ ги спојува овие два неформални факти во една приказна: главниот лик во трагикомедијата од полската режисерка Шумовска е Јацек, кој слуша хеви-метал музика и ги сака својата девојка и кучето. За неговото семејство, како и за повеќето сограѓани, Јацек е „чуден“. Тој работи на конструкција која треба да стане најголемата статуа на Исус во светот. Кога во една тешка несреќа потполно ќе му биде уништено лицето, Јацек е подложен на првата трансплатација на лице во земјата.

Оваа сторија за човекот кој се соочува со предрасудите на околината по трансплантацијата на лицето – ја освои „Сребрената мечка“ на Берлиналето 2018 година, а имаше и забележително учество на десетина филмски фестивали во светот.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

18 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ТЕЛО ХРИСТОВО

(Boze Cialo / Corpus Christi)

Игран филм, Полска / Франција

2019, 115 мин., колор, ДЦП

Режија: Јан Комаса (Jan Komasa)

Сценарио: Матеуш Пацевич (Mateusz Pacewicz)

Улоги: Бартош Беленија, Елиза Рицембел, Александра Коњечна, Томаш Жетек (Bartosz Bielenia, Eliza Rycembel, Aleksandra Konieczna, Tomasz Ziętek)

Сторијата на ТЕЛО ХРИСТОВО ја носи главниот јунак Даниел (Беленија), 20-годишно момче кое доживува духовна трансформација додека престојува во поправен дом. Злосторството кое го сторил го спречува да пристапи кон формалното, институционално изучување на христијанството во богословското училиште и да стане свештеник, но Даниел не се откажува од својот сон. Тој заминува во едно мало гратче, каде што работи во пиланата и се обидува да стане парохиски поп, без разлика што приватно ужива во техно-музика, секс и по малку дрога. Всушност, Даниел ги лаже мештаните дека тој е новиот свештеник, а бидејќи нема богословско образование, проповедите ги подготвува пребарувајќи по интернет. Но, кога ги открива мрачните тајни на мештаните поврзани со една трагедија, ситуацијата во селото станува напната.

Емотивната приказна на ТЕЛО ХРИСТОВО е базирана на вистинска случка, која ја тестира позицијата на црквата и религијата во современото полско и европско општество. Филмот освои педесеттина награди на светските фестивали, беше номиниран за наградите на Европската филмска академија „Феликс“ и Американската филмска академија, „Оскар“ 2020 година во категоријата за најдобар странски филм. ТЕЛО ХРИСТОВО беше во конкуренција со МЕДЕНА ЗЕМЈА на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, и јужнокорејскиот ПАРАЗИТ на Бонг Џун Хо, кој беше севкупен победник на Оскарите. Минатата година беше еден од трите кандидати за наградата „Лукс“ на Европскиот парламент. Филмот на Беленија беше и кино-хит во Полска, со речиси 1,5 милион гледачи.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

19 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.

НЕ ОСТАВАЈТЕ ТРАГИ

(Zeby nie bylo sladów / Leave No Traces)

Игран филм, Полска / Чешка / Франција

2021, 160 мин., колор, ДЦП

Режија: Јан Матушински (Jan P. Matuszynski)

Сценарио: Каја Кравчек-Внук, Цезаре Лазаревич (Kaja Krawczyk-Wnuk, Cezary Lazarewicz)

Улоги: Томаш Жетек, Сандра Коржењак, Јацек Брачак (Tomasz Zietek, Sandra Korzeniak, Jacek Braciak)

Полска во 1983 година, ерата на воена состојба која ја воведуваат комунистичките власти за да ја сузбијат активноста на движењето „Солидарност“. На 12 мај, студентот Гжегож Пжемик, син на опозициската поетеса Барбара Садовска, е уапсен и брутално претепан од полициска патрола. Пжемик умира по два дена агонија. Единствен сведок на смртоносното тепање е еден од колегите на Гжегож, Јурек Попиел, кој решава да се бори за правда и да сведочи против полицијата. Првично, државниот апарат и полицијата го минимизира случајот. Меѓутоа, кога над 20 илјади луѓе ќе маршираат низ улиците на Варшава зад ковчегот на Пжемик, властите одлучуваат да употребат секакви алатки против сведокот и мајката на починатиот за да ги дискредитираат и да го спречат Јурек да сведочи на суд.

Филмот на Матушински беше во конкуренција на престижното Биенале во Венеција 2021, победи на фестивалот во Котбус (Германија), доминираше на националниот полски филмски фестивал и беше дел од конкуренцијата на фестивалите во Хаифа (Израел) и Лисабон (Португалија). НЕ ОСТАВАЈТЕ ТРАГИ е полски кандидат за наградата „Оскар“ во 2022 година.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

21 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

22 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.

ВЕРНОСТ

(Le Fidele / Racer and the Jailbird)

Игран филм, Белгија / Франција / Холандија

2018, 130 мин., колор, ДЦП

Режија: Михаел Роскам (Michaël R. Roskam)

Сценарио: Томас Бидеген, Ное Дебре, Михаел Роскам (Thomas Bidegain, Noé Debré, Michaël R. Roskam)

Улоги: Матијас Шоненаертс, Адел Егзархопулос, Ерик де Штарке (Matthias Schoenaerts, Adèle Exarchopoulos, Eric De Staercke)

Приказна за трагичната љубов меѓу Жижи, гангстерски шеф, и Биби, млада девојка – возач на тркачки автомобили, која му припаѓа на високиот сталеж, раскажана во заднината на бруталното владеење на бандите во Брисел. Но, Жижи крие една тајна што може да го загрози животот на луѓето околу него. Затоа Жижи и Биби мора да се борат против судбината, разумот и сопствените слабости за да ја спасат својата љубов.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

21 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:15 ч.

СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ НА ЉУБОВТА

(Zjednoczone Stany Miłości / United States of Love)

Игран филм, Полска / Шведска

2016, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Томаш Василевски (Tomasz Wasilewski)

Сценарио: Томаш Василевски (Tomasz Wasilewski)

Улоги: Јулија Кијовска, Mагдалена Челецка, Дорота Колак, Марта Нерадкиевич (Julia Kijowska, Magdalena Cielecka, Dorota Kolak, Marta Nieradkiewicz)

Во еуфоричната атмосфера на посткомунистичка Полска од раните 1990-ти, кратко време по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Советскиот Сојуз, четири жени доживуваат сосема поинаква реалност. Тие тонат во сè подлабок очај. Агата, млада мажена мајка, се наоѓа себеси обземена од несреќниот брак и со опсесивен занес за недостижен маж. Иза е директорка на училиште и е вљубена во таткото на нејзин ученик, но отфрлена од него. Сестрата на Иза, Марзена, некогашна победничка на изборот за убавина во 1986 година и актуелна инструкторка по аеробик, страда од долгото отсуство на нејзиниот сопруг кој работи во Германија. Слично на тоа, Рената, повлечена средовечна професорка, наоѓа утеха во нејзините распеани птици и тивок копнеж по недостижниот предмет на нејзината желба: нејзиниот сосед од соседството. За жал, додека квартетот жени е во потрага по чиста и интензивна страст на сите можни погрешни места, продорната тага на невозвратената љубов и непрекинатата болка на горчливита опсесии, линеарно ги поврзуваат. Дали болката постои во Соединетите Држави на Љубовта?

СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ НА ЉУБОВТА на Василевски забележа десеттина номинации за награди на светските фестивали, а ја освои „Сребрената мечка“ на Берлинале 2016 за најдобро сценарио и освои најмногу награди на националниот Полски филмски фестивал.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

22 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

ТРАГИ

(Spoor / Pokot)

Игран филм, Полска, Чешка, Германија, Шведска, Словачка

2017, 128 мин., колор, ДЦП

Режија: Ањешка Холанд (Agnieszka Holland)

Сценарио: Олга Токарчук, Ањешка Холанд (Olga Tokarczuk, Agnieszka Holland)

Улоги: Ањешка Мандат, Виктор Жборовски, Јакуб Гершал (Agnieszka Mandat, Wiktor Zborowski, Jakub Gierszal)

Душејко, ексцентрична пензионирана градежна инженерка, астролог и вегетаријанка, живее во мало планинско село на чешко-полската граница. Еден ден нејзините сакани кучиња исчезнуваат и Душејко не може никаде да ги најде. Неколку месеци подоцна, во една снежна ноќ, интровертниот сосед на Душејко налетува на мртвото тело на ловокрадец што живее во близина. Неговата смрт е мистериозна. Единствените траги околу телото се оние од копитата на елените… Како што одминува времето, се откриваат сè пострашни убиства. Жртвите припаѓале на локалната елита и биле страсни ловци. Душејко се обидува да ги убеди локалните полициски сили дека биле убиени од диви животни. Пронајдено е уште едно тело, а Душејко е главна осомничена, бидејќи таа последна ја видела жртвата. Кога локалната парохија ќе ја зафати пламен, а свештеникот и капеланот на локалното ловечко друштво загинуваат во пожарот, полицијата е речиси сигурна кој го сторил тоа…

ТРАГИ освои десетина награди и номинации на светските фестивали, меѓу кои и „Сребрената мечка“ на Берлинале, наградата на асоцијацијата на американските критичари и полската национална филмска награда за Холанд, наградата најдобра актерка на фестивалот во Ваљадолид (Шпанија) за Ањешка Мандат, полската национална награда за најдобар актер за Јакуб Гершал… Кинематограферката Јоланта Дилевска (Jolanta Dylewska) со ТРАГИ беше во конкуренција за награда на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

23 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.

ГОЛИ МЕЃУ ВОЛЦИ

(Nackt unter Wölfen / Naked Among Wolves)

Игран филм, Источна Германија

1963, 100 мин., црно-бел, блуреј

Режија: Франк Бејер (Frank Beyer)

Сценарио: Франк Бејер, Алфред Хиршмајер (Frank Beyer, Alfred Hirschmeier)

Улоги: Ервин Гешонек, Армин Милер-Штал, Кристин Војчик, Фред Делмар, Гери Волф (Erwin Geschonneck, Armin Mueller-Stahl, Krystyn Wójcik, Fred Delmare, Gerry Wolff)

Првиот германски филм, базиран на вистинска приказна, што ја разработува темата за животот и смртта во еден концентрационен логор. Сторијата снимена според романот на Бруно Апиц (Bruno Apitz) раскажува за организираниот отпор на политичките затвореници во концентрациониот логор Бухенвалд: кога еден затвореник шверцува дете во логорот, мажите се соочуваат со прашањето уште колку други лица ќе бидат загрозени по животот на детето. Во пролетта 1945 година меѓу затворениците од концентрациониот логор Бухенвалд се раширува веста дека американските трупи веќе ја преминале реката Рајна кај местото Ремаген. Кремер, командантот на логорот, ги задушува надежите на своите соработници дека сојузничките сили се далеку. Но, политичките затвореници во логорот, членови на комунистичката партија, создаваат тајна организација на отпорот: имаат скриено оружје и почнуваат да се подготвуваат за своето ослободување. Неочекувано, мажите гледаат дека нивните планови се загрозени. Еден полски затвореник кој дошол со транспорт од Аушвиц во Бухенвалд, во логорот прошверцувал мало дете во куфер. Додека Бохоу, водачот на партиската организација, дава наредба да се изнесе детето од логорот, неговите сопартијци Хефел и Пипиг решаваат да го скријат малото момче. Еден од офицерите на злогласниот СС-одред случајно ја открива тајната; бидејќи веста за напредокот на Американците сѐ поизвесно го навестува крајот на војната, тој одлучува да не го предаде детето – како осигурување на својата иднина – но истовремено сѐ повеќе се плаши од своите претпоставени…

ГОЛИ МЕЃУ ВОЛЦИ во 1963 година ја освои специјалната награда на Филмскиот фестивал во Москва.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез

 

24 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20.00 ч.

25 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20.00 ч.

СИГУРНОСТ (Sekuritas)

Игран филм, Швајцарија

2019, 117 мин., колор, ДЦП

Режија: Кармен Штадлер (Carmen Stadler)

Сценарио: Кармен Штадлер, Стефан Тојвизен (Carmen Stadler, Stephan Teuwissen)

Улоги: Катрин Вајт, Даниел Кацтура, Вилма Биери, Жан Девос, Дуреид Абас Гаиб (Kathrin Veith, Daniel Kasztura, Vilma Bieri, Jeanne Devos, Duraid Abbas Ghaieb)

Канцелариска зграда посакува да ѝ се случи љубовна приказна пред да ја урнат. За да ѝ се случи таква приказна избира осаменици, оние кои ја обезбедуваат зградата во ноќните часови, ги чистат тоалетите, експериментираат со рецептиили го вежбаат својот последен говор. Филмот на Штадлер е своевиден поетски и ексцентричен калеидоскоп во кој се рефлектираат копнежот, сигурноста и милозвучните звуци кои се движат низ целата зграда.

 

26 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20.00 ч.

ПРЕШЕРНОВ ДЕН: програма по повод денот на Франце Прешерн, во организација на „Словенечки Центар – Скопје“