Јан Кадар (Ján Kadár) е чехословачки филмски режисер кој можеби не е толку звучно име како Милош Форман или Јиржи Менцел, но е сестран филмски великан со импозантна и разновидна  филмографија и живот, во кој (како и во неговите филмови) се вкрстуваат  различни  култури: чешка, словачка, унгарска, еврејска и американска.

Тој е особено битен за чехословачкиот филм, поточно, за новиот бран од почетокот на 1960-тите години, не само како филмски автор туку пред сè како филмски педагог. Јан Кадар беше професор на ФАМУ во Прага, каде им предаваше на повеќето режисери, зачетници на  чехословачкиот нов бран во 1960-тите години.

Својата кариера ја започнува по Втората светска војна со неколку документарни кратки филмови. Во 1950 година го снима  неговиот дебитански филм, комедијата КАТКА (1950). Потоа следува извонредно плодната соработка со Елмар Клос, со кого ги прави неговите најдобри филмови. Јан Кадар емигрира во САД во 1968 година каде станува професор по филмска режија (а подоцна и декан) на Американскиот филмски институт во Беверли Хилс.

Ќе имаме можност да видиме  избор од пет филма кои опфаќаат различни фази од  творештво на режисерот. Тука се филмовите од  инзворедно плодната соработка со Елмар Клос. И покрај цензурата на комунистичка Чехословачка, тие успеават да направат бескомпромисни филмови кои храбро се справуваат со моралните дилеми на едно длабоко корумпирано општество, како во минатото така и во нивното современие.

Ќе имаме можност да го видиме можеби нивниот најуспешен филм  ПРОДАВНИЦА НА ГЛАВНАТА УЛИЦА (Obchod na korze), добитник за  Оскар за најдобар странски филм во 1965 година.  Филмот ја третира контровезната тема на аријанизацијата за време на Втората светска војна во фашистичка Словачка, кога нацистите ги национализираат сите бизниси во сопственост на Евреи.

СМРТТА СЕ ВИКА ЕНГЕЛХЕН  (Smrt sa volá Engelchen) е психолошка драма во која се прикажани активностите на словачките партизани за време на Втората светска војна, без идеaлизирање, на еден десакралистичен начин со поставување на сложени морални прашања.

ОБВИНЕТ (Obžalovaný) е судска драма која речиси целосно се одвива во судница и ја открива злоупотребата на правото и врската меѓу владејачката партија и судството на повеќе нивоа со алузија на политичките судења од 1950-тите, поради што  филмот бил забранет за прикажување.

ЖЕЛБАТА НАРЕЧЕНА АНАДА (Adrift/Touha zvaná Anada)  е последниот заеднички филм на Јан Кадар и Елмар Клос. Филмот претставува бајковита романса сместена во 1920-тите на словачко-унгарската граница на  брегот на Дунав. Во филмот главните улоги ги играат великаните на југословенското глумиште Раде Марковиќ и Милена Дравиќ.

ЛАГИ КОИ МИ ГИ КАЖА ТАТКО МИ од 1975 година е еден од  неговите најуспешни филмови снимени во неговата емигрантска фаза. Во него тој се осврнува на неговото еврејско наследство,  осаменоста и воопшто на тешкотиите на  емигрантскиот живот. Филмот ја има добиено наградата Златен глобус за најдобар странски филм во 1975 година.

 

24 ФЕВРУАРИ (САБОТА) 20:00ч

ПРОДАВНИЦА НА ГЛАВНАТА УЛИЦА
(Obchod na korze)
Игран филм, Чехословачка
1965, 128 мин., Црно бел, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Ладислав Гросман, Јан Кадар, Елмар Клос (Ladislav Grosman, Ján Kadár, Elmar Klos)
Улоги: Ида Каминска, Јозеф Кронер, Хана Сливкова, Мартин Холи, Франтишек Зварик, Мартин Грегор (Ida Kamińska, Jozef Kroner, Hana Slivková, Martin Hollý, František Zvarík, Martin Gregor)

ПРОДАВНИЦА НА ГЛАВНАТА УЛИЦА од 1965 година е најуспешниот од осумте филма од плодната соработка меѓу Јан Кадар и Елмар Кос, за кој ја имаат добиено наградата Оскар за најдобар странски филм во 1965-тата година. Филмот ја третира контроверзната тема на аријанизацијта за времето на Втората светска војна во фашистичка Словачка кога нацистите ги национализираат сите бизниси во сопственост на Евреи. Главен лик е столарот Тоно, кој за да му угоди на своето амбициозно семејство, ја презема работата на „ариевски контролор“ на продавница за копчиња управувана од постара еврејска вдовица.
ПРОДАВНИЦА НА ГЛАВНАТА УЛИЦА e длабоко истражување на човечката психа во услови на тешки историски времиња со приказна која вешто балансира меѓу хуморот и трагедијата, каде мрачниот хумор ја истакнува апсурдноста на ситуацијата.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

26 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00ч

СМРТТА СЕ ВИКА ЕНГЕЛЧЕН
(Smrt sa volá Engelchen)
Игран филм, Чехословачка
1963, 129 мин., Црно бел, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Милош Фибер (Miloš Faber)
Улоги: Јан Качер (Jan Kačer)

Оваа соработка на Јан Кадар и Елмар Кос е адаптација на истоимениот, автобиографски роман од 1959 година на словачкиот писател Ладислав Муначко. Филмот претставува психолошка драма во која се прикажани активностите на словачките партизани за време на Втората светска војна, без идеaлизирање, на еден десакралистичен начин со поставување на сложени морални прашања.
Павел е чешки партизански борец во последните денови од војната. Само што се прогласува мир, Павел е застрелан во ‘рбетот и е испратен во болницата за итни случаи. Тој е парализиран и додека заздравува, деновите ги поминува лежејќи на грб. Во полусвесна состојба, се присетува на случувањата од неговиот живот за време на војната – искуството како борец на отпорот, неговите другари, борбите со Германците во словачките планини и неговата љубов, Марта. Исто така се сеќава и на германскиот офицер Енгелчен, кој е одговорен за смртта на многу пријатели на Павел и за масакрот на две планински села.
Павел чувствува вина бидејќи единицата предводена Енгелхен го извршила масакрот поради тоа што тие села ги потпомагале партизаните. Тој се одржува во живот поради можноста да заздрави и да се одмазди на нацистичкиот офицер – без разлика колку време е потребно.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

27 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК) 20:00ч

ОБВИНЕТ
(Obžalovaný)
Игран филм, Чехословачка
1964, 90 мин., Црно бел, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Владимир Валента, Јан Кадар, Елмар Клос (Vladimír Valenta, Ján Kadár, Elmar Klos)
Улоги: Владо Милер, Јиржи Менцел (Vlado Müller, Jiří Menzel)

За разлика од повеќето филмови на Кадар и Клос кои се случуваат во минатото, во овој филм тие се интересираат за нивното современие – животот во комунистичка Чехословачка во 60-тите години од минатиот век. Филмот е адаптација на романот на Ленка Хашкова. Тоа е судска драма која скоро целосно се одвива во судница, а нарацијата во голема мера се состои од изјави на сведоци.
Главен лик е „обвинетиот“ Кудрна, работлив и чесен директор на хидроцентрала. Тој, под притисок на претпоставените, ги вложува сите напори што поскоро да ја пушти во употреба новата хидроцентрала. Но, неговите подредени ја користат ситуацијата на градилиштето како можност да украдат имот, што резултира со бесење на еден од вработените.
Двајцата режисери ја трансформираат социјалистичко-конструктивистичката димензија на оригиналниот роман на Ленка Хашкова во вознемирувачко сведоштво за реалноста на социјализмот. Тоа е приказна за вината, за казната, за личната одговорност. Судењето на невиниот Кудрна ја открива злоупотребата на правото и предупредувачката врска меѓу владејачката партија и судството на повеќе нивоа со алузија на политичките судења од 1950-тите години. Ова е и една од главните причини што филмот бил забранет за прикажување. Би напоменале дека една од главните улоги во филмот ја има познатиот словачки режисер Јиржи Менцел кој го игра бранителот на Кудрна.

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

28 ФЕВРУАРИ (СРЕДА) 18:00ч

ЖЕЛБАТА НАРЕЧЕНА АНАДА
(Adrift/Touha zvaná Anada)
Игран филм, Чехословачка, САД
1971, 100 мин., колор, ДЦП
Режија: Јан Кадар, Елмар Клос (Ján Kadár, Elmar Klos)
Сценарио: Имре Ѓонѓоши, Јан Кадар, Елмар Клос (Imre Gyöngyössy Ján Kadár Elmar Klos)
Улоги: Раде Марковиќ, Милена Дравиќ, Паула Причет (Rade Markovic, Milena Dravic, Paula Pritchett)

ЖЕЛБАТА НАРЕЧЕНА АНАДА е последниот заеднички филм на Јан Кадар и Елмар Клос. Филмот е во чешко-американска копродукција и го навестува емигрирањето на Јан Кадар, кој после овој филм ја напушта Чехословачка и емигрира во САД.
Филмот е бајковита романса, инспирирана од новелата на унгарскиот писател Имре Ѓонѓеши сместена во 1920-тите години на словачко-унгарската граница. Филмот се одвива во живописен, но во исто време и интимен амбиент – брегот на Дунав. Еден ден, водите на Дунав ќе донрсат на брегот една онесвестена девојка која ја пронаоѓа сиромашниот рибар Јанош. Тој, заедно со неговата сопруга Зузка, се грижи за неа. Меѓутоа, Јанош се вљубува во мистериозната убавица.
Мистериозната мрежа на причинско-последични врски е реализирана како поетска нарација за еден љубовен триаголник, но и како приказна за љубовта, копнежот и лојалноста. Главните улоги во филмот ги играат великаните на југословенското глумиште Раде Марковиќ (Јанош) и Милена Дравиќ (Зузка).

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 150 денари

 

29 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК) 20:00ч
ЗА ХРАБРИОТ КОВАЧ
(O statečném kováři)
Игран филм, Чехословачка
1983, 78 мин., колор, ХД?
Режија: Петр Шведа (Petr Švéda)
Сценарио: Бохумил Стајнер, Јарсолав Петрик, Божена Немцова (Bohumil Steiner , Jaroslav Petřík, Bozena Němcová)
Улоги: Павел Криж, Јиржи Нот, Јан Кјонер помладиот, Владо Милер, Вилиам Полони, Петр Чепек, (Pavel Kříž , Jiří Knot , Ján Kroner Jr. , Vlado Müller , Viliam Polónyi , Petr Čepek)

ЗА ХРАБРИОТ КОВАЧ (O statečném kováři) е чешки филм од 1983 во режија на Петр Шведа. Тоа е романтична бајка, инспирирана од романот Бестрашниот Микец на Божена Немцова. Во него се раскажува за храбриот млад ковач со добро срце, Микеш, исто како и неговиот татко, сака да го види светот и да стекне искуство за животот. Тој тргнува на пат. Попат се спријателува со помошникот на мелничарот Матеј и мајсторот Ондра. Кога дознаваат за три прекрасни принцези кои мистериозно исчезнале, Микеш успева да ги убеди своите мрзливи придружници да тргнат во потрага по изгубените кралски ќерки. По долго патување полно исполнето со разни препреки, тие успеваат да откријат дека принцезите биле киднапирани од злобниот Црн Крал. Кога Микеш успева да ја надмудри грозоморната баба и да ги добие нејзините услуги во замена за нејзината искубана брада, тие успеваат да ослободат две од трите принцези. Сепак, борбата за спас на третата, најубава принцеза ќе биде многу потешка.

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари