Милтон Манаки (Авдела, Грција, 9 септември, 1882 – Битола, 5 март, 1964), заедно со неговиот постар брат Јанаки Манаки (1878-1954) биле филмските пионери во Македонија и на Балканот.

Откако Јанаки, професор по цртање и калиграфија во Јанина, отворил и фотографски дуќан, започнува заедничката работа на браќата Манаки, во ателјето каде Милтон го изучува фотографскиот занает. Во 1905 година, браќата се селат во Битола, важен политички, економски и културен центар на Балканот во тој период, и отвораат „Ателје за уметничка фотографија“.

Според сеќавањата на Милтон, во 1905 година, брат му Јанаки, од Лондон купил филмска камера, производство на компанијата „Charles Urban Trading“ – и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE, но поновите сознанија говорат дека првата филмска камера во Битола можеби стигнала година или две подоцна. Сеедно, со таа „Камера 300“ започнува и кинематографијата на Балканот…

Во филмскиот опус на браќата Манаки останале забележани голем број значајни манифестации и личности од почетокот на ХХ-от век, како и прекрасни записи за народни обичаи, верски ритуали, прослави, како што се многупознатите снимки на турските репресалии врз македонското население по Илинденското востание. Покрај работата во фотографското ателје и снимањето со филмската камера, браќата Манаки – еден период се занимавале и со киноприкажувачка дејност во нивното кино „Манаки“ – кое работело од 1921 до 1939 година.

Целокупниот фотографски и филмски опус на браќата Манаки е – без сомнение – пребогат и премногу значаен. Неговите фактографски и естетски вредности, со одминувањето на времето, се здобиваат со уште една димензија, онаа историската, и тоа не само за Македонската кинематографија, туку и многу пошироко…

Филмските и фотографските материјали на Милтон и Јанаки Манаки, одамна се филмско и културно наследство од огромна важност, и тоа не само за Македонија, туку и за поширокиот регион на Балканот и неговото соседство. Неговата конзервација, заштита и реставрација – комплексна и комплетна заштита, во понов период со дигитална технологија – е континуиран процес започнат во средината на 50-тите години од минатиот век.

Мисијата и делото на Милтон (и Јанаки) Манаки, пак, се научно-истражувачки предизвик за десетици автори, кои изминативе децении објавувале текстови за пионерите на филмската камера на Балканот. Кинотечните месечници и изданијата на Кинопис врват од анализи и согледувања за опусот на Манакиевци. Изминативе децении се објавени неколку монографии за нивното творештво. Меѓу нив се книгите „Манаќи и Битола“ на Димитар Димитровски – Такец (Битола, 1975), како и монографијата „Манаки“ на м-р Игор Старделов (Кинотека на Македонија, Скопје, 2003) – издание преведено и на турски јазик во 2014 година, како издание на Кинотеката на Македонија & ESR Film Yapim од Истанбул (книгата можете да ја преземете овде).

Во 2019 година, на годишнината на смртта на Милтон Манаки, во Кинотеката се одржа премиерата на МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, документарен филм на Роберт Јанкуловски за Јанаки и Милтон Манаки, а беше отворена изложбата на реставрирани фотографии од опусот на браќата Манаки – од истиот автор.

Манакиевци се предизвик и за авторите од регионот. На програмата на Кинотеката имавме можност да го видиме и СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ (Frații Manakia. Jurnalul unei lungi priviri înapoi / The Manakia brothers. Diary of a long look back, 2017, 90 мин., ц-б/колор, ДСП) – документарен филм по сценарио и во режија на Елиза Здру (Eliza Zdru) од Романија. Елиза, својот документарец, освен во Романија, го снимала и во Грција, Бугарија и Македонија. Дел од документарецот го снимала и на улиците на Битола, а во 2017 година, филмот СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ ја имаше честа да биде прикажан и на Интернационалниот филмски фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Говорејќи за искуството од снимањето на филмот, Здру истакнува дека во Романија, Грција, Бугарија и Македонија, каде што истражувала и го реализирала својот документарец, слушнала дека браќата Манаки си припаѓаат единствено сами на себе, и дека тие се пионери на кинематографијата на сите овие простори.

Конечно, но не и помалку битно, Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, веќе 41 години, низ разни формати: „Манакиеви средби“, Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, итн. – е значаен белег на македонската кинематографија и култура – инспирирана токму од овие пионери на филмот од Балканот.

Leave a comment