На 27 октомври (вторник) Кинотеката на Р.С. М. ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со неколку настани.

Кинотека ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, ученициите, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани. Годинешново мото под кое светските филмски архиви, музеи и институции поврзани со заштитата на културно наследство организираат изложби, проекции, предавања и слични настани по повод Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е „Вашиот прозорец кон светот“.

Во 12:00 ч. во Кинотеката ќе биде промовирано ДВД изданието со пет дигитално реставрирани македонски играни филмови.

Изданието ги содржи филмовите ТРИ АНИ (1959) на Бранко Бауер, ЖЕД (1971) на Димитрие Османли, МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (1971) на Ватрослав Мимица, ТАТКО (КОЛНАТИ СМЕ, ИРИНА) (1973) на Коле Ангеловски и ХАЈ-ФАЈ (1987) на Владимир Блажевски.

Филмовите во ова ДВД издание хронолошки се реализирани во распон од 28 години. За разлика од претходните ДВД изданија на дигитално реставрираните филмови од целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсениј Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот на филмови кои се дигитално реставрирани, како дел од културното наследство, беше резултат на меѓународната соработка на Кинотеката со други филмски архиви од некогашна Југославија.

Во киносалата на Кинотека во 19:00 ч. ќе се одржат проекции на филмовите ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА СУЗАНА АРСОВА (1992) на режисерот Борис Дамовски, ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, СЕЌАВАЊА (WW1 REMEMBERING) и ФОТОГРАФИЈА 20-20 на Роберт Јанкуловски, професор на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје, и МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ на Ватрослав Мимица.

ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА СУЗАНА АРСОВА (The Missing of Suzana Arsova) (21 мин.), по сценарио на Жанина Мирчевска и режија на Борис Дамовски, со Тодорка Кондова-Зафировска, Предраг Павловски и Ненад Стојановски во главните улоги, е реализиран во стилот на „лажен документарец“. Сторијата говори за исчезнатата личност со име Сузана Арсова, водена преку интервјуата со нејзините познаници, роднини и пријатели… Дигитално реставрираниот филм ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА СУЗАНА АРСОВА ќе биде дел од новото ДВД издание на Кинотеката КРАТКИ МАКЕДОНСКИ ИГРАНИ ФИЛМОВИ Vol. 1.

ФОТОГРАФИЈА 20-20 (10 мин.) е рализиран по повод 20годишнината од основањето на Македонскиот центар за фотографија (МЦФ): 20 години, 20 фотографи, 20 фотографии. Македонскиот центар за фотографија дваесет години се грижи за старата македонска фотографија преку истражување, собирање, заштита и презентација на стари фотографии и фотографски материјали. Архивот на МЦФ располага со збирка од преку 80 000 оригинални стаклени плочи, негативи на пластика и фотографии снимени од преку деведесет различни фотографи. Преку овие фотографии е прикажан дел од нашето богато културно минато. Самиот фотографски медиум ја има моќта да го зачувa минатото и да не потсетува на настани и личности кои биле дел од времето што минува. Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура на РСМ.

ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА, СЕЌАВАЊА (WW1 REMEMBERING), (30 мин.) е посветен на македонскиот фронт и на жртвите од Првата светска војна. Филмот е сниман во Македонија, Србија и Швајцарија.

МАКЕДОНСКИ ДЕЛ ОД ПЕКОЛОТ (Macedonian Part of Hell) е игран филм (1971, 102 мин., колор, ДЦП) снимен по сценарио на Ватрослав Мимица и Славко Јаневски, во режија на Ватрослав Мимица. Улогите ги толкуваат: Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Павле Вуисиќ, Фабијан Шоваговиќ, Илија Милчин, Петре Прличко, Милена Дравиќ, Нада Гешовска, Коле Ангеловски.

Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associatio

Настанот во киносалата на Кинотеката ќе се реализира според здравствените протоколи.

Leave a comment