Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и 50-годишниот јубилеј на Кинотеката на РСМ, во наредните неколку месеци фестивалот, Кинотеката и Центарот за култура Битола ќе организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.

Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ ќе се прикажуваат секоја среда од 20:00, а во Центарот за култура Битола секој понеделник од 20:00.

Ретроспективата ќе започне на 7 февруари со филмот ПЕРСОНА (1966, ИМДБ 8.1), снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Никвист, големиот Ингмар Бергман.

Вториот филм од ретроспективата (14 февруари) е ПАРИЗ, ТЕКСАС (1984, ИМДБ 8.1), снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната Камера 300 за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Милер, култниот Вим Вендерс.

Трет е британецот Роџер Дикинс со филмот ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ (1998, ИМДБ 8.1), но не хиерархиски, туку по редот на прикажувањето (21 февруари). Дикинс е двоен оскаровец, добитник на Златната Камера 300 за животен опус во 2018 година и еден од најголемите живи кинематографери. Режисери на филмот се постојаните соработници на Дикинс, браќата Џоел и Итан Коен.

Последен февруарски филм (28 февруари) од ретроспективата е ВЛЕЗИ ВО ПРАЗНИНАТА (2009, ИМДБ 7.2) снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на Златна Камера 300 во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Режисер на филмот е постојаниот соработник на Деби, француско-аргентинскиот enfant terrible Гаспар Ное.

Она што ќе го прикаже Кинотека во месец февруари изобилува со квалитет. Сè е на рамништето на 50-годишниот јубилеј на институцијата. Доволно да се појде во Кинотека, да се погледне нејзината понуда.

7 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч

ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ПЕРСОНА
(Persona)
Игран филм, Шведска
1966, 84 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Сценарио: Ингмар Бергман (Ingmar Bergman)
Кинематографер: Свен Никвист (Sven Nykvist)
Улоги: Биби Андерсон, Лив Улман (Bibi Anderson, Liv Ullman)

Познатата театарска актерка Елизабет Воглер, по преживеаниот мозочен удар, запаѓа во состојба на шок и замреност. Целосна тишина. Нејзиниот личен доктор ја советува да земе подолг одмор од професијата и да се посвети на рехабилитација. Во придружба на медицинската сестра Ана, Елизабет заминува во сопствената мала викендичка на брегот на Балтичкото море. Во текот на следните неколку недели, Ана и Елизабет развиваат посебен, по многу нешта и специфичен, взаемен емотивен однос.
Брилијантно одглумен од Лив Улман и Биби Андерсон, мајсторски снимен од редовниот соработник Свен Никвист, ПЕРСОНА е еден од најдобрите филмови на Ингмар Бергман, а дефинитивно еден од најбитните филмски ракописи на 20-тиот век. Кино модернизам на највисоко ниво, комбинација на психолошка драма, егзистенцијализам и карактеристичен скандинавски сензибилитет. Анализиран и толкуван од многу филмски теоретичари, ПЕРСОНА е своевидна целулоидна реплика на Јунговата теорија за личноста, истовремено поставувајќи повеќе прашања поврзани со природата на филмската креација. Многумина сметаат дека токму овој филм е ремек-делото на Бергман, magnum opus во рамките на експерименталното кино. ПЕРСОНА е истовремено интимен и комплексен филм кој инспирирал различни филмски дејци, од Роберт Алтман до Дејвид Линч.
Sven Vilhem Nykvist е веројатно една од најмаркантните фигури на седмата уметност. Филмски снимател препознаен по неговата минималистичка, прецизна структура на кадрите, и по играта со светлината и просторот. Работел на најпознатите филмови на неговиот пријател и колега Ингмар Бергман, за што има добиено два Оскари. Никвист е прв меѓународен добитник на наградата Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година. Редовно соработувал и со величини како Андреј Тарковски, Роман Полански, Вуди Ален, Луј Мал, Филип Кофман, Боб Рафелсон, Фолкер Шлендорф. Се потпишал и како автор на неколку документарни остварувања.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

14 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч

ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ПАРИЗ, ТЕКСАС
(Paris, Texas)
Игран филм, Германија, Франција / САД / Велика Британија
1984, 147 мин., колор, ДЦП
Режија: Вим Вендерс (Wim Wenders)
Сценарио: Л.М. Кит Карсон (L. M. Kit Carson), Сем Шепард (Sam Shepard)
Кинематографер: Роби Милер (Robby Müller)
Улоги: Хери Дин Стентон (Harry Dean Stanton), Настасја Кински (Nastassja Kinski), Дин Стоквел (Dean Stockwell), Аурор Клемен (Aurore Clément), Хантер Карсон (Hunter Carson)

Тревис (игран од Хари Дин Стентон) скита низ величествените пустински пејзажи на американскиот југозапад. Тој не се сеќава кој е и не знае за своето минато. Него го наоѓа неговиот брат Волт кој му помага да си го врати сеќавањето на животот што го имал пред да исчезне четири години претходно. Тревис има син (кој последните четири години живее со Волт), а сопругата на Тревис (која ја глуми Настасја Кински) е исчезната. Откако повторно се поврзува со син му, Тревис се обидува да го спои своето семејство и патува во Хјустон во потрага по својата отуѓена сопруга.
ПАРИЗ, ТЕКСАС е трогателна студија на карактери напишана од реномираниот американски драматург Сем Шепард. Ова е најпознатиот „road“ филм на Вендерс. Станува збор за едноставна и спора приказна – медитативно аудио визуелно патување низ американските дистописки пејзажи, преку кое Вендерс и Шепард успеваат да направат деконструкција на митовите за мажественоста и за американскиот сон.
Неверојатната глума на главниот актерски пар Хари Дин Стентон (чие лице самото е пејзаж) и Настасја Кински, фотографијата на Роби Милер и музиката на Реј Кудер го ставаат филмот меѓу најдобрите филмови на Вендерс и задолжителна филмска лектира за сите филмски сладокусци.
Кинематографер на ова прекрасно филмско остварување е можеби најпознатиот холандски и германски снимател, покојниот Роби Милер, добитник на Специјалната златна Камера 300 за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и Златната Камера 300 за животен опус во 2016 година на ИФФК „Браќа Манаки“. Во текот на неговата долга и плодна кариера, бил редовен соработник на филмовите на Вендерс и Џим Џармуш, а соработувал и со Анджеј Вајда, Барбет Шредер, Ларс фон Трир, како и со режисерите од Новиот Холивуд – Питер Богданович и Вилијам Фридкин.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 150 денари

 

 

21 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч

ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ
(The Big Lebowski)
Игран филм, САД
1998, 117 мин., колор, 35мм
Режија: Џоел Коен, Итан Коен (Joel Coen, Ethan Coen)
Сценарио: Џоел Коен, Итан Коен (Joel Coen, Ethan Coen)
Кинематографер: Роџер Дикинс (Roger Deakins)
Улоги: Џеф Бриџис, Џон Гудман, Џулиан Мур, Стив Бушеми, Дејвид Хадлстон, Џон Тортуро (Jeff Bridges, John Goodman, Julianne Moore, Steve Buscemi, David Huddleston, John Turturro)

Џеф „The Dude“ Лебовски (игран од Џеф Бриџис) е опуштен, мрзелив и страстен играч на куглање од Лос Анѓелес. Тој е жртва на напад, во кој му го уништуваат неговиот скапоцен тепих. Дознава дека нападот е поради погрешен идентитет, го помешале со милионерот кој се вика исто како него – Џеф Лебовски. Ќе замине да побара замена за својот уништен тепих и ги ангажира своите пријатели од кугланата да му помогнат.
ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ е американски филм од 1998 година, напишан, продуциран и режиран од најпознатите браќа на современиот американски филм, Џоел и Итан Коен. Филмот е крими-комедија лабаво инспирирана од делата на Рејмонд Чендлер, со сложен заплет кој на крајот не е толку важен, колку што остава простор да се развијат широка лепеза на исклучителни и неверојатни (offbeat) карактери.
ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ не поминува толку добро кај критиката во времето кога се појавува. Но, со тек на време, станува култен филм, до таа мера што во 2005 г. се основа движење/религија Дјудеизaм(Dudeism) која е посветена на ширење на филозофијата и начинот на живот на главниот лик во филмот. ГОЛЕМИОТ ЛЕБОВСКИ денеска е еден од најпрепознатливите филмови на браќата Коен, каде се присутни сите елементи од нивниот стил: ексцентрични ликови, генијални комични секвенци и духовити идиосинкратични дијалози.
Кинематографер на овој филм е Роџер Дикинс, добитник на наградата Златна Камера 300 за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2018 година и еден од најголемите живи мајстори на филмската камера. 16 пати е номиниран за Оскар за најдобра кинематографска работа, а добитник е на две статуетки Оскар. Петкратен добитник е на ASC наградата на Американското здружение на кинематограферите, како и на наградата на ASC за животен опус. Петкратен добитник е и на наградата БАФТА за најдобра кинематографска работа, како и двократен добитник на наградата Independent Spirit Award за најдобра кинематографска работа. Редовно соработува со канадскиот режисер Денис Вилнев и со британскиот режисер Сем Мендез, а соработувал и со Мартин Скорсезе и Френк Дарабонт (БЕГСТВО ОД ШОШЕНК).

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

28 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 20:00ч
ВЕЛИКАНИТЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“
ВЛЕЗИ ВО ПРАЗНИНАТА
(Enter the void)
Игран филм, САД
2009, 143 мин., колор, 35мм
Режија: Гаспар Ное (Gaspar Noé)
Сценарио: Гаспар Ное, Лусил Хаџихалиловиќ (Gaspar Noé, Lucile Hadzihalilovic)
Кинематографер: Беноа Деби (Benoît Debie)
Улоги: Натаниел Браун, Паз де ла Хуерта, Сирил Рој, Ед Спир (Nathaniel Brown, Paz de la Huerta, Cyril Roy, Ed Spear)

Младиот Оскар е Американец кој живее во Токио. Под неонските светла на велеградот, тој се занимава со ситен криминал и криумчарење на дрога. При една рација, Оскар е смртоносно погоден од полицијата. Во тој момент започнува неговaта посмртна одисеја. Неговиот дух патува во минатото, сегашноста и иднината. Присуствува на битни настани на неговите блиски, а потоа запаѓа во континуирано временски-просторно циклично повторување.
ВЛЕЗИ ВО ПРАЗНИНАТА е психоделичен приказ на животот по смртта. Најкомплексниот филм на Гаспар Ное, францускиот кино провокатор, со тек на времето стана култно остварување. Сè почесто овој интригантен кино-ракопис зазема место во листите за најдобри филмови досега во 21 век. Филмот првично е промовиран на Канскиот филмски фестивал, а по завршната пост-продукција во 2010, се најде на репертоарот на светските арт-хаус кино сали и кинотеки. Музиката во филмот игра значајна улога, и е комбинација од електронски пејзажи и психоделични звуци. Како главно влијание, Ное ги потенцира филмовите на Кенет Ангер, особено Inauguration of the Pleasure Dome, 2001 – Одисеја во Вселената на Кјубрик, и веќе подзаборавениот Snake Eyes на Брајан Де Палма.
Кинематографер на ова остварување е белгиецот Беноа Деби, добитник на наградата Златна Камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2010 година токму за кинематограферската работа на овој филм. Редовен соработник на Ное, Деби соработува и со контроверзниот американски филмаџија Хармони Корин, со Вим Вендерс, Жак Одиар, како и со Дарио Арџенто.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари