Февруарската филмска програма во 2021 има од сè по нешто и од сè за секого. Сеќавања на старите добри мајстори на филмскиот занает од нашата и светската кинематографија; увид во поновата домашна и странска продукција; новите остварувања за тинејџерите и најмладите гледачи; потсетување на некои по малку подзаборавени вредности кога филмот во светот – посебно Холивуд и независните продукции – трагаа по нови естетски изрази…
На почетокот на месечната програма им оддаваме почит на неодамна починатите Душан Јовановиќ и Мустафа Надаревиќ, можеби малку присутни во македонската кинематографија, но кои сепак оставиле белег. Режисерот, сценарист и драмски писател Душан Јовановиќ имаше еден од позначајните опуси на театарските сцени на просторот на некогашна Југославија во втората половина на минатиот век. Неговиот драмски текст „Ослободувањето на Скопје, пишуван како горчлив и суров „амаркорд“ на неговото детство поминато во Скопје за време на Втората светска војна, беше амблематичен наслов на тогаш актуелниот и популарен југословенски „политички театар“. Претставата на театарот во Суботица, во режија на Љубиша Ристиќ, и скопската на Драмски театар на Слободан Унковски во 1970-те години беа политичко-естетски настани par excellence.
На почетокот на 1980-те Ристиќ го основа КГПТ (Казалиште, Гледалишче, Позориште, Театар) како сејугословенски проект, и со новото видување на „Ослободувањето на Скопје“ како заштитен знак на театарот во 1982 заминаа на турнеја по театрите во САД. Трошоците за турнејата ги плати Бранимир Џони Штулиќ, фронтменот на „Азра“ од првите поголеми заработени пари; музиката на претставата беше на „Леб и сол“, кои ја изведуваа во живо на таа турнеја… Децении подоцна, во 2016-та, текстот на Јовановиќ беше конечно филмуван во македонска продукција, од Раде Шербеџија (улогата на Ѓорѓија ја смета за животно остварување во театарот) и син му Данило.
Второто сеќавање во февруарската програма е за исклучителната улога на Мустафа Надаревиќ во ИЛУЗИЈА на Светозар Ристовски. Надаревиќ беше еден од проминентните актери на ексјугословенскиот филм во 1970-те и 1980-те, и штета што го немало повеќе во македонски остварувања.
А дали ги знаете раните филмски дела на Френсис Форд Копола, пред да стане планетарно познат по култниот филмски серијал КУМ? Во февруари ќе имате можност да го видите неговиот хорор-трилер ДЕМЕНЦИЈА 13. Ќе имате можност да го видите и класичното вестерн-остварување ОДМЕТНИКОТ на холивудскиот „чудак“ Хауард Хјуз; па ПРЕСМЕТКА КАЈ О.К. КОРАЛОТ на Џон Стерџис; УЛИЦА НА ГРЕВОТ на големиот мајстор на визуелниот израз Фриц Ланг, овој пат во холивудско пакување; почетоците на „новиот Холивуд“ со ЧОВЕКОТ СО ЗЛАТНАТА РАКА на Ото Преминџер; неколку остварувања од некогаш популарниот жанр филм-ноар; а на програмата е и ГЛЕН ИЛИ ГЛЕНДА, филм на „најлошиот режисер на сите времиња“ Ед Вуд (оваа титула, сепак, сфатете ја само метафорично, бидејќи Вуд со сите негови мани одамна има култен статус кај филмофилите). Тука е и малку потценетото остварување ИНТЕРВЈУ на Федерико Фелини од неговата зрела фаза во творештвото, па ќе имате можност да ги преиспитате критичките ставови околу него.
Февруарската програма уште еднаш ќе ве потсети на најдоброто европско остварување за 2020-та според Европската филмска академија, УШТЕ ЕДНА ТУРА на Томас Винтерберг. На програмата се и македонските остварувања СТЕЛА на Стојан Вујичиќ (првиот македонски долгометражен игран филм од детскиот жанр) и ДЕДО И ВНУК на Илија Пиперковски.
Повелете во Кинотеката, и почитувајте ги здравствените протоколи.
Преземи: Кинотечна програма за Февруари
ФИЛМСКА ПРОГРАМА ФЕВРУАРИ 2021
1 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
2 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
6 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.
26 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
ЗБОГУМ МОРОНИ
(Adieu les Cons / Bye Bye Morons)
Игран филм, Франција
2020, 87 мин., колор, ДЦП
Режија: Албер Дипонтел (Albert Dupontel)
Сценарио: Албер Дипонтел, Гзавие Немо (Albert Dupontel, Xavier Nemo)
Улоги: Виржини Ефира, Албер Дипонтел, Никола Марие (Virginie Efira, Albert Dupontel, Nicolas Marié)
Тешко болната 43-годишна фризерка Сузи тргнува во потрага по детето кое била приморана да го напушти по породувањето на 15-годишна возраст. Лутајќи низ лавиринтите на администрацијата, се запознава со еден средовечен човек кој е на раб на душевно растројство, и со слеп архивист кој поседува преголем ентузијазам. Ова чудно трио тргнува на урнебесно и емотивно патување за да го најде детето на Сузи…
Филмот на Дипонтел е комедија која само во првата недела на прикажување во француските кина минатиот октомври имала половина милион гледачи. Главната улога ја толкува белгиската актерка Виржини Ефира која има неколку забележителни ролји во француските филмови последниве 5 години: СИБИЛ (Sibil), ТАА (Elle), ВИКТОРИЈА (Victoria), како и во НОЌНА СМЕНА (Police / Night Shift)… Нејзиниот глас е познат и по француската верзија на цртаната серија „Гарфилд“.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
1 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
IN MEMORIAM: ДУШАН ЈОВАНОВИЌ
ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ
(The Liberation of Skopje)
Режија: Раде Шербеџија, Данило Шербеџија (Rade Šherbeďija, Danilo Šherbeďija)
Сценарио: Душан Јовановиќ, Раде Шербеџија (Dušan Jovanović, Rade Sherbedzija)
Улоги: Раде Шербеџија, Силвија Стојановска, Луција Шербеџија, Давид Тодосовски, Небојша Глоговац (Rade Šherbeďija, Silvija Stojanovska, Lucija Šherbeďija, David Todosovski, Nebojša Glogovac)
Зоран е осумгодишно момче и низ неговите очи ја доживуваме војната, сиромаштијата и страдањата во окупираното Скопје во 1941 година од германските нацисти и бугарските фашисти. Таткото на Зоран е во партизани, а тетинот на Зоран, пак, Георги Потевски е активен член на движење на отпорот и учествува во атентатот на високиот германски офицер и во евакуација на Евреите на ослободените територии. Малата другарка на Зоран, Рената Росман, е однесена од страна на нацистите во логор заедно со нејзиниот брат Оскар и нејзината мајка Сара.
Бугарската тајна полиција го апси Георги и брутално го претепува. Тогаш неговата сопруга и тетка на Зоран, Ленче, која е во седмиот месец на својата бременост, абортира. Мајката на Зоран, Лица, флертува со германскиот офицер Ханс Милер кој се вселува во вилата на Росманови. Милер ќе интервенира во бугарската полиција и тие го пуштаат Георги од затвор. Од многу тепање во затворот, Георги има тешки повреди. На Зоран му станува јасно дека неговата мајка има некаква врска со Ханс Милер, и многу често го сонува татко му, за кого тетин му Георги вели дека наскоро ќе го ослободи Скопје. Благодарение на љубовната врска помеѓу Лица и Ханс на нејзиното семејство не му фали храна, но во моментот кога партизанската војска ќе го ослободи градот, нејзиниот љубовник Ханс ќе биде ликвидиран. Лица е понижена и е прогласена за предавник…
ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ го прикажуваме во чест на Душан Јовановиќ (1939-2021), легендарниот режисер, драматург и есеист, авторот на култниот драмски текст „Ослободувањето на Скопје“, автор на над 100 претстави, ТВ драми, есеи и куси приказни. Македонската праизведба на „Ослободувањето на Скопје“ беше во 1978 во скопскиот Драмски театар, во режија на Слободан Унковски. Претставата ги освои публиката, критиката и театарските фестивали, и доби бројни награди.
Филмот беше учесник на Пулскиот филмски фестивал, Хрватска, 2016.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
2 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
IN MEMORIAM: МУСТАФА НАДАРЕВИЌ
ИЛУЗИЈА
(Mirage)
Игран филм, Македонија
2004, 103 мин., колор, 35 мм
Режија: Светозар Ристoвски (Svetozar Ristovski)
Сценарио: Светозар Ристoвски (Svetozar Ristovski)
Улоги: Владо Јовановски, Марко Ковачевиќ, Мустафа Надаревиќ, Никола Ѓуричко (Vlado Jovanovski, Marko Kovachevikj, Mustafa Nadarević, Nikola Đuričko)
Во основа на приказната е распадот на едно семејство како резултат на транзицијата и воените дејствија низ кои минува Македонија (тоа може да биде и било која друга земја во регионов). Тинејџерот Марко расте во сосем нездрава средина: татко алкохоличар, мајката одамна изгубила контакт со реалниот свет, сестрата е егоист која ги гледа само своите интереси…
Единствената личност која му дава надеж за иднината е професорот по македонски јазик кој го охрабрува Марко да пишува поезија. Но, и оваа ситуација се покажува несоодветна за очекувањата на Марко. Неговото познанство со еден криминалец ќе го научи како да го земе законот во свои раце. Во овој филм, семејството и училиштето се користат како метафора за болното општество кое го уништува сето она што било добро и невино во Марко, одземајќи му ги соништата до толкава мерка што момчето, во еден момент, ќе сака да се одмазди.
ИЛУЗИЈА го прикажуваме во чест на Мустафа Надаревиќ (1943-2020), еден од најпопуларните ексјугословенски актери во 70-те, 80-те и 90-те години од минатиот век…
ИЛУЗИЈА беше најдобар игран филм Anchorage International Film Festival 2005 година.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
3 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
10 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
ЈАКАРИ И ВЕЛИЧЕСТВЕНОТО ПЕРО: СПЕКТАКУЛАРНОТО ПАТУВАЊЕ
(Yakari, le film / Yakari, a Spectacular Journey)
Анимиран филм, Белгија / Франција / Германија
2020, 82 мин., колор, ДЦП
Режија: Тоби Генкел, Ксавиер Џакомети (Toby Genkel, Xavier Giacometti)
Сценарио: Тоби Генкел, Ксавиер Џакомети (Toby Genkel, Xavier Giacometti)
Гласови: Дајана Амфт, Патрик Бах, Оскар Дуеб (Diana Amft, Patrick Bach, Oscar Douieb)
Индијанскиот народ Сијукси секоја есен се подготвува за преселба заради силните торнада. За таа масивна транспортна операција им е потребен секој коњ. Освен ако не се работи за Малиот Гром – нескротливото мустанг-пони кое е брзо како ветер и кое постојано им бега на Сијуксите.
Тоа ќе се случи и при оваа сезонска преселба: Јакари е најмладиот припадник на Сијуксите, кој сам тргнува во потрага по Малиот Гром. Откога ќе го најде далеку од логорот на неговите соплеменици, Јакари и Малиот Гром тргнуваат на едно возбудливо патување исполнето со авантури и опасности, минувајќи низ искушенија на непријателската територија на опасните ловци. Големиот Орел, тотемско животно, му подарува едно перо на Јакари, но и неверојатна вештина – да разговара со животните.
Јакари и Малиот Гром стануваат нераздвојни пријатели патувајќи низ прекрасните пејзажи на Северна Америка.
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
3 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
4 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
5 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
НОЌНА СМЕНА
(Police / Night Shift)
Игран филм, Франција / Белгија / Кина
2020, 98 мин., колор, ДЦП
Режија: Ан Фонтен (Anne Fontaine)
Сценарио: Клер Баре, Ан Фонтен (Claire Barré, Anne Fontaine)
Улоги: Виржини Ефира, Омар Си, Грегори Гадебоа (Virginie Efira, Omar Sy, Grégory Gadebois)
Тројца полициски службеници добиваат навидум рутинска задача: да испратат еден илегален имигрант на парискиот аеродром „Шарл Де Гол“, да го сместат во авионот што патува до неговата матична држава каде што треба да биде екстрадиран, и да почекаат авионот да полета. Меѓутоа, кога полицајците на патувањето до аеродромот ќе ја слушнат вистинската приказна на емигрантот, ќе мораат да направат тежок избор…
Зад НОЌНА СМЕНА стојат три креативни дами: Ан Фонтен како режисерка и косценаристка, Клер Баре како сценаристка, и новата ѕвезда на францускиот филм, актерката Виржини Ефира. Фонтен ни е веќепозната по биографската драма за животот на легендарната дизајнерка Коко Шанел, КОКО ПРЕД ШАНЕЛ (Coco avant Chanel), со Одри Тоту во насловната улога.
НОЌНА СМЕНА беше дел од официјалната конкуренција на Интернационалниот филмски фестивал во Квебек, Канада, 2020 г., со номинација за награда за Фонтен.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
4 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
КРАЛСТВОТО НА ШВЕДСКА
(Lyrro / Kingdom of Sweden)
Игран филм, Шведска
2018, 88 мин., колор, ДЦП
Режија: Петер Дал (Peter Dalle)
Сценарио: Петер Дал (Peter Dalle)
Улоги: Сузан Ројтер, Петер Дал, Јохан Улвесон (Suzanne Reuter, Peter Dalle, Johan Ulveson)
Човечноста отсекогаш била на потег. Понекогаш бегајќи од нешто, но честопати и во потрага по нешто друго. Шведската група комичари “Lorry gang” по 24 години направи сиквел на нивниот филм ИРОЛ (Yrrol), но овој пат се занимаваат со современа Шведска – имиграција, религија, расизам, родови улоги, стареење, туризам…
За разлика од првиот филм, во кој претежно имаше разни уникатни сцени, во овој се навраќаме на неколку ликови: Јозеф и Мари патувааат во ветената земја Содертае; група верски мисионери се обидуваат да се сложат со тоа кој треба да го каже своето мислење; постара двојка не може да ја испушти својата младост, по секоја цена…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
5 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
11 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
27 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.
ФАНТАСТИЧНОТО ВРАЌАЊЕ ВО ОЗ
(Urfin Dzhyus vozvrashchaetsya / Fantastic Return to Oz)
Анимиран филм, Русија
2019, 77 мин., колор, ДЦП
Режија: Фјодор Дмитриев (Fyodor Dmitriev)
Сценарио: Александар Бојарски, Џефри Хилтон (Aleksandr Boyarskiy, Jeffrey Hylton)
Гласови: Марк Томпсон, Алисон Ли Розенфелд, Енди Ли, Том Вајланд, Тајлер Банч (Marc Thompson, Alyson Leigh Rosenfeld, Eddy Lee, Tom Wayland, Tyler Bunch)
Година дена откако Дороти и жителите на Смарагдниот град го победиле злобниот Урфин Џус, тој повторно е гладен за моќ и се обидува да им се одмазди. Со помош на магичниот прав Урфин ги оживува дрвените војници, но за да може да го завладее Магичниот град потребни му се и сребрените папучи на Дороти, кои се скриени на сигурно место во нејзината куќа. Кога Тим ќе дојде на гости кај Дороти се покажува дека, за жал, е многу љубопитен, па ги пронаоѓа волшебните папучи. Тие ќе ги однесат Дороти и Тим во земјата Оз, а Смарагдниот град и неговите жители се повторно во опасност од налетот на Урфин…
ФАНТАСТИЧНОТО ВРАЌАЊЕ ВО ОЗ е анимирана верзија во руска продукција, со оригинален наслов ВРАЌАЊЕТО НА УРФИН ЏУС, секако инспириран од класичната детска бајка „Волшебникот од Оз“ („The Wonderful Wizard of Oz “) на Франк Баум, објавена 1900 година. Прв пат екранизирана во 1939 година, со англиски наслов THE WIZARD OF OZ и Џуди Гарланд (Judy Garland) во главната улога, бајката до ден денес доживеа десетици играни и анимирани екранизации, понекогаш со слободно толкување и надградување на настаните и ликовите од оригиналната бајка, како што е случајот и во филмот на Дмитриев.
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
6 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.
8 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
9 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
СЕЌАВАЊА ОД ИТАЛИЈА
(Made in Italy)
Игран филм, В. Британија / Италија
2020, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Џејмс Дарси (James D’Arcy)
Сценарио: Џејмс Дарси (James D’Arcy)
Улоги: Лиам Нисон, Јоланда Кетл, Михол Ричардсон, Суад Фарес (Liam Neeson, Yolanda Kettle, Micheál Richardson, Souad Faress)
Трогателна и сентиментална приказна за односот меѓу татко и син (Лиам Нисон и Михол Ричардсон, негов син и во приватниот живот и во филмот) кои заедно ја реновираат старата куќа во Тоскана, Италија.
Роберт (Нисон) е уметник и боем, кој по смртта на сопругата со отуѓениот син Џек (Ричардсон) се трудат да ја обноват старата вила во Тоскана која им ја оставила во наследство сопругата/мајката. Како што напредува обновувањето на некогашната убава вила, сега во трошна состојба, така се развиваат и односите меѓу таткото и синот, кои ги надминуваат старите пречки и недоразбирања…
MADE IN ITALY е дебитантски филм на Џејмс Дарси како режисер (тој е и сценарист), а претходно го знаеме како актер од воената филмска драма ДАНКИРК (Dunkirk, 2017) на Кристофер Нолан (Christopher Nolan). Младиот актер Михол Ричардсон, пак, е син на Лиам Нисон и починатата актерка Наташа Ричардсон, и внук на режисерот Тони Ричардсон (Tony Richardson) и актерката Ванеса Редгрејв (Vanessa Redgrave).
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари
8 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч. ,
9 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
ИНТЕРВЈУ
(Intervista)
Игран филм, Италија
1987, 105 мин., колор, ДЦП
Режија: Федерико Фелини (Federico Fellini)
Сценарио: Федерико Фелини, Џанфранко Ангелучи (Federico Fellini, Gianfranco Angelucci)
Улоги: Серџо Рубини, Антонела Понѕиани, Маурицио Меин (Sergio Rubini, Antonella Ponziani, Maurizio Mein)
Римското филмско студио „Чинечита“ (Cinecitta, на италијански јазик „Филмски град“) ја слави 50-годишнината од основањето. Телевизиска екипа од Јапонија пристигнува во студиото за да направи интервју со режисерот Федерико Фелини (се игра самиот себе си), кој се подготвува да ја снима адаптацијата на романот „Америка“ на Франц Кафка.
Фелини се сеќава на раните денови од неговата кариера, вклучително и неговата почетна посета на студиото како млад новинар во 1938 година (во интерпретација на млад актер). Фелини раскажува и за Марчело Мастројани и Анита Екберг, ѕвездите на неговото филмско ремек-дело СЛАДОК ЖИВОТ (La Dolce Vita).
Мастројани е облечен во костумот на волшебникот од стриповите Мандрак и лебди низ прозорецот, а Фелини, следен од ТВ екипата, го носи кај фонтаната „Ди Треви“, каде што со Анита Екберг ја снимиле легендарната сцената од филмот СЛАДОК ЖИВОТ во 1960 година.
ИНТЕРВЈУ имаше десетина номинации за главните европски филмски награди, а Фелини ги освои наградите на фестивалите во Кан (Франција), Москва (Русија) и италијанскиот „Златен глобус“.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари
10 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
11 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
СÈ НЕ Е ДОВОЛНО
(Lovecut / Everything Is (Not) Enough)
Игран филм, Швајцарија / Австрија
2020, 94 мин., колор, ДЦП
Режија: Илиана Естањол, Јоана Лета (Iliana Estañol, Johanna Lietha)
Сценарио: Илиана Естањол, Јоана Лета (Iliana Estañol, Johanna Lietha)
Улоги: Сара Тот, Керем Абделхамед, Макс Куес, Лука фон Шредер, Валентин Грубер, Мелиса Ирова (Sara Toth, Kerem Abdelhamed, Max Kuess, Luca von Schrader, Valentin Gruber, Melissa Irowa)
Низ три различни стории што се преплетуваат, СÈ НЕ Е ДОВОЛНО говори за три тинејџерски парови и нивните судири со идентитетот, љубовта и сексуалноста во денешното општество на социјални мрежи. Денешнината, чиј знак е дигиталноста во речиси сите пори на живеењето, брзо се менува и нуди многу можности, но и екстремни предизвици.
Доминантен наратив во филмот е визуелната снимката како исечок од животот на тинејџерите и нивните љубовни приказни. Дебитантскиот филм на младиот (и женски) сценаристичко-режисерски тандем Илиана Естањол и Јоана Лета е обид за подобро разбирање на храбрата младина на времето и социјалните прилики во кои живееме…
СÈ НЕ Е ДОВОЛНО беше учесник на филмските фестивали во Австрија и Варшава (Полска), а Илиана Естањол и Јоана Лета ја добија наградата „Max Ophüls Award“ за сценарио.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
12 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
13 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.
15 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЛЕНИК),18:00 ч.
16 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 Чч
СТЕЛА
(Stela)
Игран филм, С. Македонија / Србија / Германија
2020, 90 мин., колор, ДЦП
Режија: Стојан Вујичиќ (Stojan Vujichikj)
Сценарио: Ева Камчевска (Eva Kamchevska)
Улоги: Симеон Мони Дамевски, Дејан Лилиќ, Петар Маниќ, Тони Михајловски, Христина Поповиќ (Simeon Moni Damevski, Dejan Lilikj, Petar Manikj, Toni Mihajlovski, Hristina Popović)
СТЕЛА е приказна за едно куче-шарпланинка, едно дете и еден дедо. Откако детето Николa (Петар Маниќ, за прв пат на филм) ќе се обиде да се самоубие поради малтретирањето од врсниците на училиште, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствената која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето за да живее сам на бачилото, неволно ќе го прифати Никола, но во текот на оваа авантура ќе станат семејство, бегајќи од своето вистинско семејство.
СТЕЛА е прв македонски долгометражен игран филм од детскиот жанр и неговото дејствие се одвива во Македонија (во Скопје, потоа продолжува и во живописниот Галичник), како и во Штутгарт (Германија). СТЕЛА годинава го отвори најголемиот регионален фестивал за детски филмови „КИДС ФЕСТ“.
Возрасна категорија: за сите возрасти
Влезница: 100 денари
12 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
13 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.
15 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЛЕНИК), 20:00 ч.
16 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
ДЕДО И ВНУК
Игран филм, Македонија/Романија
2019, 85 мин., колор, ДЦП
Режија: Илија Пиперковски (Ilija Piperkovski)
Сценарио: Илија Пиперковски (Ilija Piperkovski)
Улоги: Дејан Лилиќ, Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов, Наум Цветкоски (Dejan Lilikj, Salaetin Bilal, Daniela Ivanovska, Goran Stojanoski, Blagoj Veselinov)
Приказната на филмот почнува по смртта на еден млад пациент, по што младиот доктор Никола се обидува да направи ред во животот и оди на посета кај својот дедо, кај кого последен пат бил пред 10 години.
ДЕДО И ВНУК е филм за конфликт на генерации, со контраст на моралните вредности и можности за добивање втора шанса во животот. Љубовта не е нешто кое треба да биде научено. Тоа е нешто кое веќе го имаме, но иронично е што секогаш мора одново да го научиме. Приказната е раскажана преку очите на човек кој ги цени вредностите на неговиот дедо и се бори да живее според нив…
ДЕДО И ВНУК е филм целосно снимен на локации во Охрид, од каде што потекнува и живее авторот Пиперковски.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
14 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 18:00 ч.
20 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 18:00 ч.
22 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
ОДМЕТНИКОТ
(The Outlaw)
Игран филм, САД
1943, 116 мин., црно-бел, ХД
Режија: Хауард Хјуз (Howard Hughes)
Сценарио: Џулс Фуртман (Jules Furthman)
Улоги: Џек Бјуетл, Томас Мичел, Џејн Расел, Волтер Хјустон (Jack Buetel, Thomas Mitchell, Jane Russell, Walter Huston)
ОДМЕТНИКОТ е класичен вестерн-филм во режија на еден од најчудните холивудски ликови, Хауард Хјуз. Хјуз, меѓу другото, бил и страствен авијатичар и изумител кој некое време се повлекол од Холивуд, а се вратил кон почетокот на 1940-те години со уште една верзија за вестерн-митот за легендарните ликови Били Кид и Пет Гарет (Billy Kid i Pat Garrett).
Но, ОДМЕТНИКОТ не е уште еден рутински обид за ревитализација на тој мит, бидејќи кај Хјуз причината за судирот на тие двајца револвераши од двете страни на законот е изневереното пријателство меѓу Пет и Док Холидеј (Doc Holliday), и убавата Рио МекДоналд (Rio McDonald), која ја толкува Џејн Расел. Со овој филм, практично, започнува ерата на секс-бомбата Расел.
Пет Гарет сака да му помогне на неговиот стар пријател Док Холидеј– во интерпретација на Волтер Хјустон, таткото на режисерот Џон Хјустон – кому му е украден коњот. Коњот на Холидеј завршил кај Били Кид, но тоа не го спречува Док да си го поврати назад. Во изненадувачки драмски пресврт, Били и Док стануваат пријатели, што ги заладува односите меѓу Док и Пет.
Следниот ден еден странец се обидува да го убие Пет, но е совладан од Били, кој е ранет. Пресметката е без сведоци, а бидејќи Били е вообичаено сомнителен заради неговите претходни дела, Пет сака да го уапси, но Док ќе го скрива во куќата на неговата љубовница Рио. Таа, пак, кокетира со Били, иако тој се однесува грубо со неа. Комплицираните меѓусебни односи во оваа ривалска четворка ќе се затегнат до крај кога следува нападот на Индијанците…
Делови од филмот се режирани од Хауард Хокс (Howard Hawks), кој десет години подоцна ќе ги спои Џејн Расел и Мерлин Монро (Marilyn Monroe) во комедијата МАЖИТЕ ПОВЕЌЕ ГИ САКААТ РУСОКОСИТЕ (Gentlemen Prefer Blondes). Мартин Скорсезе (Martin Scorsese), пак, во АВИЈАТИЧАРОТ (The Aviator, 2004), ќе ја опише младоста на „чудакот“ Хјуз, кого го толкува Леонардо Ди Каприо (Leonardo DiCaprio), токму од периодот на снимањето на ОДМЕТНИКОТ.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
14 ФЕВРУАРИ (НЕДЕЛА), 20:00 ч.
УШТЕ ЕДНА ТУРА
(Druk / Another Round)
Игран филм, Данска / Шведска
2020, 115 мин., колор, ДЦП
Режија: Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg)
Сценарио: Тобиас Линдхолм, Томас Винтерберг (Tobias Lindholm, Thomas Vinterberg)
Улоги: Мадс Микелсен, Томас Бо Ларсен, Ларс Ранте, Магнус Миланг (Mads Mikkelsen, Thomas Bo Larsen, Lars Ranthe, Magnus Millang)
УШТЕ ЕДНА ТУРА по седум години повторно ги спои режисерот Винтерберг и актерот Микелсен, по нивниот голем успех со ЛОВОТ (The Hunt) во 2012, со кој Микелсен ја освои „Златната палма“ на Канскиот фестивал. Винтерберг, кој заедно со Ларс фон Трир е еден од основачите на филмското движење „Догме 95“, во УШТЕ ЕДНА ТУРА гради концептуална приказна за пијанчењето на четворица разочарани и уморни интелектуалци, средношколски професори по историја, физичко воспитување, психологија и музичко образование.
Приказната за професорите тргнува од наводната теорија на еден познат психолог дека секој човек би требало да се роди со 0,5 промили алкохол во крвта, па таквата скромна опиеност би му го отворила умот за светот околу него, би му ги намалила проблемите и би му ја зголемила креативноста…
Сакајќи да ја докажат оваа теорија, четворицата професори почнуваат со експериментот – да бидат константно опиени во текот на целиот работен ден на училиште. Најкреативен и најагилен во „докажувањето“ на теоријата е професорот по историја (Микелсен): под дејство на алкохол здодевните предавања за периодот на Втората светска војна на неговите часови ги претвора во вистинско шоу, а неговите ученици се воодушевени од лекциите. УШТЕ ЕДНА ТУРА е горчлива комедија која ги открива и сериозните животни проблеми, вклучувајќи го и оној дека тагата не може да се излечи со алкохол.
Филмот на Винтерберг беше селектиран во официјалната конкуренција на годинешниот Кански фестивал, но неговото одржување во мај беше одложено. УШТЕ ЕДНА ТУРА имаше светска премиера на фестивалот во Торонто, беше победник на фестивалот во Сан Себастијан, а на крајот од 2020 година стана најдобар европски филм на доделување на наградите „Феликс“ на Европската филмска академија.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
17 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
22 ФЕВРУАРИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
26 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
УЛИЦА НА ГРЕВОТ
(Scarlet Street)
Игран филм, САД
1945, 102 мин., црно-бел, ХД
Режија: Фриц Ланг (Fritz Lang)
Сценарио: Дадли Николс, Жорж Де Ла Фушардје, АндреМуези-Еон (Dudley Nichols, Georges De La Fouchardiere, André Mouëzy-Éon)
Улоги: Едвард Џи Робинсон, Џоан Бенет, Дан Дјурјиа (Edward G. Robinson, Joan Bennett, Dan Duryea)
Крис Крос е маж во средовечна криза, и иако на раката носи златен часовник, што го добил од газдата во фирмата за 25-годишен работен стаж како благајник, не е нешто посебно богат. Една дождлива ноќ ја спасува убавата Кити од нејзиниот насилен вереник Џони. Крис е сликар-аматер, во брак со Адел, дрска сопруга, која сè уште го велича нејзиниот поранешен маж.
Кити мисли дека е богат уметник, па нејзиниот вереник ја наговара да го измамат и ограбат. Крис и Кити се спријателуваат, и Кити го наговара Крис да изнајми скап апартман, кој воедно ќе биде и сликарско ателје. Крис нема толку пари, па затоа ќе украде од фирмата. Џони ќе се обиде да ги продаде сликите што ќе ги наслика Крис со потписот на Кити. Галеристот Дејвид верува дека се работи за извонредни дела и прифаќа да ги изложи. Кога Адел во излогот на галеријата ќе ги види сликите потпишани со Кетрин Марч (Кити), го обвинува сопругот Крис дека ја копира оваа сликарка. Иронијата ќе биде поголема кога Крис, желен за било какво признание за неговата уметничка пасија, ќе прифати неговите слики да се продаваат со потписот на Кити, а за возврат тој да добие процент од заработувачката. Но, нема да добие ниту долар…
УЛИЦА НАГРЕВОТ на Фриц Ланг (1890–1976) е трилер во манир на филм-ноарот, учесник на фестивалот во Венеција. Ланг е најмаркантната авторска фигура на германскиот експресионизам во 30-те години – МЕТРОПОЛИС (Metropolis, 1927), ТЕСТАМЕНТОТ НА Д-Р МАБУЗЕ (Das Testament des Dr. Mabuse, 1933) – кој по емигрирањето во САД по доаѓањето на нацистите на власт, остави силен белег и во холивудската продукција, посебно во жанрот филм-ноар.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
17 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
25 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
СТРАВ И ЖЕЛБА
(Fear and Desire)
Игран филм, САД
1953, 62 мин., црно-бел, ХД
Режија: Стенли Кјубрик (Stanley Kubrick)
Сценарио: Хауард Саклер (Howard Sackler)
Улоги: Френк Силвера, Кенет Харп, Пол Мазурски, Вирџинија Лејт (Frank Silvera, Kenneth Harp, Paul Mazursky, Virginia Leith)
Приказната на филмот следи група војници од фиктивна (измислена) земја кои за време на војната се нашле зад непријателските линии. Полковникот Колби, водачот на групата, смислува план како да се вратат дома: ќе изградат сплав и во текот на ноќта ќе се спуштат низ речниот водотек на безбедна територија. Но, нивните планови ќе пропаднат кога ќе сретнат една млада девојка…
СТРАВ И ЖЕЛБА е првиот долгометражен игран филм на Стенли Кјубрик (1928-1999), сигурно еден од најзначајните и најинвентивни филмски автори во втората половина на минатиот век. Кјубрик сам го продуцирал филмот, собирајќи и позајмувајќи пари од пријателите и роднините. Снимањето на филмот се одвивало во Калифорнија со минимален број членови на екипата, но постојано имале технички проблеми и неколку пати го пречекориле скромниот буџет од околу 33.000 американски долари. Сеќавајќи се на неговиот прв режисерски обид многу години подоцна, Кјубрик самиот го квалификувал СТРАВ И ЖЕЛБА како „аматерска вежба“.
Филмот на Кјубрик во 2013 година беше номиниран за награда на Академијата за научно-фантастични и хорор филмови (Academy of Science Fiction, Fantasy & Horror Films, USA) во категоријата Best DVD/Blu-Ray Special Edition Release.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
18 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
ПРЕСМЕТКА КАЈ О.К. КОРАЛОТ
(Gunfight at the O.K. Corral)
Игран филм, САД
1957, 122 мин., колор, 35 мм
Режија: Џон Стерџис (John Sturges)
Сценарио: Леон Урис (Leon Uris)
Улоги: Берт Ланкастер, Кирк Даглас, Ронда Флеминг, Џо Ван Флит, Џон Ајрленд, Лајл Бетгер (Burt Lancaster, Kirk Douglas, Rhonda Fleming, Jo Van Fleet, John Ireland, Lyle Betgger)
Сторијата на овој класичниот вестерн на Стерџис се базира на најпознатата револверашка пресметка од времето на Дивиот Запад, многу пати „опеана“ во поп-културата (популарна белетристика и филмови). Синтагмата „Пресметка кај О.К. коралот“дури и денес се користи како метафоричен наслов во новинските текстови, најчесто политички коментари и анализи.
Во пресметката што се случила во гратчето Тумстоун (Tombstone, во превод: надгробна плоча, што е многу илустративно за судбината на учесниците) во Аризона при крајот на 19 век, учествувале претставниците на законот предводени од Вајат Ерп, брат му Вирџил и Док Холидеј од една, и бандата разбојници на браќата Клентон од друга страна. Ерп и Холидеј се луѓе со различен карактер: Ерп е претставник на законот, а Холидеј е заболекар од Бостон, заболен од туберколоза, кој во хаосот на Дивиот Запад ја предизвикува сопствената судбина како комарџија и револвераш.
Во екс-Југославија беа мегапопуларни т.н. рото-романи (што се купуваа во трафики) со приказни за Док Холидеј, чие мото на насловната страница гласеше „Дојде тивко и влезе во легендите!“. Иако Ерп се држи до правилата на шерифската служба, а Холидеј до некои свои кодекси на однесување на граница на законот, тие се здружуваат против разбојниците и крадци на добиток, браќата Клентон…
Филмот на Стерџис забележа две номинации за „Оскар“ и уште неколку други награди.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
18 ФЕВРУАРИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
БИЛИ КИД БЕШЕ ПАРТАЛКО
(Dirty Little Billy)
Игран филм, САД
1972, 93 мин., колор, 35 мм
Режија: Стен Драготи (Stan Dragoti)
Сценарио: Стен Драготи, Чарлс Мос (Stan Dragoti, Charles Moss)
Улоги: Мајкл Џеј Полард, Ричард Еванс, Ли Персел, Чарлс Аидмен, Дран Хемилтон, Вилард Сејџ (Michael J. Pollard, Richard Evans, Lee Purcell, Charles Aidman, Dran Hamilton, Willard Sage)
Вестернот на Драготи е повеќе реалистичен портрет лишен од сензационализам, базиран на реалните факти, за младоста на еден од најпознатите одметници од законот на Дивиот Запад, Били Кид (Billy the Kid). БИЛИ КИД БЕШЕ ПАРТАЛКО е филм за реалниот Вилијам Х. Бони (William H. Bonney), пред да стане популарниот анти-херој Били Кид.
Седумнаесетгодишниот Били Бони со мајка му и очувот доаѓаат од Њујорк во Кофивил, мало гратче во Канзас со калливи улици. Неговиот очув купил една пропадната фарма во близина на градот. Бони како градско дете не е навикнат на тешка физичка работа и е во постојан судир со очувот, кој го смета за безделник. По една кавга очувот го бркат од домот со порака дека ако се врати – ќе го убие.
Бони заминува во гратчето и ќе се најде во средиштето на судирот меѓу локалниот силеџија Голди, кој е сопственик на салун, и претставниците на законот. Бони застанува на страната на Голди, ја стекнува неговата доверба, и се дружи со него и неговата девојка, проститутката Берли. Голди го подучува Бони во пукање од револвер, а Берли во сексот: со неа го има првото сексуално искуство.
Бен Антри, љубовникот на мајка му на Бони по смртта на очувот, доаѓа во салунот на Голди со порака од жителите – Голди и Берли треба да заминат од гратчето. Во хајката Берли гине, а Голди е ранет, но успева да побегне. Бони и Голди заминуваат заедно…
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ
19 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 18:00 ч.
ДЕКАДИ
(New Order: Decades)
Документарен ТВ филм, Велика Британија
2018, 90 мин., колор, ДВД
Режија: Мајк Кристи (Mike Christie)
Сценарио: Мајк Кристи (Mike Christie)
Учествуваат:Бернард Самнер, Стивен Морис, Џилијан Гилберт (Bernard Sumner, Stephen Morris, Gillian Gilbert)
ДЕКАДИ е приказ на соработката помеѓу бендот „Њу Ордер“ и Интернационалниот фестивал во Манчестер, каде се случуваат уникатни уметнички инсталации и проекти. Филмот е истовремено полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серијата концертни настапи по европските градови која ќе следи…
ДЕКАДИ повторно го репризираме по минатогодишната премиера на отворено, со проекција во летното кино „Мирно лето“. Минатата година, СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ воведе нов концепт во фестивалот, со кој се става фокус на одерден артист на кого му се посветува изданието и му се доделува Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот. Во ланското издание, 2020 година, оваа награда му беше доделена на бендот „Њу Ордер“, и истата дирекцијата на Фестивалот ја испрати во Манчестер, Англија, кадешто живеат членовите на бендот. За потсетување, Фестивалот ги има наградено со истата награда Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019) и Влатко Стефановски (2019).
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
19 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
МЕРИЕН И ЛЕОНАРД: ЗБОРОВИ ЗА ЉУБОВТА
(Marianne and Leonard: Words of Love)
Документарен филм, Канада / В. Британија
2019, 102 мин., колор, ДВД
Режија: Ник Брумфилд (Nick Broomfield)
Сценарио: Ник Брумфилд, Марк Хеферлин (Nick Broomfield, Marc Hoeferlin)
Учествуваат: Ник Брумфилд, Мериен Илен, Леонард Коен (Nick Broomfield, Marianne Ihlen, Leonard Cohen)
Наградуваниот филм МЕРИЕН И ЛЕОНАРД: ЗБОРОВИ ЗА ЉУБОВТА е најличниот и најромантичниот во богатиот документаристички опус на Ник Брумфилд. Приказната започнува на грчкиот остров Хидра во 1960 година, каде што Леонард Коен, тогаш сè уште непознат писател, и Мериен Илен, самохрана мајка со мало синче од Норвешка, стануваат дел од хипи-заедницата на уметници, писатели и музичари од разни страни на светот.
Ретките документарни снимки на Брумфилд на посебен и многу веродостоен начин го портретираат идиличниот боемски живот во шеесеттите години од минатиот век. Тоа време оставило траен белег и на Мериен и на Леонард, и нивното пријателство ќе потрае уште 50 години, до нивната смрт во 2016.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
20 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 1800 ч.
РАЈСКА ПТИЦА
(Bird of Paradise)
Игран филм, САД
1932, 80 мин., црно-бел, ХД
Режија: Кинг Видор (King Vidor)
Сценарио: Ричард Волтон Тали, Велс Рут (Richard Walton Tully, Wells Root)
Улоги: Долорес Дел Рио, Џоел Мекри, Џон Халидеј (Dolores del Rio, Joel McCrea, John Halliday)
Младиот и богат плејбој Џони плови на неговата јахта со неговите пријатели. Кога ќе се приближат на Полинезиските Острови, локалното население со нивните пловила им прават пречек. Џони ќе се заплетка во јажињата, ќе падне од јахтата и би се удавил во водата да не го спаси убавата Луана.
Џони веднаш се вљубува во Луана и одлучува да остане на островот извесно време додека неговите пријатели продолжуваат со едрењето. За време на престојот Џони се соочува со традицијата на домородното население, што е табу за белците, дека не може да биде во врска со девица: покрај тоа, Луана веќе ветила дека ќе се омажи за локалниот принц од другиот остров. Сеедно, Џони ќе ѝ покаже како се бакнува, а набргу, освен англискиот, ќе ја „учи“ и како се води љубов…
Без оглед на локалната традиција, Џони ќе ја киднапира Луана од нејзината свадбена церемонија и ќе ја однесе во затскриениот остров Рајот. Додека се таму, тие уживаат како рајски птици во џунгла, сè додека не еруптира вулканот. Локалното суеверие налага да се пронајде девица која што ќе му биде жртвувана на Богот на вулканот. Тоа е Луана, растргната меѓу припадноста на нејзината заедница и можноста да замине со Џони во Сан Франциско.
РАЈСКА ПТИЦА е снимен во прекрасните пејзажи на Хавајските острови, во продукција на легендарниот Дејвид О.Селзник, и режиран од Кинг Видор (1894-1982), американски режисер, продуцент и сценарист со долготрајна, 67-годишна холивудска кариера, успешен и во двете ери на филмот, немата и звучната. Видор, кој имал унгарско потекло, го градел неговиот стил режирајќи филмови во различни жанрови, често рушејќи ги постоечките конвенции. Ѕвезда на филмот е Долорес Дел Рио во една од нејзините поуспешни улоги, но ништо полош не е ниту Џоел Мекри.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
23 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
ЧОВЕКОТ СО ЗЛАТНАТА РАКА
(The Man with the Golden Arm)
Игран филм, САД
1955, 119 мин., црно-бел, ХД
Режија: Ото Преминџер (Otto Preminger)
Сценарио: Волтер Њуман, Луис Мелцер (Walter Newman, Lewis Meltzer)
Улоги: Френк Синатра, Ким Новак, Еленор Паркер (Frank Sinatra, Kim Novak, Eleanor Parker)
Протагонистот од насловот на филмот е Френки „Машината“, бивш затвореник и зависник од хероин, кој се враќа во Чикаго и се обидува да започне ново поглавје во неговиот живот, заработувајќи со старата пасија, свирење на тапани. Но, сплетот на околностите повторно ќе го турне во светот на криминалот и зависноста од дрога…
ЧОВЕКОТ СО ЗЛАТНАТА РАКА се смета за пионерски филм во модерниот Холивуд кој се занимава со темата на зависноста од дрога. Заслугата е на режисерот Преминџер (1905-1986), кој бил познат по поместувањето на тематските и жанровски граници во Холивуд, по неговото емигрирање од Виена, Австрија, каде што веќе имал солидна кариера на театарски режисер под закрилата на големиот Макс Рајнхарт (Max Reinhardt). Дури и авторот на романот според кој е снимен филмот, Нелсон Алгрен (Nelson Algren), се оградил од екранизацијата бидејќи сметал дека сценариото премногу ги нагласува зависностите од дрога.
Френк Синатра се подготвувал за улогата престојувајќи со месеци во душевни болници и анализирајќи ги пациентите кои минувале низ апстиненцијални кризи.
Филмот бил номиниран за „Оскар“ во три категории (најдобар глумец, најдобра сценографија и најдобра музика).
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
23 ФЕВРУАРИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ЗАОБИКОЛЕН ПАТ
(Detour)
Игран филм, САД
1945, 68 мин., црно-бел, ХД
Режија: Едвард Џорџ Улмер (Edgar G. Ulmer)
Сценарио: Мартин Голдсмит (Martin Goldsmith)
Улоги: Том Нил, Ан Севиџ, Клаудија Дрејк, Едмунд МекДоналд, Тим Рајан (Tom Neal, Ann Savage, Claudia Drake, Edmund MacDonald, Tim Ryan)
Сиромашниот Ал Робертс е пијанист од Њујорк, вљубен во убавата Сју Харви, пејачка во клубот во кој свири. Сју е далеку поамбициозна од Ал, па еден ден ќе отпатува во Лос Анџелес и Холивуд, во потрага по успех. Разочараниот Ал ќе ѝ телефонира и дознава дека Сју во Холивуд работи како келнерка. Љубовта кон неа ќе го натера да тргне на другиот крај од Америка со автостоп, бидејќи нема пари за автобуски превоз.
Стопирањето на почеток тргнува успешно, бидејќи ќе го земе обложувачот Чарлс, кој со неговиот камионет патува директно за Лос Анџелес. Во текот на ноќното патување Ал ќе го замени Чарлс зад воланот , кој по неколкуте испиени пилули спие како топ. Кога во една прилика Ал ќе застане и ќе ја отвори совозачката врата, заспаниот Чарлс ќе испадне од камионетот, ќе удри во главата во камен и ќе остане на место мртов. Стравувајќи дека полицијата би се сомневала во него како убиец, Ал ќе го скрие телото настрана од патот, ќе ја земе облеката, документите и парите од Чарлс, и ќе го продолжи патувањето со неговиот идентитет. Ќе ја собере автостоперката Вера по пат, но ќе стане цел на нејзината уцена…
ЗАОБИКОЛЕН ПАТ е филм-ноар драма на Улмер (1904-1972), роден во некогашна Австро-Унгарија. Во Австрија работел во театарот на Макс Рајнхарт, му асистирал на Мурнау (F. W. Murnau) и бил корежисер со Роберт Сиодмак (Robert Siodmak). Бил Евреин по потекло, па во 1930-те емигрира во САД, каде што ќе остане запаметен како креативен автор во независната нискобуџетната, т.н. „Б“ продукција.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
24 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 18:00 ч.
ГЛЕН ИЛИ ГЛЕНДА
(Glen or Glenda)
Игран филм, САД
1953, 70 мин., црно-бел (колоризиран), ХД
Режија: Едвард Ед Вуд (Edward D. Wood Jr.)
Сценарио: Едвард Ед Вуд (Edward D. Wood Jr.)
Улоги: Ед Вуд, Бела Лугоши, Лајл Талбот (Edward D. Wood Jr., Bela Lugosi, Lyle Talbot)
Нараторот наречен Научникот (Бела Лугоши) коментира за човештвото: постојаната потрага на човештвото по непознатите резултати резултира со зачудувачки работи кои излегуваат на виделина. Но, повеќето од овие „нови“ откритија се всушност стари, што тој ги нарекува „знаци на вековите“. Подоцна, сцената се врти кон улиците на градот, со нараторот кој коментира дека секој човек има свои мисли, идеи и личност. Неговите коментари се придружени со звуците на плач на новороденче, проследен со сирени на брза помош. Едниот е знак дека започнал нов живот, другиот дека животот завршил…
Од нараторот дознаваме дека Глен е трансвестит, но не и хомосексуалец. Трансвеститското облекување го крие од неговата свршеница Барбара, плашејќи се дека ќе го напушти. Одредени нејзини алишта се фетиш за Глен, и кога Барбара ќе забележи дека нешто го мачи, тој нема храброст да ѝ ја објасни својата тајна…
Ед Вуд (1924-1978) е американски режисер, сценарист, актер и продуцент. Автор на десетина нискобуџетни филмови од жанрот на хоророт, научната фантастика и вестернот, кои имале технички грешки, смешни визуелни ефекти, ексцентрични актери, необични приказни… кои сепак имале кино-дистрибуција и солиден број гледачи. Ед Вуд бил сметан за најлошиот филмаџија на 20 век, но токму заради тоа стекнал култен статус меѓу филмофилите. Неговиот талент за шоу-бизнисот го правел видлив дури и меѓу холивудските „ајкули“. По смртта на неговата најголема ѕвезда, Бела Лугоши, полека се гаси и „славата“ на Вуд, па подоцна снимал и порнографски филмови и пишувал крими-шунд романчиња со хорор и секс елементи.
Тим Бартон (Tim Burton) во 1994 го сними филмот ЕД ВУД (Ed Wood) со Џони Деп (Johnny Depp) како Вуд и Мартин Ландау (Martin Landau) како Лугоши. Филмот наиде на големи пофалби кај критичарите, одржувајќи го митот за „најлошиот режисер на сите времиња“.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
24 ФЕВРУАРИ (СРЕДА), 20:00 ч.
ДЕМЕНЦИЈА 13
(Dementia 13)
Игран филм, САД / Ирска
1963, 75 мин., црно-бел (колоризиран), ХД
Режија: Френсис Форд Копола (Francis Ford Coppola)
Сценарио: Френсис Форд Копола (Francis Ford Coppola)
Улоги: Вилијам Кемпбел, Луана Андерс, Барт Патон, Мери Мичел (William Campbell, Luana Anders, Bart Patton, Mary Mitchel)
Додека весла со чамец со неговата сопруга Луиз, Џон доживува срцев удар и умира. Луиз го фрла неговото тело во водата и ја крие неговата смрт, раскажувајќи му на семејството дека заминал на итно службено патување. Главната грижа на Луиз е што може да се надева на дел од семејното богатство само ако Џон е жив.
Членовите на семејството Халоран се чудни. Тие сè уште тагуваат по смртта на најмладата ќерка Кетлин, која се удавила во езерцето кога била мало дете. Семејството одржува помен на годишнината од нејзината смрт, но, оваа година некој доаѓа со секира со намера да стори убиство. Каква мистерија е надвисната над куќата на Халоранови?
ДЕМЕНЦИЈА 13 е меѓу раните авторски филмови на Копола (во В. Британија е познат и под насловот ПРОКОЛНАТИТЕ И ПРОГОНЕТИТЕ, The Haunted and the Hunted), во продукција на Роџер Корман (Roger Corman), режисер подоцна познат и како „Папата на поп-филмот“ заради неговиот опус во независната „Б“ продукција. Корман е познат по промовирањето нови автори како Копола. Педесетина години подоцна, во 2017, американскиот режисер Ричард ЛеМеј (Richard LeMay) направи римејк на овој филм на Копола.
За време на снимањето на филмот Копола ја запознал неговата идна сопруга Елеонор (Eleanor), а Мери Мичел (Mary Mitchel), една од актерките, долго време ќе му биде соработничка на режисерот, најчесто на позицијата скрипт супервизор.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари
25 ФЕВРУАРИ (ПЕТОК), 20:00 ч.
27 ФЕВРУАРИ (САБОТА), 20:00 ч.
КОЖУРЕЦ
(Kokon / Cocoon)
Игран филм, Германија
2020, 99 мин., колор, ДЦП
Режија: Леони Крипендорф (Leonie Krippendorff)
Сценарио: Леони Крипендорф (Leonie Krippendorff)
Улоги: Лена Урзендовски, Јела Хасе, Лена Кленке (Lena Urzendowsky, Jella Haase, Lena Klenke)
Берлинската населба Кројзберг е микрокосмосот на Нора. Нора, тивок набљудувач, секогаш тагира на социјалните мрежи: на забавите, в училиште, на базен, на покривите и во апартманите. Заедно со постарата сестра и со пријателите „се шлаат“ по здодевниот пејзаж на стамбените блокови, набљудувајќи ги минувачите: девојчиња што сакаат да бидат витки и убави, момчиња што „тресат“ глупости само за да провоцираат или затоа што се вљубени. Сето тоа забележано со камерите на паметните телефони.
Нора на посебен начин го набљудува светот околу неа, и кога ќе го запознае Роми ќе сфати зошто: музиката е во воздухот, телото на Нора се менува, а гасениците излегуваат од нивните кожурци. Филмот го бележи летото на промени кај Нора…
КОЖУРЕЦ учествуваше во официјалната програма на Берлинале 2020 г. и беше номиниран за наградите „Сребрена мечка“ и „Теди“ во програмата наменета за младите гледачи (Generation 14plus). Учествуваше и на фестивалите во Сао Паоло (Бразил), и Гвадалахара (Мексико).
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари
Leave a comment
Мора да се пријавите за да испратите коментар.