Со проекцијата на филмот ЗВЕНИГОРА (Звeнигopа / Zvenyhora), нем игран филм (1928, 109 мин., црно-бел, ДЦП) на Александар Довженко (Alexander Dovzhenko), во летното кино на Кинотеката започна првиот настан на Амбасадата на Украина во рамките на одбележувањето на 30 -тата годишнина од нејзината независност.

Филмологот Дамјана Патчева ги поздрави гостите од Украина и гледачите, по што амбасадорката на Украина во Македонија, Н.Е. Наталија Задорожњук ги претстави филмовите на Олександр Довженко (како што го изговараат Украинците) на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ.

Амбасадорката Задорожњук посочи дека италијанските историчари на филмот го нарекуваат Довженко „Хомер на светската кинематографија“, цитирајќи го и великанот на немиот филм Чарли Чаплин, кој сметал дека најдоброто нешто што го изнедрил словенскиот свет е токму Довженко.

Пред проекцијата на ЗВЕНИГОРА, филмскиот истражувач од Националниот центар „Олександр Довженко“, филмскиот историчар Арсениј Књазков, одржа предавање насловено „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до `Довженко-центар`“ . Националниот центар „Олександар Довженко“ („Довженко-центар“) е најголемата украинска филмска архива со обемна колекција филмски материјали, која вклучува 7.000 играни филмови, документарни филмови, украински и странски анимирани филмови и илјадници архивски записи од историјата на украинската кинематографија.

Књазков во интерактивното предавање проследено со видео проекции на публиката и ја претстави кратката историја на украинската кинематографија во изминатиов век, од пионерите на филмот во 20те, преку продукциските и естетичките модели по Втората светска војна, до актуелните тенденции. Књазков повлече и интересна политичка и културолошка паралела меѓу Украина и Македонија во нивните вековни настојувања за зачувување на посебноста на јазикот и културниот (секако и филмскиот) идентитет.

Књазков посочи и интересни детали од биофилмографијата на Довженко (Александр Петрович Довженко, 1894–1956), меѓу кои и неговите дневнички записи во кои го опишува политичкиот притисок во Сталиновата ера. Довженко живеел во Москва, но единствена желба на крајот од животот му била да биде погребан во Киев: дури и Сталин да го кремирал, посакувал неговото срце да биде извадено и погребано во родната земја.

ЗВЕНИГОРА, АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА се тематски различни, но со заедничка естетска нишка, оценувани со епитетите како „чиста поезија“ и„визуелна симфонија“, посветени на украинската земја, култура и историја. Сторијата на ЗВЕНИГОРА говори за потрагата по закопаното богатство на планината, која е симболична рамка за големата историска тема на филмот – историјата на Украина од времето на Варагите (словенски назив за викиншките освојувачи во Средниот век на подрачјето на Русија, Украина, Белорусија и Византија) па сè до почетокот на граѓанската војна во Советскиот Сојуз по Октомвриската револуција во 1917 година. Авторот во ЗВЕНИГОРА користи автентични локации за прикажување на дејствието и учество на обичните украински селани во филмските улоги.

По ЗВЕНИГОРА на програмата на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЛНИ ФИЛМОВИ следуваат филмовите АРСЕНАЛ на 15 август и ЗЕМЈА на 16 август.