НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ
17 МАЈ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 Ч.

ЛЕБ И ЧОКОЛАДО
(Pane e cioccolata / Bread and Chocolate)
Игран филм, Италија
1973, 115 мин., колор, ДЦП
Режија: Франко Брусати (Franco Brusati)
Сценарио: Франко Брусати, Јаја Фјастри, Нино Манфреди (Franco Brusati, Jaja Fiastri, Nino Manfredi)
Улоги: Нино Манфреди, Ана Карина, Џони Дорели, Уго Далесио (Nino Manfredi, Anna Karina, Johnny Dorelli, Ugo D’Alessio)

Горчлива комедија за неприлагоденоста на италијанскиот економски емигрант во Швајцарија Нино Гарофало (го игра Нино Манфреди). Нино е работник кој се обидува, но никако не може да се вклопи во швајцарскиот менталитет: постојано е во судир со полицијата, бидејќи со неговиот нескротлив јужњачки темперамент ги вознемирува „студените“ Швајцарци. Нино набргу запознава нови луѓе, наоѓа нови работни ангажмани, но мора пред сите да го крие своето италијанско потекло. И покрај сè, не се откажува да ја „освои“ Швајцарија…
Режисерот Франко Брусати (1920-1993) бил правник по образование, а кариерата ја започнал како новинар. Почнал да соработува како сценарист со режисерите Латуада, Роселини и другите претставници на италијанскиот неореализам, а како режисер дебитирал во 1956 со филмот ЈАС СУМ ГАЗДА (Il padrone sono me). Во неговата филмографија најзначајни наслови, освен ЛЕБ И ЧОКОЛАДО, се ДА СЕ ЗАБОРАВИ ВЕНЕЦИЈА (Dimenticare Venezia, 1979), кој бил италијански претставник за „Оскар“, НЕРЕД (Disordine, 1967), ДОБРИОТ ВОЈНИК (Il buon soldato, 1982), итн… ЛЕБ И ЧОКОЛАДО ја освоил наградата „Сребрена мечка“ на Берлинале 1974, националните награди „Давид Ди Донатело“ во неколку категории, наградите на филмските критичари на Њујорк и Канзас (САД), а освоил и десетица други номинации.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

ФИНЕСТРА: НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ
18 МАЈ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

ДА ВИ СЕ ПРЕТСТАВАМ? РОКО ПАПАЛЕО
(Permette? Rocco Papaleo / My name is Rocco Papaleo)
Игран филм, Италија
1971, 106 мин., колор, ДЦП
Режија: Еторе Скола (Ettore Scola)
Сценарио: Еторе Скола, Руџеро Макари (Ettore Scola, Ruggero Maccari)
Улоги: Марчело Мастројани, Лорин Хатон, Том Рид, Маргот Новак (Marcello Mastroianni, Lauren Hutton, Tom Reed, Margot Novak)

Роко Папалео (Мастројани) е простодушен и љубезен италијански емигрант кој пред 20 години пристигнал во САД со намера да направи успешна кариера како професионален боксер. Наместо тој сон, работи во еден рудник на Алјаска. За време на едно патување во Чикаго со пријателите, со намера да се забавуваат во големиот град, Роко ќе се изгуби во градскиот метеж. Среќава разни живописни ликови, се запознава и со една убава девојка-манекенка (Хатон), но, не го наоѓа посакуваното гостопримство…
Еторе Скола (1931-2016) е еден од најмаркантните претставници на италијанската кинематографија од втората половина на минатиот век. Неговиот филм ЕДЕН НЕОБИЧЕН ДЕН (Una giornata particolare, 1977): добитник на „Златниот глобус“, номиниран и за Оскар; номинација за најдобар актер (Мастројани) – е меѓу најпознатите од околу 40-те наслови во неговата кариера, меѓу кои спаѓаат и филмовите ГРДИ, ВАЛКАНИ, ЗЛИ (Brutti, sporchi e cattivi, 1976), МНОГУ СЕ САКАВМЕ (C’eravamo Танто Amati, 1974), БАЛ (Le bal, 1983), итн… Скола е добитник на бројни награди на голем број од најпрестижните европски филмски фестивали во Венеција, Кан, Москва….

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

ФИНЕСТРА: НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ
19 МАЈ (СРЕДА), 20:00 Ч.

САКО И ВАНЦЕТИ
(Sacco e Vanzetti)
Игран филм, Италија / Франција
1971, 125 мин., колор/црно-бел, ДЦП
Режија: Џулијано Монталдо (Giuliano Montaldo)
Сценарио: Фабрицио Онофри, Џулијано Монталдо (Fabrizio Onofri, Giuliano Montaldo)
Улоги: Џан Марија Волонте, Рикардо Кучиола, Сирил Кјузак (Gian Maria Volontè, Riccardo Cucciolla, Cyril Cusack)

Уште еден репрезентативен претставник на италијанскиот неореализам. Сторијата на САКО И ВАНЦЕТИ – кој кокетира и со стилот на шпагети-вестернот – се базира на еден од најконтроверзните правни случаи во САД на почетокот на 20-иот век. Сако и Ванцети се италијански емигранти во САД. Тие се анархисти, обвинети за убиство од прв степен, и се неправедно осудени на смрт со погубување на електрична столица, но не заради злосторството (вооружен грабеж), туку заради нивните политички убедувања. Нивниот случај имал голем публицитет во САД како политички процес исполнет со антиемигрантски и антииталијански побуди…
САКО И ВАНЦЕТИ на Монталдо беше победник на Фестивалот на неореалистичен филм во Авелино (најдобар филм и најдобар актер: Кучиола); Кучиола ја доби и „Златната палма“, а Монталдо беше номиниран за престижната награда во Кан 1971. Музиката во филмот е на легендарниот композитор Енио Мориконе (Ennio Morricone), а неколку песни исполнува пејачката Џоан Баез (Joan Baez).

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

ФИНЕСТРА: НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ
20 МАЈ (ЧЕТВРТОК), 20:00 Ч.

НОВИОТ СВЕТ
(Nuovomondo / Golden Door)
Игран филм, Италија / Франција
2006, 118 мин., колор, ДЦП
Режија: Емануеле Криалезе (Emanuele Crialese)
Сценарио: Емануеле Криалезе (Emanuele Crialese)
Улоги: Шарлот Гинзбур, Винченцо Амато, Винсент Скијавели (Charlotte Gainsbourg, Vincenzo Amato, Vincent Schiavelli)

НОВИОТ СВЕТ (или ЗЛАТНА КАПИЈА) е трет игран филм на Криалезе, римјанин со сицилијанско потекло. Како и во многу други наслови во италијанската кинематографија – впрочем, како и овој избор на наслови во „Неделата на италијанскиот филм“ – Криалезе се занимава со феноменот на емиграцијата на Италијаните во светот на почетокот на 20 век. Сторијата на Криалезе се занимава со познатата тема за емигрирањето на семејството на Салваторе Манкузо (Амато) од сиромашната Сицилија, полна со празноверје, во новиот свет полн со ветувања: САД. Патувањето со брод е тешко и мачно, посебно во клаустрофобичното бродско потпалубје, наменето за патници со најевтините билети. Кога така измрцварените патници ќе стигнат до ветената земја, ги очекуваат бесчуствителните службеници на островот Елис, таа „златна капија“ на САД, каде што треба да го поминат карантинот и бирократските процедури.
НОВИОТ СВЕТ е филм склопен во три визуелни делови: во првиот се истакнуваат поетските пејзажи на ридестата и каменеста Сицилија и нејзините жители со паганските обичаи и верувања. Во вториот дел, Салваторе, кој постојано сонува за Америка, и покрај жестокото противење на мајката (таа патријархална икона во медитеранските кинематографии) го распродава целиот имот. Во третиот, пак, на чекор до американското тло, се појавува мистериозната убавица Луси (Гинзбур), елегантна жена со мистериозно потекло, која делумно ќе ја насочи судбината на машките членови од семејството Манкузо…
НОВИОТ СВЕТ на Криалезе забележа педесеттина награди и номинации. Освен „Сребрениот лав“ во Венеција и неколку награди на независните жирија на тој фестивал, филмот на Криалезе триумфираше и на доделувањето на националните филмски награди „Давид Ди Донатело“ во Италија, потоа на фестивалот „Капри“ во Холивуд, „Златна кајсија“ во Ереван, Ерменија, и на десеттина други фестивали во светот.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

ФИНЕСТРА: НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ
21 МАЈ (ПЕТОК), 20:00 Ч.

УБАВ, ЧЕСЕН ЕМИГРАНТ ВО АВСТРАЛИЈА БИ СЕ ОЖЕНИЛ СО ЧЕСНА СОГРАЃАНКА
(Bello, onesto, emigrato in Australia sposerebbe compaesana illibata / A Girl in Australia)
Игран филм, Италија / Австралија
1971, 113 мин., колор, ДЦП
Режија: Луиџи Ѕампа (Luigi Zampa)
Сценарио: Луиџи Ѕампа, Родолфо Сонего (Luigi Zampa, Rodolfo Sonego)
Улоги: Алберто Сорди, Клаудија Кардинале, Рикардо Гароне (Alberto Sordi, Claudia Cardinale, Riccardo Garrone)

Младата селанка Кармела (Кардинале) сака да побегне од сиромаштијата и проституцијата како единствен егзистенцијален излез, па ја прифаќа понудата на локалниот свештеник – да биде невеста во договорен брак со италијанскиот емигрант Амедео (Сорди) во Австралија и да се пресели на далечниот континент. Амедео е телефонски техничар кој работи во тешко достапните предели на Австралија. Срамежлив каков што е, девојките се тешко достапни за него. Сака да се ожени, па „нарачува“ невеста од родната Италија „по пошта“. Ја избира проститутката Кармела која не сака веќе да се занимава со најстарата професија, но за да ја намами во Австралија, во писмото испраќа фотографија од неговиот другар Џузепе (Гароне), кој е поубав од него. Кога Кармела ќе го добие писмото со брачната понуда и фотографијата од младоженецот, прифаќа да отпатува во Австралија. Но, кога ќе го запознае Амедео, одбива да се омажи за него: нејзиниот избор е Џузепе. Амедео мора да смисли начин да ја освои Кармела и да се ожени со неа…
Главните актери во оваа италијанска комедија со долг наслов ја освоија публиката и критиката: Клаудија Кардинале ја доби националната награда на италијанската кинематографија „Давид Ди Динатело“ за најдобра женска улога во 1972, а Алберто Сорди беше номиниран за најдобар актер од италијанскиот синдикат на филмските критичари.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

ФИНЕСТРА: НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ
22 МАЈ (САБОТА), 20:00 Ч.

ТРОБОЈКАТА ОДИ НА ГЛАСАЊЕ
(Bianco, rosso e Verdone)
Игран филм, Италија
1981, 110 мин., колор, ДЦП
Режија: Карло Вердоне (Carlo Verdone)
Сценарио: Леонардо Бенвенути, Пјеро Де Бернарди, Карло Вердоне (Leonardo Benvenuti, Piero De Bernardi, Carlo Verdone)
Улоги: Карло Вердоне, Елена Фабрици, Ирина Санпитер (Carlo Verdone, Elena Fabrizi, Irina Sanpiter)

Карло Вердоне е режисер, сценарист и актер во оваа италијанска комедија. Сторијата говори за тројца Италијанци кои на денот на парламентарните избори одат да гласаат во својот роден град. Пасквале е италијански емигрант кој живее во Минхен, Германија, и тргнува за гратчето Матера во Јужна Италија, среќен што ќе помине барем неколку дена во родниот крај, иако земјата од неговите носталгични сеќавања е сосем различна од реалноста. Фурио патува од Торино во Рим, па кога оди да гласа, неговата сопруга Магда мисли дека сака да побегне од неа. Мимо, пак, е млад човек кој патува од Верона во Рим со неговата баба: тој е постојано загрижен за нејзиното здравје, додека баба му е сосем ладнокрвна… Улогите на Пасквале, Фурио и Мимо – ги игра самиот Вердоне. Продуцент на филмот е Серџо Леоне (Sergio Leone), а музиката е на Енио Мориконе (Ennio Morricone) и неговиот соработник Марио Брега (Mario Brega); оваа екипа претходно стана позната по композициите од „шпагети вестерните“, поточно, по т.н. „доларска“ трилогија.
Филмот на Вердоне забележа неколку номинации за наградата „Давид Ди Донатело“, а Елена Фабрици ја доби наградата на синдикатот на италијанските филмски критичари за најдобра млада актерка.

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

ФИНЕСТРА: НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ
23 МАЈ (НЕДЕЛА), 20:00 Ч.

ДОБРЕДОЈДОВТЕ НА ЈУГ
(Benvenuti al sud / Welcome to the South)
Игран филм, Италија
2010, 102 мин., колор, ДЦП
Режија: Лука Миниеро (Luca Miniero)
Сценарио: Масимо Гаудиозо, Дени Бун (Massimo Gaudioso, Dany Boon)
Улоги: Клаудио Бизио, Алесандро Сиани, Анџела Финокјаро (Claudio Bisio, Alessandro Siani, Angela Finocchiaro)

Алберто (Бизио) е поштенски службеник во малото гратче Брианѕи на северот на Италија. По наговор на неговата сопруга Силвија (Финокјаро) се обидува по секоја цена да добие преместување во Милано. Алберто ќе се обиде да се прикаже како инвалид, но ќе биде фатен во измамата, па по казна ќе биде префрлен со должност во мало место на југот од Италија. Алберто е предубеден дека сите жители на италијанскиот Југ се мрзеливи и се поврзани со мафијата, бидејќи не им се работи чесно и напорно. Но, на сопствено изненадување, Алберто сфаќа дека многу добро се прилагодил во новата средина, дури и ужива таму, спријателувајќи се со новиот колега, поштарот Матио…
Минеиро (1967) по студиите на книжевност работел на бројни маркетиншки кампањи, радио и ТВ продукции со неговиот соработник Паоло Џеновезе (Paolo Genovese). По успехот со неколку кратки филмови во 2001, заеднички прават долгометражна верзија на еден од нив, НЕАПОЛСКА МАГИЈА (Incantesimo napoletano), а Минеиро подоцна ја продолжува режисерската кариера самостојно. ДОБРЕДОЈДОВТЕ НА ЈУГ е најгледан филм во Италија во 2010, а освои десеттина награди и триесеттина номинации во земјата и светот: фестивалот „Капри“ во Холивуд, наградите „Давид Ди Донатело“, европски филмски награди, италијански „Златен глобус“…

Возрасна категорија: 14 години
Влезница: бесплатен влез

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 2021
25 МАЈ (ВТОРНИК), 20:00 Ч.

СТОЛ
(Chair)
Игран филм, Македонија
2021, 16 мин., колор, ДЦП
Режија: Дафина Шекутковска (Dafina Shekutovska)
Сценарио: Дафина Шекутковска (Dafina Shekutovska)

МАРШ ЗА ДОСТОИНСТВО
(March for dignity)
Документарен филм, В. Британија
2020, 80 мин., колор, ДЦП
Режија: Џон Ејмс (John Eames)
Сценарио: Џон Ејмс, Касандра Робертс (John Eames, Cassandra Roberts)

Овој долгометражен документарец следи мала група активисти на ЛГБТ+ заедницата во Тбилиси, Грузија, кога се обидуваат да го организираат првиот „Марш на гордоста“ во земјата. Тие се соочуваат со огромно противење на екстремните десничарски групи, владата и грузиската православна црква, кои поттикнуваат насилни напади врз ЛГБТ+ заедницата. Со посакуваното членство во Европската унија и антируските чувства во политичката агенда, Грузијците се наоѓаат на пресвртна точка во историјата, каде што мораат да изберат да се борат за напредок и човекови права, или да отстапат пред поголемо руско влијание. Среде овие геополитички превирања, посветените организатори на „Маршот на гордоста“ во Тбилиси храбро настојуваат да бидат видливи во нивната земја…

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез

26 МАЈ (СРЕДА), 12:00 Ч.
ДОДЕЛУВАЊЕ НА ПРИЗНАНИЈАТА НА КИНОТЕКАТА „ЗЛАТЕН ОБЈЕКТИВ“

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ 2021
26 МАЈ (СРЕДА), 20:00 Ч.

ЛИЛИ
(Lili)
Документарен филм, македонија
2021, 21 мин., колор, ДЦП
Режија: Ана Андонова (Ana Andonova)
Сценарио: Ана Андонова (Ana Andonova)

Сторија за младиот граѓански активист Лили Назаров од Азербејџан, кој е прогонет од властите во неговата земја. Лили се обидува да живее од уметноста што ја создава во земјите каде што престојува. Бил во Турција, престојувал во Македонија, а планира патот да го продолжи во Албанија… Во секоја земја каде што престојува, Лили создава по еден мурал. Во Македонија, во Тетово, неговиот мурал претствавува три жени кои се убиени во Азербејџан. Една 20-годишна девојка се самоубила заради притисокот од семејството, потоа има едно трансродово лице, и жена која е убиена од свекорот.

ТИВОК ГЛАС
(Silent Voice)
Документарен филм, Франција / Белгија
2020, 51 мин., колор, ДЦП
Режија: Река Валерик (Reka Valerik)
Сценарио: Анаис Лорет, Река Валерик (Anaïs Lloret, Reka Valerik)

Хавај е млад борец (стил: мешани боречки вештини) од Чеченија, кој емигрирал во Белгија. Морал да се скрие од неговите сонародници откако неговиот брат открил дека Хавај е хомосексуалец. Настаните што ги преживеал го довеле во состојба на шок при што го изгубил гласот. Со помош на белгиска организација која штити млади мажи како Хавај, тој учи повторно да зборува и се обидува да го најде своето место во новата земја. Комуникацијата со неговото семејство е невозможна – неговиот единствен контакт со домот се гласовните пораки на телефонот од неговата мајка. Во меѓувреме, тиранскиот режим на Кадиров му е зад потпетиците. Можно е членовите на чеченската дијаспора во Белгија да информираат за него, така што тој треба да создаде нов идентитет. Филмот ги следи неговите потези и сведочи за неговата борба да се „создаде“ себеси повторно. Резултатите се вознемирувачки, но исто така и потресни…

Возрасна категорија: 16 години
Влезница: бесплатен влез

<…Во случај на дожд, проекциите ќе се одржат во кино-салата на Кинотека…>

Leave a comment