Сара Климоска деновиве е во Берлин, каде ќе присуствува на официјалната церемонија за доделување на наградата Shooting Stars 2021, награда за европски актери во подем. Церемонијата за доделување на наградите ќе се одржи на 14 јуни, непосредно пред проекцијата на филмот „I’m Your Man“ на марија Шредер (Maria Schrader) во рамките физичкото издание на Берлинскиот филмски фестивал.

Сара Климоска беше номинирана за оваа награда од страна на Агенцијата за филм на РСМ, која е долгогодишна членка на European Film Promotion, во чија организација е овој исклучителен проект за промоција на талентирани актери во Европа. Сара Климоска, наградата ја добива за нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов, ЛЕНА И ВЛАДИМИР, во продукција на „Минд Продукција“, според сценариото на Александар Русјаков.

Климоска е меѓу десетте актери на Shooting stars за 2021 година.

Во рамките на неколкудневниот настан – Shooting stars 2021, кој се одржа виртуелно последната недела во февруари, непосредно пред Берлинскиот филмски фестивал, сите овие актерски имиња имаа прилика да присуствуваат на состаноци, виртуелни претставувања и интервјуа со кастинг директори, агенти и продуценти.

Од С. Македонија досега оваа награда ја добиле Благој Веселинов во 2019, Наташа Петровиќ во 2011 и Лабина Митевска во 1998 година.