Кинотека, со својата Филмска училница, создава катче за сите деца кои сакаат да се дружат, да гледаат филмови и да учат како од својот богат свет со идеи, фантазии и чувства, да создаваат приказни. Се оддржаа уште три нови училници, како дел од Џифони филмските денови, на кои учесниците имаа можност да се запознаат со различните аспекти на креирање на филмски приказни. 

Направија кратки вежби на опсервација, кои ги споивме во една целина и со проекција на големо платно, ги добија првите сознанија како со спојување на различни кадри и преку различни точки на гледање, настануваат различни филмски приказни. Истотака, направивме и една споредба со првите филмови на браќата Манаки и на браќата Лимиер, кои всушност се опсервациски кадри на одбрани ситуации или дејствија.

Се обидоа  да направат и декомпонирање на сцена од филм. По проекциите на кратките филмови „Градот на Вардар“ и „Весници, весници“, кои се приказни за Скопје, снимени во 60-тите години на минатиот век, добија задача да снимат една сцена, инспирирана од старо Скопје. Разговаравме и како одредено чувство може да биде основа за креирање на филм. Преку пример од книгата „Малиот принц“ на Егзипери,  дискутиравме за големината и богатството на детскиот свет и за различните перцепции на децата и возрасните. И дека токму, од таа детска фантазија се создаваат најубавите филмови.

Дел од работилницата беше и младиот автор Филип Лафазановски кој сподели свои моменти од негите први допири со филмската уметност и за своите први чекори во креирањето на приказни.

Беа прикажани и уште два кратки филма од Националниот фонд на Кинотека: „Лифт горе, лифт долу„ и „Бели штркови“.

Филмската училница продолжува со своите часови. Следни активности се мала работилница за анимација од млад автор и ученик, и запознавање со процесот од идеа до сценарио.

Во сабота, 28.мај, во Кинотека, со почеток од 10 часот, почнува 7-от ден на Џифони филмски денови“ со проекција филм за деца и млади, а од 12.30 следува Филмската училница.

Филмска училница – проект за филмска писменост и креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство, наменет за ученици од основните и средните училишта. Проектот е финансиран од Министерството за култура.