Почитувани,

Ве покануваме на промоцијата на ДВД-изданието „Македонски кратки играни филмови“  на Кинотеката – што ќе се одржи на 25 јуни (петок) во 12.45 часот, во рамките на филмскиот фестивал „Златна рамка“.
Ова ДВД-издание е најновиот реализиран проект на Кинотеката и претставува пресек на македонската кратка играна филмска форма. Во него се сместени вкупно 31 краток игран филм, што даваат еден вид преглед на она што е создавано во македонската кинематографија – уште од нејзините повоени институционализирани почетоци па се до денес…
Кинотеката, како една од своите примарни задачи – освен прибирање, обработување, чување и заштита на филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, национално, научно, историско и друго општествено значење –  ја има задачата и да ги презентира тие материјали.
Самата промоција е дел од програмата на третото издание на филмскиот фестивал „Златна рамка“: Денови на македонски филм – во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија. Фестивалот ќе започне на 25 јуни и ќе трае три дена, до 27 јуни, под мотото „Повторно влегуваме во наш филм“.