ТОМА е „имитација на животот“ на пејачот Тома Здравковиќ, и ништо повеќе. Но, и ништо помалку од одлична мелодрама, според изворната дефиниција на жанрот уште од античкиот период 

ТОМА

Игран филм, Србија, 2021, 146 мин., колор, ДЦП

Режија: Драган Бјелогрлиќ, Зоран Лисинац (Dragan Bjelogrlić, Zoran Lisinac)

Сценарио: Драган Бјелогрлиќ, Зоран Лисинац, Никола Пејаковиќ (Dragan Bjelogrlić, Zoran Lisinac, Nikola Pejaković)

Улоги: Милан Мариќ, Тамара Драгичевиќ, Петар Бенчина, Паулина Манов, Андрија Кузмановиќ, Сања Марковиќ (Milan Marić, Tamara Dragičević, Petar Benčina, Paulina Manov, Andrija Kuzmanović, Sanja Marković)

 

„Да стигнеш до крајот и да видиш што има понатаму!“, вака парафразирано гласи формулацијата на режисерот Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder) за правење добра мелодрама, по примерот на класичните наслови на Даглас Сирк (Douglas Sirk) од педесеттите години на минатиот век. Неговиот ИМИТАЦИЈА НА ЖИВОТОТ (Imitation of Life, 1959) е еден најпластичните примери за успешна мелодрама од тој период.

Но, што можеш да видиш кога ќе стигнеш до крајот? Драган Бјелогрлиќ вели – можеш да го видиш ТОМА, слободна интерпретација на животот и доживувањата на легендарниот пејач Тома Здравковиќ (1938-1991), од неговите почетоци, врвот на неговата слава, жените во кои се вљубувал и кои го инспирирале при компонирање на неговите најголеми хитови, како и сликата на некогашната југословенска естрада.

ТОМА започнува токму како во формулата на Фасбиндер-Сирк, од крајот на животот на пејачот Тома Здравковиќ (Милан Мариќ), па низ постојаните флешбекови се запознаваме со периодот на неговата рана младост, кога како момче во Лесковац ја запознава Силвана Бајрактаревиќ, тогаш пејачката во подем (Тамара Драгичевиќ). Тома се вљубува во неа, Силвана ќе му помогне да добие ангажман како кафеански пејач во Тузла, а потоа и да направи позначаен исчекор на естрадата. Никогаш нема да станат љубовници, но остануваат емоционално поврзани за цел живот: „жигот“ на невозвратената љубов секогаш ќе биде присутен во песните на Тома, без разлика на подемите и падовите во кариерата, заминувањето во САД, враќањето во татковината и медицинските третмани на почетокот на деведесеттите… И така повторно до крајот на животот на пејачот и на една ера.

Кога пред шест години почина шансониерот Арсен Дедиќ (Arsen Dedić, 1938-2015), тој заштитен знак на мултимедијален уметник на зборот и звукот во некогашна Југославија, во еден од омажите на претставниците на т.н. рок-генерација точно беше констатирано дека „не можеш да го слушаш Арсен пред да наполниш 40 години“. Кога сме кај припадниците на таа генерација – условно да ја наречеме „Балашевиќ плус“ заради неговата песна „Сметајте на нас“ („Računajte na nas“) и алузијата на програмскиот стих „Во име на сите нас родени педесет и некоја… / U ime svih nas iz pedeset i neke…“) – дури и „најчистите“ претставници на рок-идеологијата си дозволуваа(т) да бидат разгалени единствено со песните на Тома Здравковиќ од спротивниот, народњачки табор.

Во ТОМА на Бјелогрлиќ имаме два феномени. Прво, нетипичноста на песните на Тома – кои не припаѓаат потполно ниту во таборот на новокомпонираните песни, ниту во популарната забавна музика – и жилавоста на нивната популарност, низ десетици и десетици генерации, до ден денешен. И, второ, необичната постмодернистичка постапка на Бјелогрлиќ, кој со ТОМА не само што направил хит-филм, туку и инстантен култен наслов.

Можеби звучи збунувачки, бидејќи култен статус се стекнува по истекот на одреден временски период, но брзото време што го живееме произведува и „брзи“ култови. Тоа е најочигледно во „производството“ на реплики од ТОМА кои веднаш се лепат во ушите на гледачите: „Ти не ја бираш публиката, таа те бира тебе“; „Не можеш да напишеш добра песна ако не се извалкаш во кал“, „Тоа нема врска со народна музика, тоа е моја музика“… Но, кај Бјелогрлиќ имаме и реинтерпретација на една култна реплика од документарецот „Ќе се видиме во некрологот“ („Vidimo se u čitulji“) од 1994 година, филм за меѓусебните ликвидации во белградското подземје која во ТОМА гласи „Естадата е мала бара полна со крокодили!“.

Ако веќе се „гаѓаме“ со цитати и стилови, тогаш да се обидеме вака. Авторската постапка на Бјелогрлиќ е сосем нетипична реконструкција на едно подобро минато низ „страниците“ на некоја имагинарна енциклопедија на мртвите. Секако, изворите се „Подоброто минато“ („Bolja prošlost, prizori iz muzičkog života Jugoslavije 1940-1989, издадена 1989) на Петар Луковиќ (Petar Luković), збирка на интервјуа кои денес се употребуваат како алатка за „социјална археологија и антропологија“ на тлото на некогашна СФРЈ (и во која портретите на Силвана и Тома се еден до друг); и „Енциклопедија на мртвите“ („Enciklopedija mrtvih“) на легендарниот белградски писател Данило Киш (Danilo Kiš, 1935-1989), збирка раскази издадена 1983 г., која се занимава со метафизиката на животот.

„Преведено“ од големите теории на жанрот и силните наслови, Бјелогрлиќ во ТОМА непретенциозно, а сепак супериорно, си поигрува со нив. Можеби ќе изгледа претерано како споредба, но замислете си го БЕШЕ ЕДНАШ ВО АМЕРИКА (Once Upon a Time in America, 1984) на Серџо Леоне (Sergio Leone) – поточно, делови од него – и сместете ги во портрет на еден провинциски пејач кој по сите правила не би требало да стане сензационална ѕвезда, а станува легенда. Како и во БЕШЕ ЕДНАШ ВО АМЕРИКА, Бјелогрлиќ ги употребува флешбековите за да си обезбеди прилично голема комотност во раскажување на сторијата. И, да, не заборава да потсети на мострата, па една од најемотивните сцени во ТОМА е реплика – но во обратна варијанта, како одраз во огледало – на романтичната сцена од филмот на Леоне. Во ТОМА Хаџи Поповиќ (Бенчина), докторот што го лечи пејачот, на негов наговор ја носи болната сопруга Лилјана (Манов) во ресторан резервиран само за нив, за да ја чуе песната „Лилјана“, со посвета за неа, бидејќи канцерот веќе и го јаде организмот и крајот се наѕира. Во БЕШЕ ЕДНАШ ВО АМЕРИКА главниот јунак Нудлс (Роберт Де Ниро / Robert De Niro) по излегувањето од долгогодишен затвор ќе ја однесе неговата детска љубов Дебора (Елизабет Мекгаверн / Elizabeth Lee McGovern) во луксузен ресторан покрај морето (инаку, затворен преку зимската сезона) само заради романтичната вечера за нив двајца во тој грандиозен амбиент, со желба да започне сериозна љубовна врска со неа…

Таа (условно наречена) постмодернистичка постапка на Бјелогрлиќ не се занимава со „точноста“ на биографијата на Тома, бидејќи не е документарец. Пејачот Тома го паметат и го сакаат генерации и генерации гледачи, а филмот ТОМА е само збирка од фиктивни ликови. Тие ликови и настани, како и во секој добар филм, кај Бјелогрлиќ се намерно „изместени“, па потрагата по биографски извори е бесполезна. Песната „Лилјана“ е напишана седум-осум години пред времето во филмот; периките и мејкапот на актерите како да се намерно „изместени“ за постојано да му сугерираат на гледачот дека гледаат игран филм, а не документарец за пејачот. Па и редицата личности од некогашната естрада – Лепа Лукиќ, Предраг Живковиќ Тозовац, Предраг Цуне Гојковиќ, Кемал Монтено, Даворин Поповиќ – се дури карикирано претставени, сè во името на фикцијата (fiction), а не фактите (faction). Затоа и во ТОМА актерот Милан Мариќ повеќе наликува на Роберт Де Ниро од крајот на БЕШЕ ЕДНАШ ВО АМЕРИКА отколку на фотографиите и телевизиските снимки на пејачот Тома од крајот на животот.

Како и со секој успешен филм – ТОМА е рекордер по гледаноста во киносалите во регионот – ставовите на гледачите се спротивставени. Но како ретко кој наслов последниов период, ТОМА успева да мобилизира чувства и реакции. ТОМА е имитација на животот на Тома Здравковиќ, и ништо повеќе. Но, и ништо помалку од одлична мелодрама, според изворната дефиниција на жанрот уште од античкиот период: драма со музика, дело во кое се претерува во заплетот и ликовите и инсистира на емоциите…