Проекциите на класични филмови и наслови од ерата на немиот филм во Кинотеката веќе прераснаа во ФЕСТИВАЛ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ. Кинотеката за августовската програма, во периодот од 10 до 16 август избра неколку наслови кои биле целулоиден, 35 мм, печат на времето, а денес ги гледаме во на нови формати и во нивните дигитални и реставрирани верзии.
На платното во летното кино во Кинотеката ќе може да се погледнат иконите на францускиот „нов бран“ ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) од 1960 на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard), 400 УДАРИ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) од 1959 на Франсоа Трифо (François Truffaut), ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА (Un homme et une femme / A Man and a Woman) од 1966 на Клод Лелуш (Claude Lelouch), како и трилогијата на Александар Довженко (Alexander Dovzhenko), украински режисер од ерата на Советскиот Сојуз, составена од немите филмови ЗВЕНИГОРА (1928), АРСЕНАЛ (1929) и ЗЕМЈА (1930).
Дел од овој кинотечен фестивал се и кино-журналите ФИЛМСКИ НОВОСТИ: ПРИКАЗНИ ОД МАКЕДОНИЈА, потоа ГАЛИЧНИК на Сифрид Миладинов од 1940, германско-францускиот документарец СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА (With the Greeks in the Firing Line) од 1913, како и колажот од домашни видеа снимени на 8-милиметарска лента групирани под наслов ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: Втора приказна – и се дел од селекцијата наслови поврзани со домашната кинематографија – професионална и аматерска.
ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ ќе започне на 10 август во 20 часот со проекцијата на филмскиот проект ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: Втора приказна, а веднаш потоа ќе биде прикажан филмот ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (À bout de souffle / Breathless) на Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard). На 11 август, со почеток во 20 часот ќе биде прикажан избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“ кои содржат репортажи од Македонија (дел од проектот Прибирање материјали од странски архиви), по што ќе следува проекција на филмот 400 УДАРИ (Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows) на Франсоа Трифо. На 12 август со почеток во 20 часот ќе биде прикажан филмот ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА (Un homme et une femme / A Man and a Woman) на Клод Лелуш.
Фестивалот ќе го започне проектот ТАЈНИТЕ АРХИВИ НА ГРАДОТ: ВТОРА ПРИКАЗНА, проект на Вардар Филм чиј автор е Катарина Габунија, а е финансиски поддржан од Град Скопје и реализиран во соработка со Кинотеката. Станува збор за продолжение на првиот, од публиката многу позитивно прифатен и гледан колаж од снимки направени на 8-милиметарски ленти, кои беа собрани преку јавен оглас. Снимките се направени од граѓани на Скопје кои ги забележале приватните моменти од своето секојдневие на филмска лента, и тие аматерски, домашни филмчиња од 60-тите, 70-тите и 80-тите години на минатиот век од страна на Габунија и нејзината екипа се дигитализирани, тематски групирани, озвучени и организирани како приказни за градот и животот во него.
Фестивалот продолжува со најзначајните претставници на францускиот Нов бран. Имено, групата млади филмофили во Париз, собрани околу критичарот и теоретичар Андре Базен и списанието „Филмски тетратки“ (Cahiers du Cinéma) во доцните 50-ти години на минатиот век-решаваат да го сменат филмот на тој начин што самите ќе снимаат филмови, наместо само да пишуваат за нив. Метафорички, од улица влегле во кинематографијата за да го однесат, вратат филмот – назад на улица. Тие – Трифо, Годар, Лелуш и нивните пријатели, колеги и истомисленици – го предизвикаа новиот бран во француската и светската кинематографија.
ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ ќе ја прикаже и познатата и значајна трилогија на Александар Довженко (Александр Петрович Довженко, 1894–1956), пионерот на украинскиот исоветскиот филм од 1920-итте (заедно со Сергеј Ејзенштејн, Всеволд Пудовкин, Ѕига Вертов, итн.). Неговите ЗВЕНИГОРА, АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА се тематски различни, но со заедничка естетска нишка, оценувани со епитетите како „чиста поезија“ и„визуелна симфонија“ Пред проекцијата на ЗВЕНИГОРА, кој е на програмата на 13 август, од 20.00 часот свое предавање на тема „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до Довженко центар“ ќе одржи и Арсени Книазков, филмски истражувач од Довженко центарот во Киев. Националниот центар „Александар Довженко“ (Довженко центар) е најголемата украинска филмска архива со обемна колекција филмски материјали која вклучува 7.000 играни филмови, документарни филмови, украински и странски анимирани филмови и илјадници архивски записи од историјата на украинската кинематографија. Проекцијата на филмовите АРСЕНАЛ е на 15 август додека пак филмот ЗЕМЈА ќе биде прикажан на 16 август со почеток во 20 часот.
Од архивот на Кинотеката ќе биде прикажан избор од познатите журнали „Филмски новости 1945-1948“ кои содржат репортажи од Македонија. Кинотечниот бисер, документарецот ГАЛИЧНИК во режија на Сифрид Миладинов кој е филмски, етнографски и историски раритет снимен во 1940 година, на 16-милиметарска филмска лента во колор. ГАЛИЧНИК ќе биде придружуван со музика во живо од страна на гитаристот Валентин Илиевски. Овој избор завршува со филмот СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА на германскиот снимател Роберт Швобталер (Robert Schwobthaler) кој за потребите на германски продуценти следел и снимал настани за време на Балканските војни во 1913.
Сите наслови од овој фестивал се „ филмска класика“ – сами по себе и на свој начин.
Програмата на ФЕСТИВАЛОТ НА НЕМИ И КЛАСИЧНИ ФИЛМОВИ – филмовите на Довженко и францускиот „нов“ бран – е реализирана во соработка со Амбасадата на Украина во РС Македонија т.е. Центарот Довженко – Киев и Францускуот иститут од Скопје.
Програма на фестивалот (ПДФ форматот на каталогот можете да го симнете тука: Kinoteka Programa -nem i klasicen film_avg.,2021 (1)):
10 АВГУСТ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ТАЈНИТЕ ФИЛМСКИ АРХИВИ НА ГРАДОТ – ВТОРА ПРИКАЗНА
Документарен филм, Македонија
2021, 50 мин., црно-бел/колор, ДЦП
НУФЦ „Вардар Филм – Скопје“ и Катерина Габунија (како автор на проектот) ја реализираа и втората сезона од проектот наречен „Тајните филмски архиви на градот“, со подршка на Град Скопје и во соработка со Кинотеката на Македонија. Проектот се состои од прибирање на 8-мм ленти преку јавен повик до граѓаните кои во своите домови сè уште чуваат вакви материјали. На овој начин, тие ќе ги зачуваат своите спомени и ќе бидат дел од втората приказна на Тајните архиви.
Филмската лента има свој „век“ на траење и единствен начин да се зачуваат материјалите би биле преку дигитализација на истите. По процесот на дигитализација, се преминува кон монтажа на краток документарец за Скопје. Целта е да се соберат материјали на кои моќе да се види Стара Чаршија, Кале, Кермес, Дебар Маало, да се ѕирне во приватниот, интимнинот живот на граѓаните на Скопје од пред 30, 40, 50 години…
10 АВГУСТ (ВТОРНИК), 21:00 ч.
ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ
(À bout de souffle / Breathless)
Игран филм, Франција
1960, 90 мин., црно-бел, ХД видео
Режија: Жан-Лик Годар (Jean-Luc Godard)
Сценарио: Жан-Лик Годар, Франсоа Трифо, Клод Шаброл (Jean-Luc Godard, François Truffaut, Claude Chabrol)
Улоги: Жан-Пол Белмондо, Џин Сиберг, Даниел Буланже, Анри-Жак Уе (Jean-Paul Belmondo, Jean Seberg, Daniel Boulanger, Henri-Jacques Huet)
Мишел (Белмондо) е млад гангстер и бунтовник кој вози украден автомобил со голема брзина поради што го брка полициска потера. Притоа, тој убива еден полицаец, а потоа заминува во Париз каде се прикрива кај познаници. Таму ја среќава Американката Патриша (Сиберг) и се сместува во нејзината хотелска соба. Во меѓувреме, весниците известуваат за убиството на полицаецот, полицијата го идентификува Мишел како сторител и започнува потрага по него. Еден случаен минувач на улицата го препознава Мишел и го пријавува и полицијата, која ја испрашува Патриша. Таа успева да му побегне на полицискиот агент (Буланже) и го предупредува Мишел. Тој краде неколку автомобили, а потоа се среќава со Антонио (Уе) кој треба финансиски да му помогне да побегне во Рим. Мишел и Патриша се кријат во еден стан, но Патриша се јавува во полицијата и потоа му кажува на Мишел дека го предала. Иако има можност да побегне, Мишел решава да остане. Полицијата пристигнува во мигот кога Антонио му ги предава парите на Мишел и пука во него. Смртно ранет, Мишел трча по улицата, следен од Патриша…
ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ е еден од најмаркантните наслови на францускиот „нов бран“, чие сценарио го потпишува феноменалната тројка автори Годар, Трифо и Шаброл, најзначајните изданоци на естетиката на списанието „Cahiers du Cinéma “ („Филмските тетратки“) и нивниот патрон, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен (André Bazin). Филмот бил награден со „Сребрена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал (за режијата на Годар) и е сметан за еден од иконичните наслови на 60-ите години, кој извршил огромно влијание на подоцнешните филмски автори.
11 АВГУСТ (СРЕДА), 20:00 ч.
400 УДАРИ
(Les Quatre Cents Coups / The 400 Blows)
Игран филм, Франција
1959, 99 мин., црно-бел, ХД видео
Режија: Франсоа Трифо (François Truffaut)
Сценарио: Франсоа Трифо, Марсел Моси (François Truffaut, Marcel Moussy)
Улоги: Жан-Пјер Лео, Клер Морие, Албер Реми, Ги Декомбл (Jean-Pierre Léaud, Claire Maurier, Albert Rémy, Guy Decomble)
Антоан (Лео) е 14-годишно дете, лош ученик и повеќе сака да се забавува отколку да ги исполнува ученичките и домашните обврски. Неговите родители често се отсутни од дома, а Антоан е на мета на строгиот наставник по француски јазик. Еден ден, наместо да оди на училиште, тој шета низ градот при што ја здогледува својата мајка (Морие) како се бакнува со друг човек. Поради тоа, тој бега од дома, а неговиот најдобар другар му помага да преноќи во една печатница. Кога се враќа дома, неговите родители се обидуваат да го поправат односот кон него и тој минува една забавна вечер со нив, но неговата среќа трае кратко, затоа што набргу потоа мајка му и очувот (Реми) продолжуваат со своите караници. Антоан повторно бега од дома и притоа ја краде машината за пишување од канцеларијата во која работи очувот. Бидејќи не може да ја продаде машината, се обидува да ја врати назад, но чуварот го открива и го пријавува кај очувот. Тој го пријавува Антоан во полиција, а потоа родителите одлучуваат да го испратат детето во поправен дом. Еден ден го посетува мајка му, која му соопштува дека нема да го примат назад дома, и тогаш Антоан решава да побегне од поправниот дом…
Трифо инспирацијата за сторијата ја црпел од сопственото несреќно детство, а филмот му го посветил на својот гуру, филмскиот критичар и теоретичар Андре Базен (André Bazin), кој починал непосредно пред Трифо да го сними филмот. 400 УДАРИ е уште едно амблематско дело на францускиот „нов бран“, и е прв дел од своевидниот циклус на Трифо за авантурите на Антоан Доинел, сочинет од краткиот АНТОАН И КОЛЕТ (1962), УКРАДЕНИ БАКНЕЖИ (1968), ЗАЕДНИЧКА МАСА И ПОСТЕЛА (1970) и ЉУБОВ ВО БЕГСТВО (1979), во кој главен протагонист е актерот Жан-Пјер Лео (настапувал и кај Жан-Лик Годар, Бернардо Бертолучи, Аки Каурисмаки…).
Филмот добил десетина награди, меѓу нив и три награди на Канскиот филмски фестивал („Златна палма“ за најдобар филм, за најдобар режисер, како и наградата OCIC), додека во 1960 година бил номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобро сценарио.
11 АВГУСТ (СРЕДА), 22:00 ч.
ФИЛМСКИ НОВОСТИ (1945-1948): Приказни од Македонија
12 АВГУСТ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА
(Un homme et une femme / A Man and a Woman)
Игран филм, Франција
1966, 102 мин., колор, ХД видео
Режија: Клод Лелуш (Claude Lelouch)
Сценарио: Клод Лелуш, Пјер Ујтерховен (Claude Lelouch, Pierre Uytterhoeven)
Улоги: Анук Еме, Жан-Луј Трентињан, Пјер Барух, Валери Лагранж (Anouk Aimée, Jean-Louis Trintignant, Pierre Barouh, Valérie Lagrange)
Жан-Луј Дурок (Трентињан) е возач на тркачки автомобили. Ан Готје (Еме) работи како супервизор на сценарија. И двајцата се на возраст од триесеттина години, неодамна останале вдовци и имаат по едно мало дете. Жан-Луј и Ан случајно ќе се запознаат кога ќе ги донесат децата во интернат во гратчето Довил. Ан ќе го испушти возот, па Жан-Лу ќе и понуди превоз со неговиот автомобил до Париз. Разговараат за нивните животи и кариери, за починатите брачни партнери. Заедничките моменти им будат пријатни чувства, се спријателуваат и стануваат љубовници. Меѓутоа, најголема пречка во нивните односи е неможноста на Ан да се ослободи од минатото и сеќавањата на сопругот. За неа, тој е сè уште жив и во нејзиното срце нема место за Жан-Луј…
ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА е најпознатиот филм на Лелуш, изданок на „герилската“ естетика на францускиот „нов бран“. Лелуш немал формално филмско образование, бил самоук и првите филмови сам ги режирал, финансирал, монтирал и глумел во нив. ЕДЕН ЧОВЕК И ЕДНА ЖЕНА е негов петти наслов и прв успех, но фасцинантен: во 1966 ја освојува „Златната палма“ во Кан, а наредната година и „Оскарите“ за најдобар странски филм и најдобро сценарио. Лелуш со овој филм ја освои и наградата на Британската филмска акадмеија „БАФТА“ и уште десетина други награди. Во 2008 г. беше гостин на првото издание на Фестивалот на францускиот филм во Охрид, каде што ја прими наградата за посебен придонес во светската кинематографија.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари
13 АВГУСТ (ПЕТОК), 20:00 ч.
Предавање на Аресниј Книазков, филмски истражувач од Довженко центарот од Киев, Украина – „Историјата на украинскиот филм: Од Довженко до Довженко центар“
13 АВГУСТ (ПЕТОК), 21:00 ч.
ЗВЕНИГОРА
(Звeнигopа / Zvenyhora)
Игран филм, Украина
1928, 109 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Сценарио: Михаил Јогансон, Јури Тјутјуник, Александар Довженко (Mikhail Ioganson, Yuri Tyutyunik, Alexander Dovzhenko)
Улоги: Георги Астафјев, Николај Надемски, Семјон Свашенко, Алексадар Подорожниј (Georgi Astafyev, Nikolai Nademsky, Semyon Svashenko, Aleksandr Podorozhnyy)
ЗВЕНИГОРА е нем филм на еден од пионерите на советската монтажна филмска школа, Александар Довженко. Сторијата на ЗВЕНИГОРА говори за потрагата по закопаното богатство на планината, која е симболична рамка за големата историска тема на филмот – историјата на Украина од времето на Варагите (словенски назив за викиншките освојувачи во Средниот век на подрачјето на Русија, Украина, Белорусија и Византија) па сè до почетокот на граѓанската војна во Советскиот Сојуз по Октомвриската револуција во 1917 година. Во добропознатиот документаристички манир на Довженко во пионерското доба на кинематографијата, авторот во ЗВЕНИГОРА користи автентични локации за прикажување на дејствието и учество на обичните украински селани во филмските улоги. ЗВЕНИГОРА е првиот дел од трилогијата на Довженко посветен на неговата родна земја Украина – во која спаѓаат и АРСЕНАЛ и ЗЕМЈА – и се смета за еден од највлијателните филмови во советската кинематографска ера.
14 АВГУСТ (САБОТА), 20:00 ч.
АРСЕНАЛ
(Арсенал / Arsenal)
Игран филм, Украина
1929, 70 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Сценарио: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Улоги: Семјон Свашенко, Георги Хорков, Амвросиј Бучма (Semyon Svashenko, Georgi Khorkov, Amvrosi Buchma)
Познат и под насловот ЈАНУАРСКОТО ВОСТАНИЕ ВО КИЕВ 1918 (Январское восстание в Киеве в 1918 году / January Uprising in Kyiv in 1918) е вториот дел од украинската трилогија на Довженко. Сторијата ги прикажува бурните настани во Киев за време на Октомвриската револуција и почетокот на граѓанската војна во Украина. Киевските бољшевици дигнале востание против нововоспоставената украинска националистичка влада, но тоа било неуспешно. Тимош (Свашенко) е демобилизиран војник на царската војска кој се враќа дома, преживувајќи ја железничката несреќа, и кој им се приклучува на востаниците. Довженко го снимал филмот на автентични локации две години, а морал да се брани и од нападите кон неговиот претходен филм ЗВЕНИГОРА, од комунистичките гласила оценет како националистички (украински) филм. Самиот Довженко десет години пред снимањето на филмот како припадник на националната украинска војска учествувал во гушењето на комунистичкото востание, па АРСЕНАЛ се толкува двојно: како намера на Довженко да ја придобие наклоноста на владејачката советска комунистичка партија (или барем да го намали анимозитетот кон него), иако неговиот пацифизам не бил дочекан со преголемо одобрување кај владејачките структури; но АРСЕНАЛ стои и како едно од неговите најкомплетни и најзрели остварувања. Како и да е, неговиот филм АРСЕНАЛ (покрај филмот ЗЕМЈА) – е зенитот на неговото филмско творештво. Иако критикуван – пацифизмот на Довженко, пластично прикажан во АРСЕНАЛ низ апсурдностите на војната, бил инспирација за подоцнешните пацифистички сентименти во филмовите на Жан Реноар (Jean Renoir) и Стенли Кјубрик (Stanley Kubrick).
14 АВГУСТ (САБОТА), 22:00 ч.
ГАЛИЧНИК
(Galichnik)
Документарен филм, Македонија
1940, 15 мин, ДЦП
Режија: Сифрид Миладинов
ГАЛИЧНИК е еден од бисерите на кинотечниот архив. Овој филмски, етнографски и историски раритет е снимен во 1940 година, на 16-милиметарска филмска лента во колор, од страна на Сифрид Миладинов – кумановчанец, професионален фотограф и филмаџија-аматер, човек со многу интереси.
Во 16 кратки но скапоцени минути ќе погледнете како изгледале Галичник, Галичката свадба и нашите претци пред 80 години, и тоа низ кадри во боја, што било многу ретко за тоа време. Можеби некој од Вас и ќе си препознае прадедо, пра-прабаба, стара семејна куќа, носија, сокаче, порта. Филмот на Миладинов е посебна можност да погледнете во минатото преку автентични, оригинални снимки, иако истите се без звучен запис. Патем, на семејството Миладинови од Загреб, потомците на мајстор Сифрид, им благодариме што пред повеќе години го депонираа овој нем филмот во нашиот национален филмски архив – Кинотеката.
16 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
ЗЕМЈА
(Земля / Earth)
Игран филм, Украина
1930, 75 мин., црно-бел, ДЦП
Режија: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Сценарио: Александар Довженко (Alexander Dovzhenko)
Улоги: Семјон Свашенко, Степан Шкурат, Јулија Солнцева (Semyon Svashenko, Stepan Shkurat, Yuliya Solntseva)
Дејствието на „филмската поема“ ЗЕМЈА на Довженко, како што филмските историчари го квалификуваат третиот дел од неговата трилогија посветена на историјата и политичката современост на Украина во триесеттите години од минатиот век, се случува во периодот на колективизацијата. Понесени од новата комунистичка идеологија која пропагирала „фабриките на работниците, земјата на селаните“, група „комсомолци“ (КОМСОМОЛ – Коммунистический Союз Молодёжи / Комунистички сојуз на младината) формира „колхози“, земјоделски задруги. Нив ги предводи младиот Василиј, а формирањето „колхози“ наидува на жесток отпор кај „кулаците“, побогатите сопственици на земјоделското земјиште. ЗЕМЈА е полн со натуралистички мотиви од секојдневието на украинските селани, и филмот на Довженко повторно наишол на поделени мислења кај властите: некои го примиле со воодушевување, други со критики. Цензорите исекле неколку сцени кои не биле во духот со тогашната идеологија (работници уринираат во прегреаниот мотор на тракторот за да го оладат; девојка гола го оплакува убиениот вереник), но филмот имал голем успех во странство. Бил прикажан на првото издание на Венецијанскиот филмски фестивал во 1932, а на светската изложба EXPO 1958 во Брисел, Белгија, еминентно жири составено од водечки филмски критичари и историчари го вброило ЗЕМЈА меѓу десетте најдобри филмови на сите времиња. ЗЕМЈА на Довженко се смета за последниот голем и значаен нем филм во советската кинематографија.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 100 денари
16 АВГУСТ (ПОНЕДЕЛНИК), 22:00 ч.
СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА
(With the Greeks in the Firing Line)
Документарен филм, Германија / Франција
1913, 80 мин., црно-бел, блуреј
Режија: Роберт Швобталер (Robert Schwobthaler)
Во 1913 година, грчката влада нарачала документарни филмови (филмски новости) како дел од нејзините дипломатски напори да добие поповолна позиција кај големите сили во врска со дефинирање на статусот на освоените македонски територии за време на Првата и Втората балканска војна (1912-1913), кои дотогаш биле под власта на Османлиското царство. Почнувајќи од крајот на 1913 година, овие филмови имале меѓународна дистрибуција, вклучително и САД. Најприкажуван бил филмот СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА – познат и под насловот СО КАМЕРАТА НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА (With the Camera on the Firing Line) – кој во САД започнал со прикажување на почетокот на 1914 година. Филмот бил нарачан кај компанијата „Express Films“ од Германија, а продуцент е Чери Кертон (Cherry Kearton). Филмскиот автор Швабталер (целосно име Isidor Robert Schwobthaler), во 1913 година добил дозвола од грчкиот крал Константин Први да патува со својата камера низ грчките воени позиции и да ги снима нивните активности. Швабталер за време на летото 1913 престојувал во клисурата Кресна (Kresna Gorge), меѓу Малешевијата на запад и Пирин на исток, по битката од 25 до 30 јули меѓу грчката и бугарската војска во Втората балканска војна, која се водела за превласт и окупација на македонската територија, и ги снимал логистичките операции на грчката војска, згрижувањето на ранетите и погребувањето на загинатите војници. Долго време се мислело дека овој документарец е изгубен, но точно сто години по неговото снимање, врз основа на 35-милиметарска нитратна копија од американската дистрибуција на филмот, Архивот за филм и телевизија на Универзитетот на Калифорнија од Лос Анџелес (UCLA Film and Television Archive), во 2013 го реставрираше и го дигитализираше овој филм. Повторното откривање на СО ГРЦИТЕ НА ОГНЕНАТА ЛИНИЈА воспоставува нова точка на потеклото на долгометражниот воен филм како жанр, чие етаблирање досега беше датирано со Првата светска војна.