Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски, во издание на „Антолог“, е годинешен победник за наградата „Роман на годината“. Оваа книжевна награда ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“.

„Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни, бидејки прикажуваат дека животот е полн со нијанси, па не е црно-бел, туку е полн со различни перспективи. Треба сите да се потрудиме литературата и уметноста да допрат до нашите сограѓани, бидејки така создаваме посложена перспектива за животот што нè опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни.“ – изјави лауератот Јанковски при доделувањето на наградата, истакнувајќи дека со целиот свој редовен ангажман околу доделувањето на наградите, Фондацијата успева да ја зголеми видливоста на романескната продукција во време кога литературата не е доволно застапена во јавната сфера…

Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 22-ри пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Годинава за наградата конкурираа 40 романи, а во најтесниот круг се натпреваруваа романите „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски („Антолог“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

Жири-комисијата, во состав: Оливера Николова (претседател), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски (членови) и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), ги одржуваше своите сесии во Кинотеката на С. Македонија, а името лауреатот го соопштија на прес-конференција во кафе-книжарницата „Буква“.

Романот на Јанковски е годинашен национален претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“. Поради пандемијата на „ковид-19“, свеченоста е закажана за 26 и 27 октомври во Тирана, Албанија.

Leave a comment