Со проекција на ЧОВЕК ОД МЕРМЕР (Czlowiek z marmuru / Man of Marble) од 1977 синоќа во Кинотеката започна Циклусот филмови на Анджеј Вајда (1926-2016).

До 22 декември (четврток) во Кинотеката ќе имаме можност да видиме избор од шест филма од (пре)богатата филмографија на Анджеј Вајда.

Шесте наслови од филмската недела посветена на Вајда хронолошки ги опфаќаат неговите рани (црно-бели) трудови КАНАЛ (Kanal) од 1957 година, ПЕПЕЛ И ДИЈАМАНТИ (Popiól i diament / The Ashes and Diamonds) од 1958, НЕВИНИ ВОЛШЕБНИЦИ (Niewinni czarodzieje / Innocent Sorceres) од 1960, ПЕПЕЛТА (Popioly / The Ashes) од 1965 (епска сага за полските легии во наполеоновите војски од почетокот на 19-ти век), споменатиот ЧОВЕК ОД МЕРМЕР и ЧОВЕК ОД ЖЕЛЕЗО (Czlowiek z zelaza / Man of Iron) од 1981.

Сам си ветив дека еднаш кога ќе имаме кино ќе ја реализирам ретроспетивата на филмовите на Анджеј Вајда. Ги имаме шестте најдобри филмови, иако со Пјотр Висоцки од полската амбасада со кого соработувавме на проектов се согласивме дека недостига еден филм, ВЕТЕНА ЗЕМЈА, но него го прикажавме пред четири години така што не сакавме да се повторуваме во таа насока, посочи директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, кој на публиката и посака да ужива во филмовите на овој голем мајстор на филмската уметност.

Од името на амбасадата на Полска во Македонија пред присутните се обрати Пјотр Висоцки, изразувајќи благодарност на Кинотеката на Македонија за интересот, соработката и реализацијата на проектот.

Анджеј Вајда е еден од нашите највредни филмски режисери и еден од ретките кој се бори и ја раскажува историјата на Полска. Ќе видите многу настани од историјата на Полска во неговите филмови, историски личности, настани. Секогаш е предизвик да се гледаат неговите филмови, бидејќи тие се на некој начин лекции по историја, нагласи Висоцки.