Бендот „Њу Ордер“ и фотографот Антон Корбeјн на се најзвучните имиња на шестото издание на Скопје Синема Сити.
Фестивалот е поделен во два блока: едниот дводневен блок ќе започне на 19 и 20 септември и во него ќе бидат прикажани 4 филма, а другиот дводневен блок ќе се одвива на 2 и 3 октомври и ќе бидат прикажани 6 филмови.
Филмот што ќе го отвори Фестивалот е „Декади“ на Мајк Кристи за бендот „Њу Ордер“, којшто е воедно и „Артист во фокус“. Секое издание на Скопје Синема Сити го отвора филм за одреден артист, на кого му се посветува изданието и му се доделува Награда за животно дело за заслуги за музиката и филмот. Оваа година тоа се „Њу Ордер“, на кои Фестивалот им ја испрати наградата во Манчестер. За потсетување, Фестивалот ги има наградено со истата награда Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019) и Влатко Стефановски (2019).
Оваа награда ја изразува нашата почит за музиката на бендот, која практично претставува саундтрак на нашите животи и е нераздвоен дел од современата култура. Нивните песни се совршен спој од срце и душа, исполнети со музички иновации и смело експериментирање. Како резултат на тоа, нивната музика обележала повеќе музички сцени што се појавиле почнувајќи од 80-тите до денес. Тоа ги прави да се достојни на нашата восхит и почест, велат од Скопје синема сити.
Leave a comment
Мора да се пријавите за да испратите коментар.