Оваа година Кинотеката, заедно со уште 75 кина во 40 земји во Европа, ќе биде дел од второто издание на проектот „Месец на европски филм“, кој е во организација на Европската филмска академија.
Почнувајќи од 1 ноември па сѐ до 9 декември, Кинотеката ќе ја реализира програмата која ќе вклучува повеќе различни филмски настани кои имаат за цел да го прослават европското филмско богатство, а со тоа и да ја зголемат домашната филмска публика која знае да препознае квалитетна филмска програма. Преку проекции на европски филмови, кои вклучуваат и значајни домашни филмски остварувања, овие последни месеци од годината ќе бидат вистински благодат за сите филмските ентузијасти кои се редовни посетители на Кинотеката.
„Месецот на европски филм“ ќе започне со проекцијата на филмовите ЛЕНА И ВЛАДИМИР на Игор Алексов, ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ на Горан Столевски и М на Вардан Тозија, по што ќе следат и ретроспективите на македонските филмски класици на 35 мм лента – ИСПРАВИ СЕ, ДЕЛФИНА, СРЕЌНА НОВА ’49, ЏИПСИ МЕЏИК и ХАЈ-ФАЈ.
Она што овој месец го прави особено интересен за сите посетители е НЕДЕЛАТА НА ШПАНСКИ ФИЛМ, која ќе трае од 15 до 20 ноември, а ќе бидат прикажани филмовите КРАВИ на Хулио Медем, ЕЛ БОЛА на Ачеро Мањас, ТЕЗА ЗА ЕДНО УБИСТВО на Хернан Годфрид, СЕДУМ МАСИ ЗА БИЛЈАРД на Грасија Керехета, како и МАМА ПОЛНИ 100 ГОДИНИ и ЕЛИСА, ЖИВОТЕ МОЈ на Карлос Саура.
Крајот на ноември ќе го одбележи ревијата филмови на македонско-словенечката режисерка, сценаристка и продуцентка Петра Селишкар, во кои се вклучени филмовите БАБИЧКИ НА РЕВОЛУЦИЈАТА, МАМА ЕВРОПА, МОЈОТ ПРЕВРТЕН СВЕТ и ТЕЛО во режија на Петра Селишкар. Дел од оваа ревија се и филмовите ДЕНОВИ НА ЛУДИЛО на Дамиан Ненадиќ и СЕ ПРАШУВАМ КОГА ЌЕ ТИ НЕДОСТИГАМ на Франческо Феи, чиј продуцент е Петра Селишкар.
Секако, на крајот на овој „Месец на европскиот филм“, а на самиот почеток на декември, последниот месец од оваа година, ќе се одржи ретроспектива од филмовите на полскиот режисер Јержи Сколимовски, чиј филм „ЕО“ минатата година доби одлични критики од филмските критичари, ја освои главната награда на Канскиот филмски фестивал, а исто така беше номиниран за престижната награда Оскар за најдобар интернационален филм.
„Месецот на европскиот филм“ е иницијатива на Европската филмска академија, а е поддржан од Програмата МЕДИА – Креативна Европа на Европската Унија, во соработка со „Еуропа Синемас, како и бројни локални партнери.